Насловна / Вести / Влашка земја богата – со геотехнички искуства

Влашка земја богата – со геотехнички искуства

Се чини дека изобилството и интензитетот на позитивни импресии од 16-тата Подунавско-европска конференција за геотехничко инженерство (XVI DECGE) што се одржа минатата година во Скопје овозможи одекот сè уште да трае: истата се спомнуваше како одличен пример на неколку реномирани настани што се одржаа низ Европа, а и одредени истражувачи пројавуваат интерес за соработка со овдешни институции, со што „кршењето на мразот“ придонесе учесници на конференцијата да посакаат да (ни) дојдат повторно. Од тој аспект, конференцијата пружи можност да се остварат поблиски контакти со претставници на странски научни и образовни институции, што скопскиот Градежен факултет (ГФ) го исползува да склучи и неколку меморандуми за разбирање со сродни факултети од поголем број земји, помеѓу останатото – и за реализирање на ЕРАЗМУС размени, како на ниво на студенти, така и за наставен кадар. Во такви околности, во претпоследната недела на мај, на ГФ гостуваше вонр. проф. д-р Ернест Олиник, раководител на Катедрата за геотехника при Техничкиот универзитет за градежништво во Букурешт (Романија). Како што веќе беше објавувано на печатените и електронските страници на ПОРТА 3, во рамките на XVI DECGE беше одлучено нејзиниот следен домаќин да биде Романија, која номинација тогаш ја обзнани токму проф. Олиник, во својство на секретар на Романското друштво за механика на почви и геотехничко инженерство. Со куси информации за факултетот и друштвото започнуваа, всушност, и неговите сегашни настапи пред студентите на ГФ и членовите на Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ), со предавања што ги одржа деновиве:

–          Подобрување на почви преку мешање со минерални материјали и хидраулички врзива (Soil improvement by mixing with mineral materials and hydraulic binders)

–          Практични аспекти и поуки од проектирањето и изведбата на депонии за комунален отпад (Practical aspects and lessons learned from the design and execution of municipal solid waste landfills)

–          Подготовка на карти за хазарди и ризици од свлечишта (On the elaboration of landslide hazard and risk maps)

–          Сложени услови за фундирање во Романија (Difficult foundation conditions in Romania)

1

Низ нив, покрај искуствата од оперативата, на инспиративен и афирмативен начин беа пренесени и резултатите од неколку истражувања реализирани од постдипломци и докторанди за научни цели и за државни проекти. Имено, авторот го минимизираше присуството на текст низ презентациите, со што акцент беше ставен на користење на лабораторија (во и за различни услови, вклучувајќи и симулирање на оние временските), современ софтвер, реализирање на теренски посети и др., од кои произлегле и снимки, бројни фотографии документирани од различни локации, дијаграми и сл. Како што констатираа присутните низ прашања и мултилатерални дискусии, претставената проблематика ја засегнува и нашата земја, при што особено актуелни се активностите за подготовка на карти на свлечишта и потребите за стабилизација на бабречки почви на неколку локации за капитални објекти. Сепак, авторот потенцираше дека не е можно да се даде универзална препорака за соодветно подобрување на почви, бидејќи е можно одреден „стандарден“ начин на подобрување кај едни материјали да предизвика негативни појави кај други почви, или пак покрај бараните добри, да придонесе кон развој и на негативни реперкусии. Оттаму, проф. Олиник повеќепати укажа дека е неопходно и мошне важно за секој засебен случај да се спроведат серии лабораториски испитувања и да се провери (дијапазонот на) успешноста на постоечките решенија, да се иновираат нови или да се унапредат постоечки. Такво, впрочем, беше и едно од изложените: претходно мешање на 40 % песок и 10 % бентонит, па додавање на смесава во лес (50 %), како слаб материјал. Во оваа област Романија одамна истражува и ги споделува искуствата, бидејќи во најголем дел од нејзината територија се наоѓаат бабречки и колапсибилни почви, а на слична (неретко и на истата) површина се распространети и свлечишта.

3

Во текот на престојот, кој коинцидираше со обележувањето на 70-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, гостинот се запозна со работата на ГФ и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, како и припадните лаборатории за геотехника. Воедно, од рамките на теренскиот сегмент, направи обиколка и на првата брана изградена кај нас – Матка.

Паралелно, престојот се искористи да се разменат искуства околу организацијата на XVI DECGE, а во насока на продлабочувањето на регионалната геотехничка соработка, агендата се збогати со остварување на гостување во Софија, во друштво на сегашниот и претходниот претседател на ДГМ. Имено, таму, на 22.5., се одржа чествување на 100-годишнината од раѓањето на проф. Георги Стефанов, доајен на бугарската геотехника и асистент по механика на почви на Виенскиот технички факултет во времето кога се поставувале темелите на современата светска геотехника. Настанот го организираа Катедрата за геотехника при Градежниот факултет во Софија и Бугарското друштво за механика на почви и геотехничко инженерство, во која пригода говореа, но и одржаа предавања проф. Хајнц Брандл (носител на Медалот за заслуги за Македонија), проф. Иван Ваничек (повикан предавач на XVI DECGE), Велин Задгорски (еден од малубројните членови на првата работна група за Еврокод 7) и др. Токму последнонаведениот се очекува следната година да дојде кај нас, а дотогаш, уште еден учесник на XVI DECGE службено ќе го посети Скопје, како увертира за неколкумина други веќе најавени за втората половина на оваа и првата од следната година, овозможувајќи ни сè уште да уживаме во „последиците“ од XVI DECGE.

Автор: доц.д-р Златко ЗАФИРОВСКИ, дипл.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top