Насловна / Архитектура / Воспоставување на етичка релација на архитектот и неговото творештво

Воспоставување на етичка релација на архитектот и неговото творештво

Интервју со Марија Мано Велевска и Слободан Велевски кураторите на проектот Ослободување-на-просторот со кој Македонија се претстави на Венециското биенале за архитектура во 2018 година се вонредни професори на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Izlozba MSU_april-juni 2019_3

Вашиот проект „Ослободување-на-просторот“, беше македонскиот претставник на 16-тото Венециско биенале за архитектура кое се одржуваше минатата година, се врати дома и се претстави и на домашната јавност. Сега, по одредена временска дистанца успеа ли проектот да ја заинтересира странската јавност за сè она што му се случи на градот?

СВ: Пред да заминеме за Венеција не бевме сигурни дали, и колку нашата поставка ќе биде разбрана во еден така широк контекст на архитектонски идеи какви што се прикажуваат на Биеналето за архитектура. Немавме дилема дека темата на нашето претставување Ослободување-на-просторот е компатибилна и соодветна да одговори на генералната тема на Биеналето зададена од кураторките Фарел и Мекнамара, Слободен простор. Но, сепак комплексноста на рецентните промени на градот Скопје кои покрај просторните имаат и општествено-политички конотации не е воопшто лесно да се прикажат во поставка од форматот на една светска архитектонска, а притоа истите да бидат јасни за толку широка публика.
ММВ: Искуството од Венеција – коментарите додека траеше изложбата и потоа – ни покажа дека стручната јавност, особено во Европа, е апсолутно запозната со приликите и настаните кои го оформиле Скопје од втората половина на минатиот век, но и во последните години, со промените направени со СК2014.
Нам лично ни остана во сеќавање еден неочекуван, но многу пријатен разговор со претседателот на Венециското биенале г-динот Паоло Барата, токму во првите денови додека траеше вернизажот. Тој го посети нашиот павилјон, и не само што знаеше за СК2014, туку изрази и особен интерес да поразговара и да се запознае со специфичниот третман на изложените проекти за градот после СК2014, за приодот на решавање на оваа ситуација.
Генерално, коментарите на повеќе колеги од странство како надворешен и несубјективен поглед се однесуваа на пристапот за урбана регенерација! Сите беа изразито позитивни во однос на поставката и проектантскиот фокус кој го избравме, а се однесува на јавниот простор, но и охрабрувачки во однос на пристапот што го заговара, а тоа е дека промените во градот треба да бидат постапни, промислени и во контекст на постојното опкружување (какво и да е!), односно дека во градот каде се преклопуваат разни просторни искуства и феномени, истите треба да ги преиспитуваме преку вредносната тежина на нивната генерална идеја во однос на општото добро, односно дека архитектурата е пред сè чинител на општото добро!
Во таа смисла, и целокупниот проект беше препознаен како благороден и широкоград, не само според основната идеја (која се обидува да спои наместо да раздели, да преклопи слоеви на градот, а не само да негира и брише), и начинот на кој таа е спроведена во четирите посебни проекти за Скопје, туку и во самата одлука како куратори на изложбата нејзината содржина да ја споделиме со низа учесници -релативно млади архитекти, на кои безрезервно им беше дадена доверба од наша страна да го искажат својот став.

Izlozba Venecija_maj-dekemvri 2018

Темата на Венецианското биенале беше „Слободен простор“. Нашиот павилјон си постави и дополнителна цел, уште повозвишена, борба за ослободување. Го ослободивте ли просторот? Се вели дека борбата за слобода е вечна. Неретко се случува кога ќе се дојде до слободата луѓето не знаат што со неа. Му се случи ли на Скопје нешто слично? Јавниот простор ни стана важен откако го снема.

СВ: Слободата не е конечен концепт, и тоа е најголемата замка! Откако ќе се освои слободата треба и да се негува, да расне, да созрева и да се подобрува преку процесно константно менување. Така и со нашата поставка. Проектите кои се дел од поставката многу успешно спроведоа акција за „ослободување на просторот“ што не подразбира само бришење на сè она што постои, а е проблематично, во случајот на Скопје тоа се интервенциите на СК2014, туку подразбира едно визионерско гледање на градскиот простор, а со тоа и на постојното градско ткиво!
ММВ: Значи целокупното претставување не претставува некој метафизички замислен одговор за некој замислен град. Тоа не теоретизира повеќе отколку што е потребно за еден добар архитектонски проект! Напротив, тоа претставува многу реален архитектонски одговор на даден контекст. Имено, ние појдовме од идејата за „слободен простор“ (како отворен, достапен и јавен градски ресурс), таму каде што таквиот простор го видовме загрозен, поништен или непрепознаен како потенцијал. Да, точно е дека јавниот простор кај нас никогаш и не бил особено третиран, ниту дискутиран… Но со последните градежни активности (што иронично се однесуваат доминантно на нови и постојни јавни згради) тој е сосема погрешно интерпретиран. Во таа смисла се развиваа и дискусиите со секој од авторските тимови додека се работеше на проектите за избраните четири локации: разговаравме за улогата на јавниот простор во идејата за современиот град, за современото Скопје, разговаравме и за архитектонското наследство и каков може да биде третманот на објектите од постземјотресната обнова кои беа зафатени и појмовно уништени со СК2014, и конечно разговаравме за тоа дека градот не е кулиса и репрезентативна слика, особено не една и единствена слика како што тоа го подразбира СК2014, туку дека пред сè градот е социјален простор во кој луѓето, различните луѓе, потенцирам различните луѓе, ќе имаат можност да се препознаат себеси и ќе можат да ги исползуваат сопствените интереси и потреби.
СВ: Во кураторска смисла поставката е наш личен став за тоа што претставува современиот град, и затоа проектантски не се обременувавме со прашањето „што со објектите од СК2014?“ туку нив ги ставивме во релација со јавниот градски простор. Јавниот простор е јавно добро, а СК2014 тоа не го почитува и тоа моравме да го промениме, моравме да воспоставиме нова релација помеѓу јавниот простор и јавниот архитектонски објект! Со оваа задача, со вакви прашања се започна работата на секој од проектите. Ако тоа подразбираше рушење тогаш проектите рушат, ако подразбира отворање, бушење, додавање и други архитектонско-урбанистички постапки тогаш тоа и се правеше…

Дискусијата за проектот Скопје 2014 трае долго. Токму кога помисливме дека конкретно ќе се делува не се случува ништо и дикусијата како да стивна. Вашиот проект „Ослободување-на-просторот“ е единственото случување на оваа тема и конкретен архитектонски предлог. Има ли надеж ова да испровоцира конкретни чекори и делување, како што велите „ретроактивно да се регенерира целината на градскиот колектив“?

СВ: Можеби првиот впечаток кога луѓето ќе ги видат предложените решенија е малку збунувачки. Зошто!?, бидејќи јавноста очекува дека ќе види некое ново архитектонско шоу или ќе го видат истиот град од пред СК2014! Но тоа не е ниту возможно ниту потребно бидејќи ниту архитектурата треба да биде showroom или тематски парк ниту сме ние исто општество како пред 30-40 години, а ниту градот и потребите на градското живеење се истите. Не е битно тоа што сме први во реакцијата, ниту тоа што е единствено решение досега, битно е дека сите предлози, резултатот, има јасна идеја за нашата иднина. Сакам да напоменам дека решенијата не се конечни проекти, туку тие се своевиден патоказ кој треба да трасира едно етичко размислување за тоа каква урбана средина треба да создаваме!
ММВ: Веројатно она што сега следува или барем што би требало да следува ако сакаме нешто да промениме е да се направи една генерална инвентаризација со состојбите на сите завршени или за жал сè уште активни градилишта од СК2014. И потоа да се отпочне со работа… Неколку клучни делови од централното градско подрачје, како оние што ги разработувавме за Биеналето, треба да бидат дел од серија квалитетно, сериозно организирани јавни архитектонско-урбанистички конкурси со прецизно дефинирана програмска задача и буџет и со обврска истите да се реализираат… во фази или наеднаш тоа се веќе пресметки од друг вид. Но тоа е начинот, архитектурата на градот особено за вака комплексни градски простори не се прави по кабинети и на кафе-муабет, туку преку институција наречена конкурс.

Izlozba MSU_april-juni 2019_2

На некој начин ни помогна ли Скопје 2014, падна ли завесата за конечно да се погледнеме во очи и видиме кои сме? Неминовно ли е да признаме дека кривица носиме сите, особено планерите и архитектите? Но кога е кривицата колективна, тогаш никој не е крив и сите се криви, треба ли да ја лоцираме одговорноста поединечно?

ММВ: Општествената транзиција од деведесеттите години има една анестетирачка улога врз модерноста на Скопје. Од една страна таа не е доволно моќна да го избрише сеќавањето на објективно херојското време на градењето на Скопје и сите оние архитектонски и инфраструктурни ремек-дела од постземјотресната обнова и да воспостави нов систем на вредности, а од друга страна постојано работи на уривање на секој постоен систем! Транзицијата го апсорбира и ништи постојното, не е способна да воспостави цврст општествен фундамент бидејќи е менлива и затоа се базира на импровизација која создава полусистеми! Оттаму, и целата ова состојба со корупцијата во урбанизмот и архитектурата која не се однесува само на заобиколувањето и кршењето на општествените норми, на правилата и законите туку и на квалитетот на одработеното, на начинот на размислување и творење како архитекти, како урбанисти, или како граѓани ако сакате. Во контекст на вашето прашање… јас, ние, не веруваме во колективна вина бидејќи одлуките за нашите професионални постапки се лични, и оттаму немаме дилема дека треба да се лоцира личната одговорност… кој што прави и како влијае на професијата! Понатаму, мислам дека треба да имаме повеќе јавни дебати, да учиме да разговараме, да се расправаме но и да се слушаме па и договараме за базичните вредности (во архитектурата) па потоа можеби и ќе успееме да си го набилдаме професионалниот интегритет на архитект или урбанист независно дали станува збор за фирми, факултети, општини или министерства… односно ќе се согласиме дека тендери и конкурси не се „местат“, дека основната цена на чинење на трудот не се урива од лични лукративни побуди, или дека „државната работа не е за пресметливи шпекуланти, туку напротив тие извонредно значајни институции треба да ги водат професионалци и идеалисти…
СВ: Знаете, либералниот капитализам во последната декада создаде еден вакуум во делувањето на архитектите. Архитектонската професија после Втората светска војна па сè до крајот на деведесеттите години на минатиот век, особено во Европа (источна или западна сеедно), живееше во една удобна ситуација која ја подразбираше нејзината благородна просветителска општествена улога… се проектираа музеи, училишта, театри, културни центри, стадиони, се градеше светот, и сè тоа скоро без исклучок поддржано од социјалните фондови на државите. Во последните две декади поради финансиската истоштеност на концептот на социјални држави (welfare states) архитектите почнаа да творат исклучиво под диктат на приватниот капитал. Ваквиот наратив кој се базира на општество на потрошувачи има директно влијание на изградениот простор, на архитектурата, на идеите кои ги создаваат архитектите. Па видете што се случува во Скопје, па ние имаме шопинг центри во кои недостасува уште да се наплаќаат влезници, а притоа комплетно го запоставуваме концептот на отворена шопинг улица, променадата на ГТЦ; добивме дури и затворени заедници за домување (gated communities) наспроти прекрасните концепти на соседства кои ги имаме како примери во Скопје од изминативе стотина години; или уништивме сè што претставуваше двор-градина на 2/3 од територијата на градот… Пред нашата професија претстои една тешка битка, апстрактна би рекол… таа не е толку битка за технички или проектантски знаења, иако тоа е секој пат неминовност, колку што се однесува на воспоставување на етичка релација на архитектот и неговото творештво и неговата комуникација, вредност и позиција кон центрите на моќ, инвеститорски, политички итн. Само така како толкувачи и создавачи на идеи, а не како сервис на истите, архитектите ќе можат да си ја вратат својата позиција и достоинство во општеството!

Tribina MSU_maj2019_1
Трибината „Како до слободен градски простор после Скопје 2014“, која во мај се одржа во МСУ како завршницата на проектот „Ослободување-на-просторот“, според мене е најзначаен, нема да претерам ако кажам и единствен вистински архитектонски настан изминатата година. Знаат ли архитектите како?

