Насловна / Арт и дизајн / Изложба на дела на Пикасо во Темишвар

Изложба на дела на Пикасо во Темишвар

Темишвар ќе стане една од најинтересните уметнички дестинации во регионот оваа есен.

Фондацијата Art Encounters за прв пат ги носи делата на Пабло Пикасо од колекцијата на Музејот Пикасо во Антиб во овој град како дел од голема меѓународна изложба што ќе биде отворена од 17 септември 2026 година до 17 јануари 2027 година.

Изложбата „Picasso en visite“ е особено интересна за публиката затоа што сликарството, графиката и керамиката на еден од највлијателните уметници на 20 век ќе бидат претставени во сосема нов простор посветен на современата уметност.

Изложба на повеќе од 60 дела од Пикасо

Изложбата вклучува 69 дела од Пабло Пикасо, со посебен фокус на периодот во кој уметникот творел на југот на Франција. Куратор на изложбата ќе биде Жан-Луј Андрал, директор на Музејот Пикасо во Антиб.

Изборот на дела ја надминува вообичаената претстава за Пикасо и покажува како тој постојано се префрлал од еден медиум во друг – од сликарство и цртеж до графика и керамика.

Митолошките мотиви, хибридните фигури и трансформираните форми откриваат уметник склон кон експериментирање, чие дело и денес изгледа изненадувачки актуелно.

По престојот во замокот Грималди во Антиб, Пикасо на градот му ги подарил делата што ги создал таму.

Во 1966 година, зградата стана првиот музеј во светот посветен на овој уметник, а неговата колекција денес претставува едно од најважните сведоштва за периодот на творечката слобода што го одбележал животот на Пикасо на Медитеранот.

Нов центар на уметност

Изложбата „Picasso en visite“ воно го означува и отворањето на новиот уметнички центар Art Encounters, создаден преку обемен процес на обнова во соработка со архитектонското биро Attila KIM Architects.

Новиот центар обединува изложбени галерии, простори за образовни програми и интердисциплинарни проекти, книжарница, кафуле и урбана градина.

Замислен е како отворено место за средби, учење и културно експериментирање, но и како простор способен да биде домаќин на големи меѓународни изложби според современите музејски стандарди.

„Оваа изложба има двојно значење – од една страна, ѝ дава можност на публиката да се запознае со една од највлијателните, но и најконтроверзните личности на модерната уметност, чиј придонес во уметноста на 20 век е неизмерен, а од друга страна, отвораме уметнички центар целосно посветен на современата уметност, проектиран да биде домаќин на изложби според меѓународните музејски стандарди, обемни образовни програми и нови форми на дијалог со публиката“, вели Дијана Маринку, уметнички директор на Фондацијата Art Encounters.

Како до билети?

Изложбата Picasso en visite ќе биде отворена за посетители од 17 септември 2026 година до 17 јануари 2027 година.

Билетите ќе бидат достапни од јули 2026 година преку онлајн платформата на Фондацијата Art Encounters, додека деталната програма на изложбата и информациите за придружните настани ќе бидат објавени подоцна.

Испрати коментар

Scroll To Top