Насловна / Вести / Значењето на симболизмот при формирање на урбаните секвенци

Значењето на симболизмот при формирање на урбаните секвенци

Симболот е врската помеѓу физичката реалност (знаме, споменик, објект итн.) и нематеријална идеја, верување и вредност. Целта на симболот е да ги поврзе материјалните реалности со нематеријални идеи или апстрактни вредности. Просторноста на симболите го регистрира искуството на човечката комуникација на места кои се карактеризираат со нивните социокултурни оптоварувања. Пејзажот може да се означи со создавање симболи за културни цели или со економски и политички прашања. Може да се преобликува и со тоа да се промени сликата на просторите што ги претставува. Кој манипулира со просторниот симбол може да манипулира и со процесот на пронаоѓање, урбанистичко планирање и развој, па дури и со зачувување на просторот. Згора на тоа, тие можат да го третираат како нешто свето и соодветно, да го занемарат, да го стандардизираат или да му доделат локална етикета или глобален бренд.

1

Тоа е интерпретација на симболичката димензија на урбаниот и културниот пејзаж и се осврнува на просторноста на симболите и диференцијацијата на некои места посредувани од симболите, а истовремено се осврнува и на односите помеѓу категориите „простор/време/планирање/моќ“.

Ако просторот се дефинира како претстава на идентитетот на една општествена заедница, просторизацијата на симболите е посредник кој го легитимира практикувањето на политичката моќ и промовира простори кои се  инструмент за отпор на стандардизираните слики на неолиберализмот.

 bb

ПРОСТОРНОСТА НА СИМБОЛИТЕ

Симболичното место е пред сè географско место, кое ги сочинува концептот на место и просторност, комбинирајќи „референци за време, простори и општества“. Спротивно на тоа, овие места симболизираат искуствена слика, а понекогаш и „свет печат“ и даваат идентитет на секојдневните општествени и политички актери.

Суштината на географијата на симболот лежи во значењето што човекот им го дава на местата. „Просторот и местото заедно ја дефинираат природата на географијата“. Местото е и историја и значење, и има за цел да ги рефлектира искуствата и целите на корисниците. Меѓутоа, местата се разликуваат и се трансформираат согласно со нивните толкувања и симболички значења.

Местото е реалност што може да се објасни врз основа на перцепцијата на луѓето кои му дале значење во одреден период. Значењето заедно со „структурата и идентитетот“ ја градат сликата за одредена средина и местата во градот кои претставуваат своевиден ориентир.

6

СИМБОЛИЧНИ МЕСТА: ОЗНАЧУВАЊЕ НА ТЕРИТОРИЈА ИЛИ ПРИСВОЈУВАЊЕ НА ПРОСТОРИ?

Нема присвојување на просторноста, без трага, а просторната ознака ги придружува сите форми на присвојување, „најсимболични, материјални и насилни“. Окупацијата на просторот може да биде преземена од поединци или од политички групации кои имаат тенденција да ги моделираат општоприфатените норми на заедницата. Процесот на колонизација може да се користи со аспектите на економијата, архитектурата, па дури и на урбаното планирање за симболично обележување на територијата: „Берлинскиот ѕид, Триумфалната порта во Париз, за да се минимизира моќта на воспоставениот општествен систем“.

4

Присвојувањето не се однесува само на моќта, туку станува емотивно, патриотско, егзистенцијално и идентитетско чувство и како такво се трансформира во чувство на „припадност“. Многу градови имаат симболи од кои еден е обично најдоминантен и ја гради сликовноста за градот како дел од силуетата“. Носителите на симболи се присутни во урбаната симболика преку различни феномени како што се архитектурата, спомениците, имиња на улици, фестивали, урбани елементи, како и други културни изрази (ритуали, песни, музика и литература). Ова означување и симболично присвојување учествуваат во дефинирањето на социопросторниот идентитет со кој се поврзуваат простороуживателите. На овој начин симболите ја презентираат моќта што општествените и политичките чинители можат да ја воспостават на одреден простор.

СТРУКТУРИРАЊЕ НА УРБАНИОТ ПЕЈЗАЖ

За да се истражат елементите на урбаниот пејзаж и нивната поврзаност со колективната меморија потребно е да се воспостави методологија помеѓу поедини аспекти на изграденото ткиво низ одредена темпорална рамка. Просторно-временската анализа ја покажува хиерархија во време/простор и ја открива компаративноста помеѓу урбаниот пејзаж и неговите физички елементи во минатото и сегашноста.

rr

Понекогаш, како дел од урбаните/пејзажните стратегии, политичката моќ создава простори за споменици и споменични целини, кои во заедничкиот амбиент ги означуваат административните граници на територијата. Преуредувањето и промените што се случуваат во просторот и нивните реперкусии врз идентитетот (личен или општествен) се должат на модификациите на просторните симболи, кои водат не само до промени во нивните обележја, туку и до целосна трансформација во урбаниот пејзаж.

Политичарите континуирано се обидуваат да го преоптоварат и кројат урбаниот пејзаж  по сопствена замисла, измислувајќи нови просторни симболи и немилосрдно елиминирајќи други, без да ги земат предвид трајните последици по градската меморија, со една егоцентрична цел, да остават свој печат преку наметнување моќ врз масата. (случајот на Универзална сала, Саемот, Скопје 2014)

2

Клучно е да се преиспитаат просторните симболи и нивните имплицирани стратегии кои ги усогласуваат сеќавањата на местата и социокултурните системи кога создаваат нови слики без да му наштетат на просторниот идентитет. Додека, моќта потребно е исклучиво да се користи за да ја диктира еволуцијата на урбаните секвенци преку создавање хиерархија на места за подобрување на квалитетот на урбаната средина.

И покрај ова, отпорот против неолиберализмот во градовите кои се обидуваат да го зачуваат идентитетот и сеќавањето на симболичните места, се чини дека не секогаш е резултат на моќта и на стратегиите за урбано планирање. Понекогаш е резултат на недостаток на капитални и финансиски инвестиции, поради севкупната геополитичка ситуација.

tt

Според тоа, локалната моќ мора да изнајде соодветни просторни симболи кои претставуваат простори, обидувајќи се да ги преобликуваат нивните слики во унифициран главен план. Ова ќе ја подобри социјалната компонента и ќе промовира интегриран туризам. Овие просторно-симболични рефлексии несомнено оставаат траги на биофизичкиот пејсаж, како и на културниот пејсаж на урбаниот контекст.

СИМБОЛИТЕ КАКО ИНСТРУМЕНТ НА МОЌТА

Градот е силно оптоварен општествен апарат со просторно-културни и просторно-политички симболи. Симболичните места се под константна закана од видоизменување  правопропорционално со динамиката на  геополитичките промени. Следствено оттука, просторните симболи произлегуваат од моќта што ја инвестираат политичките чинители и  општествени активисти во репрезентативните урбани секвенци. Тие се инструменти на моќта.

ankara

Далеку од тоа дека тенденцијата на градовите треба да гравитира единствено околу одржување на концепцијата за „град-музеј“ со стандардизирани и глобални референци, затоа просторноста на симболите во урбаните пејзажи им овозможува на политичките актери да диктираат нови урбани стратегии или да одлучат да ги зачуваат веќе етаблираните. Сепак, зачувувањето на постојните симболи и општествениот идентитет не треба да ги спречува планерите да работат на современи визии и паметни решенија и пристапи кога станува збор за формативниот аспект на урбаните секвенци, напротив. Просторниот симбол започнува од „иконичен“ пејзаж и потоа се движи кон „социјалниот“ и последователно ја бара „моќта“ да интервенира и да продолжи во планирањето на урбаниот пејзаж соодветно. Меѓутоа, може да се движи и во спротивна насока: „моќта“ да го наметнува овој симбол на принуден или несвесен начин на „социјалниот“ за да им даде на просторите „иконично“ значење за политичко-економски и туристички цели. Исто така, ја истакнува вредноста на просторите и ги промовира нивните идентитети; нивната „извонредна вообичаеност“, преку етикетирање промовира интегриран туризам додека го истражува културното опкружување. Тоа се однесува и на духот на вообичаената урбана матрица.

flatiron

УРБАНА СИМБОЛОКА

Урбаната симболика се изразува преку различни аспекти, како што се типологијата и формативноста на градот, урбаните секвенци, морфологијата на градските наративи и нивните соодноси, имињата на улиците и местата, како и културниот градски дискурс како носители на симболи. Многу градови имаат повеќе носители на симболи, од кои еден е обично најдоминантен. Постојат четири типа на симболни носители и тоа: материјални, дискурзивни, иконични и бихевиорални.

ll

Симболичката структура на еден град е од големо значење за неговиот идентитет и имиџ. Урбаната симболика формира обемни и повеќекратни делови од урбаниот живот, и претставува основа за привлечноста/сликовитоста на градот. Иако, архитектурата игра важна улога како еден од значајните носители на симболи, урбаната симболика е нешто многу поголемо. Историјата на еден град може да се искористи за економско зајакнување преку туристичко афирмирање. Симболичката страна на градот не е сегмент кој се разработува исклучиво на  историско ниво, туку и на локално, национално и меѓународно. Различни групи на корисници можат да имаат многу различни субјективни гледишта за градот бидејќи секоја од нив гледа од различна перспектива, затоа урбаната симболика треба да се смета за полиформа.

Познавањето на урбаната симболична екологија, до одреден степен ја регулира можноста да се манипулира со општо прифатената слика за градот на макрониво, директно влијаејќи врз идентитет на заедницата, додека на сите останати чинители им ги овозможува потребните алатки за да го обликуваат градското ткиво во сеопфатен општествено-културен сублимат.

Испрати коментар

Scroll To Top