Во соседна Република Србија на 1 јули 2026 година се одбележува 180-годишнината од основањето на Инженерската школа во Белград, на 19 јуни 1846 година по стариот, а на 1 јули 1846 по новиот календар. Школата била основана во бурниот период кога Србија се стремела кон остварување на полна независност од Отоманското Царство. До основањето на школата дошло во времето на Кнежевството Србија, 31 година по воспоставувањето на истото во 1815 година во периодот на Второто српско востание (1815-1817), а 32 години пред стекнување на формална независност во 1878 година (истата година кога е основано и Кнежеството Бугарија) за во 1882 година да биде прогласено Кралството Србија.

Архитектонски факултет, Белград
Значењето на основањето на оваа школа е повеќекратно. Таа се смета како почетна иституција од која се развил Техничкиот факултет при Универзитетот во Белград како и сите факултети коишто произлегле од одделите на истиот, како Архитектонскиот, Градежниот, Машинскиот итн. Од друга страна оваа школа е одраз на обидите на едно вазално кнежество за подобрување на образованието на своето население во услови кога истото сакало да се избори за својата полна независност. Оттука контекстот во кој дошло до отворањето на оваа школа е многу значаен.
ПРАВО НА ОТВОРАЊЕ НА УЧИЛИШТА
Иако Кнежевството Србија било воспоставено во 1815 година, дури во 1830 година со Втората свечена повелба (хатишерифот) на султанот Махмуд Втори било потврдено нивото на автономија дадено на Србија. Преку оваа повелба била призната слободата на верата и правото на повисока јерархија (црковна управна власт). Така по укинувањето на Пеќката патријаршија од Отоманското Царство во 1766 година црковната автономија на кнежеството била вратена преку воспоставувањето на самоуправната Белградска митрополија во 1831 година, чија афтокефалност била обновена во 1879 година, за во 1920 Пеќката патријаршија да биде обновена во 1920 година под името Српска православна црква.

Дополнително, со султанската повелба од 1830 година било признато правото на отворање на училишта во кнежеството. Така во 1832 година во Србија имало 36 мали основни школи со 40 учители, а во Белград само една со три класа и со три учители, по еден за секој клас / година на образование. Веќе на 1 јули 1838 година во Крагуевац, тогашната престолнина на Кнежеството Србија, со указ на Кнезот Милош (Горна Добриња, 1783 – Белград, 1860; Кнез на Србија 1817-1839), бил основан Лицејот на Кнежеството Србија, кој се смета за прва виша школа во Србија. Истиот бил преселен во Белград во 1841 година.

Велика школа на Иван Југовиќ, денес музеј на Обрадовиќ и Караџиќ
Инаку, зачетоците на вишето образование во Србија започнале 30 години порано, кога на 31 август 1808 година во Белград, во времето на Првото српско востание (1804-1813), била основана Великата (Големата) школа на Иван Југовиќ. Како основач и професор на школата се јавува просветителот Доситеј Обрадовиќ (Чаково, 1739 – Белград, 1811), а веројатно како еден од најпознатите ученици лингвистот Вук Караџиќ (Тршиќ, 1787 – Виена, 1864). Основањето на Великата школа во Белград се смета како ден од кога започнал историскиот развој на Универзитетот во Белград. Оваа Велика школа работела во перидот од 1808 до 1813 година (кога било загушено Првото српско востание) и низ неа поминале околу 40 ученици.

Доситеј Обрадовиќ
Организацијата на школата била инспирирана од унгарските академии, а наставната програма траела три години. Првите две години се сметале како гимназија во кои се учеле општи предмети, а последната трета година била посветена на универзитетски предмети од доменот на правото. Основната определба била да се создаде кадар за потребите на јавната администрација.

Печат на Лицејот
ХАЏИ НЕИМАР
Се разбира младо вазално кнежество се соочувало со недостаток на стручен кадар, од коишто причини биле повикувани и ангажирани лица од другите земји. Така за прв „архитект“ на Белград бил донесен Никола Хаџиживковиќ (Хаџи Неимар) (Воден, 1792 – Белград 1870), за кој не се знае дали имал формално више образование во струката, а којшто првите објекти ги градел во балканскиот стил, за подоцна да воведе елементи од средноевропската архитектура. Местоположбата со Австроунгарската монархија на северниот брег на Дунав кај Белград со тек на време резултирал и во успешно ангажирање на архитекти и инженери од Австроунгарија за да се осовремени и европеизира кнежеството.

Никола Хаџиживковиќ (Хаџи Неимар)
ИНЖЕНЕРСКА ШКОЛА ВО БЕЛГРАД
Доколку Кнезот Милош Обреновиќ бил заслужен за зачетоците на училишното и вишето лицејско образование во Кнежеството Србија, заслугата за основањето на Инженерската школа во Белград му припаѓа на кнезот Александар Караѓорѓевиќ (Топола, 1806 – Темишвар, 1885; кнез на Србија,1842 -1858). До отворањето на оваа школа дошло како резултат на потребата за стручен, и тоа особено управно-административен кадар во доменот на градежништвото. Во зависност од изворот се вели дека оваа школа била основана од Лицејот во Белград, но поверојатно е дека била основана од тогашната Управа за внатрешни работи која била одговорна за издавањето на одобренија за градба и организирање и преземање на градежни работи за потребите на кнежеството. Се смета дека теоретската настава се одвивала во рамките на објектот на Лицејот во Конакот на кнегињата Милица во Белград, дело на неимарот Никола Хаџиживковиќ, при што наставата била доверена на професори од Лицејот и на вработени инженери и архитекти од Управата за внатрешни работи.

Конакот на Кнегињата Милица во Белград
Во оваа школа била запишана само една генерација од девет студенти. Истите биле избрани од редовите на студентите на Лицејот, коишто успешно ја завршиле првата година студии на истиот. Наставата во Инженерската школа траела три години и била организирана по принципот на интернат, при што шест месеци од наставата околу зимскиот период се одвивал теоретскиот дел на наставата, а во преостанатите шест месеци околу летниот период се одвивал практичниот дел на наставата на градилишта и сл. Архитектурата се слушала како еден од малобројните предмети во школата, додека учењето на германскиот јазик било задолжително.

Конакот на Кнегињата Милица во Белград
СКРОМНИ ПОЧЕТОЦ И ВО ДРУГИТЕ ЕВРОПСКИ СРЕДИНИ
Иако ваквиот пристап кон инженерското и архитектонското образование се чини невообичаен од аспект на 21-виот век, релативно скромни биле почетоците и во другите европски средини. На пример, зачетоците на Националниот технички универзитет во Атина, најстариот технички факултет во Грција, започнуваат во 1837 година кога бил донесен кралски декрет за архитектонско образование кој резултирал во основања на Техничка школа која работела само во неделите и во празничните денови, за од 1840 година покрај постојната настава да се отвори можност за запишување и на студенти коишто ќе ја следат истата во работните денови. Слично, најстарата приватна Школа за архитектура во Велика Британија при Архитектонската асоцијација во Лондон била основана во 1847 година ефективно како колектив на студенти коишто традиционално го изведувале чирачкиот стаж или пак биле калфи во архитектонските бироа, а коишто се здружиле со Асоцијацијата на архитектонски цртачи за преку организирање на средби, дискусии, предавања и изложби во нивното слободно време да го подобрат своето образование и да ги прошират своите знаења. Листата на поновите ученици на ова школа ги вклучува лауреатите на Прицкеровата награда како Рем Кулхас (2000), дамата Заха Хадид (2004) и Ричар Роџерс, баронот Роџерс од Риверсајд (2007).

најстарата приватна Школа за архитектура во Велика Британија
Веројатно она што е значајно да се каже е дека основачите на Инженерската школа покажале значително ниво на свест и разбирање за тоа со кои знаења студентите на оваа школа можат да се стекнат земајќи ги предвид не само условите во школата туку и знаењата коишто професорите можат да им ги пренесат. Оттука се сметало дека завршените студенти на школата ќе можат да бидат ангажирани или на помали проекти и објекти, или пак да бидат ангажирани на управно-административни должности поврзани со градежништвото. Од оние коишто ќе сакаат да работат на поголеми проекти се очекувало своето образование да го продолжат надвор од кнежеството. Во одредена мерка изгледа дека ваквиот пристап опстанал и подоцна во времето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците кога се очекувало дипломираните студенти на Техничкиот факултет во Белград да го продолжат своето образование преку специјализации или дополнителни студии во други земји.
ВРЕМЕНСКИ КОНТЕКСТ
По пауза од неколку години на 15 септември 1853 година доаѓа до реорганизација на наставата и воведување на три насоки на Лицејот: Правна, Природно-техничка и Општа. Оттука се смета дека преку воспоставувањето на оваа Природно-техничка насока по прв пат започнало образованието на инженерите во Србија на факултетско ниво. Студиите останале со времетраење во должина од три години. Студиите во доменот на технички науки биле продолжени на четири години од 24 септември 1863 година кога Лицејот прераснал во Велика школа и кога бил основан Техничкиот факултет при истата. Тогаш дошло и до преселба на високообразовната институција од конакот на кнегиња Милица во зградата на капетан Миша каде и денес се наоѓа Ректоратот на Универзитетот во Белград. Оваа Велика школа во 1905 година прераснала во Универзитетот во Белград.
Повторно, сето ова треба да се согледа во временскиот контекст во којшто овој развој на формалното факултетско образование на инженерите и архитектите се одвивал во Кнежеството Србија. Во 1846 година кога е основана Инженерската школа, Кнежеството Србија имало население од само околу 915 илјади жители, во 1863 година кога Лицејот станал Велика школа, Кнежеството имало население од околу 1.109 милиони жители. Три години подоцна во 1866 година во Кнежеството живееле околу 1.216 милиони жители од кои само 5 проценти, или околу нешто помалку од 61 илјада лица, биле писмени.

Ректоратот на Универзитетот во Белград
Две години подоцна во јануари 1868 година 25 инженери во Кнежеството Србија покренале иницијатива за основање на Техничарското друштво кое било формирано на 3 февруари 1868 година. Истото во 1890 година прераснало во Здружение на српските инженери, за во 1896 година да стане Здружение на српските инженери и архитекти. Со оглед дека територијата на денешна Северна Македонија по Балканските војни била во состав на Кралството Србија, а по Првата светска војна во состав на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (од 1929 година, Кралството Југославија) зачетоците на инженерството и архитектурата, образованието и професионалното здружување во Македонија во голема мерка се поврзани со оние на територијата на Србија.

СЕКЦИЈА СКОПЈЕ И ДРУШТВОТО НА АРХИТЕКТИ НА НАРОДНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Така Техничарското друштво од 1868 година до 1920 година прераснало во Здружение на југословенските инженери и архитекти, коешто на Првото годишно собрание на инженерите и архитектите на скопскта градежна дирекција на 21 март 1920 година го овозможило и формирањето на Секцијата Скопје како прво здружение на инженерите и архитектите на тлото на денешна Макдеонија. 106 години подоцна оваа секција ни е позната на сите во струката и пошироко како Инженерска институција на Македонија.

Ваквите темели и последователниот развој овозможиле на 26 јуни 1952 година да биде одобрено основањето на Друштвото на архитектите на Народна Република Македонија, а кое еве 74 години подоцна ни е познато како Асоцијација на архитектите на Македонија чијшто јубилеј на 26 јуни 2026 година ѝ го честитаме со желби за понатамошни успеси во работењето и во промовирањето на архитектурата во земјата.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија