Насловна / Вести / За земјотресот од 1963 и деновите потоа

За земјотресот од 1963 и деновите потоа

Скопје е еден од најстарите градови на Балканскиот Полуостров поради што има богата историско-културна традиција. Уште од дамнешни времиња претставува крстопат на важни сообраќајни правци, што ја условило бурната економска, културна и политичка историја на градот, исполнета со духовни влијанија, воени походи и етнички миграции, паѓања и подеми, пожари и уривања. Така на неговата територија се испреплетувале различни култури и сфери на влијание, секоја од нив оставила свој белег и во материјалната и во духовната култура на луѓето.

Скопје низ вековите Времето на постанокот на нашиот град не е точно утврдено, иако остатоците од археолошкото наоѓалиште Тумба кај денешно Маџари ги потврдуваат претпоставките на некои научници дека просторот на денешно Скопје бил населен уште во неолитот, пет милениуми пред нашата ера. Но неговиот развиток со сигурност може да се следи од времето кога Римјаните, на просторот меѓу денешните Злокуќани и Бардовци изградиле моќен град Скупи, кој изобилувал со извонредни градби, јавни бањи, амфитеатар и претставувал стратешки, трговски и културен центар на римската провинција Дарданија. Но во 518 година се случува катастрофален земјотрес кој го израмнил градот со земја. Веднаш по земјотресот преживеаните жители на Скупи го селат градот 3-4 км низводно преку благите падини на левиот брег на реката Вардар каде што се наоѓа тврдината Кале. До негов повторен расцут доаѓа во времето на Јустинијан, но во 694 година Словените го освојуваат и го менуваат името на градот во Скопје. Кон  крајот на XI век станува византиско упориште, а во XIII и XIV век, со развојот на средновековна Србија станува административно и културно седиште. Во 1392 година  освоен е од Османлиите и преименуван во Ускуп, а потоа продолжил да се развива. Особено важно во тоа време било тргувањето со Република Дубровник. Со населувањето на турски колонисти од Мала Азија градот набргу добива ориентален изглед по многуте анови, амами и џамии. Кон крајот на XV  и во XVI век Скопје станал голем град и почнал да се шири и на двата брега на  Вардар. Но во 1555 година Скопје по втор пат го погодува силен земјотрес, повторно било скоро сосема срушено и, подоцна, повторно одново изградено. Во текот на XVII век Скопје доживува уште поголема територијална експанзија како и економски и културен напредок. Патеписецот Челебија во 1660 година ќе забележи: „….Скопје има 70 маала со 11 060 куќи од камен или кал на еден или два ката, но сите подеднакво покриени со црвени ќерамиди. Улиците се чисти и рамни со калдрма, а чаршијата има 2 150 работилници, многу џамии, бањи и фонтани. Преполна е со Латини, Французи, Унгарци “. Но во 1689 година, гонејќи ги Турците, австриските трупи предводени од Пиколомини навлегуваат во градот и го палат до темел. Во својот извештај Пиколомини ќе забележи: „…Жалам за куќите, какви што не сум видел во оваа војна, џамиите од најубав мермер, убавите старини и градини. Решив да го запалам градот за да не му оставам на непријателот ништо што може да му користи…“ По оваа катастрофа Скопје подолго време бил мал, запуштен и сиромашен град со само неколку илјади жители.

Крајот на XIX и почетокот на XX век се значајни за градот по започнувањето на повеќе процеси со што Скопје, и покрај неколкуте војни, станува развиен економски центар, сега веќе на двата брега на реката Вардар, со околу 21 000 жители. Оваа функција е засилена со почетокот на телеграфскиот сообраќај во 1824 година, изградбата на пругата Скопје – Солун во 1873 година и поврзувањето со пругата Вардар – Морава во 1888 година, првиот урбанистички план во 1876 година, првите метеоролошки мерења во 1891 година, првиот општински трамвај и првите електрични светла во 1909, првиот автомобил во 1911. Понатамошниот развој на градот може да се подели на два периоди,  1918 – 1945 и 1945 – 1962 година. Во периодот 1918 – 1945 година главно се граделе станбени објекти во централниот и во западниот дел (Буњаковец и Идадија), со катност ретко  повеќе од приземје и кат,  додека во  периодот 1945 – 1963 година, станбената градба брзо се проширила во централниот, западниот и југоисточниот дел на градот, опфаќајќи ги и падините на Водно, така што населената област непосредно пред земјотресот од 1963 била двојно поголема од површината што ја покривал градот по Првата светска војна.

1

Истражувања на Скупи

2

Јакобус Хаверин, гравура Скопје 1594 год.

3

Старата скопска чаршија

4

Првиот трамвај

5

Центарот на Скопје пред земјотресот

6           

Старата железничка станица

Слободно Скопје Својот слободен живот и растеж по Втората светска војна Скопје го започнува со оштетено, неразвиено и заостанато стопанство, без индустрија, без неопходните јавни и комунални објекти, градски сообраќај, со скромен станбен фонд, заостанато земјоделство и скромно занаетчиство. Но, со воспоставување на народната власт, растежот на Скопје во сите домени на општествено-економскиот живот станува грижа и дури и пасија на скопјани, па набргу тој прераснува во средиште и основен носител на стопанската, политичката, општествената, културната и образовната активност во Македонија. Спрема официјалните статистички податоци на 30 јуни 1963 имало близу 199 000  жители  и дополнителни 12 000 – 20 000 привремено присутни, така што по бројот на жители Скопје станал трет град во СФРЈ по Белград и Загреб. Во градот имало 48 300 домаќинства, 39 500 станови со површина од 1.800.000 м2, (дури 45 % од нив изградено по 1945), а во него се наоѓале 35 % од индустриските, 77 % од градежните, 84 % од сообраќајните, 50 % од трговските, занаетчиските и угостителските капацитети во земјата. Вo тој период изградени се трите големи индустрии Железарница, и хемиските претпријатија Ацетиленка и Билјана, опремени со најсовремена опрема.

Скопје бил и најголем културно-просветен центар, најголем спортски центар и со право наречен град на ученици, бидејќи секој трет жител посетувал некакво училиште. Пред земјотресот во Скопје постоеле 32 основни училишта со 36 500 ученици, 22 средни училишта со вкупно 13 800 ученици. Урбанистичкиот план од 1948 година предвидувал концентрирање на објектите на Скопскиот универзитет, т.е. воспоставување на кампус на падините на Гази Баба, каде што бил изграден еден дел, но овој концепт е напуштен па биле изградени поединечни факултети во различни делови на градот.

Во клиничката, воената и градската болница имало 1 500 болнички легла, за нив се грижеле 65 % од вкупниот број лекари и медицински кадар од Македонија. Во градот потполно одново биле изградени водовод и канализација, се граделе улици, се поставувале подземни електрични и телефонски кабли, организиран е автобуски градски сообраќај, воспоставена е комуналната хигиена која ги задоволувала основните потреби на скопјани. Во овој период биле изградени и повеќе висококатници, меѓу кои бројни јавни згради со изразена тенденција кон монументалност со масивни конструкции од тули и примена на армиран бетон за  меѓукатните конструкции. На денот пред земјотресот во Скопје имало четири моста, два од нив армиранобетонски, еден челичен за железнички сообраќај и се разбира Камениот мост. Во ноември 1962 градот го зафаќа историски најголемата поплава,  но тоа е само најава за она што следува.

8 7

Поплавата од 1962

Петок, 26 јули 1963  Неколкуте страотни секунди во раното утро на 26 јули ги прекинуваат сите текови на животот на Скопје и го враќаат по кој знае кој пат на стартна позиција. Во 5 часот и 17 минути скопското епицентрално подрачје генерира силен земјотрес со магнитуда M 6.1 – природна стихија, која предизвикува големо разурнување на градот Скопје и губиток на бројни човечки жртви, а почувствуван е во радиус од 200 км на целиот Балкански Полуостров. Последиците по жителите и на градбите во Скопје се катастрофални. Само за 20-тина секунди градот се претвора во урнатини и пепел, град на смртта и ужасот, град без куќи и улици, без детски викотници. Потврдено е дека имал јачина од 8 до 9 степени според Меркалиевата скала, дека епицентарот е во самиот центар на градот меѓу улиците „Маршал Тито“ и „Ленинова“, реката Вардар и железничката пруга на површина од околу 2 км2. Под урнатини се нашле десетина илјади граѓани, од кои 1 070 никогаш веќе не го виделе градот, а 3 300 останале тешки инвалиди. Уништен и тешко оштетен е 82,40 % од станбениот фонд, зградите на Железничката станица и Поштата, Офицерскиот дом, студиото на РТВ Скопје и Нова Македонија, зградите на Скопскиот универзитет,  Народна и Југобанка, хотелите Македонија и Скопје, а многу станбени блокови стануваат гробници скоро на сите станари…

Непосредните штети на стопанството се исто така големи, 16 % од градежните објекти на фабриките и 8 % од опремата се уништени. Земјотресот ги руши ѕидовите на тврдината Кале, како и зградите сместени во неа, културно-историските споменици во Старата чаршија. Парализиран е целокупниот културен и просветен живот, ниеден од театрите, кината и домовите за култура не ќе може долго да ја продолжи својата работа, а само 10 % од училишните згради можат да се користат без големи поправки. Директните штети предизвикани од земјотресот се пресметани на 980 милиони американски долари, односно 15 % од вредноста на бруто-националниот производ на СФРЈ за 1962 година. Со оглед дека учеството на Македонија во бруто-националниот производ на СФРЈ е околу 7 %, директните штети предизвикани од скопскиот земјотрес се нешто поголеми од два бруто-национални производи на Македонија за 1962 година.

9

Карта на изосеисти за земјотресот од 26 јули 1963

10

Колаж фотографии од оштетувањата

Први мерки Поради краток спој на далноводите и пад на автоматските прекинувачи на електроцентралите, градот останува без струја. Во прекин се и телефонските линии, а безжичните станици привремено исклучени. Во 9:30 часот, сепак, е воспоставен контакт и деталите за катастрофата стигнуваат до Белград. Однапред договорените планови за итни случаи автоматски се активирани низ целата земја и голем број комитети преземаат активности за координирање на активностите на различните работни групи во градот. Од Белград, Владата апелира до земјите во странство за помош, а Лигата на Црвениот крст испраќа апел до сите свои национални организации.

Пиењето вода од чешма е забрането додека не се санираат сите протекувања, а Армијата се обврзува да го снабдува градот со над 300.000 литри вода за пиење дневно. Бездомните животни се собираат, убиваат и закопуваат за да се избегне ширење на беснило и други болести во градот. Во меѓувреме мал број пожари во градот се изгаснати и спасувачките екипи започнуваат со работа. Градот е веднаш затворен, а сите превозни средства се ставени во функција на активностите. Ограбувачите се казнувани на лице место. Организирани се полски кујни кои започнуваат со испорачување на првите оброци.

11

Делење храна на населението

12

Хируршки зафат под шатор 

Први часови  Поставена е теренска болница од она што останало од уништените болници во градот. Во првиот ден се извршени над 200 операции и третирани над 1.600 случаи. Во 10:00 часот во заводите за трансфузија во поголемите градови на поранешна Југославија започнува акцијата за дарување крв, но поради невидениот интерес на граѓаните, во 16:00 часот нивниот капацитет е надминат. Во 11:00 часот специјален воз со медицински и хируршки тимови, инженери, канистри за вода, храна, сместувачки инсталации, машини за нискоградба и друго тргнува од Белград, а подоцна е воспоставен и воздушен мост со Белград, Загреб и Љубљана кој е искористен за евакуација на 180 тешко повредени лица, а на враќање за носење храна, ќебиња, медицински и други потребни материјали. Во текот на денот од Приштина пристигнуваат 115 лекари и медицински персонал, 425 припадници на цивилна заштита, 160 пожарникари со 11 возила, 800 припадници на младински работни бригади, 153 градежни инженери, 54 водоинсталатери, 35 рудари. Понатаму овој број само расте од час во час, од ден во ден, со еден збор целата заедница на поранешна Југославија и сите во неа прават сè што можат за да помогнат.

13

Помош на настраданите

14

Барање преживеани 

Сепак најголемо херојство покажуваат спасувачките екипи. И повторно како и по поплавата во 1962, единиците на ЈНА се „јунакот на годината“.  Уште додека градот е во прав и пепел, одеднаш, спонтано по градските улици слегува војската од касарните, и заедно со групи хумани граѓани се зафаќа со спасување на затрупаните. Веднаш потоа тргнуваат и војниците од кумановските и од тетовските касарни, припадниците на органите за внатрешни работи и цивилна заштита, кои без почин и со голема храброст и пожртвуваност со денови  водат жестока борба на овој своевиден фронт. Истата вечер им се приклучува и специјален тим стручњаци за пронаоѓање на затрупани од Франција. Во текот на ноќта спасувачките тимови, кои сега бројат над 9.000 луѓе, продолжуваат со поорганизирана потрага по урнатините. Така тоа кобно утро почнува да се раѓа еден нов грандиозен споменик од најцврстиот материјал – солидарноста и од најскапоцениот камен – хуманоста, на кој се испишуваат имињата на оние кои ги оттргнаа луѓето од прегратките на бетонот и железото. На 5 август објавено е соопштение дека е завршено со расчистувањето на урнатините под кои имало или се претпоставувало дека има затрупани луѓе, извлечени се вкупно 2.458 живи луѓе.

Сабота, 27 јули 1963 Утредента потресите продолжуваат, а одвреме-навреме продолжува и уривањето на згради. Доаѓањето на претседателот Тито и неговите пораки се посебно охрабрување за скопјани. По првичниот шок, битката за справување со последиците на земјотресот започнува со полн интензитет. Се спасуваат човечки животи, истовремено механизацијата расчистува урнатини и улици, а на слободните простори во градот никнуваат амбуланти и други организирани претставништва на органите на власта.  На падините на Водно и на Скопска Црна Гора се градат првите шаторски населби.

Властите, загрижени поради можното избувнување на болести и покрај строгите преземени мерки, издаваат соопштение со кое се задолжуваат сите машки лица од 18 до 55 години од подрачјето на градовите Скопје, Тетово, Велес и Куманово, да учествуваат во расчистување на урнатините и спасување на загрозените лица, а да се евакуираат сите оние што не можат да помогнат. До средината на денот започнува евакуацијата на жените и децата. По нив следат групи деца евакуирани главно во различни делови на земјата, каде што ќе престојуваат во семејства или во хостели. Луѓето спасени од урнатините се вакцинираат.

Со мобилизираните југословенски воздухопловни сили во градот пристигнуваат залихи по воздушен пат. Само 36 часа по земјотресот, авиони со крвна плазма, антибиотици, медицински инструменти, шатори и ќебиња почнуваат да пристигнуваат од Бугарија, Чехословачка, Данска, Источна и Западна Германија, Италија, Норвешка, Полска, Шведска и САД. Грција испраќа медицинска екипа од 37 интернисти, хирурзи, педијатри и епидемиолози, а Армијата на САД подига во Куманово теренска болница со 200 кревети и 209 лекари, медицински сестри и редари.

Со крајот на вториот ден по земјотресот, пронајдени се 610 тела, а над 2.000 случаи се лекувани во теренските болници. Додека се води битката за спасување на лицата кои сè уште се под урнатините, во кругот на Државната болница формирана е посебна канцеларија за идентификација на извлечените тела и за издавање на изводи за смрт.

Градското собрание одржува вонредна седница која резултира со низа заклучоци за обезбедување на систематска и организирана дејност во деновите кои престојат. Со цел решавање на бројните проблеми наметнати од катастрофата, како и отворање на патот за обнова на градот, Градското собрание донесува одлука за мобилност на стопанските колективи и нивните органи и формира Одбор за проценка на штетите од земјотресот, како појдовна основа за утврдување на состојбите и потребните средства за обнова на градот.

15

Привремени живеалишта

16

Евакуација на деца  

17

Вакцинација на населението

18

Болничка соба под шатори 

Недела, 28 јули 1963  Вториот ден по земјотресот спасувачките тимови ја продолжуваат потрагата по затрупаните во урнатините, особено потпомогнати од француските спасувачи опремени со опрема за откривање звук на одредена длабочина. Продолжува и евакуацијата на децата на возраст од 7 до 14 години, а значителен број сиромашни семејства се иселуваат од Скопје со автомобили, камиони или пеш. Авионите го прскаат градот со средства за дезинфекција. До крајот на денот, по извршените проверки се пуштаат во употреба водоводот и уличното осветление. Други групи инженери започнуваат со проучување на програма за систематско уривање на уништените згради, кои немаат историска или културна вредност. Националните богатства, архивите и важните историски документи се извлечени од урнатините, исчистени и складирани на безбедни места. За среќа, ниту еден од документите не е изгубен. Преку целиот ден продолжува пристигнувањето на повеќе авиони од Франција и од Полска со залихи, специјален авион од Шведска со 13 хирурзи и опрема како и  камиони на Црвениот крст од Швајцарија и Источна Германија со медицински материјали и опрема.

Понеделник, 29 јули 1963 Третиот ден по земјотресот над 120.000 лица веќе го имаат напуштено градот така што нема итен станбен проблем, оние кои останале привремено се засолнети во шатори и во импровизирани бараки. Јавните служби поставени во парковите, засолнети под лесни покриви почнуваат постепено да функционираат. Почнува расчистување на шутот каде што е завршена потрагата, остатоците се прскаат со силни средства за дезинфекција, започнува отстранување на урнатините со експлозиви и булдожери. Се работи во континуирани смени 168 часа неделно.

Истиот ден дипломати од 42 земји акредитирани во Белград го посетуваат Скопје за да ги согледаат потребите на лице место. Следува интензивна меѓународна помош од 82 земји од светот, во залихи, пари, шатори, кревети, ќебиња, кујнски прибор, облека, храна, машини, булдожери и медицински материјали. До крајот на јули во градот има 500 хирурзи, бројни воено-технички и инженерски екипи, а со нив и градежни машини и градители.

19

Првата импровизирана пошта

20

Новинарска сала на РТС

21

Живот по  земјотресот  

Август 1963  Инженерскиот корпус на Југославија заедно со 450 воени инженери од СССР со тешка техника продолжува со расчистување на урнатините. Се приклучуваат и југословенските младински бригади кои со 464.000 доброволни часови работат на уривање на лесни конструкции, спасување на употребливи материјали и расчистување на шут.

Обезбедувањето на засолниште за најмалку 70.000 жители пред зимата станува приоритет. Затоа започнува исклучително важна активност за организирано снимање на оштетувањата на зградите од страна на инженери од институтите за тестирање на материјали и конструкции од Скопје, Белград, Загреб, Сараево и Љубљана, согласно со востановената единствена методологија за инспекција на оштетени објекти. Во наредните два месеци интензивна работа оваа инспекција е целосно завршена и документирана во вкупно 43 книги со проекти, планови, класифицирање на објектите во групи во зависност од типовите на вградени материјали, детален опис и анализа на оштетувањата, резултати од испитување на материјалите. Во исто време започнува и санација на помалку оштетените индивидуални објекти со цел истите да се донесат во употреблива состојба, но и да се потенцира потребата од нивно конструктивно зајакнување поради очигледната недоволната сеизмичка отпорност.

На почетокот на август во Скопје пристигнуваат мисии на експерти, едни да им помогнат на властите во нивните актуелни проблеми, а други да ја проучуваат научната страна на катастрофата. Во исто време, југословенските власти формираат Комисија за научно проучување на земјотресот, а работата им е доделена на шесте големи универзитети во земјата. Студијата за обнова на градот ја презема Институтот за урбанистичко планирање на Македонија. Во сите овие активности Обединетите нации и агенциите на УНЕСКО испраќаат свои експерти да им помогнат на планерите во нивната работа.

Без сомнение, најголемо значење за отстранување на последиците од земјотресот и претстојната релативно брза обнова на градот имаат заклучоците на седницата на Извршниот комитет на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија,  одржана на  Бриони на 2 август под претседателство на Тито. Приоритет се дава најпрвин на (1) оспособување на стопанството, (2) сместување на населението и повторно собирање на семејствата, потоа на (3) подготовките за темелна и брза обнова на градот со заеднички напор на заедницата. Следува носење низа одлуки, вонредни закони и акциони планови, од кои најзначајни се (4) основањето на Фондот за обнова и изградба на Скопје,  (5)  распишувањето на народен заем, кој се претвора во општојугословенска акција, и не помалку важно (6) назначувањето на соодветни органи на Федерацијата и на Републиката кои ќе се грижат за доследно спроведување на одлуките. Дополнително одобрен е мораториум на сите кредити и заеми на стопанството дадени од Федерацијата со толерантен рок и без пресметување на банкарски камати, како и поволни потрошувачки кредитни линии за помош на граѓаните за обновување на нивните домови.

Како продолжение на Брионските заклучоци, на 10 август на седницата на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија  донесени се значајни одлуки и утврдени се приоритетни задачи: (1) Скопје ќе се возобнови на истата локација и ќе претставува уште поголем симбол на братството и единството на југословенските народи, но и симбол на меѓународната солидарност, (2) обновеното Скопје ќе биде отпорно на евентуални нови јаки земјотреси и (3)  до крајот на 1963 да се изградат девет приградски населби од монтажни куќи, а истовремено да се санираат лесно оштетените згради, задача подоцна доделена на градежната оператива на секоја од републиките.

22

Младински работни бригади

23

Санација на зграда во Карпош II  

Септември 1963 Во текот на септември продолжува финалното расчистување на градот, урнатините и оштетените згради без историска вредност се креваат во воздух. Се уриваат и објекти од мала вредност, кои ја попречуваат обновата на Скопје. Пристигнуваат монтажни станбени единици од земјата и од странство. Пристигнуваат и  бројни стручни екипи. По одлуката за обнова на градот на истата локација,  над 30.000 работници пристигнуваат во Скопје и започнуваат со санација на објектите за во истите да може да се престојува во претстојната зима. Луѓето почнуваат полека да се враќаат дома, се зголемува населението во градот и работниците се враќаат на своите работни места. За децата кои се веќе вратени во градот започнува новата школска година под шатори.

Работите за реконструкција и санација се интензивирани, а градските планери и инженери, потпомогнати од експерти од ОН и УНЕСКО, ги поставуваат плановите за ново Скопје. Процесот е отежнат меѓу другото, поради недостатокот на соодветни технички прописи или насоки, како и поради недостатокот од соодветни искуства за изградба на сеизмички отпорни објекти. Поради тоа одлучено е итно да се донесе соодветна техничка регулатива врз основа на современите сознанија и искуства во светот, а дотогаш Републичкиот секретаријат за градежништво и јавни работи, на 20.9.1963 година издава „Генерални препораки за санација на објекти оштетени од скопски земјотрес“, кои биле добра основа за правилно регулирање на градбата во Скопје.

Пристигнуваат делегации на стручњаци за урбанизам, градежништво, сеизмологија и земјотресно инженерство од Полска на чело со архитектот Адолф Циборовски, од Јапонија на чело со проф. Киоши Муто, од СССР на чело со проф. Медведев,  и од Велика Британија на чело со проф. Николас Амброзис.

24

Училиште под шатори

25

Монтажни куќи во приградски 

Октомври 1963. На почетокот на октомври во Скопје има околу 150.000 граѓани, а повеќе од 80 % од индустриските претпријатија во градот ги започнуваат своите активности. За среќа, времето е сè уште добро. Во меѓувреме, продолжуваат работите на санација и зајакнување на оштетените зграда, секако со подобрени материјали и методи, иако во некои случаи методите на градење сè уште се, и ќе бидат уште некое време, далеку од соодветни.

На крајот на месецот времето се менува, а обилните есенски врнежи предизвикуваат нагло издигнување на реката Вардар. Скопје неколку часа е во опасност повторно да биде поплавено како што се случувало и во минатото. Голем број кампови се под вода, а неколку куќи, оштетени од земјотресот, се уриваат. Овој настан иницира носење на одлука новото Скопје, покрај од земјотреси, да се заштити истовремено и од поплави. Во текот на месецот изградбата на монтажни куќи во приградските области продолжува со постојано растечко темпо, а повеќе стотици санирани, иако повеќето дополнително незајакнати згради, се предадени за живеење.

26

Дожд по земјотресот

27

Бушење сонди во Тафталиџе

Ноември/декември 1963 Универзитетот во Скопје, оштетен во земјотресот, кон крајот на ноември продолжува со нормална настава, а државата започнува со уредување на училиштата за да може евакуираните млади побргу да се вратат. Соочени со непостоење на соодветни прописи за сеизмички отпорни објекти, југословенските власти започнуваат со процес на стандардизација на материјали и методи пред да започне фазата на реконструкција.

99 дена по земјотресот скопјани добиваат 18 приградски населби со 14.180 станови со комплетна инфраструктура. Секоја населба има име, здравствен дом, детска установа, самопослуги и трговски дуќани, пошти, аптеки, водоводни мрежи, канализација, електрични линии, градски сообраќај. Секоја изградена од комплетна градежна оператива на братските републики:

Србија го гради Драчево со капацитет за 15.000 граѓани

Белграѓани го градат Козле со капацитет за 5.000 граѓани

Хрватска ги гради  Маџари и Железара, со капацитет за 12.000 граѓани

Словенија го гради Влае, со капацитет за 5.000 граѓани

БиХ ги гради  Бутел I, Ѓорче Петров II, со капацитет за 8.000 граѓани

Црна Гора го гради Лисиче, со капацитет за 7.000 граѓани

ЈНА го гради Аеродром, со капацитет за 10.000 граѓани

Македонија ги гради Пржино, Тафталиџе, Водно и други.

Град на меѓународната солидарност Скопскиот земјотрес е првиот кој популацијата на планетата Земја можела да го види и преку телевизија, па оттука и масовниот одговор на меѓународната заедница. 82 земји од светот испратиле прва помош во лекови, храна, ќебиња, пари, градежни материјали и други технички средства, монтажни станбени и здравствени објекти, медицински и стручни екипи, а некои оставија и трајни споменици во градот. Меѓу нив се Бугарија (8 станови, гимназија „Ѓорѓи Димитров“), ЧССР (70 станови, ОУ Коменски, гинеколошко-акушерската болница во Чаир), Данска (80 еднособни куќи), Финска (18 станбени згради), Франција (18 монтажни куќи), Италија, (38 монтажни згради, бања Катланово), Мексико (20 монтажни згради), Норвешка (20 4-собни монтажни станови), Полска (60 монтажни куќи, средно-хемиско училиште М. С. Кири), Романија (102 стана во три солитери, поликлиника „Букурешт“), СР Германија (40 монтажни бараки и една детска градинка), САД (253 хангари), СССР (опрема за комплетна фабрика за монтажни станови од бетонски елементи), Швајцарија (11 монтажни куќи, ОУ Песталоци), Шведска (6 павилјони  со комплетна опрема за гинеколошка и детска клиника, болница за деца од ТБЦ  „Козле“), В. Британија (1.650 железни скелиња), 8 хангари за училишта, Драмски театар), Сојузот на црквите (115 монтажни куќи Трнодол, 10 земји (Универзалана сала), СССР и Алжир (Младинкси кулутрен центар), Иселениците (Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“), Грција (спортски дом „Кале“), стотина уметници од цел свет (3.350 дела – подароци во Музејот на современа уметност).

Скопје 1964 Главните настани во текот на годината по земјотресот се поврзани со зајакнувањето на оштетените згради, подготовка за урбанистичко планирање на новото Скопје, и интензивна обука на локалниот кадар во градежништвото.

На 30.9.1964 донесени се првите технички прописи за проектирање сеизмички отпорни објекти (Сл. лист на СФРЈ 39/64), а во Скопје почнува сериозно да се гради асеизмички. Владата на Југославија со помош на ОН и нивните специјализирани агенции формира Меѓународен одбор на консултанти за да помогнат во планирањето и во реконструкцијата на градот. Одборот вклучува експерти за урбано и градско планирање (Југославија САД, Холандија, Унгарија, Полска), за сеизмологија (Чехословачка, СССР), за инженерска сеизмологија (СССР, Велика Британија), за градежни материјали (СССР, САД), социологија и економија (Југославија). Одборот се состанува секои три месеци за да ги разгледа тековните проблеми што се јавуваат додека напредуваат плановите.  На иницијатива на тројца членови на овој консултативен одбор, Сергеј Медведев (СССР), Сергеј Бубнов, (Југославија) и Николас Амброзис (Велика Британија), се потпишува договор спонзориран од УНЕСКО за формирање Европска комисија за земјотресно инженерство. Првиот симпозиум на новоформираната асоцијација е одржан во Скопје на 1 октомври 1964, а потоа следува вториот, па третиот, и се развива во она што денес е Европската асоцијација за земјотресно инженерство (ЕАЕЕ). Така земјотресот во Скопје станува синоним за почетокот на европското земјотресно инженерство.

28

Уште два други важни настани се случуваат во октомври 1964. Кога веќе испитувањата покажаа дека Скопје може да гради на истото место, започнува подготовка за урбанистичкото решение на новото Скопје. Задачата им е доверена на „Полисервис“ од Полска и  „Доксијадис“ од Грција, во сорабока со Заводот за урбанизам и архитектура, а сето тоа е финансирано од Специјалниот фонд на ОН. Паралелно, Обединетите нации и Владата на Југославија објавуваат Меѓународен конкурс за обнова на централниот дел на Скопје.

Скопје 1965 Во вакви услови се наметнува потребата од основање на институција која ќе помага и ќе го надгледува обновувањето на Скопје. Така на 27.5.1965 е основан Институтот за општа и инженерска сеизмологија, претходник на денешниот Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, ИЗИИС, во рамки на Универзитетот во Скопје. Паралелно со неговата првична мисија, во ИЗИИС се креирани услови за перманентен развој во истражувањата (базични и применети) образованието и обуката во полето на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија. Европската асоцијација за земјотресно инженерство и ИЗИИС своето постоење го должат на успешниот начин на обнова на Скопје. Како резултат на земјотресот пред 60 години, инженерите во Македонија се стекнаа со знаење, искуства и експертиза во областа на земјотресно инженерство до таа мера што некои од нив служеа како експерти на ОН во други делови на светот.

Генералниот урбанистички план за новото Скопје е донесен и содржи: три главни станбени зони, индустриски и деловни зони, како и зона за масовна активна рекреација. Посебно внимание му е посветено на сообраќајното решение со издвојување на транзитниот сообраќај. На 31 мај 1965 година донесена е одлука за доделување на првата награда на Меѓународниот конкурс за обнова на центарот на Скопје. 60 % од првата награда му припаѓа на тимот Кензо Танге, а 40 % на архитектите од Хрватска Мишевиќ и Венцлер. Таканаречениот „Мастер план од 1965 година“ е претежно фокусиран на централниот дел на градот и предвидува композиција од постојната традиционална и брутална архитектура во која се изразени многу модернистички и креативни идеи. Главните две теми на овој проект се таканаречената „Градска порта“ (позната и како „Транспортен центар“) и „Градскиот ѕид“  комплекс од станбени блокови. Со решението треба да се создаде релативно изолиран центар, но со добри врски со другите делови на градот. При сето тоа, треба да се зачува Старата чаршија, а тврдината Кале да учествува во урбаната композиција. Целта на планот е Скопје да добие лик на меѓународен и урбано среден град… и тоа се случи, иако за кратко.

29

Тимот на Кензо Танге

30

Планот на Кензо Танге за реконструкција на Скопје

РЕКЛЕ ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ

Алберто Моравија, италијански писател

„Скопје не смее да остане само репортажа на првите страници, туку и обврска на сите нас, сите луѓе кои денес-утре, по сличноста на некоја нова катастрофа, можат да станат скопјани.“

Жан-Пол Сартр, француски писател

„Има настани што човекот го затекнуваат и го редуцираат до ништожност. Скопје не е филм, ниту трилер во кој го насетуваме главниот настан. Тоа е концентрат на човековата борба со природата, но и резултат што инспирира на нова борба, а не на прифаќање на поразот. Јас ги познавам Југословените и истакнувам како луѓе, толку витални по своите претензии и толку успешни во својот дијалог со иднината. И за нив и за нас Скопје значи трагедија, зошто во вакви моменти ѕвоната бијат за секого. Мртвите ќе останат мртви, но уверен сум дека Југословените од скопската катаклизма ќе создадат уште една своја слава.“

М. Ватанабе, јапонски писател

„Ние Јапонците добро знаеме што е тоа кога лимонадата во чашата на масата се тресе. А знаеме и за оние потреси кога живите им завидуваат на мртвите. Тоа се случи и во Скопје. Но во случајот на Скопје има нешто што ме радува во тагата. Тоа е големата беспрекорна меѓународна солидарност, на која сите ние од целиот свет станавме сведоци. Потребна беше драстична интервенција на природата да нè потсети дека луѓето се само луѓе. Зошто токму во време на вакви драми размислуваме за големи теми како што е братството меѓу сите луѓе…“

Ј. Б. Тито, претседател на СФРЈ

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скоје повторно ќе го изградиме. Со помошта на целата наша заедница, тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и на светската солидарност.“

Автори:

проф. д-р Вероника Шендова, дипл. град. инж.

асист. д-р. Александар Журовски, дипл. град. инж.

асист. м-р. Александар Златески, дипл. град. инж.

м-р Елена Делова, дипл. град. инж.

Користена литература:

  1. Јован Пешиќ, „Скопје – катастрофа што го возбуди целиот свет“, Народна задруга, Скопје, октомври 1963
  2. Благој Попов и др. „Скопје – град солидарности“, Фонд за обнову и изградњу Скопја, Београд, 1975
  3. Јован Поповски и др. „Скопје 1963-1983“, Партизанска књига – Љубљана, март 1984
  4. Предраг Пенушлиски и др. „Скопје 198“, Македонска книга, НИП Нова Македонија, Скопје, 1985
  5. Фотографии:  https://commons.wikimedia.org/wiki/Category:1963_Skopje_earthquake?uselang=mk

Испрати коментар

Scroll To Top