Насловна / Вести / Трансформација на урбани простори и архитектура под влијание на пандемија

Трансформација на урбани простори и архитектура под влијание на пандемија

Според секојдневните податоци, веќе неколку месеци сведоци сме на зголемен број заболени од коронавирусот Ковид-19 во голем број држави, со што епидемијата се наметна како глобална закана за развојот на човековата заедница.  Со оглед на динамиката на заразата и просторната распространетост, се наметнува потреба од соодветна реакција од сите аспекти, а секако и во сегментот на организирање на просторите на градовите и на архитектонските простори, поврзани со максимално намалување на процесот на пренесување на заразата. Тоа е очекуван придонес на архитектите преку можните трансформации на просторот за егзистенција на човекот.

Сите соодветни субјекти како Светската здравствена организација (WHO), Организацијата за човекови населби Хабитат (UN Habitat),  Интернационалната унија на архитекти (UIA),  Асоцијацијата на архитекти на Македонија (AAM),  соодветните министерства и различни невладини организаци на национално како и на локално ниво, треба да се здружат против заедничкиот непријател во сузбивање на опасноста за пренесување на зарази кои се вршат во просторот. Потребна е синхронизирана  сеопфатна насоченост на сите нивоа, со соодветни активности кон иста цел. Во овој материјал се оформуваат можни насоки за трансформација на просторот во функција на подобрување на состојбата со пандемијата, а предмет на согледување е  трансформација на урбан и архитектонски простор.

Можни трансформации на урбани простори

Според препораките на Светската здравствена организација, клучен момент за намалување на пренесување на коронавирусот е практикување лична заштита, намалени социјални контакти меѓу луѓето, односно дистанца при користење на просторите. Тоа значи намалување на непосредни социјални контакти и во урбаните простори наместо примена на принципот на концентрација треба да се практикува принципот на изолација, дистанца и децентрализација и заради помало движење во урбаниот простор, организирање на повеќе помали урбани целини. Наместо утврдено функционално зонирање да се насочува функционална синтеза и организирање оптимални урбани целини со повеќе намени за задоволување на потребите на граѓаните, од ниво на градски центар кон повеќе локални центри со различни содржини, од зони за домување кон повеќенаменски урбани структури.

__.1 _____________ _ ________________ __ ______ ________resize

Слика 1. Шематски приказ на состојба на град (лево) со концентрација на градски центар и трансформација на урбани простори (десно)  со децентрализација со повеќе локални  центри и мултинаменски урбани содржини

Јавните простори треба да се трансформираат со принцип на децентрализација, особено фокусните точки во урбаните простори, како што се централните подрачја, наместо концентрирање на градски центар, потребно е да се организират повеќе локални центри со заеднички содржини и со присуство на вегетација и зелени коридори, со цел рекреацијата на граѓаните да се организира во локални центри во близина на домувањето.

Кај системите за транспорт наместо доминантен автомобилски транспорт треба да се промовираат безбедни еколошки системи кои овозможуваат квалитетно патување во помали сепарирани целини (заради препорачаната социјална дистанца), со посебно преградени простори, просторни капсули и промовирање велосипедски транспорт.

__.2 _______ ___________ ____________resize

Слика 2. Примена на еколошка висечка иновативна транспортна технологија за патнички и товарен транспорт, која овозможува ефикасен меѓуградски и градски транспорт

Велосипедскиот сообраќај се одива по велосипедска инфраструктура која  е уште повеќе ефикасна кога работата и другите потреби се во близина на домувањето, а тоа е можно во услови  на организирање мултинаменски просторни целини, особено се промовираат терасести структури на различни терени како повеќенаменски урбани целини со доста вегетација.  Во такви урбани целини, велсипедот е ефикасно средство за мобилност во просторот и  покрај соодветна мрежа на велосипедски патеки потребно е организирање простори за паркирање на велосипедите.

__.3. _______ __ __________ __ __________resize

Слика 3. Паркинг за велосипеди во Амстердам

Просторите за урбана вегетација наместо концентрација, треба да бидат децентрализирани во помали зелени оази кои ќе бидат поврзани со систем на вегетација, одреден вид на зелена инфраструктура,  со предвидување велосипедски и пешачки патеки за движење низ вегетација, со повеќе зелени простори, што во основа одговара на климата и на менталитетот на населението.

__.4 __________ __ _____ __ ___________resize

Слика 4. Примена на урбана вегетација во Венге, до Копенхаген

Урбаните простори за домување треба да се организираат како  мултифункционални терасести структури со комбинирана намена за заеднички содржини во долните делови на структурите, а во погорните делови, домување во терасести организирани структури со зелени градини и комбинација на отворени и затворени простори, со максимално осветлување, осончување и проветрување, што е ефикасна заштита во услови на пандемија.

__.5 _____________ _________ _________ __ ___________resize

Слика 5.  Приказ на мултинаменски терасести структури со присуство на вегетација

 __.6 ______ _______ __ ________resize

Слика 6. Организирање урбана населба со вегетација во Шведска

При трансформирање на урбаните простори за здравство потребна е соодветна просторна диспозиција за оптимално функционирање на центри за инфективни болести, со сите мерки на безбедност и заштита на населението, а содржините ќе бидат соодветно урбанистички лоцирани.  Базична програмска насока е функционирањето на центрите за инфективни болести да немаат негативни ефекти врз другите содржини во здравствениот систем, со оглед на виталното значење на здравствените установи за населението. При програмирање на урбаниот простор за инфективни болести во градовите, треба да има одредена просторна резерва со резервен простор за предвидување монтажни капацитети, според потребите на развојот на пандемијата.

