Насловна / Архитектура / Автентично и тивко окупирање на просторот

Автентично и тивко окупирање на просторот

avtenticno-i-tivko-1.jpg"Во ера во која нашата професија е опседната со компјутерски генерирани
обрасци, а дизајнирањето во многу компании е повеќе заинтересирано за
манипулација на формите, Пауло Давид е за создавање на место и создавање
на архитектура". Со овие зборови, жирито го додели медалот "Алвар Алто"
на португалскиот архитект Пауло Давид, и на неговата способност за
создавање на архитектура која има релевантна улога за неговото родно
место – островот Мадира.

 

Жирито, пред сè, ја цени способноста на овој архитект за обединување на архитектурата со околината, дозволувајќи објектите "тивко да го окупираат просторот". Суровата топографија на местото целосно се огледува во стилот на овој архитект. Географски оддалечена од копното на Португалија, Мадира е вулканско острово препознатливо по своите планински гребени, океански глетки; по своите крајбрежја кои немилосрдно се изложени на природните елементи. Проектите на Пауло Давид вклучуваат приватни домови, резиденцијални комплекси, уметнички галерии, музеи, пропратени со масивни базалтни површини, скалести платформи и водни површини.

Неговиот архитектонски речник е модерен, но и безвременски, локален но и универзален, силен но и лиричен.

 

 avtenticno-i-tivko-1.jpg

 

ЛОКАЛЕН ИДЕНТИТЕТ

 

Пауло Давид создава објекти кои изникнуваат од околните карпи и од пејзажот на островот преку непосредни и едноставни облици, кои се обложени со базалт и за своја носечка конструкција го имаат челикот. Внатрешните простори се проектирани со минимални форми поради откривање на пространството на пејзажот и одаваат чувство на мир и спокој. Со всадување на линеарен врв на планина, неговиот уметнички центар Casa das Mudas се обидува да се препушти на планинската маса, дејствувајќи како локална топографија. Единствено со доближување кон објектот, се открива неговата внатрешност и комплексност. Кровот на објектот формира дел од пејзажот.

 

Преку внимателно дизајнирани отвори, природните влијанија и околната вегетација стануваат дел од интериерот на структурата. Минерална и софистицирана платформа под објектот го покрива севкупниот музеолошки комплекс. Лавиринтот на внатрешноста е организирана и распределена околу застаклено пацио. Отворени простори и патеки ги пресекуваат и поврзуваат функциите, вертикално во релација со планината и хоризонтално со морето. Дизајнот на изложбените простори е редуциран на минимум, на начин на кој уметничките дела се централниот елемент на посетата. Поврзани во серии, овие простори варираат според својата големина поради поголема амплитуда на употреба. Спојот на креирање на уметнички центар во интензивно рурална локација и изолираната и наследена желба да се набљудува морето е она што го карактеризира овој дизајн. Со проектот за променада со пливачки базени, Пауло Давид повторно воспоставува интезивна релација на надворешноста со внатрешноста, креирајќи панорамски поглед кон Атланскиот Океан. Своето име комплексот го добива од стариот рибарски занает на сушење риба и вадење сол од околните карпи, наречен Салинас.

 

avtenticno-i-tivko-2.jpg

 

Интензивната доминација на океанот, нерамниот, слоевит терен кој го надвишува, плажите од ситен камен и аграрните парчиња земја се она што ја откриваат особеноста на ова место. Долгиот висок ѕид го разграничува и артикулира Дас Салинас, ограничувајќи ја скалестата променада. Освен како потпорен ѕид, во него се содржани сите помошни крајбрежни простории. Вулканскиот камен, кој потсетува на оние што се користат во локалната агрикултура, му дава на пејзажот хумано чувство. Пливачкиот базен, поставен на бетонска платформа, се поврзува и го нагласува морето преку контрастот со нерегуларниот камен масив. Ресторанот и градината на комплексот се отвораат кон темното камено крајбрежје преку хоризонтален засек, кој овозможува хоризонтот да навлезе во објектот. Овој волумен кој презема изглед на парче филигран, деликатно лебди над грубата и абразивна локација. Преку ден, транспарентноста на "кутијата" го трансформира лимитот на ресторанот, станувајќи интегрален дел од органскиот амбиент. Ноќе, периметарот на објектот е дефиниран од дрвените панели и структуралните материјали. Овој однос на светлото и материјалноста го трансформира објектот во своевиден светилник, кој сјае над заливот.

 

avtenticno-i-tivko-3.jpg.bmp.jpg

avtenticno-i-tivko-4.jpg.bmp.jpg

 

ОСТРОВСКА ГЕОЛОГИЈА

 

Лоциран на источниот брег на островот, објектот Павилјон на вулканот е дизајниран како автентичен природо-научен музеј. Темата на оваа програма, која претставува презентација на потеклото на островот од пештерите Сао Висенте, е желбата за синтеза на природниот и дидактички потенцијал на долината во единствен објект. Резултатот е базалтен волумен, кој се стопува во планината и резервоарите со вода, типични за локалната агрикултура. Водата се прелива на рамниот покрив на објектот во рефлектирачки базен и ја интензивира силата на вегетацијата преку систем за иригација од подземни канали. Програмата на музејот го интерпретира вулканскиот феномен, додека паркот го открива неговиот хидролошки процес и вегетација. Заеднички, тие прикажуваат видлива и уникатна геоморфолошка ситуација.

 

Паркот ги обединува карактеристиките на Сао Висенте: како отворен простор кој посредува во секојдневието на жителите и како научен проект понуден од страна на музеолошкиот програм.

 avtenticno-i-tivko-5.jpg.bmp.jpg

 

Дизајнираното решение за посета во околните пештери е со употреба на галерии, кои прогресивно го воведуваат посетителот во внатрешноста на островот, додека го приспособуваат на полутемниот простор. Овие галерии во исто време претставуваат транзициони елементи, и нудат заштита на посетителите од евентуални одрони на карпестиот предел. Издолжениот дизајн и силниот тоналитет на дрвената обвивка од штици е во дијалог со малите околни структури (мостови, винарии и амбари), и во контраст со бујната зелена вегетација и темните карпести тонови на долината. "Преку потрага по сопственото место во глобализираниот свет, среќен сум што пронајдов дистинктивен стил со силно чувство за локален идентитет. Градењето во Мадира е како приготвување на оброк од штедливи состојки: архитектот е во немилост на природата, присилен на постојана потрага по нови можности и потенцијални слободи, растегнувајќи го секој инч и трансформирајќи го просторот", вели архитектот Пауло Давид.

 

Изолираните услови за работа и отсуството на директно влијание однадвор, според архитектот, претставуваат фундаментална привилегија за неговата архитектонска практика. Неговата релевантна и автентична архитектура е опишана повеќе како одговор отколку како наметнување во локалниот контекст. Со почит кон историјата, местото, културата и технологијата, Пауло Давид се издвојува од денешните трендови во архитектурата и креира нов, препознатлив план во историскиот вулкански пејзаж на Мадира.

 

avtenticno-i-tivko-6.jpg.bmp.jpg

 

Бојана Филиповиќ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top