Д-р Ристо Цицонков е редовен професор на Машински факултет – Скопје каде што работи 40 години. Објавил голем број научни трудови, а покрај наставната и научната дејност учествувал и во проектирање и надзор на системи за греење, ладење и климатизација на јавни и комерцијални објекти, во изработка на многу проекти и студии за заштеда на енергија во неколку индустриски објекти. Автор е на книгата „Енергија – како да се заштеди“. Последниве неколку години е присутен во повеќе јавни медиуми со дадени интервјуа и со околу 80 колумни објавени во весници и на интернет-портали.
![]()
Автор е на софтвер за ладење и климатизација што го користат над 120 компании и институции во цел свет. Од 1994 до 2018 година софтверот редовно го изложувал на Меѓународниот саем за ладење и климатизација во Нирнберг – Германија на сопствен штанд.
Проф. Цицонков бил рецензент на списанијата „Energy and Buildings“ и „International Journal of Refrigeration“ што ги издава Elsevier. Тој е прогласен за почесен член на International Institute of Refrigeration (Paris), член е на ASHRAE (American Society of Heating, Refrigerating and Air-Conditioning Engineers), Eurammon, на Интернационалниот одбор на Конгресот KGH (Белград). Неколку пати е ангажиран како меѓународен експерт од UNIDO и од UNEP во креирање и евалуација на проекти во земји од Европа и Азија. Има напишано повеќе трудови за животната средина поврзани со заштитата на озонската обвивка и климатските промени. Тој е главен уредник на Првиот извештај на РМ кон Конвенцијата на ОН за климатски промени.

Греењето на просториите е голем проблем за градовите во Република Македонија бидејќи во текот на грејната сезона има големо загадување на воздухот. Со години се зборува за ова, се даваат разни ветувања, но состојбата не се подобрува. Кои се причините?
Иако овој проблем е издигнат и на политичко ниво, досега активностите се сведоа само на ветувања, а позитивни резултати нема или се незначителни. Има многу причини на разни нивоа, почнувајќи од врвот (државата), па надолу до пониските структури: општини, комерцијален сектор итн. Добро е што од минатата година е формирано Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, но и порано, и сега, таму нема квалитетен инженерски кадар, повеќето се административци. И во структурите на локално ниво состојбата не е како што треба.

Додека не само развиените земји, туку веќе и земјите од регионот работат на развој на далечински системи за греење и ладење, како и на супституирање на фосилните горива од овие системи со обновливи извори на енергија, кај нас веќе со децении има стагнација во оваа област, а единствениот систем за далечинско греење е во градот Скопје. Каде ги лоцирате главните причини за оваа состојба?
И порано и сега во ЕСМ (деловни единици за топлина) не гледам дека се работи на развој на системи за топлификација на градовите. Ниту на техничките факултети не сум слушнал дека има некакви проекти за развој на греењето за да се најдат оптимални и еколошки решенија на ниво на градови, јавни и комерцијални објекти, домаќинства и друго. Се работи за комплексна проблематика каде што има многу фактори што треба да се земат предвид пред да се одбере решение. Има повеќе опции (решенија), и секое си има добри и неповолни страни од многу аспекти. Од обновливи извори на енергија, најчесто се мисли на сонце, во зимно време не може да се најде целосно решение. Но топлинските пумпи веќе ги класифицираат како системи што користат обновливи извори на енергија (од околината: воздух, вода, земја).

Иако редовно се изработуваат национални долгорочни стратегии за развој на енергетиката, постојат и студии кои ги дефинираат преференциите за одреден систем за греење во одредено подрачје, носителите на одлуки и на централно и на локално ниво, речиси воопшто не ги спроведуваат дадените препораки. И стручната и пошироката јавност не реагираат на овие состојби. Што треба да се промени?
Во РМ се носени стратегии за енергетски развој на секои пет години. До пред две децении греењето беше слабо опфатено, а во последната стратегија од 2019 година има некои насоки, но тие се веќе застарени.
Меѓутоа, пред една година веќе е направена една голема промена со формирањето на Министерство за енергетика. Во тек е изработка на нова стратегија за енергетски развој на РМ, да се надеваме дека тоа што е предвидено во разни документи ќе почне да се спроведува. Многу важно е да се спроведуваат работите наведени во Правилникот за енергетска карактеристика на зградите како и акционите планови за енергетска ефикасност.

Мрежа на топлификација, Скопје
Какво е Вашето мислење за концептот енергија од отпад, како решение и за натрупаните проблеми со отпадот и за топлифицирање на градовите?
Енергија од отпадот за топлификација на градови ретко се користи во светот. Шведска е редок пример дека и таа опција треба да се зема предвид. Но, користењето на отпад за топлификација не е едноставна технологија како што некои си замислуваат. Првин треба да се прави селекција на отпадот, а потоа согорување само на одбран дел од отпадот. При тој процес се ослободуваат токсични отпадни гасови, а за тоа се потребни специјални филтри кои не се евтини. Тие филтри треба редовно да се чистат и заменуваат со нови, а и тоа не е евтина работа.

Имаме ли доволно капацитети од аспект на инженерски кадар за развој на оваа област?
Енергетиката се изучува на машински и на електротехнички факултети од каде излегуваат стручни кадри. Но нивото на квалитет е опаднато заради немање систем на вредности, нереални рецензии, појави на непотизам, политички влијанија и друго. Потврда за ова е Шангајската листа за рејтингот на универзитетите во светот на која нас не нема ниту во првите илјада. Се разбира има и квалитетни технички кадри, но во помал број, а прашање е дали тие се поставени на соодветни работни места.
Во моментот се гради топлификациски систем за градот Битола, чиј капацитет е околу 100 MW при што ќе се користи отпадна топлина од термоелектраните (на јаглен). Од друга страна, Битола до пред десетина години имаше далечински систем за греење со околу 30 MW, но тоа претпријатие пропадна поради недоволен конзум. Сметате ли дека со овој проект повторно се ризикува неуспех поради недоволен конзум?
Да, во Битола имаше градска топлификација, но пред околу десет години престана да работи поради финансиски загуби (веројатно и мал број на корисници). Не ми е јасно зошто не се направи топлификационен систем со користење отпадна топлина од РЕК Битола веднаш по неговата изградба. Во последната стратегија за енергетски развој од 2019 година е предвидено термоелектраните на јаглен да бидат затворени во 2027 година, така што моменталната изградба на цевководи за толификација до градот Битола е под знак прашање дали е оправдана. Можеби да, ако на местото на електрани на јаглен се изгради когенеративна гасна централа која ќе произведува електрична и топлинска енергија.

Какво е Вашето мислење во однос на начинот на греење на објектите во Скопје? Дали треба сите нови градби да бидат приклучени на градскиот централен систем ако има услови за тоа?
Ако веќе има услови, пожелно е греењето во новите згради да биде решено со приклучување на градскиот централен систем, а не со огревно дрво или со електрични греалки и печки. Од друга страна, централниот систем за топлификација на градот Скопје е стар над 50 години, претпоставувам дека има извесни губитоци на топла вода и затоа треба да се обновува. Исто така, во блиска иднина треба да се размислува за замена на природниот гас бидејќи е фосилно гориво кое при согорување ослободува јаглерод диоксид.

Најавената инвестиција на Казанџи холдинг за изградба на повеќе когенеративни гасни централи ќе обезбеди топлинска енергија за системи за далечинско греење. Но, ситуацијата е нејасна со оглед дека станува збор за приватен инвеститор чиј примарен производ сигурно е електричната енергија. Како ги оценувате потенцијалните придобивки и ризици во однос на овој проект низ призмата на обезбедување на топлинска енергија за греење?
Не ми се познати сите детали за оваа најавена инвестиција. Но можеме на неа да гледаме приближно исто како на веќе постоечката когенеративна централа ТЕ-ТО, која е пуштена во употреба во 2012 година. Казанџи холдинг ќе ја продава произведената електрична енергија на отворен пазар и тука не гледам некоја придобивка за РМ, но оваа компанија ќе има интерес да испорачува топлинска енергија локално (на пример во Скопје), бидејќи така ќе работи порентабилно. А во тој случај градот Скопје може да користи поевтина топлинска енерија за системот за топлификација.
Треба да се има предвид дека природниот гас не е еколошко гориво и во повеќе земји во Европа е донесена забрана за негово користење во сите нови згради, а за старите е даден рок за постепено исфрлање од употреба.

Гледаме дека многу граѓани купуваат клима-уреди инвертер за греење на становите. Дали е ова добро решение?
Клима-уредите може да работат и во режим на греење и во режим на ладење. Во режим на греење всушност тие работат како топлински пумпи и тие се подобро решение отколку греење со електрични греалки или со печки бидејќи трошат три до пет пати помалку енергија. Но постојат разни типови топлински пумпи со кои јавноста не е запозната, а нудат ефикасни еколошки решенија. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) иднината на системите за греење ќе се решава со топлински пумпи. Од пред неколку години во светот почна примена на големи топлински пумпи со капацитет од 10 до 20 MW за централна топлификација на цели квартови во градовите. Во Скопје веќе има и големи топлински пумпи со топлински капацитети од околу 1 MW. Примери: хотелите Мериот, Хилтон, Александар Палас, болниците Жан Митрев, Аџибадем Систина, бизнис-центрите Настел, Мерцедес итн. Просторот во ова интервју е мал за да дадам повеќе информации за перспективите на топлинските пумпи.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија