Насловна / Арт и дизајн / Брисел – градот на различностите и уметностите

Брисел – градот на различностите и уметностите

Кога станува збор за Брисел веднаш ни паѓаат на ум институциите на Европската Унија и илјадниците луѓе од цела Европа облечени во костими како брзо чекорат кон таканаречената област Шуман. Област позната по висококатниците и објектите од стакло, рестораните и кафе-баровите, кои се најчесто полни со луѓе што работат во околните институции. Понекогаш може да се види по некој турист, кој изморен од целодневното пешачење се обидува да направи фотографија од добропознатата зграда на Европската комисија, за потоа да се одмори во малиот и речиси скриен парк Леополд, кој дава посебен шарм на Шуман.

9
Доколку сте дојдени во Брисел на службено патување и немате доволно време да го разгледате, вашата слика нема да биде целосна за овој град. Од другата страна на Шуман се наоѓа душата на овој град. Старата архитектура со добропознатите куќи од почетокот на дваесеттиот век, импресивните објекти во артнуво-стил, малите камиончиња од кои се шири мирис на топло чоколадо и вафли, стотиците паркови и исто толкуте музеи. Брисел е град на различности, дом на луѓето од цел свет, дом на јазиците на светот, место каде се среќаваат културите. И додека во Шуман се преговара за сериозни теми, во центарот на Брисел се одржуваат концерти, изложби, перформанси и разни уметнички случувања. Уличните музичари, пак, се вовед во она што следува зад затворените ѕидови на изложбените и концертните сали.

1
Близу Централната метро-станица, која е неизбежна точка на оние што доаѓаат да го видат центарот на градот, се наоѓа урбаното јадро „Mot des arts“, што во превод значи Рид на уметностите. Оттука се отвора најубавата визура на градот и почнува стариот дел од Брисел. На високите скалила што водат до Музејот на Рене Магрит и Музејот на инструментите одмараат туристите и жителите на овој град и собираат сила за нов уметнички предизвик. Музика, улични продавачи на ракотворби и неизбежниот мирис на вафли. Во правец кон градскиот парк, не далеку од „Mot des arts“, е кралската палата и Музејот на старите мајстори, во кој, меѓудругите, се наоѓаат слики од славните Питер Бројгел и Хиеронимус Бош. Наспроти музеите што раскажуваат за подлабокото минато, на неколку метри од најубавата точка на градот, е центарот за убави уметности „Бозар“. Тоа е најдинамичниот уметнички простор, во кој постојано и во истовреме се одржуваат концерти на познати музичари, проекции на филмови, изложби и перформанси. И колку и да се обидувате, не е возможно да сe види сѐ во неколку дена. Сосема друга приказна, пак, е уличната уметност и стриповите. Колкумина од вас знаат дека Штрумфови и Тинтин потекнуваат од Белгија? Но тоа е веќе сосема друга тема.

4
И повторно се враќаме пред Централната метро-станица, но овојпат продолжуваме кон центарот на градот, го фаќаме патот по малите тесни улички на кои се нижат малите продавници и барови. И веќе тука се добива чувство како да си во некој средновековен град бидејќи е сочувана средновековната структура на градот. Големите булевари се заменети со мали улици и речиси секогаш се преполни со туристи. Не е чудо и да се изгубите во тој метеж бидејќи ќе имате чувство како да сте во лавиринт. Но тогаш доволно е само да погледнете нагоре и да ја видите највисоката кула која ќе ве однесе до целта – главниот плоштад или „Гранд плац“. Невозможно е овде да не застанете и да не пробате по некое од добропознатите белгиски пива.

8
„БОЗАР“ – богата културна покана
Ако ве носи патот накај Брисел оваа есен или за време на новогодишните празници, не заборавајте да погледнете во културната понуда на „Бозар“. Во текот на октомври, па сѐ до февруари се одржува џез-фестивал, кој носи познати музички имиња. Комплетно музичко доживување минатиот викенд приредија музичарите од американкиот џез-состав „Џејмс Фарм“, а следуваат „Сан Франциско џез колектив“, „Ескаландрум“ со изведба на музика од познатиот аргентински музичар Астор Пијацола, Чик Кореа и многу други.

2
„Над Климт“, пак, е насловот на изложбата што ќе биде отворена до 20 јануари и носи платна од познатите Егон Шиле, Оскар Кокошка, Густав Климт и други.
Секоја пролет во „Бозар“ традиционално се одржува и „Балкан трафик фестивал“.

7

5

6

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top