Насловна / Архитектура / Верувам во иднината на нашата архитектонска наука – арх.Вера Ќосевска

Верувам во иднината на нашата архитектонска наука – арх.Вера Ќосевска

vera

Наградата „Андреја Дамјанов“ ја добивте за Вашиот придонес во современата архитектура. Ова ли е полето во кое се пронајдовте? Зошто баш современото Ви беше предизвик?

-За архитектура и градителство слушав многу, уште во моето најрано детство. Имав член во најтесното семејство (вујко), кој беше архитект и имаше своја фирма во Загреб, но градеше неколку значајни објекти во мојот и неговиот роден град Осијек. Неговите објекти се разликуваа од дотогашната архитектура во градот која датираше од минатите векови, меѓу кои е и Окружен завод за здравство, кој беше проектиран и изграден со чиста и искрена архитектура, без додатни украси, а како таков постои и денес без никакви промени.

Подоцна, за време на студиите во Белград, имав многу добри професори со современи погледи и сфаќања во доменот на мојата идна професија. По предметот Историја на архитектура се запознав со сите историски стилови во градителството од минатите векови. Кај мене немаше дилема дека секој стил му  припаѓа на одреден временски период, кој во мојот живот ќе претставува само убаво но минато време.

Ваши дела се некои од највисоките објекти во државата кои датираат уште од 60-тите години. Но, грабењето по поголеми височини стагнираше сè до изградбата на турските облакодери во Аеродром. Дали времето на облакодерите е поминато или очекувате допрва да земе замав?

-После скопскиот земјотрес се наѕираше можност во нашата република да се градат современи градови како во светот. Во урбанистичките планови се поставени објекти како акценти на позначајни места во градот и со зададени висински услови. На тој начин, како урбанистички услов, проектирав неколку за тоа време високи објекти. Од нив, три се станбени солитери со различен број на катови, од П+М+11, П+М+14 и П+М+16 ката над теренот, а четвртиот објект беше проектиран за деловно-административни потреби со катност од П+М+30 ката над теренот. Тој објект беше поставен во урбанистичкиот план како акцент на потегот од новата железничка станица кон центарот на градот. Тој проект, за жал, не е реализиран.

Во поглед на користење на теренските можности, мислам дека иднината ќе бара искористување на воздушниот простор со високи градби во корист на теренот. Но, тука веднаш морам да го искажам моето лично и стручно мислење.

Високите градби се погодни за деловни и административни намени, бидејќи во нив не се престојува целодневно во целосно климатизирани простории.

Но што се однесува до височините за станбеното живеење, убедена сум дека е поприфатлива опцијата за пониски живеалишта. Во моите изградени станбени кули проектирав и се изведоа заеднички простори на секое трето ниво за игра на децата и пријатни дружења на нивните родители. Но сепак, и покрај така уредени цветни и зелени оази во висококатниците, живеењето во пониските градби е поудобно.

02 Hotel Jugo - Gevgelija 1977-78

Хотел Југо-Гевгелија, 1977-78

01 Hotel Panorama - Radovish 1978

Хотел Панорама – Радовиш, 1978

03Teatar na narodnostite - Skopje 1968-70

Театар на народностите – Скопје, 1968-70

Порано градевте цели населби, сега веќе не се прави тоа. Еден плац со 14 маркички прво се продаваше како целина, потоа како две половини по седум, но се продаде дури откако сите се понудија поединечно. На запад, особено во САД, сè уште се градат цели населби, зошто кај нас исчезна таквата практика?

-Архитектурата е сведок на одредени прилики во државите и идеологија во општествените системи. Во педесеттите години од минатиот век, мислата за рационалност се совпаѓа со тогашните скромни општествено-економски услови во нашата, тогаш уште релативно млада држава. Се бараше брза изградба на производствени и станбени објекти. Секоја нова фабрика или установа градеше паралелно и станбени згради за своите вработени од сите категории на образование (на пример, скопска Железарница, Стакларница, Цементарница). Тој тренд на градби за своите вработени се задржа до осумдесеттите години на минатиот век, но со нешто променети економски услови за вработените. Становите се доделуваа по приоритетни листи на вработените. Се градеа цели населби и комплекси, кои ги откупуваа фабриките, претпријатијата и установите за своите вработени со помали економски можности. Тие објекти се нарекуваа Солидарни или Работнички станови, а се градеа низ целата наша држава. Со промената на општествениот систем, се промени и станбената политика.

Што најмногу Ве воодушевило од светската архитектура во изминативе десетина години, а што од македонската?

-Да се споредуваме со постигнатото во светската архитектура, за сега не е можно.  Ќе кажам што ме одушевува во светското градителство, а од што сум задоволна во нашата архитектура во изминатите десет години.

Технологијата на градбите во светската архитектура оди со големи чекори напред. Ме одушевува технологија на градење каде за една катна висина во традиционални услови се гради шест недели, а со динамична технологија за истиот кат се потребни само шест дена, а притоа тие се и ротациони. Нашето градителство, засега, е многу далеку од таквите технологии.

Во наши услови, за последните десет години се изградени повеќе објекти со напредни сфаќања за архитектурата во 21 век. Меѓу нив, ќе го наведам како успешно изграден и добро вклопен објект во своето опкружување, Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево.

04 Zdravstven dom - Valandovo 1982

Здравствен дом – Валандово, 1982

05 Policiska stanica Gazi Baba - Skopje 1985

Полициска станица Гази Баба – Скопје, 1985

06 Pedagoshka akademija - Shtip 1966

Педагошка академија – Штип, 1966

Од сите типови проекти што сте ги работеле (болници, административни објекти, фабрики, населби итн.) кои Ви беа најголем предизвик и како тип и како поединечни проекти?

