Насловна / Вести / Дали повластените тарифи веќе излегуваат од игра?

Дали повластените тарифи веќе излегуваат од игра?

Повластените тарифи (feed-in tariffs) одиграа значајна улога во растот на капацитетите на обновливи извори на енергија на многу енергетски пазари, но веќе има сериозни индиции дека „акциите“ на овој важен механизам за поддршка веќе почнуваат да паѓаат. Според тоа, за анализа се наметнува едно многу важно прашање – дали сè уште постои простор за овој механизам на енергетските пазари на денешницата и иднината?

North-Macedonia-small-hydropower-plants-e1562148179436_resize

ЦРНА ГОРА НАЈАВИ УКИНУВАЊЕ

Прашањето добива на актуелност откако неодамна една од земјите од регионов – Црна Гора најави нивно укинување. Имено, Владата на Црна Гора го усвоила извештајот според кој уделот на производството на електрична енергија од обновливи извори во вкупната финална потрошувачка во 2018 година бил 39,75 отсто, а во 2019 година 38,69 отсто, со што е исполнета националната цел (33 отсто). Затоа, Владата во најскоро време ќе ја стави вон сила Уредбата за повластени тарифи за електрична енергија од обновливи извори. Инаку, државата одобруваше повластени тарифи како поттик за изградба на електрани на обновливи извори на енергија, Законот за енергетика предвидува Владата да престане да ги субвенционира новите капацитети за производство на енергија од обновливи извори, доколку се постигне националната цел, односно Регулаторната комисија за енергетика да престане да доделува статус на повластен производител. Дополнително, Црна Гора засега е единствената земја на Западен Балкан која веќе има данок на емисиите на јаглерод диоксид од енергетскиот сектор, со што е чекор понапред во однос на опкружувањето кога станува збор за реалните несубвенционирани цени на производството на енергија од јаглен.

38868918365_6eddd6c228_k_resize

МАКЕДОНИЈА ГО НЕМА ИСПОЛНЕТО ЗАДАДЕНИОТ ТАРГЕТ

Македонија сè уште го нема исполнето зададениот таргет за удел на обновливите извори во финалната потрошувачка од 23 отсто. Во 2018 година тој удел бил 18,1 отсто и е понизок од оној регистриран во 2017. Што се однесува до повластените производители на електрична енергија, нивната вкупна инсталирана моќност е сè уште многу ниска – 7 отсто во вкупниот инсталиран капацитет во земјата. Во целиот период на примена на повластените тарифи во Македонија, освен во 2015 година, малите хидроелектроцентрали доминираат во поглед на исплатените средства за произведена електрична енергија во однос на другите видови на електроцентрали – 38,5 отсто од вкупно исплатените средства по повластена тарифа. Во 2020 година за произведената електрична енергија од мали хидроелектроцентрали исплатени се 981.361.180 денари, за електричната енергија произведена од ветерни електроцентрали исплатени се 641.745.336 денари, за термоелектроцентралите на биогас 636.257.144 денари, и за фотонапонските електроцентрали 294.351.129 денари.

csm_Energiewende_AdobeStock_269421643_8b908ec6d2_resize

Без сомнение, на глобално ниво овој механизам овозможи раст на индустријата на обновливите извори на енергија, и тоа беше забележливо во периодот веднаш по потпишувањето на Парискиот договор, кога моментумот зад обновливците стана посилен од кога било. Според податоците на REN21 Renewables 2016 Global Status Report, околу 147 GW инсталиран капацитет во обновливи извори бил активиран во 2015 година, што било најголем дотогаш регистриран раст во една година – еднаков на целокупниот инсталиран капацитет во енергетскиот систем на целиот африкански континент. Она што е особено значајно во врска со овие резултати е дека истите се постигнати во време кога цените на фосилните горива биле на историски минимум. Се разбира, за да се постигнат тие резултати била неопходна поддршка од страна на националните влади, првенствено во вид на субвенции за инвестирање и развој на вакви капацитети.  Денес, откако ширум светот, а особено во ЕУ е постигната интензивна пенетрација на обновливците (со акцент на ветерните и соларните електрани), сè почести се дебатите (но веќе и конкретните мерки во однос на политиките) во врска со соодветното дефинирање на субвенциите кои треба да бидат одобрени за одреден проект, имајќи го предвид товарот кој овие политики на поддршка го пренесуваат врз сметките за електрична енергија на крајните корисници и врз и онака затегнатиот и ограничен буџет. Во Европа, повластените тарифи (feed in tariffs) одиграа главна улога во промовирањето на обновливите извори низ целиот континент. Во Германија, која сè повеќе се наметнува како лидер во енергетската транзиција во ЕУ, повластените тарифи претставуваа важен инструмент во транзицијата на земјата – Energiewende, и помогнаа во зголемување на уделот на обновливи извори во националниот енергетски микс од состојба со удел помал од четири отсто во 1990 година (кога стартува концептот на субвенционирање) до над 30 отсто во 2015 година.

pure-planet-1_resize

ЗЕМЈИТЕ ПОЧНАА ДА СЕ ОДДАЛЕЧУВААТ ОД ПОВЛАСТЕНИ ТАРИФИ

Во последните години, земјите во Европа, но и пошироко, почнаа да се оддалечуваат од концептот на повластени тарифи, обидувајќи се да се придвижат кон повеќе пазарно ориентирани механизми за промовирање на обновливите извори на енергија. Транзицијата кон пазарно ориентирана поддршка за обновливците во Европа е цел на Европската комисија – високите сметки на крајните корисници во комбинација со потенцијалниот дебаланс кај обновливците кои користат субвенции, како и актуелните барања и потреби на националните и прекуграничните преносни капацитети, ја наметнуваат неопходноста од поголема контрола во развојот на капацитетите на обновливи извори на енергија и првенствено ревидирање на субвенционирањето. Повторно Германија, која беше предводник на концептот на повластени тарифи на континентот заедно со Шпанија и Данска, сега го предводи напуштањето на истите. Уште пред неколку години, стартуваше со реформа на Energiewende актот, со кој го воведе принципот на feed in premiums, со кој производителите на енергија од обновливи извори во земјата започнаа да се натпреваруваат преку пазарно ориентиран процес на аукции. Според германската Влада, овие аукции во комбинација со ограничување на инсталираниот капацитет кој е опфатен со повластени тарифи, дава поголема контрола врз интеграцијата на обновливците во линија со проширувањето на мрежата, а обезбедува и сигурност во планирањето на развојните проекти и намалување на трошоците кај крајните корисници.

Slider,-Titelbild-625x297px-Investitionen-Energiewende_resize

Од почетокот на оваа 2021 година, постоечките „пионерски“ ветерни електрани, соларни електрани и биогас-постројки во Германија, престанаа да добиваат повластени тарифи, со оглед на изминатиот предвиден временски период (20 години) за субвенционирање. Ова значи дека во отсуство на соодветен нов бизнис-модел, овие капацитети е можно да се соочат со опасност од нивно затворање. Експертите, креаторите на политики и инвеститорите се обидуваат да најдат и предложат решенија. Тие вклучуваат Power Purchase Agreements (PPAs), реконструкции и надградби, и секако повторно соодветна поддржувачка правна рамка. Далеку поголем предизвик е пронаоѓањето начин за консолидација на огромниот број мали приватни соларни електрани на покривите. Секако, другите земји внимателно ќе ги следат потезите на Германија и соодветно ќе делуваат. Разбирливо е дека токму од оваа година, сè повеќе инсталации на обновливи извори на енергија ќе ја загубат гарантираната финансиска потпора, со оглед на истекот на 20-годишниот договорен период. Ќе можат ли сите овие капацитети да продолжат да работат рентабилно во услови на флуктуирачка и ниска цена на електричната енергија на отворениот пазар? Ќе биде ли законската рамка погодна за вистинско излегување на овие капацитети на слободниот пазар? Не постои едно универзално решение за оваа состојба. Способноста на старите ветерни паркови да продолжат да работат во пазарни услови зависи првенствено од нивните трошоци за одржување, велат од Германската асоцијација за ветерна енергија (BWE).

НАДГРАДБА НА ПОСТОЕЧКИТЕ КАПАЦИТЕТИ НА СТАРИТЕ ВЕТЕРНИ ФАРМИ?

Надградбата односно зголемувањето на моќноста на постоечките капацитети на старите ветерни фарми може значително да придонесе во зголемување на производството на енергија од обновливи извори. Но, денес легислативата во однос на изградбата на овие капацитети е сериозно заострена во споредба со периодот од пред 20 години. Тоа вклучува и зголемување на минималното растојание од турбините до резиденцијалните области. Со оглед дека денешните турбини се со многу поголема моќност од некогашните, добивањето на овие дозволи станува проблематично од аспект на почитување на тоа минимално растојание. Консултантската компанија за ветерна енергија Deutsche Windguard проценува дека околу 50 отсто од  денешните локации на ветерни фарми, не се соодветни за реконструкција и надградба, поради изменетите планови за управување со земјиштето, а дополнителни 20 – 30 отсто не се соодветни поради новите рестрикции во однос на заштитата на екосистемите. Надлежните се сè уште загрижени во врска со „големиот непознат фактор“ – милионите мали соларни PV-кровни инсталации кај домаќинствата.  Прво, затоа што малку е веројатно дека овие домаќинства ќе најдат нов бизнис-модел за нивните инсталации по истекот на субвенционирањето. Овие типови на PV-инсталации  заработуваат околу 170 евра годишно, преку енергијата која ја заработуваат, под услов целата количина да биде предадена на мрежа. Потребно е дополнително вложување во автоматизација и паметни мерачи со цел тие да бидат конкурентни на пазарот.

website_photo_cover

ПОЛИТИКАТА НА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НЕ Е ОДРЖЛИВА НА ДОЛГ РОК

Сепак, разбирливо е инвеститорите и операторите од областа на обновливите извори да се жалат на новонастанатата состојба со оглед на претходно стекнатите привилегии, грижејќи се за сè поголем профит. Реално, обновливите извори веќе се изборија за својата улога на пазарот, а нивната конкурентност и без субвенции во иднина се очекува да се зајакнува. Главната причина е во агендата за декарбонизација на енергетскиот сектор, односно напуштање на фосилните горива, како и воведување такса на јаглерод диоксид за произведената енергија од фосилни горива. Со тоа цената на последните се прогнозира дури и двојно да се зголеми споредено со сегашното ниво. Конечно, јасно е дека политиката на субвенционирање не е одржлива на долг рок, туку само како преодно решение. Главен двигател треба да биде пазарот, развојот на неговата компетитивност и интеграцијата на националните пазари.  Само така ќе се реализира ефикасна и правична енергетска транзиција.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top