Насловна / Вести / Во Јевремовац вегетираат растенија од српската и европската флора

Во Јевремовац вегетираат растенија од српската и европската флора

Први април 2017 година, убав сончев ден кој мене и на мојата пријателка Ангелина полека ни откриваше дека нè очекува интересна и возбудлива авантура во Белград. Многу добро се сеќавам на датумот бидејќи амбиентот нè потсетуваше на стиховите на една песна која укажува на насмеаните сончеви денови во Белград за овој период од годината.

DSC_0833

Патувањето не беше случајно. Тој ден имавме една многу голема задача, а тоа е да ја запознаеме тамошната Ботаничка градина, да размениме искуства со соседната земја и дел од нив да ги примениме и кај нас… Конечно имаше надеж дека и нашата Ботаничка градина, нашето заборавено скромно, но слатко катче ќе успее полека да чекори кон првото скалило на успехот. За оние неупатените, иако имаше речиси 70 години од постоењето на Ботаничката градина во Скопје, никој никаде не ја споменуваше. Беше оставена времето да си го направи своето. Но тука се појави една група ентузијасти од Природно-математичкиот факултет, со целосна поддршка од Факултетот и Македонското биолошко друштво кои аплицираа во Глобалниот еколошки фонд – Програма за мали грантови и добија проект за реконструкција на големиот стакленик од Ботаничката градина. Никогаш нема да го заборавам мигот на возбуда кога ми се јави професорката Рената да ме извести за оваа вест…

1

Да се вратиме во Белград. Некаде кон 10 часот бевме договорени со една пријателка да се чекаме пред влезот на Ботаничката градина Јевремовац. Влезот е многу интересен, портите се специфични, столбовите имаат антички стил. Доц. д-р Ксенија, асистент по Ботаника на Белградскиот универзитет, која патем речено е со потекло од нашите краишта, гордо ни објаснуваше за историјатот на Јевремовац.

2

Имено, Ботаничката градина во Белград била формирана во далечната 1874 година на иницијатива на Јосиф Панчич, кој меѓу другото претставува еден од најзначајните српски ботаничари. Меѓутоа, првично се наоѓала во близина на брегот на реката Дунав и поради поплави морало да се најде, нова посоодветна локација. За жал основачот на Ботаничката градина немал можност да доживее да ја види Ботаничката градина на денешната локација бидејќи починал во 1888 година. Во 1889 година, кралот Милан Обреновиќ знаејќи за проблемите со кои претходно се соочувала Ботаничката градина, решил да го поклони имотот од неговиот дедо господарот Јеврем Обреновиќ за таму да се лоцира новата Ботаничка градина. Единствен услов бил Ботаничката градина да се нарекува Јевремовац во чест на неговиот дедо.

viber image 2019-03-19 , 12.27.55

Влегувајќи полека во дворот на Јевремовац, прво нешто што се забележува е статуата на основоположникот на ботаничката градина, а зад него се наоѓа оморика – едно од најпознатите видови што тој го опишал, а во негова чест уште се нарекува и Панчиќиева оморика. Во убаво уредениот парк, на површина од околу 4.8 hа се наоѓаат околу 300 видови дрвја и грмушки и околу 800 тревести растенија од српската и европската флора.

Во паркот, она што привлекува особено внимание е т.н. Јапонска градина која има посебен облик. Основни елементи кои се присутни во овој дел од паркот се каменот, водата и растенијата. Каменот е свет објект во Јапонија. Групацијата од повеќе камења има врска со балансирањето на енергијата во природата. Водата е многу значаен елемент кој потсетува на промените во природата, а растенијата го креираат конечниот амбиент. Растенијата се бираат по симболиката којашто тие ја носат – борот е симбол на долговечност и љубов, јапонската цреша е симбол на вечна младост и пролет, а листопадните јавори се симбол на циклусот на животот и смртта. Таму, на еден многу идиличен мост, имавме можност да видиме младоженци кои имаа фотосесија со позадина како од бајките. Ксенија ни објаснуваше дека често се одлучуваат да прават не само фотосесии, туку и венчавки, крштевки и слични организации на отворено во дворот на Ботаничката градина.

DSC_0768

Камењарите кои се наоѓаат во паркот исто така заслужуваат да бидат споменати. Ние бевме на почеток на вегетациска сезона и за жал не успеавме да ги видиме растенијата коишто се наоѓаат во овој дел. Таму може да се најдат многу балкански ендемити коишто растат на карпести површини, а особено интересни се двете рамонди кои ги има и во нашата земја, а се опишани од Панчич – српската рамонда и рамонда на кралицата Наталија. Тоа се многу атрактивни растенија кои имаат ограничено распространување.

Стакленикот во Јевремовац е изграден во викторијански стил, со централна купола и две крила, и покрива површина од околу 550 m2. Тој претставува живеалиште за околу 1000 различни тропски, суптропски и медитерански тревести и дрвенести видови кои се групирани географски – по континенти и еколошки. Во јужното крило и во централната купола расте буен и раскошен растителен свет на дождовни шуми и разновидни водни растенија, додека во северното крило се наоѓа мал пустински свет со богата колекција на сукуленти, кактуси, песок, камења и секако многу сонце. Овој мал свет нè воведува во необичното функционирање на царството на растенијата. Човек тука истовремено ужива и учи за необичните адаптации на овие живи организми.

DSC_0811

Нашата прошетка како да траеше само пет минути, времето летна, а нам не ни се веруваше дека е време да излеземе од овој магичен свет. Она што јас го забележав во текот на обиколката е дека Србите уживаат во ова богатство со голема почит. Децата многу внимателно си играат во паркот, студентите залутани во својата наука ја користат природата за да го најдат својот мотив за учење, туристите со голема љубопитност се запознаваат со флората на нашите краишта, а бамбусите секој час си растат по некој милиметар…

DSC_0820

Но дали оваа идила ја имало отсекогаш??? Уште на самиот влез наидовме на една голема информативна табла каде што со големи букви беше нагласено дека Ботаничката градина е реконструирана во 2014 година со помош на Министерството за образование и со фондови од Европската Унија. Нашиот водич нè упати на не така далечно минато, кога Јевремовац не бил толку популарен и атрактивен. Токму овој факт ми вроди надеж дека и нашата Ботаничка градина може, доколку се вложи соодветно, да стане она што денес е Јевремовец за Србите. Тоа е надеж која те мотивира да се бориш за да успееш, бидејќи најслатко е кога си горд на она што досега си го направил.

009

Ботаничка градина на ПМФ во Скопје

Денес, после точно две години од нашето патување, правејќи една ретроспектива, може да се каже дека успеавме да го направиме оној најбитниот, иницијалниот чекор. Но тоа не значи дека тука застануваме, напротив тоа значи дека продолжуваме понатаму да ја развиваме нашата Ботаничка градина за да стане она што ѝ доликува на институција од таков вид. Се надеваме дека по патот по кој се движиме, во иднина ќе ни се придружат не само стручни лица, туку и љубители на природата. Но, само од ова нема да опстане градината. Сепак е потребно извесни институции, приватни фирми, па дури и можеби дипломатски претставништва да дадат финансиска помош за таа да се поткрепи и да може да биде македонска гордост.

Автор: Цветанка ЦВЕТКОСКА, дипломиран еколог

Испрати коментар

Scroll To Top