Насловна / Архитектура / Државата има изгубено чувство за своите најважни ресурси – населението и просторот

Државата има изгубено чувство за своите најважни ресурси – населението и просторот

Архитект Миодраг Радоњиќ Бато добитник на наградата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ за животно дело „Андреј Дамјанов“ за 2018 година е роден 1949. година во Краљевица – Ријека, Хрватска. Во Скопје завршил основно образование и гимназија „Орце Николов“. Под менторство на проф Живко Поповски диломирал на Архитектонскиот факултет Скопје 1976 г. Во 1979/79 посетувал посдипломски студии во Белград, кај проф. М. Бајлон.

По дилпомирањето се вработува во Републичкиот Завод за Урбанизам „ЗУМ“ Скопје, каде работи на урбанистички и архитектонски проекти се до 1991.

Во 1991. како партнер со архитект Р. Христов го основа првото приватно проектантско биро „Ателје Ајвар“, а во 1995 е основач на инвеститорската и градежната фирма „Компанија Х.Р.Р.М.“, партнер на  „Ателје Ајвар“. До денес работи на проектирање, инвестирање и изградба на различни видови проекти.

IMG_20181225_225822

Две години по ред, награди. Минатата година заедно со Вашиот партнер Ранчо Христов ја добивте наградата на Комората на овластени архитекти и инженери, „Борис Чипан“, а оваа година награда од ААМ за животно дело „Андреја Дамјанов“. Мора да се признае импресивно. Професорот Чипан Ви беше и пријател и наградата имаше и емотивно значење. Што Ви значи оваа награда?

За мене доделувањето на двете најпрестижни награди, за достигнувањата и придонесот во архитектонската струка, „Борис Чипан“ и „Андреја Дамјанов“ е исклучително признание за моето 40-годишно творештво. Признание за мене лично, а и за „Ателје Ајвар“ како партнерска фирма со арх. Ранчо Христов. „Ателје Ајвар“ како проектантско биро секогаш претпочитало тимска работа и затоа морам да истакнам дека тоа е големо признание и за многубројните проектанти и соработници, кои со својата стручност, знаење и ентузијазам, дале придонес во реализација на многубројните наши проекти. Двете награди се исклучително значајни, особено што се врвни признанија од колегите во и струковите здруженија, при што наградата „Андреја Дамјанов“ го носи додатно и признанието за животно дело. Со тоа, како што е предвидено со статутот, станувам 29-ти член на Архитектонската академија при ААМ, што ми овозможува да се приклучам, да се дружам и соработувам со бардовите на македонската архитектура.

IMG_20181225_224523

Како ја доживувате Вашата кариера? Ретки се архитекти како Вас кои се занимавале и со урбанизам и со проектирање и со изведба.

Мојата кариера се развиваше многу интензивно и динамично, не сум ни свесен кога поминаа толку години со обем на творештво кое навлегува во сите сегменти на градителството од урбанистичко планирање, архитектонско проектирање, па сè до изведба и инвестирање. Природата на работата неминовно ме повлече да навлезам во сите сегменти на градителството, а особено во урбанистичкото планирање и архитектонското проектирање како посебни, но неразделни делови на секое градителско дело. За тоа заслужна е работата во тогашниот Републички завод за урбанизам на РМ – „ЗУМ“ Скопје, каде урбанистичкото планирање и архитектонското проектирање имаа подеднаков третман и беа неразделни во многу мои проекти. Ова, особено стана важно кога со „Ателје Ајвар“ и „Компанија Х.Р.Р.М.“ почнав да се занимавам со приватен бизнис во кој треба да бидете препознаени, оценети и избрани. Кога стигнавме до степен да проектираме и реализираме сопствени објекти, познавањето на разни вештини стана уште позначајно затоа што реализираниот производ-објект требеше и да се пласира на сè поизбирливиот пазар. Оттука, освен планирање и проектирање поминав време на градилишта, сопствени или на на други инвеститори во реализација на градбите, стекнувајќи искуство на лице место. Можноста да го изведуваш сопствениот проект е исклучителна и дава чувство на создавање и раѓање на нешто ново, чувство на потполно творештво и професионална сатисфакција. Во таа смисла сигурен сум дека добриот проектант може да биде добар изведувач, но и обратно, изведувачкото искуство може значително да придонесе за добар проект.
Задоволен сум со развојот на мојата кариера која ја градев со многу труд и професионален ангажман, но задоволен сум што и покрај сето тоа не го пропуштив животот исполнет со струкови активности, безбројни дружби, спортувања и риболов, посети на културни и спортски манифестации, како и на култни „културно-научни институции“ – кафеани за размена на мислења и информации.

IMG_20181225_225416

Вашата професионална кариера почнува во 1977 во тогашниот Републички завод за урбанизам „ЗУМ“ Скопје. Времиња кога Скопје се развиваше во еден современ град и период кога по земјотресот 1979 во Црна Гора сте изработиле многу урбанистички планови. Како се работеше урбанистичкото планирање тогаш?

Иако беа поминати скоро 15 години од катастрофалниот земјотрес, Скопје сè уште се обновуваше и градеше со полн интензитет. Се градеа голем број јавни и деловни објекти, се привршуваше таканаречениот „Градски ѕид“, се планираа и реализираа големи станбени населби во Аеродром, Карпош, Бутел… со што Скопје се оформуваше и сè повеќе заличуваше на современа метропола. Урбанистичкото планирање и архитектонското проектирање, во тој период беа на многу високо ниво. За тоа голема заслуга имаа и ценетите светски стручњаци кои во постземјотресниот период беа присутни и заедно со нашите инженери учествуваа во планирањето на градот. Секако дека фактот што во тој период, интересите на општеството и државата беа далеку пред личните интереси, придонесуваше струката и стручњаците во сите области, да се ценети и компетентни во одлучувањето и решавањето на проблемите од општествен и јавен интерес. Во таква атмосфера ги стекнував своите први искуства во „ЗУМ“, што резултираше во 1986 со урбанистичко-архитектонскиот проект на комплексот „Локален центар – Автокоманда“, кој стана дел од модерното и современо Скопје.
Работата во Црна Гора по тамошниот катастрофален земјотрес е посебно мое поглавје и на колегите кои во тој период работеа во „ЗУМ“. Заводот беше повикан како урбанистичка организација од градот „паталец“ да помогне со своето искуство во решавањето на урбанистичко-архитектонските постземјотресни кризи. Во Бар, под раководство на искусниот архитект и урбанист – Крсто Тодоровски, младиот тим на архитекти: јас, Лилјана Николовска, Блажунка Митева и Драги Зафиров, со нашите соработници, ги изготвивме ДУП-овите за најзначајните населби на градот. Почитувајќи ги условите и определби на актуелниот просторен план -„Јужни Јадран“, изготвен од тим на меѓународни стручњаци како и забелешките и сугестиите на комисијата за ревизија, составена од врвни стручњаци од републичките центри на Југославија. Тогаш, не се поставуваше прашање околу струката, таа едноставно беше императив. Врз основа на тие ДУП-ови се обнови и изгради Бар, како современ и модерен град.
Продолживме на урбанизацијата на Улцињ, и во наредните години ги изготвивме ДУП-овите за сите градски и приградски населби, како и на поголемиот дел од викенд-населбите во општината. Најголемиот успех, тимот, го постигна на повиканиот конкурс за урбанистичко-архитектонско решение на центарот на Улцињ, каде во конкуренција на пет урбанистички заводи од Југославија ја освоивме првата награда. Потоа следуваше напорна теренска и канцелариска работа. Во тоа време сè се работеше рачно, со посета на лице место и нотирање на секој поединечен објект. Е, тука се појави еден непредвиден „проблем“ во облик на прочуената „црногорска лоза“. Имено со влегување во секој двор следуваше првата лоза која никако не можеше да се одбие („Pa ne možeš čoče da uđeš i kuću, a da ne popiješ lozu!“), а со излегување – втората затоа што („Pa nisi ti čоče došo s jednom nogom!“). И така првите денови бевме скоро пијани, сé додека колегите од Улцињ не им објаснија на гостопримливите домаќини дека доаѓаме по работа, а не на гости. Да, имаше и анегдоти, но се работеше многу професионално и со голем респект кон струката и сите учесници во планирањето.

bato FINAL bez cover-45

Локален центар – Автокоманда

Мислите ли дека денес урбанизмот стана веќе државен проблем. Денес имаме изгубен град, во кој владее сообраќаен хаос, уништено зеленило, масовна, стихијна станбена изградба и недостаток на стручност и интерес за согледување на севкупниот контекст на просторот. Како и зошто си го дозволивме ова?

Не мислам дека урбанизмот денес е државен проблем, урбанизмот е секој пат стручен проблем, само што денес, кај нас, државата има изгубено чувство за своите најважни ресурси и приоритети. А тоа се – населението и просторот кој го поседува. Со недомаќинско и нестручно стопанисување со просторот, притоа недозволувајќи ѝ на струката да го планира и креира, државата или подобро кажано, политиката прави огромна штета на сопствениот простор и на населението. Сметам дека во однос на урбанистичкото планирање, под итно треба да се преземат радикални системски промени со кои ќе се овозможи урбанизмот, како научна планерска и општествена дејност, првенствено да биде во интерес на граѓаните како корисници на просторот. Притоа мора да се сменат погрешно поставените улоги и односи помеѓу актерите и тоа: науката и струката од една страна и државата или политиката и извршната власт од друга. Мора, како единствено правило, да се тргне од тоа дека, науката и струката, знаењето и креацијата се двигатели на развој, а политиката и власта се тука тоа да го организираат, испочитуваат и да го реализираат, а не е ОБРАТНО! Без таков пристап тешко ќе направиме исчекор од овој ќорсокак.
Но ова е неизводливо во држава која нема Министерство за просторно планирање, урбанизам, архитектура и градежништво, туку сето тоа е во склоп или на маргините на некое Министерство за транспорт и врски.
„Транспорт и врски“ – несреќно склопена кованица, за која повеќето граѓани не знаат ни што значи. Ако се мисли на сообраќај и инфраструктурна поврзаност, тогаш сите знаеме само еден од многуте сегменти на просторното и урбанистичкото планирање, па како таков не може да биде носител на суштинското, најбитното, а тоа е планирањето и креирањето на просторот… Максимално се залагам за вакви промени!!!

IMG_20181225_223756

Згора на сè државата донесе Закон за постапување со бесправно изградени објекти. Рокот за легализација на дивоградби повеќе пати се продолжува, поднесени се преку 440.000 барања. По се изгледа дека пола држава ни е нелегална. Значи ли ова лошо планирање и предолго замижување?

Да, сметам дека од несоодветна организација произлегуваат нестручни или недоволно обмислени закони, меѓу кои најеклатантен пример е Законот за постапување со бесправно изградени објекти популарно наречен – Закон за легализација на дивоградби. Апсурд од сите аспекти!!! Од стручен аспект, не постои легализација, постои само урбанизација со која се задржуваат сите објекти кои ги задоволуваат прописите, не го нарушуваат планираниот развој и се вклопуваат. Во тој случај сопствениците би требало да ги платат пропишаните комунални давачки. Сè останато се расчистува, со што се овозможуваат предуслови за реализација на планираните содржини. Се плаќаат пропишаните комуналии, а не едно евро за м2, при што од правен аспект, е направен тежок престап, т.е. поништено е правото на еднаквост меѓу граѓаните кое е гарантирано со Уставот. Имено, оштетени се сите граѓани кои, на легален начин со плаќање на сите пропишани давачки, изградиле куќа или купиле сопствен стан, а привилегирани се сите што нелегално изградиле, при што одземале (украле) и простор и средства од државата. Во однос на самото постоење на бесправно изградени објекти, бесправно, нелегално или криминално, тоа е феномен кој само кај нас е така изразен, и треба да биде предмет на сериозна и сеопфатна анализа. Во поразвиените урбани системи таа појава, па и самиот термин се сосема непознати. Апсурд! Како на пример: имам 1/10/1000/ автомобили нелегално внесени (или украдени) во земјата, па сакам да ги озаконам и легализирам, но за нив да платам само по едно евро давачки. Ха, ха, ха, смешно е, ама исто е што и легализацијата на објекти.
Проблемот е толку нараснат, па потребен е долгорочен план за негово решавање, направен на високо стручно ниво од сите аспекти. Вака замислен „ад хок закон“ не го решава проблемот, може само да им даде повод на нови прекршители со надеж дека и за нив во иднина ќе има легализација.

Покрај инвеститорите кои поради личниот интерес негативно се однесуваат кон мораториумот на ДУП-овите во Општина Центар и дел од архитектите коментираат на сличен начин, па упорно потсетуваат дека архитектурата била градење, а им било одземено тоа право. Требаше ли да се најде начин да се каже доста беше? Заклучоците од мораториумот покажаа многу недостатоци, па и загрозување на безбедноста. Сметате ли дека мораториумот може да даде резултат?

Да се каже дека архитектурата значи само градење, е премногу елементарно, особено во денешните современи услови во кои урбанистичко-архитектонското планирање и проектирање се подига на многу повисоко ниво. Се тежнее кон креирање на хумана урбана средина, енергетски ефикасна и еколошки безбедна, оформена со архитектонски и инфраструктурни објекти кои ги задоволуваат современите функционални, естетски и технички барања.
Мораториумот на ДУП-овите во Општина Центар, е направен поради многубројни неправилности, како и во повеќе други општини, а кои се предизвикани од непочитување на струката, од влијанието на локалните моќници, како и од прекумерните овластувања на градоначалниците кои се поставени во улога на главни креатори на просторот. На ова навистина треба да се каже – ДОСТА БЕШЕ!
Мораториумот е политичка мерка и како таков не може да ги реши неправилностите, но може да даде можност стручњаците со сериозна анализа да ги детектираат и да ги отстранат или ублажат. Тоа би требало да се случува стручно, брзо и ефикасно, што значи нотирање на неправилностите, ставање мораториум само на проблематичните делови и ослободување на поголем дел од ДУП-овите за нивна реализација. Доколку се заклучи (на стручно, а не на политичко ниво), дека поголемиот дел од предметниот ДУП не ги задоволува условите, се носи одлука за изменување и дополнување на ДУП-от. Долготрајниот мораториум може да биде штетен и контрапродуктивен за граѓаните, инвеститорите, како и за самата општина.

IMG_20181225_225416

На доделувањето на наградата зборувавте за Вашата заложба и визија за Скопје? Има ли сè уште шанса Скопје да стане современ град?

Покрај многуте комерцијални проекти, „Ателје Ајвар“ секогаш се занимавало и со проблематиката на развојот на градот. Во таа смисла, преку проекти и идеи давани се повеќе предлози од кои, некои се и визионерски и авангардни. Во тој контекст ќе ја спомнам идејата „Скопје за Вардар“ каде под мотото „Најдете го своето место на кејот“, предлагавме уредување на бреговите со терени за спорт и рекреација, простори за одмор и забава со трговски, угостителски и културни содржини, па сè дури до плажи кои на времето ги имаше повеќе. Сето тоа врзано за пречистување на Вардар со пречистителна станица. Идејата ја промовиравме заедно со организациониот одбор на здружението „Бадник“, на Бадник, 1999 година и му ја подаривме на тогашниот градоначалник на Скопје. Ова го кажувам поради тоа што визионерската идеја „Скопје за Вардар“ е направена и предложена на градската управа пет години пред култниот проект „Париз на Сена“, реализиран 2004/2005 година, кој потоа стана светски популарен и ги поттикна Берлин, Осака, Брисел и други градови да направат слични проекти. Нашиот градоначалник за нашата идеја јавно не каже ниту збор, и таа остана заборавена. Но една од позначајните наши заложби беше и сè уште останува, дооформување на главната пешачка оска „Црква „Свети Спас“ – Стара железничка станица“ и формирање на плоштадот на „Солидарноста“ пред објектот на Старата станица. Ова е зацртано со првиот постземјотресен ГУП на Скопје, изготвен во соработка со светски признаени авторитети. Со тоа би се формирала атрактивна пешачка пасарела која ги поврзува деловите на центарот од двете страни на Вардар и ги интегрира во една целина. Уште поважно е што со спуштање под ниво на двете сообраќајници кои ја сечат оваа оска, целосно би се исклучил автомобилскиот сообраќај, низ најстрогиот центар на градот и со тоа значително би се намалила загаденоста.
Секако дека Скопје ќе стане современ град, во тоа сум убеден, па тој го надмина катастрофалното разрушување во 1963-та, а и „Скопје 2014“ е веќе зад нас. Треба да се има верба и да им се даде шанса на младите генерации, планери и архитекти, за кои сум сигурен дека ќе ги донесат и ќе ги применат светските достигнувања и трендови кај нас.

IMG_20181225_224706

„Ателје Ајвар“ е првото приватно проектантско биро во Македонија. Што значеше на почетокот на 90-тите години да се работи во приватно биро, а што значи денес? Големи проектантски бироа одамна немаме. Денес сè е сведено на мали бироа од неколку архитекти. Колку организирано проектирањето на овој начин е во состојба да одговори квалитетно на сериозни проектантски предизвици и посложени објекти, а тоа да не се комерцијални станбени згради и индивидуални куќи?

Околностите беа поразлични од денешните, како по условите така и по можностите за работа. Тогаш, на почетоците на приватизацијата се основаа голем број приватни фирми со најразлични дејности, но со исти цели, да се оствари профит, што по правило значи нова инвестиција. Сите сакаа да се разликуваат по нешто, а особено по сопствениот објект за да бидат препознатливи во бизнисот. Струката, а и архитектите беа повеќе барани и ценети, се бараше повеќе креација и иновација. Знаењето и мислењето на архитектите повеќе се почитуваа, за разлика од денес.
Тоа што нема веќе голема градежна оператива и нејзини проектантски бироа е последица на големината на нашиот пазар. За големите градежни фирми кои работеа на просторот на тогашна Југославија и во странство, денес пазарот е премал и нивното постоење е економски неисплатливо. Со оглед на тоа логично е постоењето на мали проектантски бироа, но тоа не значи дека тие не се во можност да одговорат и изработат посложени, поголеми и позначајни проекти. Впрочем, секој пат постои можност за здружување и заеднички настап на повеќе мали фирми со силен тим.

bato FINAL bez cover-54

летен клуб „Колосеум“

Со децении се говори за сè пониската цена на проектантските услуги. Комората е нон-стоп прозивана за ова. И конечно КОАИ изготви и изгласа предлог-тарифник за инженерски услуги за кој сега е потребна согласност од надлежното министерство. Сметате ли дека конечно тарифникот ќе стане дел од Законот за градење и дека тој ќе придонесе и за подобар квалитет на проектите?

Комората на овластени архитекти и овластени инженери, по големи заложби, основана е пред повеќе од 10 години, но за жал, сè уште не ја остварила својата основна цел, а тоа е заштита на еснафот. Заштита на еснафот, подигање на нивото и значењето на струката е невозможно без тарифник со озаконети минимални цени на проектантските и останатите услуги во градежништвото. Без тарифник, загрозен е опстанокот на голем број проектантски бироа, при што архитектите, а и останатите учесници се принудени да работат по багателни цени за да ја остварат елементарната егзистенција.
Изготвениот предлог-тарифник е голем исчекор и очекувам дека согласноста на ресорното министерство нема да биде спорна затоа што со регулирање на цените на услугите се регулираат и давачките кон државата. Најважно е тарифникот по усвојувањето да се озакони и платените проектантски услуги да станат ставка во техничката документација, без која не може да се добие одобрение за градба. На тој начин ќе се подигне нивото на струката и квалитетот на проектите, а самите проектанти ќе станат поценети и како такви повлијателни во процесот како на проектирање на објекти, така и на планирањето и уредувањето на просторот.

Можете ли да издвоите некој објект или проект кој особено Ви е значаен?

