Насловна / Архитектура / Станбениот комплекс Тејлор Корт, Чато Корт и Вилмот Корт добитник на наградата Цивик Труст

Станбениот комплекс Тејлор Корт, Чато Корт и Вилмот Корт добитник на наградата Цивик Труст

На 7.3.2022 беа објавени добитниците на 63-тата по ред Цивик Траст награда, која се смета за најстарата во Европа, воспоставена во 1959 година, а преку која се оддава признание на исклучителната архитектура, планирање и дизајн во изградената средина. Во изминатиот период над 7.000 проекти биле наградени за нивното позитивно влијание врз локалните заедници на коишто им служат. Со наградата се поттикнува најдоброто во архитектурата, а со цел да се подобри изградената средина за сите преку дизјан, одржливост, инклузивност и пристапност, како и да се наградат проектите кои нудат позитивни придобивки од културен, социјален, економски или од аспект на животната средина.

1

Според организаторот, и оваа година бил отсликан меѓународниот опсег на наградата со преку 160 пријавени трудови од Велика Британија, Белгија, Канада, Данска, Обединетите Арапски Емирати, САД и Сомалиланд, од кои 45 се стекнале со признанија. Од овие 45, оваа година, шест проекти од националните и интернационалните наградени објекти коишто искажале одличност во одредена  област се стекнале со една од специјалните награди:

2

  • Специјална награда за најсакан проект на националното жири од овогодишните наградени објекти: Тејлор Корт, Чато Корт и Вилмот Корт, Фрамптон Парк населба во Хакни, Поширокиот Лондон, од Хенли Халеброун за Советот на Хакни – домување во мешовита сопственост.
  • Специјална награда за одржливост: Фрам ЕД во Охфордшајра од Тимоти Таксер Архитектите ДОО во соработка со Антони Калајл Архитект за Котсволд Сиидс ДОО центар за одржливо земјоделство посветен на животната средина и регенерацијата.
  • Специјална награда за позитивен импакт врз вклученост на заедницата со која се одбележува успешна вклученост на локалната заедница за да се реализира проект со највисок квалитет на дизајн, а притоа да се задоволат потребите на локалните луѓе: Њу Пооли мост во Идн од Кнајт Архитектите за Окружниот совет на Камбрија – нов мост кој претставува североисточна капија за влез во Националниот парк Лејк Дистрикт, заштитен комплекс на Светското наследство од УНЕСКО.
  • Специјалната награда Мајкел Мидлтон за проект на обнова на постоечки објект или за нов објект во заштитена градителска средина: Вадхам Колеџ во Оксфорд од АЛ_А за Вадхам Колеџ – Додипломски центар и Центар за пристап.
  • Специјална награда за транспорт и инфраструктура за проект кој нуди исклучителен нов или надграден капитален инфраструктурен проект преку кој е трансформиран јавниот простор: Го Сајкл: Кингстон Сајкл Хуб во Кингстон на Темза од Сара Вигелсворт Архитекти – објект за паркирање на 400 велосипеди со сервис.
  • Специјална награда за повторна употреба и адаптација за проект на објект кој бил оставен да се деградира или би бил срушен за да се задоволат сегашните потреби: Престон автобуска станица во Престон од Џон Путик Асошиетс за Советот на округот Ланкашир – обнова на Заштитен објект од Втора категорија кој е меѓународно признат пример на Бруталистичката архитектура.

5

ТЕЈЛОР КОРТ, ЧАТО КОРТ И ВИЛМОТ КОРТ

Оваа година станбениот комплекс во мешовита сопственост Тејлор Корт, Чато Корт и Вилмот Корт e добитник на Специјална награда за најсакан проект на националното жири од овогодишните наградени објекти. Тејлор Корт и Чато Корт заедно, и Вилмот Корт оформуваат два станбени блока поставени на работ од повоената станбена населба Фрамптон парк, а на меѓусебно растојание од околу 300 метри по должината на улицата „Вел“. Овие нови објекти биле нарачани од Советот на Хакни и биле изградени во 2021 година.  Тие содржат вкупно 45 станбени единици и се со вкупна површина од 2.171 метри квадратни. Двата блока се издигнати на претходно изградено земјиште. Така Тејлор Корт и Чато Корт се изградени на градежна парцела создадена преку рушење на пабот Фрамптон Армс, додека Вилмот Корт е изграден на местото на поранешниот Леителтон Хаус, мал станбен објект со шест станбени единици коишто повеќе не ги исполнувал современите барања за домување.  Оттука се смета дека овие нови објекти укажуваат на тоа како на осмислен начин архитектурата може да ја поддржува постојната социјална инфраструктура во градот.

