Насловна / Архитектура / Архитектонскo поемоцртање: прошетка во себеси

Архитектонскo поемоцртање: прошетка во себеси

Архитектонскo поемоцртање: прошетка во себеси

5 причини за преплетување на пишувањето и цртањето

или 5 форми на неформално образование

Дали некогаш сте осетиле желба да „уловите“ мисла или чувство која протекува – не само низ Вашата глава туку – низ целото тело?

Кога предолго работиме на компјутерот, подготвувајќи документација за некаков проект, во одредени моменти се поместуваме на другот дел од работната маса. Земаме налив перо во рака и почнуваме да цртаме и пишуваме што било. Ова не го доживуваме само како одмор, туку како пронаоѓање и создавање слобода, авторски отпор и уживање во проектирањето.

Пронајдената и создадената слобода е уште повозбудлива кога форматот виси на ѕидот. Тогаш цртаме со целото тело. Чекориме. Стоиме. Се потпираме на ѕидот. Ни станува ладно, па се повлекуваме назад. Раката почнува да боли затоа што црта лебдејќи. Но телото е живо, оживеано од разбистрените мисли и чувства кои протекуваат низ него, истекувајќи кон хартијата како форма на кревок став.

Зашто кревок став? За да биде жив, отворен и спремен да го прими во себе благословот на промена, и ако сакате – стремеж кон повисока вистина, зад границите на суетата.

На факултет нè учеа дека градењето ставови е битно како градењето згради. Тоа што не знаеја да нè научат е да не се заѕидаме во лажна самодоверба, тврдоглава борба и слепа послушност.

Кревкиот став е предуслов за раст и дијалог – како со другите, така и со самиот себеси.

БАВНОСТ

(мал формат) Мемориска прошетка во родната куќа, Богданова, 29,7x15cm_resize

Мемориска прошетка во родната куќа, Богданова, 29,7x15cm

Бавноста е неопходна за да го почувствуваш животот како протекува низ тебе. Не метафизички, туку вотеловено, во најтелесна смисла на зборот: успори го чекорењето за само неколку минути, и пробај да согледаш што согледуваш.

Кога вистински гледаме, присуствуваме во просторот толку интензивно што забораваме на самите себеси. Анксиозноста и значењето на прашањата Кога и Каде ќе стигнеме се разводнува до небитна, смешна и сувопарна информација.

Во нашиот начин на создавање, кога пишуваме и цртаме надвор од компјутерот, го доживуваме проектот низ една нова призма на живот: за неколку минути или часови, престануваме да бидамe загрижени за рокот, за кореспонденцијата со потребите на жителите, за барањата на програмата. Пробуваме да заборавиме на сето тоа и да го замислиме проектираниот простор низ помешани претстави – скицата не е само основа, пресек или перспектива, туку сето тоа заедно. Ракописот зборува за чувството посакувано да се донесе со таа сцена, или пак прикажува именување на некакви препознаени и преобмислени врски со постојната состојба на проектната локација.

Поемоцртањата се архитектонски приказни, кои немаат цел да илустрираат или проповедаат ставови.

Поемоцртањата копнеат да пробудат прашања, сомнежи, да отворат дискусија, да повикаат на ново согледување, населување и разбирање туѓо искуство, проживување туѓа перспектива.

Кога се враќаме на екранот, проблемите кои сме ги оставиле таму не исчезнуваат, но целосно се трансформираат: од тешки равенки преминуваат во возбудливи слоевити решенија. Што е најбитно, тогаш, после поемоцртањето, во овие решенија присуствуваме не како во апстрактна техничка задача, туку како во живи и можни светови на кои сме им потребни со сета можна бавност која ја заслужуваат.

Утрово во нашата работилница, ја видовме калата како срамливо отвора трета пупка месецов, и почувствувавме огромна желба да ги навадиме сите домашни цвеќиња. Не затоа што моравме (имаа доволно вода), туку затоа што чувствувавме дека им треба нашата совршена бавност.

Сè останато може да почека.

ОЧУДУВАЊЕ

Очудување при посматрање, Љубљана, Богданова, 15x15cm_resize

 

Очудување при посматрање, Љубљана, Богданова, 15x15cm

Очудувањето се случува кога населуваме еден поинаков поглед од оној на кој сме навикнати. Во литературата, очудувањето е карактеристика која ги одвојува текстовите со уметничка содржина од останатата литература. Очудувањето (руски остранение) го вознемирува автоматското, стереотипно посматрање на кое сме навикнати, и го продолжува и успорува естетското искуство (Шкловски).

Во нашиот архитектонски свет, очудувањето може да се случи во форма на привремено заборавање и напуштање на персоната која веруваме дека сме, со цел да ги населиме и разбереме и внатрешните состојби на личностите кои се засегнати со промената на просторот кој е предмет на преобмислување.

Симултаното пишување и цртање овде се начини на мотрење на подлабоките слоеви на значење во тој простор. Погледнете ги со свежи очи движењата на детенцето кое си игра на просторите околу градинката која наскоро ќе ја градите. Нацртајте ги, и запишете што би чувствувале ако гледате низ неговите очи? Дали можете воопшто да го населите сеќавањето на самите себе како 3-годишно дете? Не се плашете од емоциите кои ви наидуваат. Запишете ги како сведоштво дека сте присуствувале во еден спонтан циклус на себеистражување.

На овој начин, проектот престанува да биде надворешна обврска или професионална задача. Проектот за вашата градинка станува дел од тоа што сте, ви станува битен – испреплетен со еден подлабок степен на разбирање на вашите лични сеќавања. Последично, себеразбирањето доведува до подлабоко разбирање на актерите вклчени во вашeто идно градилиште: „театар“ градбени перформанси (Ван Ден Берге).

Очудувањето низ поемоцртање, е исто така оддалечување, воспоставување дистанца од непродуктивна задлабоченост во техничкиот цртеж. Според традицијата на Инуитите, кога сме лути, збунети или испаничени, треба едноставно да почнеме да чекориме, доволно долго за да ни избледи чувството на непријатност. Проблемот не исчезнува, туку се променува нашиот проблем и неговата големина. Во моментот кога проблемот избледува, Инуитите ја маркираат таа точка. Така, ја мерат должината на едно негативно чувство, согледувајќи го неговото значење преку едно кратко свртување наназад (Kagge).

Очудување при проектирање, Љубљана, 21x21cm varijacija, Богданова_resize

Очудување при проектирање, Љубљана, 21x21cm варијација, Богданова

СЕБЕИСТРАЖУВАЊЕ

Можеби ова е најочигледната причина зошто пишувањето и цртањето се клучни за јасно согледување и критично размислување кога евалуирате одредена одлука при проектирањето. Дали можете да му верувате на писател кој пишува романи неповрзани со сопственото искуство?

Ниту еден чувствителен архитект кој го познаваме не бега од сопственото искуство, туку крајно сериозно го сфаќа своето детство, своето присуство во просторот, своето во книгите; доволно храбар е да пишува и предава за тајните простори во дворот на баба му.

Не познаваме чувствителен и зрел архитект кој не поминал низ процес на свесно рефлектирање на сопствените рани, трауми и тешкотии. Ако не поминете низ терапевтско расветлување, потиснатите неразбрани чувства се пренесуваат на вашите деца – и на вашите ученици.

Ниту еден чувствителен архитект кој го познаваме не зборува за архитектурата академски, како гола наука, низ формули, треба-совети и правилници. Оние неколку тивки и скромни, можеби не ги говорат, но ги запишуваат мислите за тоа како се чувствуваат, со минијатурни записки во своите скришни бележници.

Нашите најмили Учители, кога зборуваа за лични прошетки, медитации, книги, филмови и архитектонски потези, од аскетски воздржани професори се претвораа во деца, чија насмевка ја полнеше собата како тивко, свето ветување на внатрешна радост, за оние кои се спремни да ги срушат границите помеѓу својата Личност, и своето Творештво.

СПРИЈАТЕЛУВАЊЕ

Поемоцртањето е, исто така, станување пријател со самиот себеси. Значи прифаќање, осознавање, откривање на себеси од најсветлите до најтемните внатрешни сокаци, но истовремено значи и внесување на една блага смисла на хумор која ни овозможува да се насмееме кога сме премногу сериозни.

Поемоцртањето архитектура не ослободува од тоа што ни е кажано или очекувано да бидеме, и ни помага да пораснеме низ тоа што сме.

Според Дејвид Блајт,

Пријателството е огледало на присуство,

и завет на проштевање.

Асиси на Сан Франциско, 50x70cm, Богданова_resize

Асиси на Сан Франциско, 50x70cm, Богданова

Вистинскиот пријател, успева да нè види во целата наша несовршеност, и обратно – ние го гледаме во подлабоките слоеви на неговата личност, огледувајќи му ги нештата кои некогаш и самиот не може да ги согледа. Кога некого длабоко го спознаваме, кога дневно сведочиме и присуствуваме на неговото постоење, неопходно е континуирано, секојдневно проштевање на несовршеностите.

Во оваа смисла, поемоцртањето создава една хигиенична навика, не само на простување на самите себеси и на отпуштање на замерките од минатото, кога не сме биле видени или препознаени во својата суштина, туку и простување на местата, собите, улиците, кои ни причинувале болка кога сме чекореле по нив.

Tenzin Wangyal Rinpoche, современ Dzogchen учител, формулира еден термин наречен идентификација со болката (pain identity). Несогледувањето и неприфаќањето на таа болка, поместувањето на фокусот, бегањето од таа болка, носи само потиснати чувства кои несвесно ја контролираат нашата потсвест. Почнуваме да носиме одлуки базирани на страв, наместо на љубов.

Напиши ја, нацртај ја болката. Пушти ја нека истече и нека се трансформира. Не ја разбирај како навреда, повреда, штета. Согледај ја како дар на кој си одговорен да одговориш. Дали ќе го држиш засекогаш или ќе го пуштиш да истече низ твојата хартија.

Притоа, запрашај се: Kој е оној којшто страда? Ако одговорот е – моето его – сети се на следното:

Служењето е погрешно место да се бара признавање моќ.

Влегуваме во духовно служење, не заради тоа да го храниме егото, туку да го заобиколиме.“ (Wangyal, 107)

Во архитектонската пракса, архитектурата често – во шега или со крајна сериозност – ја нарекуваме форма на служење, испосништво. Со искуството, сфативме дека страдањето е во огромен дел работа на егото. Служењето на егото е радикално различно од служењето на духот; како што често велат, не може да им служиш на два господари истовремено.

(мал формат) Проектантски медитации, атмосфера во Академија, 70x100цм, Богданова_resize

Проектантски медитации, атмосфера во Академија, 70×100цм, Богданова

СОЧУВСТВУВАЊЕ

Или критично сочувствување наспроти осудување. Ова е можеби најубавиот дар кој ви се случува низ поемоцртањето. Учите подобро да гледате, подобро да слушате, подобро да разбирате, наместо да осудувате. Како што вели Јунг, повеќето луѓе не сакаат и немаат време да размислуваат, и да разберат: затоа се одлучуваат да судат.

Најдобрите процеси на учење сме ги доживеале со учители кои држеле (и употребувале) молив или наливно пенкало во рака при дискусијата за одредено просторно прашање.

Наместо да мапирате што е погрешно (за ова сме добро тренирани од првиот студиски час), стремете се да предложите/скицирате поинаква реалност од конкретниот предмет на критика. Сè останато – слепо и сувопарно вербализирање како нешто погрешно – е одбранбен механизам кој е присутен како колективен начин на однесување во нашата професија – насекаде.

А кога се браните – автентичната внатрешност на двете страни е блокирана; дијалогот/дискусијата се случува на површно и формално ниво. Поемоцртањето е начин на поврзување со таа внатрешност, продирање низ слоевите на маски кои не се наметнати како општествено наметната самоодбрана. Таму, зад самоодбраната, дискусијата со другиот понекогаш се случува како дијалошка волја за разбирање, тоа значи, гледаме и слушаме зад она коешто ни е кажано.

Една вистинска љубљанска приказна. На натпревар за трчање на стадионот се пријавени деца со „нормални“ и со „посебни“ потреби. Едно од девојчињата со посебни потреби има физичка спремност да го освои турнирот и покрај менталните тешкотии. Натпреварот започнува. На самиот почеток, девојчето од тимот со посебни потреби паѓа на земја. Девојчето кое го држи првото место во текот на трката, во моментот кога гледа што се случило, почнува да трча во обратна насока кон својата пријателка. Ѝ помага да стане, и заедно трчаат до целта.

Кој е победникот и што е тоа што се мери?

Поставете си го ова прашање после секоја трка на колоквиуми, без разлика дали сте во тимот Критичари или во тимот Критикувани.

Автори: Викторија БОГДАНОВА, Давид СРАКАР

Archi | Contemplatives е едукациска платформа која истражува креативни пракси на пишување, цртање и контемплација во архитектонското посматрање и проектирање, основана од Викторија Богданова (PhD, MArch, architect) и Давид Сракар (BA pth., MAABS, logotherapist).

Пишете ни на:

www.archicontemplatives.com

hello@archicontemplatives.com

Untitled-1_resize

Испрати коментар

Scroll To Top