ММВ: Трибината како форма на меѓусебно соочување и размена на ставови и идеи беше замислена како составен дел и впишана во нашата агенда уште од самиот зачеток на проектот. Иако проектот е првично наменет за национално претставување во рамките на интернационална манифестација, за нас беше подеднакво важно неговото претставување пред домашната јавност. Во таа смисла, трибината беше насочена не само кон архитектите и урбанистите, туку и кон останатите професионалци кои се занимаваат со социолошките и културолошките аспекти на градот, како и кон пошироката јавност. Во оваа прилика исто како и на трибината свесно не се осврнуваме на самите проекти бидејќи тие подетално се во повеќе наврати обзнанети и публикувани, беа на очиглед во текот на месеците додека траеа изложбите во Венеција и Скопје, а останува и каталогот од изложбата чие второ издание може да се најде во книжарницата на Музејот на современата уметност, институцијата-организатор на целиот проект „Ослободување-на-просторот“.
СВ: Со резултатите од претставувањето на Биеналето, со реалните и остварливи сценарија за иднината на нашиот град, архитектите (иако само еден дел директно ги повикавме да учествуваат во проектот) покажаа дека знаат да се справат со архитектонски проблеми-планини од ваков вид. Од друга страна трибината што се одржа во МСУ стави на едно место и архитекти, и уметници, и критичари, а беше посетена од значителен број на граѓани од разни профили што се одрази и во бројните прашања и коментари. Тоа беше целта, луѓето на кои им значи градот да можат да го кажат својот став јавно и во форма на дискусија. Мислам дека добивме фини поенти, судривме различни мислења и ставови, отворивме извесни дилеми, но пред сè на многу директен начин заемно се слушнавме. Дебатата се снимаше, во процес на обработка е целокупниот аудио и видеоматеријал, па се надевам набрзо, во следниов период истиот ќе го имаме за споделување со уште поширок аудиториум…

Tribina MSU_maj2019_3

Мислењата на колегите се поделени. Некои сметаат дека Скопје 2014 е завршена работа, дека сме досадни со зборување за тоа. Други мислат дека уривање е скапо и невозможно. Трети се сигурни дека мора да се урне, бар дел, за да се покаже дека вака не се работи архитектура и дека ова никогаш не смее да ни се повтори. Треба ли архитектите да заземат заеднички став и да имаат стратегија како фела и доследно да спроведат?

СВ: Чинам дека времето на манифестите колку да ми се тие драги е некако одминато бидејќи брзината со која за жал сега ги живееме нашите животи не дозволува идеализмот и политичката порака на манифестот да се вметне во реалноста. Дополнително верувам во идејата на мноштвеност, а не на догмата на еден потег, една идеја или едно мислење. Затоа и зборувавме за потребата од артикулирана и упорна стручна дискусија, од „пишувањето“ на „непишани правила“ од кои потоа, на ниту еден автор архитект нема да му биде едноставно да отстапи. Тоа е побитно отколку да имаме едно мислење! Нема потреба сите да бидеме сложни за сè, но кога станува збор за СК2014 мислам дека ставот на професијата е прилично усогласен, а тоа е дека целиот проект фрли стигма и срам врз целокупното досегашно архитектонско творештво на овие простори и дека вакво самонегирање може да се поправи само со проактивен однос, со преземање конкретни архитектонски интервенции за менување на сегашната состојба на СК2014.
ММВ: Има два начина како ќе се пристапи кон проблемот, ако прашувате што да се прави со СК2014. Едниот е многу безбеден, бидејќи се повикува на целосно рушење на сè што е направено. Тоа во архитектонска смисла е скоро невозможно во моментов, но и крајно неодговорно особено ако немате финансиска и програмска стратегија што после рушењето. Тврдам дека тврдото инсистирање на тоа СК2014 да се руши е најдоброто алиби што ќе направи тој да остане ваков каков што е, тоа е играње на сигурно. Дополнително, да се руши и притоа да не се предвиди што потоа и не е баш некоја идеја! Секако втората опција што всушност и ја заговараме со проектот за Венециската изложба е онаа на проект со „отворен крај“. Исклучително радикална постапка токму во односот кон прифаќање на реалноста и влегување во костец со неа.Тоа значи проект што ќе трае сè до моментот кога професионалната дискусија и јавноста ќе увидат дека имаме пристоен град за живеење. Тоа значи дека е потребно да ја „бетонираме“ тезата дека СК2014 нема никаква вредност освен тоа дека постои и на тој начин немаме одговорност да се стеснуваме доколку нешто треба да се промени или сруши. Тоа е тој филигрански танц за реконструкција што треба да го одиграме за поедини фрагменти на градот, а што проектите за „ослободување-на-просторот“ успешно го зачнаа, сите до еден! Исклучително тешки проектантски задачи за кои треба многу знаење и креативен влог, но нема друг начин да се поврзе, да се преклопи и она што било и она што е сега во моментов, но и она како треба или како може да биде…

Tribina MSU_maj2019_4

Би урнале ли вие барем некој објект од Скопје 2014? Би ги вратиле ли во изворно архитектонско обликување „преоблечените“ фасади?

СВ: Бесмислатана СК2014 ги боли сите архитекти кои малку од малку се разбираат, веруваат и ја сакаат професијата! Но да го рушите СК2014 без да имате идеја зошто и уште повеќе како и што потоа тоа е исто како да го рушите цело Дебар Маало и Буњаковец! Да, да навистина… станува збор за скоро па идентично дивеење и растурање на квалитетот на урбано живеење како општо добро. За да се поправи СК2014 ќе ни требаат толку години колку што ќе ни треба за да разбереме, но и да поправиме сè што сме погрешиле со овие скопски населби, кои за жал станаа модел за градење и на помалите градови низ Македонија. Уште пострашно, станаа начин на размислување, начин на креирање на финансиски стратегии во градежништвото, начин на проектирање во архитектурата, а да не го споменувам урбанизмот кој всушност во дадените услови и не постои. Тажно е како урбанизмот од документ-идеја стана протокол кој треба да покрие некоја процедура, а не да покаже знаење и умеење како да се уреди градскиот простор.
ММВ: И покрај објективната болка што ја предизвикува целата гротесктност на СК2014, навистина сметам дека не треба да се лицитира со тоа што и како треба да се руши пред за тоа да се има проект! Особено кога станува збор за архитектонски ансамбли кои претставуваат многу вреден и сложен градски контекст. Впрочем како што кажавме и претходно, и проектите за Биеналето не настанаа во афектна состојба и желба за рушење, туку како резултат на создавање, на креација, на раѓање на една нова идеја за просторот… или во случајот, создавање на новиот јавен градски простор и неговата непосредна релација со архитектурата.

Скопје 2014 е политички проект, направен по секоја цена и по диктат. Но што правиме со оној урбанизам и објекти кои не се Скопје 2014? Со хиперпродукција на лоша станбена архитектура, шопинг центри, одземање на јавни простори низ целиот град?

СВ: Ако СК2014 беше политичка одлука, тогаш логично е да помислиме дека и за неговото менување повторно е потребна политичка одлука. Не и не! Не треба никаква политичка одлука туку политичка поддршка. Ако е одлука тогаш имате ситуации како оние што ги слушавме во телефонските разговори кога се нарачуваа разни „еркери“, фонтани и што ли уште не. Политичарите не се мајстори на изградениот простор, тоа се архитектите пред сè! Тоа се граѓаните на еден град, тоа се сите функционални и културолошки потреби, или ако повеќе сакате инфраструктури кои ги изискува духот на времето во кое живееме.
ММВ: Во моментов Скопје е задушен град, нема воздух, нема зелен простор, нема јавни простори, уредени паркови и места за рекреација или ги нема доволно и блиску до местата за живеење. Во моментов имаме средно голем град кој има едвај повеќе од половина милион жители, а во кој паркинг-простор се продава како неверојатен луксуз! Следните 15-20 години архитектите кај нас навистина имаат една пионерска улога и одговорност. Повторно како во педесеттите години кога видливо почнува да се модернизира Скопје, кога Архитектонскиот факултет почнува да работи во полна пареа, ќе треба со своето делување, со исклучителниот шарм и надменост што ја има професијата архитект, не само да ја обликуваат туку и да ја образуваат и коригираат општествената реалност, да влијаат на подобрување на културата на живеење, да им објаснат на своите клиенти и идни корисници на просторот за придобивките на квалитетен простор (јавен или приватен). Ние како архитекти не смееме да бидеме инструмент за создавање на метри квадратни просторни отпадоци, напротив треба да се бориме секој сегмент на професијата да биде квалитативен исчекор, а тоа се прави кога конечно ќе излеземе од сегашната ментална решетка и културата на себесожалување и секој одделно ќе почне чесно да си ја одработува својата работа…

Tribina MSU_maj2019_2

Испрати коментар

Scroll To Top