Кога дизајнот, технологијата и екологијата престануваат да бидат одделни концепти и се спојат во еден објект, настанува парче мебел како SKOOP – новата скулптурална столица на славниот индустриски дизајнер Карим Рашид, претставена на саемот ICFF 2026 во соработка со студиото Decibel Editions.
Ова не е обична столица, туку речиси футуристичка форма која изгледа како да потекнува од свет каде што одржливоста е стандард, а не тренд.

На прв поглед, SKOOP делува како флуидна, мека скулптура која е фатена во моментот на движење. Нејзините облини се типично „рашидовски“ – флуидни, заоблени, речиси разиграни, но во исто време прецизни и промислени. Нема остри премини, нема излишни детали, ништо што би го пнарушило визуелниот тек. Сè е сведено на чиста форма која делува и футуристички и изненадувачки смирувачки.

Она што ја издвојува оваа столица не е само изгледот, туку и начинот на кој е создадена. Целиот објект е изработен со помош на напредно 3Д печатење и роботска рака која нанесува материјал само таму каде што е потребен – без отпад, без вишок, без класични индустриски остатоци. Резултатот е производство кое не остава траги во форма на отпад, што го става SKOOP на самиот врв на новата генерација на одржлив дизајн.
Столицата е направена од иновативен биоматеријал базиран на целулоза, развиен од компанијата Worry-Free Plastics. Наместо петрохемиска пластика, тука се користи растителна основа, која е целосно компостирачка. Со други зборови – кога ќе заврши нејзиниот животен циклус, SKOOP се враќа во природата без штетно влијание.

Уште еден детаљ што му дава карактер на ова парче е неговата површина. Фините хоризонтални линии создадени во тек на 3Д печатењето остануваат видливи и стануваат дел од естетиката, како визуелен потпис на технологијата од која е создадено. Сјајната завршна обработка дополнително ги нагласува кривините, ја фаќа светлината и ја претвора столицата во предмет што постојано се менува во зависност од аголот на гледање.

Особено е интересно што целата форма е изработена како едно парче без споеви, без завртки, без ногарки како посебни елементи. Таа монолитна логика и дава на столицата SKOOP силен, речиси скулптурален идентитет, како да е „излиена“ во просторот од еден потег.
SKOOP не е само парче мебел, туку и порака за тоа како би можела да изгледа иднината на дизајнот: помалку отпад, поинтелигентни материјали и форма што природно ја следи идејата за одржливост. Во оваа смисла, оваа столица не завзема само простор – туку го редефинира.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија