Насловна / Екологија / Енергетска Ефикасност / Енергетски ефикасните градби – објекти на иднината

Енергетски ефикасните градби – објекти на иднината

energetski_efikasni_raboti_thumb.jpg"Свесни сме дека енергијата денес сè помалку ја има, станува сè поскапа и сè повеќе загадува. Потрошувачката на енергија сè повеќе се зголемува, а ние сме должни да се свртиме кон одржливите извори на енергија и да применуваме практики за енергетска ефикасност за да ја обезбедиме иднината на нашите деца и идните генерации", истакна скопскиот градоначалник Коце Трајановски на одбележувањето на седмата годишна манифестација "Недела на енергетика – Македонија 2011"

 

Со меѓународната конференција "Ние инвестиравме во енергетски ефикасни објекти, а Вие?" и дебатата "Идејни наспроти реализирани проекти" се одбележа седмата по ред манифестација "Недела на енергетика – Македонија 2011". Оваа конференција, која се одржа под медиумско покровителство на "Порта3", на присутните учесници им даде можност за размена на искуства, дебати и презентации на успешни проекти, техники и кредитни линии во секторот на градежништво, кои ја поддржуваат енергетската ефикасност и го промовираат користењето на обновливи извори на енергија. 

energetski_efikasni_raboti_2.jpg

Манифестацијата во организација на европскиот проект "ЕУБилд енергетска ефикасност" како дел од Директоратот за проширување на унијата, и центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ, исто така беше поддржана од Град Скопје, Американ колеџ – Скопје, МОМЕЕ – Македонска општинска мрежа за енергетска ефикасност и МАЦЕФ Инт – Центар за енергетика, екологија и економија.  

 

"Свесни сме дека енергијата денес сè помалку ја има, станува сè поскапа и сè повеќе загадува. Потрошувачката на енергија сè повеќе се зголемува, а ние сме должни да се свртиме кон одржливите извори на енергија и да применуваме практики за енергетска ефикасност за да ја обезбедиме иднината на нашите деца и идните генерации. 

energetski_efikasni_raboti_1.jpg

Морам да напоменам дека сите наши активности вклучуваат зелени политики, а поттикнувањето на инвестициите, како и примената на енергетската ефикасност, се меѓу главните стратешки цели на градот. Ова е важно за создавање услови за одржлив енергетски развој во градот и државата пошироко", изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Тој истакна дека во таа насока, градот Скопје стана дел од иницијативата наречена "Повелба на градоначалниците на Европската Унија" што е потпишана на 4 мај 2010 година во Брисел и со која градот Скопје влезе во клубот на градови кои имаат за цел да ги намалат емисиите на стакленички гасови за над 20 проценти до 2020 година.  

 

Скопје е меѓу ретките градови кои имаат канцеларија за советување при изградба на енергетски ефикасните приватни и општествени објекти. Во општинската каса биле заштедени дополнителни средства од греењето токму поради реновираните како и изградбата на поквалитетни згради. "Во објектите што се во сопственост на град Скопје, оваа како и минатата година, работиме на нивната енергетска ефикасност во делот на замена на прозорци, врати и покриви, а со цел да се намали енергијата што се троши во овие јавни објекти", рече Трајановски.  

 

Константин Димитров, претседател на МАЦЕФ рече дека во нашата држава основните стратешки документи од секторот енергетика се усвоени и донесени – Стратегија за енергетика, Стратегија за енергетската ефикасност, Стратегија за обновливи извори.

energetski_efikasni_raboti_3.jpg

 "Интензивно се подготвува и секундарната регулатива која се однесува на посебните правилници да поддржат и овозможат реализација на овие стратешки документи", рече Димитров. Според него, луѓето пристапуваат кон почитување на она што го бара времето – помалку потрошена енергија и поголема заштита на животната средина. "Се она за што зборуваме како енергетска ефикасност во градежниот сектор веќе се применува кај нас. Сите светски познати технологии и сите високи стандарди веќе постојат кај нас", истакна Игор Петрушевски, локален раководител на проектот "ЕУБилд енергетска ефикасност".

  

 

Реализирани проекти

 

Експертите на оваа Конференција предупредија дека рационалното користење и заштедата на енергијата е обврска која треба да се исполни. Приватните компании, граѓаните и државата мора да ги применуваат мерките на енергетска ефикасност, што е обврска од Европската Унија, според која до 2018 година Македонија мора да заштеди девет отсто од потрошената енергија во последните пет години. 

energetski_efikasni_raboti_4.jpg

"Фактот што Македонија може да понуди најдобри практики во доменот на заштеда на енергија во резиденцијални и индустриски објекти, зборува за повисоко ниво на свест кај граѓаните за придобивките од мерките за енергетска ефикасност и улогата на градежните материјали и новите технологии во намалување на трошоците за енергија. Овие пионери, ќе претставуваат стимул за останатите и доказ дека заштедите се можни и инвестициите се исплаќаат. Но, постои уште поголем предизвик, а тоа е реплицирање на овие примери", рече врвниот експерт од областа на енергетиката, Константин Димитров. 

  

На Конференцијата беше презентиран објектот за колективно домување од Хабитат Македонија, првиот пасивен објект "Експро" Струмица, реновираното училиште Димо Хаџи Димов од Скопје, административно производствениот објект на "Тинг Инокс" од Кочани и кампусот при Универзитетот на ЈИЕ со нула емисии на јаглероден диоксид. Сите тие ги пренесоа своите искуства и придобивки од користењето на обновливи извори на енергија и градењето на енергетски ефикасни објекти.   

 

Меѓународната организација Хабитат присутна во Македонија од 2005 година, а формирана во САД, работи за поддршка на семејствата што имаат ниски приходи и подобрување на квалитетот на нивниот живот. "Она што го правиме во Македонија во последните шест години е поддршка на семејства преку микрофинансирање, подобрување на енергетската ефикасност во домовите и подобрување на пристапот за чиста вода за пиење. Пилот-проектот, поддржан од УСАИД и Хабитат Македонија, за енергетска ефикасност покажа дека инвестирањето во енергетска ефикасност е оправдано. Во рамките на пилот- проектот беа реновирани три згради со различни начини на греење во Скопје и Куманово. Со тоа беше постигнато значително зголемување на заштеда во енергија", изјави претставникот од Хабитат Лилјана Алчева.  

 

Сопственикот на енергетско ефикасниот објект "Експро" од Струмица, Славчо Георгиев истакна дека скапото греење ги прави енергетски ефикасните објекти сè поатрактивни. Инвестицијата во фасада, прозорци, врати била многу мала во однос на драстичните заштеди подоцна. "Потрошувачката кај пасивните објекти е 15 киловат часови за метар квадратен годишно. Само за споредба, неизолираните објекти трошат над 320 киловат часови. Или во однос на неизолиран објект, 20 пасивни објекти трошат колку еден неизолиран објект", рече Георгиев. Тој додаде дека цената на струјата во иднина очекувано ќе расте, а енергетски ефикасните објекти ќе бидат објекти на иднината и ќе мора да се градат. "Најдобро е уште сега да размислуваме и да градиме вакви објекти", истакна Георгиев. Сопственикот на "Тинг Инокс" од Кочани, истакна дека за изградбата и доградбата на неговите објекти ја искористил кредитната линија за изградба на енергетски ефикасни објекти што ја нудат неколку банки.

  

 

Заклучоци

 

Учесниците на меѓународната Конференција за енергетска ефикасност предупредија дека граѓаните и фирмите немаат доволно пари за инвестиции во енергетски ефикасните објекти, а свеста за придобивките од нив и натаму е на многу ниско ниво. Иако енергетската ефикасност значи сигурно снабдување со енергија, конкурентна економија и одржлив развој, банките и компаниите имаат проблеми за одобрување и финансирање на проектите. Регионалниот координатор на проектот "ЕУБилд енергетска ефикасност", Ајген Еркал предупреди дека ситуацијата е слична и во земјите од регионот. Таа истакна дека овие земји се избрани поради тоа што информациите што ги имаат крајните корисници се мали и тие не знаат како да ги применат инструментите за постигнување на енергетска ефикасност. "Секојдневно наидувам на луѓе кои сакаат да градат енергетски ефикасни објекти. Но, ваквите инвестиции во старт се поскапи. Се надевам дека во иднина во ваквите проекти својот интерес ќе го видат и банките и другите финансиски институции", рече Славчо Георгиев од "Експро" Струмица.

 

Граѓаните немаат доволна финансиска писменост, а тоа е голем проблем кој треба да се реши со цел да се подигне свеста кај граѓаните за можноста за финансирање на енергетско ефикасни објекти, предупреди Илијана Петровска од Универзитетот "Американ колеџ". 

energetski_efikasni_raboti_5.jpg

"Маркетинг комуникацијата е дел од стратегијата на банките што треба да ја имплементираат за подигање на свеста и едукација на населението и на правни и физички лица се со цел да се зголеми интересот за градење на енергетски ефикасни објекти", рече Петровска. Цената на струјата во иднина нема да остане иста, таа сигурно нема да се намали туку сè повеќе ќе се зголемува, затоа граѓаните би требало да обрнат внимание во инвестирањето на енергетски ефикасни објекти, посочи претставникот од "Кнауф", Блажо Зотовски.

 

Учесниците на конференцијата побараа и поголема ангажираност од медиумите за подигнувањето на свеста на граѓаните преку информирање и едуцирање за користењето на обновливи извори на енергија и градењето на енергетски ефикасните објекти. На конференцијата свое обраќање имаше и претставник од списанието "Порта3", кое од почетокот на неговото основање на неговите страници има испишано стотици текстови посветени токму за енергетско ефикасните објекти. "Со пишувањето на ваквите текстови ние, а и нашите читатели, почнавме да учиме што е тоа енергетска ефикасност. Осознававме за штедливите сијалици, прозорците во нашите домови, апаратите за домаќинство и топлотната изолација, осознававме исто така и за користењето на алтернативните и обновливите извори на енергија. Покрај домашните искуства за користење на алтернативните извори на енергија, на нашите читатели им ги пренесувавме и странските искуства", истакна претставникот од "Порта 3", Мирче Адамчевски.

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top