Насловна / Вести / Беспомошно чекање покрај тони индустриски отпад

Беспомошно чекање покрај тони индустриски отпад

Пинтија и Лојане немаат многу заеднички нешта. Првото е планска населба (барем во понискиот дел) на влезот на Скопје, а второто е погранично село во Липковскиот Регион. Во првото има луѓе од различни професии, а во второто се главно земјоделци и сточари.

Она што ги поврзува Пинтија и Лојане е дека на жителите од двете места со децении им е скратено основното и уставно загарантирано право на живот во чиста и здрава животна средина. Тие се изложени на ризиците од т.н. историско загадување, бидејќи ја имале несреќата да се наоѓаат веднаш до напуштени објекти од тешката индустрија, каде што, откако пропаднале фирмите и си заминале работниците, зад себе оставиле огромни количества опасни загадувачки материи.

Депонијата со линдан кај ОХИС и рудникот за хром и арсен во Лојане  се две од т.н. индустриски жешки точки, односно локации што непрекинато нанесуваат штетни последици врз околината. На почетокот беа идентификувани 16, а денес се помалку бидејќи некои мораа да бидат решени од стопанствениците што раководеа со индустриските постројки, за да добијат интегрирани еколошки дозволи.

ОХИС и Лојане, пак, останаа напуштени, а со тоа жителите на населените места во нивна близина останаа на милост на државните органи, кои треба да најдат решение за да се отстранат загадувачките материјали, како и пари за да го спроведат замисленото.

03 6

Напуштена индустриска зона во близина на Скопје

ЖИВОТ ВО ИСЧЕКУВАЊЕ

Од аспект на пристапот до правда, кога се историските жешки точки во прашање, граѓаните имаат право пред сè да бидат целосно и квалитетно информирани за состојбите во кои се наоѓаат овие локации и за ризиците што тие ги предизвикуваат. Тие имаат право да знаат за сите мерења и испитувања, и да бидат консултирани за сите мерки за ремедијација и за решавање на проблемот, што ќе ги преземат надлежните.

Правата на граѓаните во оваа смисла се пасивни. Тие може да добиваат информации, да добиваат можност за учество, но немаат механизми со кои самостојно или организирано ќе си обезбедат заштита од високоризичното индустриско загадување покрај коешто живеат. Им останува да чекаат државата да стори нешто или да го креваат гласот во јавноста. Со други зборови, беспомошни се додека државата не најде волја и пари за сложените и скапи операции потребни за да се расчисти опасноста од распаднатите индустриски објекти.

Како изгледа таа беспомошност раскажува Верица Стојановска од урбаната заедница Пинтија. На жителите на населбата не им недостасуваат информации и знаење колкава е опасноста, туку решенија.

„Кога излегоа првите испитувања беше страшно. Тоа што е во почвата ќе си остане таму долго време. Луѓето сепак ја работат земјата, садат. Немаме што да направиме. Ние како соседи често разговараме за проблемот. Се чувствува во почвата, а и водата не е за пиење. Линданот е смртоносен. Сега е најавено да се дислоцира и очекуваме тоа да се случи“, вели Стојановска.

Таа додава дека голем број жители на Пинтија се поранешни работници во ОХИС, кои знаат како работела фабриката и би можеле да помогнат при планирањето на расчистувањето.

Луѓето во Пинтија барем се приклучени на градскиот водовод во Скопје, додека тие од Лојане мораат да ја носат својата вода на испитување и да се враќаат со поразителни резултати – и до 22 пати повеќе арсен од дозволеното. Опкружени со 450 илјади тони јаловина и со три депонии со отпадна руда со висока концентрација на арсен и антимон, од кои најголемата има околу 50 илјади тони материјал, сè што можат да прават е да ги учат децата да внимаваат.

„Жителите имаат здравствени проблеми кои веројатно се последица од рудата. Веќе сме уморни од оваа борба, сме се обратиле секаде каде што сме можеле. Локалните власти секогаш биле на наша страна, но државата е таа што треба да го реши проблемот. Рудникот е на еден километар од селото, па им кажуваме на децата да не се доближуваат и да ги избегнуваат местата каде што има отпад од него. Но тој е насекаде, прашината се шири со ветрот. Не можеме да избегаме“, вели претседателот на месната заедница Селами Мемети.

03 5

Депонијата на рудникот во Лојане 

СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ УШТЕ ДОЛГО ЌЕ БИДАТ ВО ОПАСНОСТ

Се проценува дека од двете депонии во ОХИС во опасност се околу 470 илјади луѓе во главниот град. Во големата депонија има околу 40.000 тони отпад со линдан, со бетонско корито под неа. Многу поопасна е малата депонија од 13.000 тони, која е незаштитена.

Рудникот во Лојане, пак, ги загрозува и Ваксинце, Табановце и другите околни села. Дури и Куманово со своите стотина илјади жители е на само десет километри од ова место. Најризичното место таму е депонијата со арсенски концентрат – пет илјади тони материјал од кои половината е чист арсен.

Човекот што најдобро го има испитано влијанието на историското индустриско загадување врз почвите и што го подготви првиот геохемиски атлас на земјава е професорот Трајче Стафилов. Според него, ОХИС и Лојане, заедно со МХК Злетово во Велес, се трите најопасни места во државата. ОХИС е посебно ризичен затоа што е во самиот главен град. Речиси 50 години таму е депониран линданот, пестицид што фабриката порано го произведувала, но прекинала во 1970-тите. Во 2009 година тој е ставен на листата на опасни токсични супстанци што тешко се разградуваат. Според професорот, дури откако ќе се дислоцира линданот, ќе бидат потребни уште многу години за да се санира почвата.

Студијата на Стафилов покажала загрижувачко загадување на почвите и подземните води и во Липковскиот Регион, во близината на Лојане. Според испитувањата, има честички со арсен и антимон и во воздухот.

На овие супстанци се изложени стотици илјади граѓани на кои државата декларативно им го гарантира правото на здрава животна средина, но веќе долги години не успева и во пракса да го заштити нивното здравје.

03 2

Разурнат објект во кругот на ОХИС 

ОД ГОЛФ-ТЕРЕНИ ДО ИЗВЕЗУВАЊЕ НА ОТПАДОТ

Кога се дефинирани 16-те жешки индустриски точки пред деценија и пол, се направија и прелиминарни процени за тоа колку би чинело за секоја од нив да се санира и да не претставува опасност за населението, стопанството и за природата наоколу. Една од процените беше дека е најдобро објектите да продолжат да стопанисуваат, бидејќи така ќе се одржуваат, ќе се надгледуваат и ќе генерираат приходи за да го решат загадувањето од минатото. Таков пример, според професорот Стафилов, е рудникот Бучим, кој порано бил меѓу најризичните жешки точки, но раководството успеало да го намали штетното влијание врз околината.

За рудникот во Лојане е направена студија според која неговото расчистување би чинело околу 4,2 милиони евра. Пари што, според коалицијата О2 и според други граѓански иницијативи за заштита на животната средина, државата може и мора да си ги дозволи за да го реши овој горлив проблем.

Државата, пак, единственото решение што досега го понудила е еден неуспешен обид за рестарт. Во 2014 година тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини најави турска инвестиција што би почнала со работа во 2017 година, и освен што би стопанисувала со рудникот, би го решила и проблемот со депониите. Фирмата добила концесија во 2018, но сè уште ништо не е направено во врска со рудникот.

„Ништо не е направено. Турците доаѓаа, земаа мостри, најавуваа дека ќе почнат и дека ќе вработат луѓе, но не се појавиле одамна. Сега немаме никаква информација што ќе се случува“, вели Селами Мемети од Лојане.

03 4

Отпад од рудникот Лојане во близина на селото 

Историјата на барање решенија за ОХИС, пак, е малку подолга. По идентификувањето на старата фабрика како жешка точка се направија две студии, од кои едната предлагаше четири решенија. Еден од предлозите беше да се затрупаат депониите и фабричките урнатини со земја и врз нив да се направи голф терен. Иако тоа предизвика многу медиумско внимание своевремено, беше одбиено од експертите затоа што на тој начин не се решава продирањето на линданот во почвите и во подземните води.

Фабриката сè уште не беше целосно затворена кога се направи студијата, па се правеа и обиди за да се донесат странски инвеститори што би ја рестартирале, па на тој начин да се решат проблемите и со работниците и со загадувањето. Десетина такви обиди пропаднаа. Сега таму има неколку помали бизниси што ги користат испразнетите фабрички простории, од кои никој нема обврска да ги исчисти депониите.

Конечно државата почна таква постапка пред три години, а од минатата година врши подготовки во соработка со УНИДО, организацијата на Обединетите нации за индустриски развој.

За судбината на жешките точки и за заштитата на правата на граѓаните што живеат околу нив се обидовме да разговараме со заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули. Но по повеќе недели чекање, не добивме одговори на прашањата упатени до него.

Инспекторот од Државниот инспекторат за животна средина Дарко Блинков, вели дека бидејќи замрените капацитети каде што се натрупал опасен индустриски отпад не се во системот на интегрирано спречување и контрола на загадувањето, инспекторите немаат активна улога во следењето на состојбите додека ништо не се случува.

„Одговорност на државата е да го решава отпадот и потоа да се решава и ремедијацијата на целиот простор, онака како што почна ОХИС со извозот на течни хемикалии, се очекува техногената минерална суровина од бивша Топилница Велес исто така да се извезува, треба да се решава на пример депонијата со 6-валентен хром во Јегуновце, а улогата на ДИЖС е преку инспекциски надзори да се следи целосната постапка на решавање на индустрискиот отпад или ремедијацијата на теренот. Тоа редовно се извршува од страна на надлежните државни инспектори за животна средина“, објаснува Блинков.

Испрати коментар

Scroll To Top