„Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“ е современа мултимедијална изложба инспирирана од духовното и културното наследство на Св. Кирил и Методиј, глаголицата и словенската писменост. Преку современ визуелен израз, проектот создава дијалог помеѓу традицијата и современата уметност.
Изложбата се отвори на 27 мај 2026 година во Националниот образовен центар (Národné osvetové centrum) во Братислава, а посетителите имаа можност да ја погледнат до 16 јуни. Беа претставени дела од четворица современи македонски уметници – Лазе Трипков, Ана Митевска, Ангел Коруновски и Александра Костадиновска. Куратор на изложбата е д-р Кирил Пенушлиски, а организатор Јасминка Намичева од „Архифакт“ – Скопје.

ОД БУКВА КАКО ФОРМА, ДО СЛОВО КАКО ОТКРОВЕНИЕ
Во почетокот беше Словото — не како обичен знак, туку како жива искра што го преобразува звукот во смисла, а смислата во светлина. Овој библиски одглас, впишан во прологот на Евангелие според Јован, каде што Словото се јавува како темел на создавањето и на духовниот поредок, добива своја историска и културна конкретизација во делото на Свети Кирил и Свети Методиј. Со создавањето на глаголица, тие не само што му дадоа писмо на словенскиот свет, туку му подарија можност да го прими и разбере Словото — да го слушне, прочита и внатрешно осветли.

Изложбата „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“ ја следи токму таа света преобразба: од буква како форма, до слово како откровение. Во неа, глаголските знаци се појавуваат како современи икони — не само како траги од минатото, туку како активни носители на духовна енергија. Како што во библиските наративи светлината ја оттурнува темнината, така и овде визуелниот јазик на уметниците ја открива внатрешната светлина скриена во знакот.

Во оваа поставка, секое дело може да се чита како своевидна визуелна парабола — како тивок одек на создавањето, на преобразбата и на надежта. Од првичниот чин на именување на светот, преку жртвата и словесното сведоштво, до воскресението како крајна победа на светлината, се воспоставува длабока симболичка врска помеѓу писмото и духовното искуство. Знакот станува пат, а патот — созерцание.
Помеѓу линијата и значењето, помеѓу материјата и духот, се отвора простор во кој уметноста се јавува како продолжение на древната мисија: да го направи невидливото видливо, да го преведе словото во светлина. Токму во таа преобразба, изложбата не е само омаж, туку и повик — кон читање со очите, но и со внатрешниот вид, каде што секоја буква повторно станува почеток.
Јасминка Намичева

„ОД ГЛАГОЛИЦА ДО СВЕТЛИНА“ ГО ТОЛКУВА НАСЛЕДСТВОТО
Делата на македонските уметници беа поставени во Братислава, град кој историски е поврзан со мисијата и патувањето на светците во Моравија. Оваа географска и историска поврзаност не е случајна. Таа ја втемелува изложбата во еден жив континуитет на културна размена, каде почетоците на словенската писменост директно општат со современата уметничка мисла.
Замислена како симболично патување, изложбата ја следи трансформацијата на буквата од сакрален знак до визуелна форма, од натпис до слика, од јазик до телесно искуство. Таа ја поставува азбуката не само како средство за комуникација, туку како простор каде се сретнуваат духовноста, идентитетот и естетиката. Во изложените дела се преосмислуваат македонските и моравските димензии на ова заедничко наследство на Словачка и Македонија, и се отвора дијалог меѓу средновековната иконографија и современите визуелни јазици.

Во сржта на изложбата се наоѓа едно суштинско уметничко прашање: како тема со толкава историска, духовна и културна тежина може да се „преведе“ во современа форма без да се изгуби нејзината длабочина? Наследството на Кирил и Методиј одбива поедноставување; тоа истовремено постои како теологија, јазик, педагогија и идентитет. За уметниците, прашањето не е само што да се претстави, туку и како, кој медиум може да ја понесе тежината на традицијата што е истовремено текстуална и сакрална, визуелна и нематеријална?
Наместо да понуди единствен одговор, изложбата ја прифаќа множественоста и поливалентноста. Секој уметник му пристапува на својот избран медиум (фотографија, сликарство и имерзивните дигитални медиуми), како на отворено поле на експериментирање, каде формата постојано се претвора и преобликува. Материјалното и нематеријалното, трајноста и трансформацијата, се основните теми на изложбата каде минатото не е ниту фиксно ниту пак далечно, туку тоа активно се интерпретира.

Фотографиите на Александра Костадиновска ги бележат фреските и иконите од црквите низ Македонија, откривајќи суптилна игра на светлина, време и симболика. Тие се на граница меѓу документ и интерпретација, каде чинот на фотографирање станува чин на превод. Преку нејзиниот објектив, и со понатамошната дигитална обработка на фотографираното, сликаната површина на средновековниот ѕид се распаѓа на светлосни фрагменти, сугерирајќи му на гледачот дека сакралната слика не е статична, туку секогаш е во процес на преиспитување.

„Тишината на буквите“; Дигитална фотографија, 80/120, 2026
Во делата, фигурите се целосно избришани, оставајќи зад себе силно златно ореолно поле што доминира со композицијата. Отсуството на ликот не значи загуба, туку напротив – трансформација каде светоста се пренесува од фигурата кон светлината. Трагите од текст и симболите околу силуетите создаваат чувство на распадната, но сѐ уште жива меморија.
Делата на Костадиноска ја истражуваат тензијата меѓу присуството и отсуството, материјалноста на ѕидот и неговото распаѓање, и воедно, ја менуваат фреската од историски артефакт во жив, променлив визуелен настан.
Ана Митевска се претставува со циклус од девет големи платна кои преку апстракција влегуваат во дијалог со наследството на светците. Нејзините дела се развиваат како слоевити полиња од гест, текстура и органска форма, во кои фрагменти од кирилично писмо и глаголски натписи се вградени во самата сликана површина. Тие се одек на јазичната и духовната меморија.

„Портата на писмото“, Комбинирана техника на платно, 120×170, 2026
Митевска ја евоцира чувствителноста на фрескосликарството не преку директна репрезентација, туку преку ритам, густина и материјална присутност. Нејзините композиции делуваат како површини што се граделе, еродирале и повторно испишувале низ времето. Изгледа како самиот чин на сликање за Митевска да е некаква форма на археолошко и духовно истражување. На тој начин, нејзините платна го премостуваат древниот словенски збор со современа уметничка енергија.
Ангел Коруновски се претставува со серија слики (четиринаесет), организирани како современ полиптих. Тие дела ја евоцираат формата на средновековните иконостаси и овдека се претставени како едно дело со еден наслов, „Олтар“. Сликите на Коруновски ги обединуваат човечките фигури, буквите и религиозните симболи во единствена визуелна архитектура. Формата на полиптихот ја нагласува идејата за континуитет и наративност, повикувајќи се на литургиските традиции, но сега пренесени до гледачот со современ сликарски јазик.
Во уметничката практика на Коруновски, буквата станува отелотворена форма – архетип што ја надминува својата јазична функција. „Олтар“ претставува енергична средба меѓу традицијата и современоста, каде сакралната слика не е ниту зачувана, ниту разложена, туку повторно конструирана како жив систем.

„Св. Методиј“ од серијата слики ОЛТАР, 150 × 100 см, мешана техника на платно
Коруноски при работата апликативно на своите дела додава и други, вообичаено несликарски материјали. Длабочината, што е директен резултат на повеќеслојноста на сликаната површина, е уште повеќе засилена со додавање на одредени „исечоци“ од весници на кои можат да се прочитаат поединечни зборови, функционира помалку како изјава, а повеќе како пукнатина во времето. Тие фрагменти се туѓи парчиња од современ медиум, вметнати во еден визуелен јазик што инаку се потпира на длабоката граматика на византиското и поствизантиското сакрално сликарство.
Проектот на Лазе Трипков „Имерзивна глаголица“ ја проширува изложбата во еден несекојдневен мултисензорен простор. Преку реинтерпретација на глаголицата со помош на виртуелна и зголемена реалност, таа се трансформира од статичен медиум во динамична, интерактивна средина. Со употреба на VR- технологии, хаптички повратни информации и гејмификација, делото активира повеќе сетила (вид, слух, допир и движење), создавајќи простор каде јазикот се доживува телесно.

Имерзивна инсталација: „Македонска глаголица“, 2025
Всушност, Трипков во своето дело ја преосмислува типографијата како визуелна форма и културен гест. Буквата повеќе не е ограничена на површина; таа станува просторна, интерактивна и перформативна. Виртуелниот простор ги надминува ограничувањата на физичкиот медиум, отворајќи нови можности за визуелно раскажување, образование и пренос на културна меморија. Преку активно вклучување на гледачот, делото го трансформира читањето во искуство каде се преплетуваат идентитетот, јазикот и технологијата.
ЗАЕДНИЧКА КУЛТУРНА МЕМОРИЈА
Дијалогот што го иницира изложбата „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Кирил и Методиј“ се проширува и кон заедничката културна меморија помеѓу Братислава и Скопје.
Иако географски оддалечени, овие градови се поврзани преку историските патишта на словенската писменост и духовната размена. Мисијата на Кирил и Методиј, пренесена од византискиот свет кон Голема Моравија, а потоа продолжена преку нивните ученици во Охридскиот Регион, создава културна оска што ги поврзува Централна и Југоисточна Европа.
Република Словачка и Република Македонија се појавуваат како меѓусебно поврзани средини обликувани од заедничка јазична и духовна основа. Глаголицата и подоцнежната кирилица ја носат оваа линија, пренесувајќи слоеви на превод, адаптација и реинтерпретација низ времето и просторот.

Отаму, оваа изложба не е само презентација на современа уметност, туку и културен мост што ги реактивира овие историски врски преку современ израз. Донесувајќи македонски уметници во контекстот на Братислава, таа ја потврдува заедничката словенска припадност, отворајќи ја кон нови читања.
Истовремено изложените дела нѐ потсетуваат дека идентитетот не е статичен, туку дека тој се создава преку движење, размена и дијалог.
„Од глаголица до светлина“ го толкува наследството како жив и променлив процес обединувајќи различни уметнички пристапи во еден ист простор.
Д-р Кирил Пенушлиски
Автори: Јасминка НАМИЧЕВА; Д-р Кирил ПЕНУШЛИСКИ
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија