Насловна / Екологија / Зеленилото е новото злато

Зеленилото е новото злато

zelenilo (3)

Дваесет и три заштитени подрачја од Австралија, Јужна Кореја, Кина, Италија, Франција, Шпанија, Кенија и Колумбија ќе бидат првите што ќе се запишат во новата Зелена листа на заштитени подрачја на Меѓународната унија за конзервација на природата (IUCN), која деновиве се составува во IUCN. Листата беше претставена на Светскиот конгрес за паркови кој се одржуваше во Сиднеј, Австралија, од 12 до 19 ноември.

Зелената листа на заштитени подрачја на Меѓународната унија за конзервација на природата е единствениот светски стандард за добри практики во заштитените подрачја. Нејзината цел е да препознае и промовира успешно менаџирање на највредните природни области на планетата. Првите 23 подрачја, што ќе станат дел од оваа листа, биле избрани меѓу 50 кандидати кои ги предложиле осумте земји, како дел од првата фаза на зелената листа, јавуваат од IUCN.

„Зелената листа на Меѓународната унија за конзервација на природата ги препознава оние подрачја кои успешно одговараат на предизвиците на 21 век и придонесуваат за доброто на луѓето и на природата“, ја пренесуваат од IUCN изјавата на Џулија Мартон-Лефевр, генералната директорка на Унијата.zelenilo (2)

Избраните подрачја треба да исполнуваат строги критериуми, додаваат од IUCN, како на пример, квалитетот на заштитата на природните вредности, ефикасниот менаџмент и долгорочните резултати во заштитата. Критеиумите се разработени според предизвиците и можностите со кои се соочува секоја земја посебно.

Меѓу успешните на оваа листа се најде Заштитеното подрачје Кејп Бајрон Стејт – Националниот парк Араквал во Австралија, и тоа заради врската со локалната заедница. Националниот парк е прогласен во 2001 година, а во неговото управување учествува локалната абориџинска заедница. Повеќе од 65 локални волонтери се грижат посетителите на паркот да се информираат за природните и за културните вредности кои се од исклучително значење за областа, велат од IUCN.

Во кенискиот резерват Ол Пејета, пак, е дозволено чувањето стока во заштитената зона. Менаџментот на ова подрачје раководи со локална програма за одгледување крупен добиток и овозможува мониторинг, заштита и ветеринарни услуги. Со тоа се обезбедува заштита и на дивиот свет и на добитокот, како и засолниште и богати пасишта за локалните сточари.

Од IUCN понатаму додаваат дека во Франција, природниот морски резерват Сербер-Бањул е пример за успешно заздравување на морскиот екосистем и морските видови уште од своето основање, во 1974 година. Локалната заедница исто така е вклучена во работењето на областа и активно го поддржува рибарството и туризмот. На посетителите особено им се препорачува едукативното подводно сафари со водич на овој потег од Кот Вермеј, во подножјето на Пиринеите.zelenilo

Во Кина, шест заштитени области ги исполниле условите на Зелената листа. Влегуваат планината Хуангшан, област од Светското наследство, Националниот природен резерват Тангџиа, домот на загрозената популација на џиновски панди, како и Националниот природен резерват Источно Донгтинг Езеро.

Во Шпанија, менаџментот на националниот парк Сиера Невада успешно балансира меѓу заштитата на кревкиот планински екосистем и богатото културно наследство и динамичниот и развиен туризам. Националниот парк Доњана е одличен во менаџирањето на мочуриштата и културните вредности, а запишувањето на Зелената листа ќе биде завршено на почетокот на 2015 година.

Стандардите на Зелената листа на заштитени подрачја на Меѓународната унија за конзервација на природата се очекува да придонесат за поголемо меѓународно признавање на запишаните заштитени подрачја со што ќе се зголеми политичката поддршка. Проектот ќе помогне да се зголеми и туристичката посета. Стандардот ќе се надградува и ќе држи чекор со глобалните практики и новите предизвици со кои се соочуваат заштитените подрачја.

За запишување во Зелената листа на IUCN наредни чекаат подрачја од Мексико, Хрватска и неколку земји во Северна Африка.

 Паркови, луѓе, планета

Да се зачуваат највредните природни области на планетата и да се промовираат решенија за глобалните предизвици, беше фокусот на Светскиот конгрес за паркови 2014, кој се одржа во Сиднеј. Повеќе од 5.000 учесници, шефови на држави, министри, членови на меѓународни организации, ренџери, бизнисмени и членови на загрозени заедници од 160 земји дискутираа за иднината на заштитените подрачја. Овој конгрес се одржува еднаш на десет години за да се разговара за националните паркови, морските резервати и другите заштитени подрачја.

Во светот денес постојат 200.000 заштитени подрачја кои покриваат повеќе од 14 проценти од копното и околу три проценти од океаните, велат од IUCN. Тие се чувари на дивиот свет и на уникатниот начин на живот, поддржуваат бројни домаќинства и се основа на зелената економија. Обезбедуваат вода за пиење на некои од најголемите градови во светот, ги контролираат климатските промени впивајќи огромни количества јаглерод, го одржуваат туризмот, ги штитат заедниците од природни катастрофи, ни го чуваат здравјето…

Темата на конгресот оваа година беше „Паркови, луѓе, планета – решенија кои инспирираат“, а го организираа IUCN и Владата на Австралија.

 

Испрати коментар

Scroll To Top