Насловна / Вести / „Зелената агенда за Западен Балкан“, помеѓу амбициите и можностите

„Зелената агенда за Западен Балкан“, помеѓу амбициите и можностите

Прифаќањето на акциониот план за заеднички пазар во регионот и т.н. Зелена агенда за Западен Балкан“, на неодамнешниот регионален самит во Софија, се очекува да резултира во економски раст и решавање на некои од најголемите предизвици од областа на заштитата на животната средина во регионот. Оваа иницијатива е дел од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Но, знаејќи ги спецификите на регионот и досегашното искуство со имплементација на вистински реформи, тешко е да се биде оптимист за тоа каков ќе биде исходот. Овој текст допира некои од бариерите пред оваа амбициозна цел, а дава слика и за проектите кои се опфатени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, кои ќе се финансираат преку IPA III.

EU-Renovation-Wave

 

Во декември 2019 година, Европската комисија го донесе својот стратешки план за климатска неутралност – European Green Deal. Реализацијата на овој план треба да ја донесе Европа до нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година. Со други зборови, треба да обезбеди економски развој, редизајниран на начин кој ќе ги исполнува сите критериуми во однос на заштитата на животната средина.  Во исто време, ЕУ е свесна дека оваа политика треба да биде прифатена од целиот континент, а не само од земјите членки. Но, на тој пат, регионот на Западен Балкан е голем предизвик. За таа цел, подготвена е „Зелената агенда за Западен Балкан“, која е фокусирана на пет главни столба: декарбонизација, циркуларна економија, намалување на загадувањето, одржливо земјоделство и биодиверзитет. Притоа, клучниот момент за успех во секоја од овие области е содржината на „Зелената агенда“ да добие некаква правно обврзувачка форма во секоја од земјите на Западниот Балкан. Но, секојдневно сме сведоци дека земјите од регионов не се воопшто ажурни спроведувачи на ЕУ- легислативата, и покрај неспорните здравствени и еколошки придобивки од истите. Затоа, се цени дека е потребно да се воведат клучни индикатори на имплементација, кои во исто време ќе бидат поврзани и со следењето на напредокот во процесот на пристапување кон ЕУ на одделните земји. Притоа, процесот мора да вклучува правно обврзувачка посветеност во заштитата на климата од страна на сите земји од Западен Балкан, со истовремени строги алатки за мониторинг и санкции, со цел да се постигне целосна имплементација.

energy

НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД „ТОВАРОТ“ ЛЕЖИ ВО ПОГРЕШНИТЕ ПОЛИТИКИ

Во однос на декарбонизацијата, земјите од Западен Балкан мора да ги исполнат своите енергетски цели до 2030 година, преку имплементација на конкретни мерки опфатени со националните стратешки документи од оваа област. Циркуларната економија исто така е значаен дел од декарбонизацијата, а фокусот е ставен на превенцијата на генерирањето отпад, рециклирањето и компостирањето. Отпадот не смее да се спалува, појава што на овие простори се случува со децении. Намалувањето на загадувањето на Западен Балкан нема да биде лесна задача, имајќи предвид колку овие економии се потпираат на јагленот и во колкава мера тоа влијае врз девастирањето на воздухот, водите и почвата, но секако декарбонизацијата на енергетскиот и сообраќајниот сектор имаат огромен потенцијал во однос на ова прашање. Западен Балкан е познат и како „жешка точка“ во однос на биодиверзитетот. Заштитата на биодиверзитетот од аспект на „Зелената агенда“ е изречно посочен предуслов за развој на кој било инфраструктурен проект.

infg-1

Многу пати досега е слушнато оправдувањето дека за овие земји, транзицијата кон одржлив развој бара многу инвестициски вложувања, и дека тоа е голем товар за и онака кревките економии. Но, за волја на вистината, најголем дел од „товарот“ лежи во погрешните политики, погрешното поставување приоритети, лошото управување и расипничко трошење, отколку во реалниот недостаток на средства за инвестирање. Ова е констатирано и од страна на Bankwatch Network, во една од анализите за можните бариери во имплементацијата на „Зелената агенда“. Слабите институции, непрофесионализмот и корупцијата само ја дополнуваат оваа констатација.

main-sources-of-air-pollutants-coal-fired-power-plants

pan-1

ОТСУСТВО НА КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

Следната рунда на финансирање преку претпристапните фондови на ЕУ (IPA III), како и преку Европската инвестициска банка, ќе има клучна улога во поддршката на овие инвестиции. Значителни средства ќе бидат потребни за транзиција на рударските региони, преквалификација, и за поддршка на многу други амбициозни одлуки во кои не смее да има место за јагленот.  Но, не смее да се заборави дека станува збор за сектор кој вработува голем број луѓе, па често се кокетира со социјалната компонента во недостаток на вистински и алтернативни решенија. За жал, во регионот сè уште постојат скриени државни субвенции за производството на електрична енергија од јаглен. Ова го констатира Секретаријатот на Енергетската заедница, уште во февруари годинава, а се однесува за Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Досегашните политики во регионот не влеваат многу надеж дека во иднина донесувачите на одлуки ќе бидат доследни. Во прилог на ова е и состојбата со изградбата на нови хидроцентрали (особено мали хидроцентрали) за кои уште во 2005 година Енергетската заедница предупредува дека станува збор за „цунами од деструктивни и непотребни хидроелектрани“. За жал и во изминатиов период сме сведоци на изградба на хидроцентрали дури и во заштитени подрачја, и на сè позачестените акции од страна на локалните заедници и еколошки активисти, кои за жал се јавуваат во улога на единствен глас на разумот. Според тоа, може да се заклучи дека промените може да бидат направени, но само доколку за политичарите би имало јасни последици доколку истите не ги направат. Имено, уште од стапувањето на сила на Договорот за енергетската заедница, не е забележлив јасен и изразен напредок во примената на енергетската легислатива и легислативата од областа на животната средина во регионот, првенствено поради отсуството на казнени одредби.

Olivér Várhelyi

ВЕЌЕ СИТЕ СЕ ИЗМОРЕНИ ОД ПРАЗНА РЕТОРИКА

Се чини дека и со „Зелената агенда“ би можело да се случи истата судбина. Таа изобилува со поддршка, асистенција, олеснување, но за жал нема доволно обврзувачки елементи. Во исто време, се забележува и нецелосна усогласеност помеѓу „Зелената агенда“ и „Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан“. Имено, додека „Агендата“ промовира целосна декарбонизација до 2050 година, Инвестицискиот план промовира изградба на четири нови гасоводи (повторно фосилно гориво), создавајќи почва за „нова транзиција“ во не така далечна иднина. Друг проблем е хидроенергијата. „Зелената агенда“ заговара диверзификација настрана од хидро и биопотенцијалот, додека Инвестицискиот план во делот на енергијата од обновливи извори се потпира речиси целосно на хидроенергијата. Што се однесува до сообраќајот, „Зелената агенда“ силно ја промовира железницата, а Инвестицискиот план предвидува изградба на автопатишта. Сепак, независно од овие споредби, неспорно е дека инвестицискиот план ќе значи силен економски поттик за регионот, а секоја од земјите треба да покаже посветеност и подготвеност во неговата реализација. Ако се анализираат предвидените проекти, не може да изостане впечатокот дека во случајот на Македонија тие не се прецизно наведени. На пример, во делот обновливи извори, стои општа одредба „нови соларни капацитети и ветерни електрани“.

0b390b99520e509e06dd605178d859068a8e482a

Но, медалот има две страни. Не е предмет на анализа само колку (не) нè бива, туку и колку ЕУ е вистински посветена да му помогне на регионот. Веројатно и стручната и пошироката јавност во регионот ќе се сложи околу фактот дека веќе сите се изморени од празна реторика и контрадикторни пораки. Доколку Европската комисија е сериозна во врска со „Зелената агенда“, треба силно да застане зад нејзиното спроведување и да ги стави во погон сите механизми кои ќе ја овозможат реализацијата.

Листа на инфраструктурни проекти од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан

1. Поврзување на Западот со Истокот
- Автопат „Ниш – Приштина“- Проширување и модернизација на железничкиот коридор X- Железнички коридор VIII, помеѓу Скопје и границата со Бугарија

- Подобрување на одржливиот сообраќај низ Сава и Дунав

 

2. Поврзување на Северот со Југот
- Автопат Сараево – Плоче (коридор V С)- Рехабилитација на железничката рута 4 (Белград – Подгорица – Бар)- Подобрување на патната врска Сараево – Подгорица

- Надградба на железничката рута Белград – Приштина

 

3. Поврзување на крајбрежните региони
- Проширување на железничката рута 2 (Тирана – Подгорица – Драч)- „Син  автопат“ – долж јадранскиот брег од Хрватска до Грција

 

4. Обновливи извори на енергија
- Рехабилитација на ХПП „Фиерза“ и изградба на ХПП „Скавица“ во Албанија- Проширување на ХПП „Пива“ и изградба ан ХПП „Комарница“ во Црна Гора- Изградба на фаза II од хидросистемот Ибар – Лепенец во Косово

- Инвестиции во соларни и ветерни централи во Македонија

 

5. Транзиција од јагленот
- Изградба на гасовод Фиер – Валона во Албанија, како дел од ТАП- Гасен интерконектор Босна и Херцеговина – Хрватска- Гасен интерконектор Македонија – Косово

- Гасен интерконектор Македонија – Србија

- Трансбалкански електро-преносен коридор

 

6. Сектор згради (Renovation Wave)
- Намалување на потрошувачката на енергија (и емисии) во секторот згради, преку енергетска реконструкција на зградите низ проектот Renovation Wave

 

7. Управување со отпад и отпадни води
- Изградба на пречистителни станици за отпадни води во Скопје и Приштина- Изградба на постројки за третман на отпадни води во големи и средни градови во Србија- Системи за интегрирано регионално управување со отпад во Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија

- Поддршка во воспоставување системи за мониторинг на воздух и вода, и мерки за превенција на загадувањето

 

8. Дигитална инфраструктура
- Поставување на сигурни и енергетски ефикасни data центри и cloud инфраструктура- Balkan Digital Highway и промоција на дигиталната едукација преку Digital education Action Plan (DEAP)

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top