Насловна / Архитектура / Архитектура со отворено срце

Архитектура со отворено срце

tange-1.jpgНајзначајно при структурирањето на еден град е да се земе предвид значењето на просторот за комуникација, односно поврзаноста на градот со целокупната своја слика, поврзаноста на градот со остатокот од светот, што чувствуваат самите негови жители, кои се нивните потреби, бидејќи тие се главните креатори на градската структура

Во рамките на престојот на архитектот Пол Нориатака Танген именуван "Пол Норитака Танге: Кензо Танге и Скопје", организиран (од страна на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот "Американ колеџ" од Скопје и Јапонската амбасада во РМ) по повод педесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје и 100 години од раѓањето на неговиот татко, големиот Кензо Танге, во хотелот "Александар Палас" беше одржано предавање на кое Пол Норитака Танге пред многубројната публика го претстави творештвото на својот татко, како и дел од позначајните дела на мултинационалното архитектонско студио Tange Associates. Јапонскиот архитект Пол Норитака Танге своето излагање го започна со презентација на основните влијанија и инспирации, кои биле мошне важни во развојот и творештвото на неговиот татко.

 

tange-1.jpg

 

Така, беа спомнати влијанијата што датираат уште од античката грчка и римска култура, каде ја проучува агората како основен концепт за "јавен комуникациски простор", потоа корените на јапонската традиција, култура и локалното опкружување, делата на генијалниот Микеланџело, базиликата Св. Петар во Рим, како и неизбежната рефлексија на творештвото на Ле Корбизје, неговата урбана филозофија, која го диктира создавањето на пространи, детално обработени градови, исполнети со мегаструктури, кои претставуваат комбинација на сервисни и транспортни структурни елементи. Сите овие влијанија, според зборовите на Танге, влијаеле и врз креирањето на мастер-планот изработен за Скопје по катастрофалниот земјотрес, како негов прв урбанистички проект работен надвор од Јапонија. Планот за Скопје претставува демонстрација за значајниот континуитет на придонесот на Кензо Танге за градскиот, урбан дизајн. Како и претходните негови проекти, според Пол Норитака Танге, мастер-планот за Скопје ја следи градската инфраструктура на монументални размери и софистицирани детали, организирајќи варијации на транспортни модели во еден тридимензионален систем. Она што го разликувал мастер-планот на градот Скопје од претходно имплементираните урбани шеми, всушност претставувало симболичкото значење на урбаните структури, кои Кензо Танге започнал да ги проучува во својот план за "Tokyo Bay" во 1960 година, но не ги истражил целосно сè до разработката на мастер-планот за Скопје. Целовитоста на градот е ограничена со симболичките концепти на "порта" и "ѕид", организирани во линеарни оски, кои опслужуваат различни програмски карактеристики и метафори за урбаната форма. Според Танге, овие метафори всушност и ја претставуваат базата на целокупниот дизајн, меѓутоа најзначајно при структурирањето на еден град е да се земе предвид значењето на просторот за комуникација, односно поврзаноста на градот со целокупната своја слика, поврзаноста на градот со остатокот од светот, што чувствуваат самите негови жители, кои се нивните потреби, поради тоа што тие се главните креатори на градската структура. Неопходно е да се креира "архитектура со отворено срце", преку која луѓето би можеле да ги разменуваат своите идеи, простор во кој можат да се среќаваат, да ја препознаваат сопствената традиција и култура.

 

Пол Норитака Танге во неколку наврати напомена дека има силно чувство како да дошол во својот дом, во градот на татко му, иако за прв пат е во посета на Скопје, овој град е длабоко поврзан со неговата фамилија и го чувствува како мошне драг и близок. Како дел од најзначајните дела на компанијата Tange Associates, од нејзиното формирање, па се до денес, Пол Норитака го истакна проектот за Hiroshima Peace Center работен во 50-тите години на 20 век. Основниот концепт на креирање на овој проект, работен по катастрофалната девастација предизвикана од атомската бомба, се поистоветува со структурата на планот и идејата за мастер-планот во Скопје, дефинирајќи го значењето на просторот преку едниствена спиритуална оска, по која се нижат структурите. Црпејќи инспирација од делата на Ле Корбизје, ова величествено дело претставува израз на монументална архитектура изградена во општесвени, антропоморфни размери. Секако, од големата архитектонска и урбанистичка продукција на Танге и на Tange Associates, мошне емотивно, неговиот син го издвои мастер-планот за Токио од 1961 година. Преку овој мастер-план, Танге за прв пат ја изложува својата идеја за трансформација од централизиран во линеарен град. Во својот план тој го гледа Токио како линеарен систем кој долж една главна оска генерира повеќе центри и овозможува високи квалитативни стандарди за домување и работа во истиот. По него, следат актуелниот мастер-план за Скопје (1963) и мастер-планот за Болоња (1965), кои бележат изедначеност во однос на обликуваниот пристап и морфолошко–типолошките одлики изразени преку симболичкиот концеп на "градски ѕид", кој го обвиткува централното ткиво. Овој проект на Танге ја ужива својата материјализација уште во 70- тите години на минатиот век, претставувајќи референт за архитектонски дигнитет, кој го совладува хаотичното и неорганизираното градско ткиво.

tange-2.jpg

 

Наспроти големиот број на сценарија, кои денес го одбележуваат архитектонскиот диверзитет во Болоња, оваа мегаструктура, оваа епизода опстојува незагрозена до денес како една од најважните операции врз градот. Инспирирани, духовно и интелектуално надградени од ова излагање на јапонскиот архитект Пол Норитака Танге, треба да се запрашаме дали ние сме среќни во овој град и дали тој ги задоволува нашите просторно-функционални барања? Имено, своевремено политичко-економските фактори не ја овозможиле целосната реализација на планот предложен од Кензо Танге во шеесеттите години на минатот век, но тоа не значи дека граѓаните на Скопје треба да се лишени од живеењето во модернистичка утопија, тоа не значи дека Скопје треба да претставува незавршен град со загубен идентитет. Визијата на Танге во еден сегмент е фино имплементирана, но потребите на градот се менуваат, неговиот раст треба да бележи градација доследна на времето и актуелните архитектонско-урбанистички остварувања.

 

Андреа Јамакоска, Анастасија Николовска

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top