-Во мојата творечка работа никогаш не сум го делела пристапот кон новиот проект. Секој проект ми претставуваше нов предизвик, без оглед дали се работеше за голем или мал објект, бидејќи и двата се дел од нашето окружување и двата ја сочинуваат сликата на градот или местото каде ќе биде изграден. Впрочем, и големиот и малиот објект од сите архитектонски области, му служи на човекот како негов краен корисник.

Постои ли дело кое е Ваше милениче и зошто? Што е тоа што го издвојува од другите?

-На ова прашање навистина не е лесно да одговорам. Секој објект е дел од мојот професионален живот, јас всушност живеев со секој објект додека го проектирав. Од бела празна хартија до изграден објект, тоа е како создавање на еден нов живот. Но сепак, ме обзема некоја мала тага при помислата на неколку нереализирани проекти, неизградени од разни причини. Ќе споменам еден од проектираните и изградени објекти во кои сакав да ги имплементирам на одреден начин елементите од традиционалната македонска архитектура во објект со современа архитектура. Ги применив еркерните и кровните елементи од традиционалната архитектура вклопени во современ хотелски објект, кој и со своите волумени не се наметнува на околниот пејзаж. Косините на кровните површини ги следат истите косини од околните ритчиња. Тој објект е хотелот „Панорама“ во Радовиш, на кој, за жал, сега после 35 години од неговата изградба и користење, е присутна недоволната грижа за него.

07 Sudska zgrada - Ohrid 1960-61

Судска зграда – Охрид, 1960-61

12 G.T.C. Solun - Gevgelija 1979-80

Г.Т.Ц. Солун – Гевгелија, 1979 -80

09 Kula Kumanovo 1975-76

Кула Куманово, 1975-76

Творевте, главно, во времиња во кои функцијата на градбите имаше апсолутна предност пред нивната форма, односно од функцијата произлегуваше формата. Колку од тој принцип е задржан денес и дали имате впечаток дека функционалноста почесто се жртвува на сметка на формата?

-Непочитувањето на три основни услови при проектирањето на кој и да било објект, а се однесуваат на просторот во кој ќе се гради објектот, на неговата форма односно неговиот изглед и на неговата функционалност, е многу опасно за добар краен исход на проектот. Архитектонското проектирање е многу убава, но одговорна работа. Работа на секој нов проект е и нов предизвик. Почетното согледување, кое архитект-проектант мора добро да го совлада, е анализа на просторот во кој ќе опстојува идниот објект. Во врска со просторот е габаритот и изгледот на идниот објект, кој мора да е вклопен и усогласен со дадениот простор (локацијата). Многу битна е правилната и добра функција на секој објект.

Архитект кој не ги почитува овие основни правила при проектирањето, не може да изгради добар објект. Објектот можеби ќе биде убав на изглед, но не и вклопен во просторот, или ќе биде и вклопен, но нефункционален (и обратно). Само ако се исполнети овие три правила, може да се каже дека објектот е успешно проектиран.

Каде оди архитектурата денес, која е нејзината иднина кај нас и во светот?

-За иднината на светската архитектура, воопшто не се сомневам дека би можела да тргне во назаден и погрешен правец од оној што веќе е постигнат. Големите светски архитекти, покрај својата стручност, ги почитуваат правилата во проектирањето и со голема помош на врвната технологија на градбите, ќе постигнуваат сè поголеми успеси во создавањето на современа архитектура во времето што следи.

Што се однесува до иднината на нашата архитектонска наука и практика,  останувам оптимист бидејќи верувам во иднината на архитектонската наука и во напредните сфаќања на најголем број од нашите сега активни архитекти-проектанти и во новите генерации кои допрва доаѓаат. Убедена сум дека некои видни промашувања ќе останат само како еден лош сон во кошмарна ноќ, кој нема да се одрази или да има влианије на убавиот нов, нареден ден.

08 Kula 11 Oktomvri - Skopje 1965-66

Кула 11 Октомври – Скопје, 1965-66

10 Blokovi Grdski Zid - Skopje 1968

Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968

11 Kompleks Moskva - Skopje 1969

Комплекс Москва – Скопје, 1969

Значи ли наградата „Андреја Дамјанов“ заокружување на Вашата професионална ориентација или и понатаму ќе продолжите да работите?

-Веќе долги години сум надвор од активна проектантска работа, но тоа не значи дека сум и одвоена од мојата убава професија. Ги следам сите актуелни настани во струката, дискутирам со колегите и ги објаснувам моите ставови.

Наградата „Андреја Дамјанов“ ми значи многу, бидејќи ја заокружува мојата севкупна дејност. Тоа е награда за животно дело, доделена од највисокото архитектонско тело, од Асоцијација на архитекти на Македонија.

Но, со доделувањето на таа престижна награда, јас не станав нов член на Архитектонска академија, како што е тоа установено со правилникот, бидејќи бев избрана уште во 2008 година за редовен член на Академијата по истиот правилник, усогласен со членот 6. Потоа, во 2010 година бев избрана за член на претседателството на Архитектонската академија, каде што сум член и сега.

Сето ова покажува дека не сум одвоена од струката, но активната проектантска работа треба да се остави да ја извршуваат сегашните и идните архитектонски генерации од способни проектанти.

2 Коментари

  1. Во целиот текст ниту еднаш не се споменува името и презимето на архитектката, каков пропуст

  2. редакција

    Благодариме за забелешката и се извинуваме за тех. пропуст. Очигледно за некој личности каква е и арх. Ќосевска, ликот и делата се повеќе од доволни за да се препознаат во јавноста

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top