На 9 мај 2025 година, во изложбениот простор Арсенале – Сале д’Арми, во рамките на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – La Biennale di Venezia, беше отворен Павилјонот на Република Северна Македонија со проектот Strada Brutalissima, под кураторство на Благоја Бајковски, авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева-Аџиевска, Марија Антиќ-Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска-Брзанова и Фросина Зафировска. Поставката е обид за колективна продукција на знаење што ја активира архитектурата како медиум за критичко промислување на современите културни, социјални и професионални услови.

Изложбата Strada Brutalissima е инспирирана од формалниот модел на Strada Novissima од 1980 година пренасочувајќи го вниманието од фасадната естетика кон архитектонската етика. Додека проектот Strada Novissima на италијанскиот архитект Паоло Портогези ја апострофираше индивидуалната авторска интерпретација преку постмодерни фасади, Strada Brutalissima поставува нова оска: од формата кон знаењето, од авторската самодоволност кон колективната интелигенција, од културниот спектакл кон социопросторната реалност. Наспроти формалните иновации, изложбата се фокусира на прашањето: како архитектурата создава и пренесува знаење – практично, материјално, конструктивно, програмско, но и културно и политичко.

Фокусот на изложбата е поставен врз дел од бруталистичкото наследство на градот Скопје, третирајќи го брутализмот не како стил, туку како просторна логика и интелектуална стратегија. Strada Brutalissima го препознава скопскиот брутализам како резултат на едно интензивно и колективно вложување на знаење во процесите на проектирање и градење. Во тој контекст, архитектурата не е рефлексија на нечија авторска волја, туку медиум преку кој се артикулира широк спектар на услови: технички, општествени, идеолошки и урбани.

Изложбата е организирана низ два фронта. Едниот фронт се состои од десет „графички биографии“ – визуелни, морфолошки и наративни анализи на конкретни архитектонски објекти од Скопје. Преку хибриден јазик кој комбинира цртежи, дијаграми и архивски траги, секоја биографија го следи патот на настанокот на еден објект, неговата архитектонска логика, урбан контекст и културна резонанца.

Вториот фронт го сочинуваат текстуални прилози од дваесет меѓународни соработници, истражувачи и педагози од четиринаесет универзитети, кои низ различни дискурзивни призми – од политичка теорија до просторна феноменологија – ги интерпретираат формите на знаење инкорпорирани во овие објекти. На овој начин, проектот воспоставува дијалог помеѓу архитектонската практика и теориската рефлексија, помеѓу локалното искуство и глобалниот критички дискурс.

Изложбата претставува наратив за архитектура водена од критичко размислување – која не се сведува на слика, туку е резултат на логика што го комбинира конструктивното со културното, програмското со урбаното, материјалното со општественото.

Објектите што се прикажани – како Градскиот архив, Хидрометеоролошкиот завод, Народната банка, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Транспортниот центар, Националната опера и балет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Телекомуникацискиот центар, Музејот на Македонија и Градскиот трговски центар – не се избрани како симболи, туку како активни репозиториуми на знаење, тие ја инкарнираат можноста архитектурата да биде колективен интелект, а не форма, туку критика на формата; да не биде објект, туку резултат на процес.

Како што посочува Рејнер Банам во својот познат текст за новиот брутализам, „терминот не се однесува на стил од суров бетон, туку на етика на архитектурата“. Таа етика тука не се појавува како апстрактна идеја, туку како продукција – како конкретен одговор на конкретна состојба. Во таа смисла, реконструкцијата на Скопје не е стилска фаза, туку акт на еманципација, проект на иднината, експеримент во општественото градење преку простор.

Strada Brutalissima не е изложба која нуди затворено читање, туку алатка – отворена структура за истражување, рефлексија и понатамошна едукација. Улицата што ја формира поставката не е само просторна метафора, туку оперативна алегорија: на движење, размена, препознавање и преосмислување. Таа ги повикува посетителите да влезат, да читаат, да дискутираат и да ја продолжат дебатата. Со таа амбиција, изложбата е замислена не како еднократен чин, туку како долгорочен процес што може да се продолжи во академски и професионални контексти.

По отворањето на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – La Biennale di Venezia, македонскиот павилјон беше издвоен од страна на ArtTribune како еден од десетте највпечатливи на годинашното биенале, поставката беше оценета како монохроматска, концептуално длабока „улица на знаењето“, која го преиспитува односот помеѓу архитектонската форма и нејзината вградена смисла.

Проектот е од национален интерес во културата и е финансиран од Министерството за култура и туризам. Организатори се Националната галерија на Македонија во соработка со Архитектонскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а поддржан од страна на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Автор: Благоја БАЈКОВСКИ, дипл. инж. арх.
Фотографии: Тамара Џерков, Бојана Исијанин

Куратор:
Благоја Бајковски
Автори:
Благоја Бајковски, Ана Рафаиловска, Марија Антиќ-Николова, Невенка Манчева-Аџиевска, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски
Водечки истражувач и советник на кураторот:
Мери Батакоја
Комесар:
Маја Неделкоска-Брзанова
Фросина Зафировска
Помошници комесари:
Оливија Стоилкова, Маја Чанкуловска-Михајловска
Поканети соработници:
Отавио Амаро, Минас Бакалчев, Елиса Катанео, Лоренцо Дегли Еспости, Владимир Десков, Манфредо ди Робилант, Класке Хавик, Митко Хаџи Пуља, Анета Христова-Поповска, Ана Ивановска-Дескова, Влатко П. Коробар, Владимир Кулиќ, Лучија Ла Џуса, Марија Мано Велевска, Хорхе Мехија Хернандез, Мароје Мрдуљаш, Џузепе Реста, Луис Сантијаго Баптиста, Лука Сканси, Инес Толиќ, Марина Торнатора, Дирк ван ден Хувел, Слободан Велевски
Проект менаџер:
Елена Андонова
Соработници:
Тамара Џерков, Мила Гавриловска, Бојана Исијанин, Калина Љубецкиј, Димитар Милев, Фросина Станковска, Бојана Вуковојац, Филип Зафировски

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија