Насловна / Вести / Екологијата во Македонија остварлива или бескрајна надеж

Екологијата во Македонија остварлива или бескрајна надеж

Интервју со Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање

Скопје одaмна ги надмина сите можни граници на пренаселеност, што нaјдиректно влијае на неподносливите микроклиматски, еколошки, урбанистичко-сообраќајни и севкупни  услови за хумано живеење во Скопската Котлина. Ниедна влада досега немаше визија и храброст пред сè да каже СТОП на ова лудило. Примерот со Љубљана ни остана само неостварен и далечен сон.

Најмалку сакам да барам алиби и да се оправдувам со ингеренциите кои за вакви потези не се во рамки на МЖСПП. Но, она што лесно се согледува е дека струењето на воздухот помага, исто и зеленилото. Непланските градби од проектот „Скопје 2014“ го уништија зеленилото и го затворија струењето. И тоа мора да биде поука за оние кои планираат и проектираат. Ние како министерство ќе контролираме дали е застапен соодветниот процент на зеленило согласно Законот за урбано зеленило.  Ќе стимулираме нови зелени површни, но и зелени ѕидови и кровови. Ќе ја поддржиме заложбата за вклучување и на проект за затоплување пред добивање на градежната дозвола, како и на пример ослободување од дел од комуналиите доколку се изработи проект со зелени кровови.

Makraduli - stoi

Пречистителни станици немаат најголемите градови иако во последните  години се изградија неколку во Струмица, Радовиш, Прилеп, Кичево…. И за жал Скопје како единствен главен град во Европа е без пречистителна станица. Се гледа ли почетокот на крајот на овој наш срам и решение за одамна ветените проекти?

Не само што се гледа почетокот, туку и реално дел од активностите се започнати. Имено, од двете страни на Вардар во процес е изработката на два колекторски линка кои се финансираат од ИПА-средства од ЕУ. Заради барањата на финансиските институции, ЕБРД и ЕИБ, потребно е да се извршат хидро, геолошки и геомеханички дополнителни мерења со кои ќе се констатира квалитетот и квантитетот на отпадните води кои ќе влегуваат во идната пречистителна станица. Бидејќи за таа намена не се предвидени средства, во рамките на постојниот ИПА 2 проект „Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води за градот Скопје“, со налог за измени, а со средства од резервен фонд (Contingency), ќе се покрие оваа финансиска структура.

Покрај тоа, во 2019 година ќе почне изградбата на пречистителните станици во Битола и Тетово, верувам и станицата за Штип, а со тоа Република Македонија, кога ќе ги започне преговорите со ЕУ, во проценти, ќе има многу поголем опфат на население од многу европски членки при нивниот почеток на приближување кон Унијата. Она на што треба особено да внимаваме е, како да се изгради одржлив систем, бидејќи цената  на потребната енергија за таквите системи е многу висока и мора да се инвестира во наменски обновливи извори за пречистителни станици.

Во Македонија имаме само една регуларна депонија – Дрисла / и таа не баш да е светска/. Регионалните депонии се изгубија во нерешените односи со локалните самоуправи. Никако да сфатиме дека секаде ова е бизнис, а не обично одлагање на ѓубрето. Државата сепак е таа што МОРА во склоп на поширокиот интерес да го наметне ова решение како итност и неминовност, со поголема едукација на населението и немешање на контраполитиката.

За жал и Дрисла повеќе плива во судски лавиринти и верувам дека не постои некој кој е задоволен од тој процес. Сепак, како централна депонија, успева со почитување на стандарди да ги задоволи потребите, но тоа мора да се унапреди на повисоко ниво. Затоа и заедно со Градот Скопје, инсистиравме на замена на инсенираторот, и на заедничко задоволство, тоа и беше направено. Се сложувам дека државата мора да го наметне поширокиот интерес и токму затоа во комуникација со локалните самоуправи и ЗЕЛС, општините ги трансферираа дел од ингеренциите за менаџирање на отпадот на централно ниво. Во Македонија согласно европските препораки постојат плански региони во чии рамки се врши, поточно треба да се врши менаџирање на отпадот. Од друга страна, државата преку МЖСПП почна за четири региони да бара концесионери, при што во првата фаза ќе се избере консултант кој ќе ги дефинира условите во рамки на тие повици. Во два региони (Северниот и Североисточниот) ќе се организира третманот на отпадот преку систем финансиран од ЕУ во вредност од околу 38 милиони евра. Притоа, сакам да нагласам дека овој концепт не вклучува само набавка на нови возила и трансфер-станици, туку и затворање и чистење на 66 диви депонии кои постојат во тие два региона.

И натаму главен енергетски капацитет во државата останува РЕК Битола со сите еколошки последици по Пелагонискиот Регион и градот Битола. Во Европа веќе одамна наголемо се забранува јагленот како енергенс, а се форсираат обновливите извори сонце, ветер, гас… Ние и тоа многу сонце што го имаме не го користиме, а гасот во последните години ни служеше само за коруптивни активности.

Една од клучните компоненти во рамки на Парискиот договор е таканаречениот just transition, дел кој се однесува на праведен премин кон нови енергетски извори. Односно никој не препорачува да на постоечките капацитети се стави веднаш клуч, а да од една страна не се има план што со вработените, а од друга страна да се зајакнат еколошките стандарди. Затоа со РЕК Битола ние го започнавме процесот на усогласување на оперативниот план, кој потоа ќе нè доведе до издавање на А интегрирана дозвола. Во рамки на новите еколошки стандарди, беше избрана компанија која ќе ја третира пепелта (МЗТ-инженеринг) и тој процес, кој почна во август, е во завршна фаза. Околината е облагородена со 50 илјади багремови садници, а веќе со буџетот за следната година почнува инсталирањето на електростатските филтри. Во МЖСПП нема дилема дека има различен план од исполнување на оперативниот план и обврските од Европската енергетска заедница.

CARS DRIVE PAST A CHEMICAL PLANT NEAR THE EASTERN GERMAN VILLAGE OF LIPPENDORF

Во однос на обновливите извори, Владата на Република Македонија го промени концептот на т.н. feeding тарифи и во следната година ќе се понуди државно земјиште на концесионер кој ќе инсталира фотоволтаична фарма или ветерен парк по најниска понудена цена за електричната енергија. Тоа ќе биде апсолутно пофер однос на пазарот отколку досегашниот. Покрај тоа, новиот Закон за енергетика кој е целосно усогласен нуди можност за инсталирање на обновливи извори за сопствени потреби и очекувам една нова перспектива во областа на обновливите извори.

Рудниците во југоисточните региони станаа поле на жесток судир со локалното население. Се разбира секој рудник е приказна сама за себе и веројатно не е можна генерална исклучивост. Можен ли е разумен компромис меѓу економскиот  интерес на државата па и локалните заедници и еколошките барања на жителите.

Разумниот компромис е нешто што, ако ми дозволите, би го проширил во еден поголем контекст, а тоа е како потребите за економски развој и енергетски потреби да бидат со максимално почитување на заштита на животната средина. Не сметам дека генералната исклучивост носи решение, и верувам можеме со увоз на знаење, научени лекции од други држави и соодветна експертиза и користење на најдобрите светски пракси и достапни технологии да дојдеме до win-win  ситуација. Да повторам, ова го зборувам во поширок контекст, ситуацијата околу рудниците е поинаква и да потсетам, следејќи ги барањата на граѓаните, но и неисполнувањето на обврските, беше запрен рудникот Казандол, а сите други иницијативи се под постојан мониторинг. Ова е исклучително сензибилна тема и не можам да сфатам како претходната влада, онака „на ѓутуре“, доделила 60-тина концесии, за среќа само на хартија.

Најважното во овие зимски месеци – загаденоста на воздухот. Станавме за жал светски познати по енормната загаденост на поголемите градови Скопје, Тетово, Битола, Куманово… Изгубените десетина години за постепено рашавање на овој проблем не се враќаат. Во јавноста незадоволството од неможноста да се реши проблемот расте. Впрочем изгубените над 1000 животи годишно и над 250 милиони евра, како директна последица од загадениот воздух се драматично висока цена. Сепак решението на овој проблем ќе мора да го бараме од оваа власт и тоа под ИТНО. Краткорочно – ХРАБРО и колку е можно, и уште поважно долгорочно – колку треба. Од нас ќе ја имате поддршката за сите решенија па дури и за многуте принудни и казнени. Сепак за здравјето се работи.

Благодарам на поддршката, тоа е мотив плус за реализација на заложбите. И, да немаме дилеми, борбата за намалување со загадувањето мора да биде дел од храбри, итни, но и кредибилни мерки и активности. Еден од најчестите зборови на последниот Самит за климатски промени во Катовице беше зборот амбициозност. Без големи амбиции не можеме да се справиме со овој повеќегодишен проблем. Планот за чист воздух е решение за овој проблем и затоа целосно се посветив на спроведување на овој план, без да се навраќам на минатото со инклузивен пристап дека секој е потребен.

Makraduli - plan za cist vozduh

Покрај тоа, се сложувам со Вас, успехот во оваа борба не трпи популизам и некои мерки иако непопуларни на прв впечаток носат огромни бенефити.

Ветивте намалување на загаденоста на воздухот за 50 отсто, но за колку време. Би сакале тоа да биде остварлива „илузија“, заради сите жители на Скопје и Македонија, без разлика на финансиската цена.

Неколку различни анализи нудат ист одговор, домашното затоплување е најголем извор на ПМ-честички во воздухот. И затоа, ако влеземе во масовна замена на штетните извори на затоплување со еколошки, тогаш ќе имаме видливо намалување на загадувањето. Покрај тоа, она што е карактеристично за планот, е неговата системска сеопфатна поставеност, координираност на мерки и паралелно зафаќање во повеќе сектори, пред сè транспортот, индустријата, урбанизацијата и отпадот. Би сакал да нагласам дека Планот за чист воздух покрај еколошката, има и економска димензија. Имено, анализите покажуваат дека некои објекти кои користат нафта за затоплување трошат и до 10 пати повеќе средства од систем кој припаѓа на еколошките извори. Тие заштеди потоа ќе можат да се искористат за нови активности во реализацијата на Планот за чист воздух.

Европските фондови за еколошки проекти се обично најдарежливи, а ние не ги користиме доволно. До капацитетот на државната и локална администација ќе треба да е или…

Постојат и објективни, но и субјективни слабости. Голем број на локални самоуправи не можат да одговорат со своите човечки потенцијали, во други случаи тие лица кои биле обучувани во европските центри, брзо ја напуштаат администрацијата. Затоа, мора да се изнајдат заштитни механизми, не само за зачувување, туку и окрупнување на овие стручни лица. Лично, очекувам кога ќе започнат преговорите, да се мобилизираат сите стручни лица и вон институциите и соодветно да одговориме на тој предизвик.

Она што исто така беше актуелно во изминатиот период е климатскиот самит што се одржа во Катовице, Полска. До каде е Македонија на полето на климатските промени? Што е тоа што се презема за да се дејствува на ова поле?

Јас припаѓам на онаа група која смета дека аерозагадувањето и климатските промени се две страни од иста паричка. Впрочем, тоа беше една од клучните пораки кои доаѓаат од WHO (Светската здравствена организација), како и препораката да се вклучи аерозагадувањето во националните извештаи (NDC). Борбата за намалување на аерозагадувањето, значи и исполнување на одредени таргети и препораки од Парискиот договор, а тоа е намалување на емисијата на стакленички гасови, зголемено користење на обновливи извори, како и зголемени активности за енергетска ефикасност.

COP24_2

Нашата амбициозност за справување со климатските промени како држава е вреднувана и ние сме во малата група на земји, вкупно 18, кои имаат амбициозен план за справување со климатските промени.

Она што можеме да го искористиме од Самитот, се пораките за заедничка акција на сите чинители, за поддршката од приватниот сектор и достапноста на финансиски средства. На пример, Светска банка обелодени дека нуди 200 милијарди долари за периодот од 2021 до 2025.

2 Коментари

  1. So ovoj na slikava Ekologijata e beznadezen beskraj. Gasifikacijata na Skopje im bese primarna cel na predizbornite kampanji za sega da bide dlaboko zakopana vo necija fioka. A, ovoj nesto cist vozduh. Ostavka pod itno i stavete nekoj koj navistina saka nesto i da napravi i da sraboti.

  2. Za da plukas po nekogo, pa makar i da e politicar, ke mora ponesto i da pratis.sto se raboti vo ekologijata, osobeno posle desetina godini edna ogromna 0 .

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top