Насловна / Вести / Чаир и зошто го игнорираме болното урбано ткиво?

Чаир и зошто го игнорираме болното урбано ткиво?

Дисфункционални ткаења или  урбани секвенци кои, во споредба со другите области на градот, заостанале зад развојниот и еволутивниот циклус на животот и станале фокус на урбаните проблеми и несоодветности. Колкав е влогот на урбанитичкото планирање во нивната продукција и како истите да се елиминираат?

Неапликативната распределба на обврските на чинителите во процесот  на градоградењето  (помеѓу Град Скопје и општините) ја поттикнува индивидуалноста на општините, воедно и ги охрабрува истите да развијат и имплементираат свои регулативи и стандарди за планирање од кои имаат корист единствено определена групација на корисници, игнорирајќи ги  потребите и грижите на обесправените категории граѓани. Како резултат на тоа дискриминаторско планирање, значително се придонесува кон нееднаков развој во градот, ограничувајќи го пристапот на сите граѓани  до достоинствени простори за живеење, јавен превоз, добри училишни системи и економска инфраструктура. Ваквите активности  ќе произведат  сегрегирани и локализирани заедници по линијата на раса и класна раслоеност и создавање на урбана подкласа на која ѝ е оневозможен пристап до основните намени преку нерамномерна распределба на ресурсите во градските ткива.

IMG-5c90aba9998eee39a392a2e4455e633f-V

Една од нив е и територијата помеѓу Пајко и Карадак маало, по течението на реката Серава  односно денешната општина Чаир, во која почиваат бедемите на старо Скопје. Името го добива од турскиот збор çair што на турски значи ливада и го означува периодот на населување на Турците османлии на левиот брег на реката Вардар, кој дотогаш бил ненаселен. Со текот на времето, со засилените мигративни процеси, како и со процесот на  индустријализација на Скопје,  во овој дел се доселуваат жители од разни делови на Македонија, со што започнува да се негува мултиетничноста и соживотот.

Чаир претежно го карактеризирала ниска индивидуална и субстандардна урбана структура организирана во блокови  настанати органски со сукцесивно наслојување. Преовладувале изолирани одделни куќи со дворови и големи порти кои ја криеле интимната домашна атмосфера, што е карактеристично за муслиманскиот начин на живеење. Како продолжение на урбаниот наратив на Старата Скопска Чаршија налик на жив организам, постапно развиван согласно потребите и условите на теренот.

Во 1965 година во постземјотресно Скопје направен е значаен исчекор во контекст на надминување на општествено – етничките разлки помеќу левиот и десниот брег на реката Вардар, (десниот брег од реката Вардар „A” е со значително повисок стандард, за разлика од левиот брег на реката, кој е понизок), како и задржувањето на специфичните културни карактеристики кои придонесуваат кон укинување на поделбата на градот, преку рамномерно зонирање и креирање на физички врски – мостови помеѓу двата брега.

01

Сл. 1.1: Функционални заклучоци за град Скопје   

02

 Слика 1.2: Генерални концепции на планот

Заради постигнување на изедначена застапеност на функциите во сите подрачја, планот предвидува хиеархија на 4 центри за секоја станбена зона, секоја од нив со соодветни комерцијални, административни и културни програми кои ги задоволуваат различните потреби на жителите.

50 години подоцна, дали  може да ги карактеризираме како успешна реализација на потребите на современиот човек или заглавивме некаде помеѓу имплементирање на модерните практики и непочитување на основните начела за урбаност?

ПРОБЛЕМИ КОИ ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД ПОЛИТИКИТЕ НА УРБАНО ИГНОРИРАЊЕ

Ако говориме за градот компаративно од аспект на биолошки организам, урбаните четврти како негови органи, тогаш инфраструктурата би била крвните садови, кои доколку не функционираат унифицирано, страда целиот ентитет без разлика на местоположбата, па следствено истото се однесува и на сегрегираните опфати како Чаир.

Метастазирање на хаосот и наслојување на нередот

Оптоварувања  на постојаната инфраструктура по ободот на планските опфати со густа станбена структура (булеварите Никола Карев, Словенија, улиците Цветан Димов, Качанички пат и булевар Србија) со што се мултиплицираат влијанијата од урбаните стресори врз околните четврти (метеж, бучава, аеро загадување).

Намерно девастирање на своевидните локални центри во северниот дел на градот се со цел приватизирање на јавните функции поради атрактивната локација и неможноста на општините да изградат стратегија за нивната одржливост (кои ја имаат онаа пулсирачка нота меѓу станбените зони) се креираат еднолични зони за домување со отсуство на физичка активност, налик на спални соби на градот.

IMG-f9040c067ac38e5e5d52ddcae0ae2f5f-V

Оптоварување на инфраструктурата, и недостоинствен јавен превоз Нефункционалноста на инфраструктурата,  недостаток од стратегија за достоинствен велосипедски и пешачки собраќај на примарна и секундарна сообраќајна мрежа, непрописно паркирани возила, узурпација на јавен простор од страна на угостителските објектите долж булеварот, (кои едноставно според категоризација на улицата НЕ  СМЕАТ да пристапуваат директно), дискотинуитет во одржувањето на јавните површини, се само дел од серијата проблеми со кои се соочува наелението.

Девастирање на урбаната матрица од 70тите

Тенденцијата на проширување на уличните профили на сметка на постојното зеленило не значи и компензирање за долгогодишното несправување со големата густина во домувањето и отсуството на регулација во овој дел од градот, за сметка на девастирање на зеленилото старо 50 години. Се почеста е појавата на хок акции за уништување  на зеленилото околу зградите во Скопје Север, Чаир односно завземање на нови простори за паркирање на сметка на зеленилото, додека постојните простори за гаражирање се нефункционални.

Осиромашувањето на зелениот фонд е еквивалентно на помала вредност на земјиштето и билет во еден правец кон се поголеми упоришта на енвироментална неправда.

Културолошка сегрегација и образовно слепило.

Концентрација на население со понизок степен на образование,  нерамномерната распределба на В намената  во ГУП со што се опфатени еднинствено постојните институции без можност за раст за разлика од десната страна на Вардар сериозно зборува за степенот на стереотипност и предрасудите кон овој дел од градот.

Легализирање на бесправната градба од времен каракер долж булеварите сериозно го наметнува прашањето дали улицата Цветан Димов и булеварот Христијан Тодоровски – Карпош ќе го добијат статусот на новите ‘пластичарска’?

IMG-6b2ff47526d8d9938617942469091f3d-V

Појава на ризични урбани предели

Непропорционалниот товар од штетното користење на земјиштето како и појавата на патогена инфраструктура доведува до поголема изложеност на неквалитетни средини, зголемени здравствени ризици и појава на се поголем број коморбидитети кај населението (епидемија на мозочни удари, кардиоваскуларни заболувања, рак)

Иновативно надградување и оплеменување на постојниот градежен фонд

Постземјотресните станбени населби (Чаир, Скопје Север, Топаана), кои како одговор на се поизразените миграциони струи, создаваа композициска слика на заедништво, сега оплеменуваат со сомнителни надградби како глорифицирани споменици на институционалната немоќ, оваа заедница да се спротистави на урбанистичкото дивеење низ градското ткаење.

1658134285786 (1)

Сл. 1.3 Извадок од  брошурата за Скопје Север и Чаир – II Свеска– Станбени блокови и Кули издадена од Заводот за станбено – комунално стопанисување на главниот град

Untitled

Слика 1.4 Девастираните зелени површини во Скопје Север денес

Со оглед на неколку децениските тенденции на урбанистичко планирање ширење на енвироменталниот расизам и занемарување на левата страна од реката Вардар, инфраструктурно, културолошки, социјално, се што произлегува е  всушсност дегенерација на децентрализираната идеја на развој на градот од двете страни подеднакво, спротивно од начелата на ОУП од 1965, наместо континуитет во елеминирањето на социолошките разлики како резултат на зонирањето, кое требаше да биде дел од визијата за модерно Скопје, ама очигледно само на хартија.

