Насловна / Вести / За новото Скопје

За новото Скопје

ova-e-vardar_26

Скопје се гради. Интензивно. Некому му се допаѓа неговиот изглед, некому не. На таа тематика се пишува многу, пишуваат архитекти и урбанисти, различен профил на уметници, економисти, политичари, колумнисти и активисти. И меѓу сите нив, ќе се најдат и такви кои го сакаат, и такви кои не го сакаат овој зафат.

Меѓутоа, тука не станува збор за вкусови. Вкусот е субјективна категорија. Како таква, не треба да биде релевантна за низ нејзиниот дискурс да се дебатира за таков зафат каков што е трансформацијата на централното градско подрачје на една метропола. Уште помалку решавачка. Постојат архитектонско-урбанистички принципи коишто мора да се почитуваат, кога станува збор за најрепрезентаивното парче земја во една држава – плоштадот на метрополата, површините околу него, односно неговото централно градско подрачје. Не треба да се заборави и фактот дека подрачјето околу Вардар е трусно подрачје и забрането за градење. Секако, треба да се земе предвид и максимата дека архитектурата, односно градењето, не треба да ги руши вековните вредности на едно место, препознатливите белези, ниту да ги прикрие, сокрие, нагрди, или засени.

ova-e-vardar_25

Новите градби треба да ги надградат веќе постоечките и препознатливи вредносни карактеристики и просторни моменти на една локација, било таа локација да е поширока или потесна, или историски постара или понова. Многу аргументи, во естетска, урбанистичка, архитектонска, функционална, визуелна, традиционална (од аспект на почитување на нешто што веќе постоело), симетрично-асиметрична, просторна, и декоративна смисла на зборот, сведочат за тоа дека проектот „Скопје 2014“ можел поинаку да биде осмислен.

Прва „на удар“ е реката Вардар. Како една оска, целина, артерија, таа најмногу загуби. Со новото урбанистичко решение, се изгуби нејзината вредност како рекреативно парче во срцето на Скопје, и се намали нејзината корист со помалото струење на ветришта по нејзиниот тек. Секако, и визуелно се намали нејзиното корито. Грубо речено, покрај новите големи објекти од левата страна, реката Вардар личи на канал. Имено, зградата на Македонската Опера и Балет, со нејзините косини и дистанцата од мајор коритото, визуелно ја прошируваше реката. Тоа го правеа и широките зелени појаси, на чиешто место сега се изградени предимензионирани објекти во однос на големината на самата река. И тоа се изградени на место на коешто според сите асеизмички експертизи, одамна е забрането да се гради. Овие објекти ја пореметуваат визурата кон Калето, и со својот архитектонски јазик, т.е. израз, се разликуваат од изразот којшто го има Камениот мост. Во овие појаси, можеше да се интервенира со минимални гестови, со цел да не се наруши визуелниот интегритет на Калето од една, плоштадот од друга, самата река како трета, и Камениот мост како четврта компонента на скапоцениот простор што го поседуваше централното градско подрачје на Скопје.

За волја на вистината, можеби релативно празен беше овој простор претходно. И можеби требаше нешто да се направи, ама со почит кон постоечкото, да се надополни, да се доизгради, да се дообликува, но со минимални гестови, минимални интервенции, гестови осмислени со голема „перфидност“, со голем ум,  гестови што ќе остават белег на времето во коешто биле направени.

ova-e-vardar_10

Настрана тоа што овие објекти од левата страна се градени во нејасен стил којшто не е одраз на своето време, поточно во времето во коешто се градени – 21 век. Премногу лесно се употребуваат термините „барок“, „класицизам“ и „неокласицизам“ за нив. Не треба овој стил на градбите од „Скопје 2014“ да биде нарекуван со нивно име.

Камениот мост е деградиран и со градењето на мостот „Око“, Мостот на уметноста, и секако, со штотуку почнатото Панорамско тркало. Визурата кон него од мостот кај „Холидеј Ин“ е нарушена. Наместо тоа, седејќи на самиот агол на мостот, од страната од кај хотелот, и гледајќи во правец кон Калето, нашиот поглед е преоптоварен. Се испресечуваат статуи и канделабри од Мостот на уметноста и од мостот „Око“, по некој столб од Археолошкиот музеј, АЕК, зградата на Финансиската полиција и на МНР, некој лак од Камениот мост, модерни контури од Филхармонијата, може да ѕирне и по некоја стилизирана имитација на оџаците од концентрационите логори коишто се дел од Музејот на Холокаустот, па и по некоја косина од МОБ во позадината или парче од Комерцијална банка. И секако, се гледаат и гондолите во Вардар. Како круна на сето тоа, ѕиркаат осветлените ѕидини на Калето. Сето ова е напорно за човечкото око.

„Воинот на коњ“ – споменикот којшто носи такво име, сместен на плоштадот, е предимензиониран. Ако целта на овој споменик е да го величи воинот качен на коњ, како што кажува и неговото име, тогаш не бил потребен толкав постамент. Фокусот требало да се задржи на самата статуа. Наједноставно би било со почитување на златниот пресек, односно односот 1.6 наспрема 1, во корист на статуата.

Триумфалната порта има лоша локација, предимензионирана според локациските услови, со архитектонски јазик којшто не одговара на околните објекти. Во минатото, триумфалните порти биле градени со јасна цел – да обележат некаков успех, најчесто воен, и за низ нив да парадира војската после враќањето од походот. Останува нејасен мотивот зошто на Скопје му требаше Триумфална порта.

Пресоблекувањето на зградите во други фасади, со образложение дека биле стари и дека требало да бидат реновирани, е спротивно на стремежот да се почитува авторското право, и етички е погрешно во архитектурата. Реновирањето не подразбира менување на стилот.

Дискутабилен е и квалитетот на материјалите. Времето ќе го покаже нивниот квалитетот. Дискутабилна е и имитацијата на камените столбови преку нивна изведба како челични скелети обложени со гипс. Во архитектурата, не е својствено да има имитирање на едни материјали со помош на други.

„Скопје 2014“, за разлика од Ајфеловата кула, тешко дека низ историјата ќе го оправда своето постоење. Имено, и Ајфеловата кула, како дел од изложба за челични конструкции, била оспорувана во почетокот, а после изложбата, било предвидено да се размонтира. Меѓутоа, поради некаков сплет на околности, опстоила до ден денес, и низ историјата станала симбол на Париз.

Оптимистички е да се мисли дека проектот „Скопје 2014“ ќе го аргументира своето постоење, имајќи го предвид фактот дека објектите се градени во трусно подрачје, а нивната инфраструктура, пред сé подземната, е дискутабилна, па при секоја поплава или поголем земјотрес, можно е да сносуваат последици.

Дополнителен фактор се и преголемите трошоци за одржување на целиот овој зафат. На долг рок, објектите веројатно ќе се покажат нерентабилни. И можно е да бидат напуштени еден ден, и да зјаат празни. А тоа не може да биде убаво.

Во уметноста е дозволено буквално сé. Но архитектурата не е само уметност, туку и наука. И затоа делата во архитектурата оставаат поинакви последици за разлика од лошо насликаната слика или лошо отсвирениот акорд. Можно е допрва да бидат уште повидливи.

Бошко Видоески,  архитект

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top