Процесот на трансформација на урбаните простори и пошироката околина бара одлични комуникации и силни конекции на интернет-мрежите кои ќе бидат витални носители на комуникацијата. Потребен е силен развој на информатичките вештини, со акцент на поедноставни дизајнерски солуции за едноставна примена во секојдневната практика за сите старосни  групации на населението, со повеќе запознавање за извршување на секојдневни административни, образовни, здравствени, снабдувачки, финансиски, деловни и сите потребни активности во дигиталниот свет.

Заради согледување на обемот на трансформација на урбаните простори, за секој  град треба да се согледа потребата за иновирање на одредени делови на урбанистички планови (особено за определување соодветни простори за инфективни болести) и според потребниот обем на трансформација на урбаните простори да се оформат измени на планските урбанистички концепти и да се насочат активности во конкретните просторни целини.

Трансформација на архитектонски простори

Трансформацијата на архитектонскиот простор ќе се одвива со примена на  функционална синтеза и организирање оптимални архитектонски целини со повеќе намени, за задоволување на потребите на граѓаните во соодветни повеќенаменски терасести структури.

Во архитектонски простори за домување, треба да се промовира примена на различни терасести структури со примена на вегетација и овозможување поголем контакт на станарите со отворени простори. Потребно е подобрување во делот на комуникациите каде се движат станарите и треба да се практикува примена на помали станбени концентрации, помали височини на објектите, често вентилирање и дезинфекција на лифтови, скали и ходници во заеднички станбени згради, отворени платформи заради заштита од вируси.

__.7 _________ _________ __ ___________resize

Слика 7. Примена на терасеста структура во Швајцарија

Во делот на образовните установи, наместо концентрација ќе се практикува децентрализација и  работа со помали групи со онлајн предавања и пренесување знаења и вештини, со примена на флексибилни простори и можно преградување со мобилни лесни прегради за добивање помали простори за образование.

__.8 ___________ ___________ __ ___________resize

Слика 8. Приказ на флексибилен простор за образование во Австралија

Потребен е посебен акцент кон просторите за здравство, со можности за различни просторни  трансформации на објектите во случај на зголемени потреби, со примена на експанзија на содржините. Промоција на модуларно проектирање и трансформации по хоризонтала и вертикала, со примена на медицински капсули за лекување на заразени пациенти, во услови на урбанистички солидно определени локации за инфективни болести, одвоени од другите клиники заради заштита од пренесување на заразите.

__.9 _______ __________ ________resize

Слика 9. Примена на монтажни медицински капсули. Дизајн Кукил Хан

Просторите за работа треба да се трансформирааат со помали просторни целини, со максимална примена на работа од дома. Тоа е особено изразено кај аминистративните работи кои ефикасно може да се извршуваат и без физичко присуство на граѓаните, со што се овозможува со дигитализирање на процесот, различни јавни услуги на граѓаните да се извршуваат на современ начин и со ефикасно извршување на работните обврски на аминистрацијата. Во ситуацијата, пандемијата покажа дека е потребно забрзување на тој процес со многу поголема ефикасност, поголемо поедноставување на практикувањето и опфат на различни области на дејствување.

Во услови на пандемија се промовира принципот на е-трговија.  Наместо големи центри за снабдување ќе се трансформираат во помали целини и максимално ќе се насочува купување онлајн, од дома за секојдневно снабдување, со цел намалување непосредни контакти во продажни простори, а тоа бара развој на ефикасни сервисни служби за доставување на производите до дома.

Просторите за угостителство треба да се трансформираат со поставување прегради со маси во кафетериите и рестораните, со цел поголема заштита на гостите и сооодветни мерки на хигиена со посебно дизајнирана санитарна опрема на база на сензори, со што се одбегнува потребата за непоседно допирање, како извор на зараза.

Потребни се соодветни  активности за имплементација на насоките, со конкретни проекти според карактеристиките на секој град и соодветните архитектонски објекти во функција за создавање соодветни просторни услови кои ќе помогнат за одбегнување на пренесување на заразните болести, како придонес на архитектурата за заштита на населението во услови на пандемија.

Независно од времето на траењето на пандемијата, најзиниот интензитет и нивото на справување, примената на горенаведените насоки не се дизајнирани како одговор само на пандемијата, туку во основа сите насоки за трансформација на урбаните и архитектонските простори се поврзани со организирање екопростори односно  екоархитектура како хумана архитектура која нема да се карактеризира со квантитетот, туку е насочена кон квалитет на просторот.

tavole marchiate per render_BOERI

Слика 10.  Амбиенти на урбани терасести мултинаменски структури со вегетација  како екоархитектура. Зелени урбани простори во Кина. Дизајн Стефано Боери

Предизвикот е присутен, потребни се системски активности за урбани и архитектонски трансформации на просторот во услови на пандемија. Тоа можеме и мораме да го направиме.

Автор: д-р Мирче КОКАЛЕВСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top