Ако се земе во предвид дека урбаноста и современоста на еден град почиваат во третманот на неговите најдевастирани јадра, тогаш  Скопје има сериозен предизвик пред себе. Во очи на изработката на новиот ГУП, повеќе од потребно е да се реобмислат начините за реинтеграција на централните градски подрачја по пат на елиминирање на урбаните стресори и ревитализација на вредноста на земјиштето. Пристапот во третирање на ваквите подрачја наметнува две гледишта и тоа:

а. Реадаптација на постојното јадро и оптимизирање на функционирањето на градското ткиво

б. Сценарио на урбана обнова и развој

РЕАДАПТАЦИЈА НА ПОСТОЈНОТО УРБАНО  ЈАДРО

Првиот модел гравитира околу препознавање и нагласување на квалитативните особености на конкретното девастирано јадро. Преку евалуација на постојното изградено ткиво, и валоризација,  согласно претходно утврдени норми на ниво на град,  за да се обезбеди соодветен третман.  Нужно е преку  планска документација хронолошки да се унифицираат уличните фронтови без нарушување на типологијата и функционалноста на урбаната матрица. Како и соодветните интервенции во инфраструктурата кои треба да  се адаптираат и додадат вредност кон идните визии во градоградењето, со целосна инволвираност на корисниците во процесот.

Третирањето на постојната инфрастурктура исклучиво да се движи  во насока на прераспределба во уличниот профил со имплементирање на велосипедска инфраструктура, зачувување и возобновување на зелениот фонд и воспоставување нов, онаму каде тоа е можно.

mkd-331949

Ulica-1

Сл. 1.5 и 1.6 Пример за соодветен третман и реконтрукција на постојната инфраструктура на ул. Втора македонска бригада

Новите инфраструктурни зафати да не се олицетворение на автоцентричност под плаштот на изговорите за нефлексибилноста на регулациските планови. При изработка на новиот ГУП,  да не се димензионираат уличните профили согласно претходно усвоените ГУПови без претходна анализа за степен на моторизираност,  туку посебно внимание да се обрне на  флексибилноста од негово модификување со цел поттикнување на здрави навики кај корисниците.

Во поглед на изложеноста од урбани стресори, да е изврши регулирање и преиспитување на местоположбата , односно близината на верските објекти во зоните за домување, и нивото на дозволен проток на бучава со редовни мерења во зоните.

Неопходно е воскреснување на веќе постоечките јавните простори околу станбените зони, со имплементирање на одржливи мешани намени адекватни за маалата, кои поттикнуваат физичка активност и социјализација помеѓу корисниците, и  елиминирање на неместата.

И конечно континуирана едукација на населението за важноста од егзистирање во квалитетен животен простор, нивно активно вклучување во креирање на политиките на заедницата, со што не само би влијаело на побарувачката, туку и  би се обезбедил подобар животен стандард во општеството севкупно.

СЦЕНАРИО ПРИ УРБАНА ОБНОВА

Дали реурбанизацијата ќе е правата равенка за успех и колку е таа опасна по колективната меморија за Скопје?  Ќе значи ли тоа крај на сите горливи проблеми во северниот дел на градот  или ќе е само уште еден егоцентричен експеримент, налик на оној на Корбизије за Ил дефонс (Il –de-France) во Париз?

Независно од динамиката на промени во урбаната морфологија, корисниците ќе ја приспособуваат новата структура кон веќе утврдените норми и шеми на однесување, а тоа значи дека со тек на време ќе ја модификуваат по сеќавања на она врз кое го темелеле сопствениот идентитет. На тој начин ќе се добие поинаков урбан хаос, со различни физички својства, но со ист функционален состав, производ на веќе општо прифатените деструктивни тенденции на заедницата.

Факт е дека не смее да се дозволи примена на ист пристап при утврдување на нови урбани зафати и третирање на веќе постоечки структури. Наметнувањето на егоцентричноста во планирањето на органски јадра на краток рок остава трајни лузни во колективната свест на заедницата и го нарушува континуитетот на урбаното наслојување, директно менувајќи ги општо прифатените постулати врз кој почива просторниот идентитет на општеството.

На тој начин не се лечи  болното ткиво,  туку  метастазира долж целата социјална мапа на градот, доведувајќи ја во прашање неговата урбаност.

Автор: Бојана ПАЛИФРОВСКА, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top