Не можам да издвојам само некој, затоа што во својот творечки опус сум работел на широк спектар на проекти од мали до капитални, како што се ДУП за ОХИС, како еден од петте најголеми индустриски комплекси во Македонија, Студија за развој за урбанистичко-архитектонски и идејни проекти како и комплетна тендерска документација за реализација на комплексот на Аеродром „Петровец“, Скопје.
Од периодот во „ЗУМ“ како позначаен ќе го спомнам Центарот на Месна заедница во Врање од 1978 година и изграден веднаш потоа, како прв мој реализиран објект. Локалниот центар „Автокоманда“, е еден од моите најзначајни реализирани трудови, станбено-деловен комплекс со 100 стана, деловен простор со преку 15.000 м2, во 1986 година.
Со „Ателје Ајвар“ настанаа низа проекти и реализации кои на свој начин го одбележаа тој период и тоа: Проектот за реконструкција на „Музејот на Град Скопје“, со кој комплексот на „Стара железничка станица“ стана еден од најатрактивните простори за дружење и забава во Скопје; потоа, авангардното кафуле „Лудвиг“ кое важеше за култно кафуле и како такво инспирираше низа нови современи и атрактивни ентериери; летниот клуб „Колосеум“, реализиран како исклучително атрактивен простор на отворено, со сите потребни содржини за забава, рекреација, одмор и уживање во срцето на Градскиот парк. „Британски совет“, на чие отворање претставникот на Британски совет за Источна Европа и Азија на „Ателје Ајвар“ – како проектант и „Компанија Х.Р.Р.М.“ – како изведувач, им оддаде посебно признание со зборовите: „Секаде објектите на Британскиот совет се проектирани и изведени на високо ниво, но Вие од овој простор направивте магија“. Потоа „Куќа на УНЕСКО – Мала станица“, на чие отворање еден млад колега кој во тоа време студираше во Италија, изјави: „Стојам под тремот на Мала станица, а се чувствувам како да сум во Милано“, како и многу други деловни и станбени објекти, кои на свој начин извршија влијание на развојот и квалитетот на урбаното живеење во градот.

Конкурс за Градска куќа на град Скопје

реконструкција на „Музејот на Град Скопје“

Во 2006-2007 година влеговте во еден благороден проект за реобнова на култниот хотел во Крушево – Илинден. Ваш проект, ваша инвестиција и изведба. На голема жалост на крушевчани и се разбира ваша, проектот застана во завршна фаза, со сите импликации по вашата фирма. Порта 3 во почетокот на 2014 година ја објави целата сторија за тој проект со сите фази и негативните импликации што следуваа. Што се случува со тој проект во моментов?

Морам да го издвојам хотел „Илинден“ во Крушево, како еден од најзначајните и најдобрите проекти на „Ателје Ајвар“ и една од најзначајните изведби на „Компанијата Х.Р.Р.М.“ Исклучително сложен проект и од проектантски и од изведувачки аспект, со тешка и сложена реконструкција на постоечкиот објект и негова доградба и надградба. Проект за нас исклучително значаен, а за крушевчани многу надежен. Но со криминалното и лихварско работење на банката, која ја прекина кредитната поддршка на половина кредитна рамка, финансиски ги исцрпи партнерските фирми, а со тоа ја уништи и надежта на крушевчани дека со новиот хотел, Крушево ќе заживее.
За сето ова пишуваше „Порта 3“ во својата сторија со цел да помогне и да ја придвижи работата во позитивна насока. Од градежен аспект, како реализација, работите сè уште стојат на иста точка, за разлика од финансискиот аспект каде со доспеаните камати, покрај сите отплати, долгот стана поголем отколку во моментот кога го земавме кредитот. Сатисфакција ни е единствено тоа што при увид на лице место комисијата утврди дека објектот е во состојба како да е неодамна затворен, иако фактички тој е затворен уште од 2010-та година, што покажува со кој квалитет и внимание е граден објектот.

Хотел “Илинден”, Крушево

хотел „Илинден“ во Крушево

Ја користам оваа можност да се заблагодарам на „Порта 3“ за несебичниот обид да помогне и сè уште изразувам надеж дека ќе се најде некој инвеститор кој во свој интерес, а на радост на крушевчани и сите љубители на Крушево, ќе го заврши хотелот.

Испрати коментар

Scroll To Top