Насловна / Вести / Влијание на пестицидите врз развојот на мозокот – ново истражување открива сериозни пропусти во ЕУ

Влијание на пестицидите врз развојот на мозокот – ново истражување открива сериозни пропусти во ЕУ

Мнозинството од граѓаните верува дека еден пестицид би се нашол на пазарот само откако ќе помине ригорозни научни испитувања и детална контрола од страна на регулаторните тела. Таа добверба претставува основа на целиот систем за безбедност на храната во Европа. Но, што доколку проблемот не е во науката туку во начинот на кој научните податоци се собираат, толкуваат и контролираат?

Токму на ова предупредува новото истражување на научниците од Универзитетот во Стокхолм, кое отвора сериозни прашања за безбедноста на европскиот систем за одобрување на пестициди. Во центарот на вниманието се најде фунгицидот „флуазинам“, супстанца која се користи во земјоделството. Истражвачите повторно ги анализирале податоците од лабораториските испитувања кои ги финансирала самата индустрија и дошле до загрижувачки заклучок: потенцијално штетни ефекти на развојот на мозокот кај потомството на експерименталните животни биле прикриени со погрешно статистичко истражување. Уште посериозно звучи фактот дека една клучна студија за развојната невротоксичност, не им била доставена на регулаторните органи на ЕУ цели 15 години. Тоа било сторено дури откако надлежните органи сами ја побарале. За целото тоа време пестицидот бил одобрен за употреба.

Европската регулатива важи за една од најстрогите на светот. Но, нејзиниот најголем парадокс е тоа што голем дел од студиите за безбедност се финансирани токму од компаниите кои сакаат нивниот производ да добие дозвола на пазарот. Јасно е дека лабораториите мора да работат согласно пропишаните стадарди, но дури и кога експериментите се технички доследно изведени, начинот на статистичка обработка и презентација на резултатите може значајно да влијае на конечниот заклучок.  Во случајот со „флуазинамот“ токму повторената анализа на истите податоци го покажала она што првобитната проценка на го покажала. Тоа отвора едно важно прашање: уште колку слични случаи можеби постојат меѓу илјадниците хемикалии кои секојдневно ги користиме?

Дополнителна тежина на целиот случај дава и фактот дека Работната група за невротоксичност која ја советува Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), во јули 2024 година го разгледувала прашањето на можното влијание на „флуазинамот“  на развојот на мозокот. Во своите препораки стручњаците оцениле дека статистичката анализа која ја спровеле авторите на оригиналната студија имала значајни ограничувања.

Во момент кога ЕУ разгледува поедноставување на процедурите преку нов законодавен пакет за беззбедност на храната и храната за животни, овој случај доаѓа како сериозно предупредување. Истражувачите од Универзитетот во Стокхолм сметаат дека решението не е во дополнително ублажување на правилата, туку во засилен регулаторен надзор, зајакнување на капацитетите на институциите и поголема независност на научните проценки. Еден од најинтересните предлози е студиите за токсичноста во иднина да ги нарачуваат јавните институции, додека индустријата би ги сносела трошоците, без да има влијание врз процесот. Овој случај не значи дека сите пестициди се опасни, ниту дека регулаторниот систем на функционира, но покажува дека ниту еден систем не е имун на пропусти.

Испрати коментар

Scroll To Top