6

Групирањето и масата на новите станбени блокови претставува успешен спој помеѓу спротивставените урбани услови претставени преку карактеристиките на повоена населба и традиционалната викторијанска улица, а коешто придонело да се поправи урбаното ткиво на начин преку кој се зголемуваат јавните простори. Секој од двата објекти ја опфаќа својата парцела на начин кој овозможува да се создаде издашен јавен простор којшто истовремено е проткаен и по должината на улицата, но и во рамките на населбата.

Frampton Park Estate by Henley Halebrown. Copyright Jim Stephenson 2022

ВНИМАНИЕ НА ДОСТОИНСТВОТО И НА БЛАГОСОСТОЈБАТА НА СТАНАРИТЕ

При проектирањето на објектите особено внимание било посветено на достоинството и на благосостојбата на станарите, како и на капацитетот на објектите да им помогнат на жителите како да се ориентираат во просторот.  Како резултат на ова, околу 90 отсто од станбените единици се со погледи на две или на три страни. Патувањето од улицата до станбената единица е кореографирано со лоѓии, дворови, пространи холови и потскриени скалишни простори. Понуденото решение ги задоволува очекувањата за надворешни слободни површини проткаени со инспирацијата за архитектура на границата помеѓу домашниот ентериер и урбаното пејзажно уредување.

Frampton Park Estate by Henley Halebrown. Copyright Jim Stephenson 2022

Чувството на социјалност преку осознаеност за припадност кон местото дополнително е нагласено преку богатството на типологии на домување на двете локации. Така Тејлор Корт и Чато Корт се објекти на пет ката, каде на првите два ката се сместени градски куќи.  Над нив сместени се станови, а на последните две нивоа се дуплекси (станбени единици на две нивоа).  При ова Чато Корт е оформен од два меѓусебно поврзани дела. Од друга страна исто така петкатниот Вилмот Корт содржи станови по обемот на трокатниот хол на подолните катови, додека на двата најгорни ката се сместени осум куќи по обемот на отворениот двор.  Ваквиот опсег на станбени единици создава исклучително разнолика и ангажирана група на станбени единици, коишто даваат предимство на индивидуалното искуство наспроти поанонимното масовно домување.

12

Како значаен аспект на решението се смета и способноста да се спојат на едно место две архитектонски традиции: едната каде ѕидовите се користат за да се оформат собите во рамките на монолитните форми, и другата каде конструктивните рамки се користат за да создадат простори. Така лоѓиите се оформени од префабрикувани армиранобетонски столбови и балконски елементи, коишто дополнително ги носат ѕидовите од тула, со што се поддржува и циркулација на воздухот, но и се нудат пространи лоѓии за жителите. Како резултат на ова ѕидот е активен дел од тоа како архитектурата комуницира со заедницата и истиот станува социјален простор. Тој ја зголемува свесноста на жителите за нивната средина, годишни времиња и времето.  Дополнително, слоевитиот ѕид исто така создава и тампон-зона помеѓу приватниот и јавниот простор.

УСОГЛАСУВА МОНУМЕНТАЛНОСТ СО МИРНА ХУМАНОСТ

Објектите изградени од рачно изработена тула се разликуваат од другите по своето опкружување во Хакни според примената на малтер со црвен пигмент. Градскиот карактер на новите објекти е истакнат преку суптилните историски референци во решението. Така историската локацијата на пабот Фрамптон Армс  е истакната преку лачниот мост со кој се поврзани двата сегмента на Чато Корт. Од друга страна основата на Вилмот Корт објектот ја нагласува историската закривеност на улицата со што се надоврзува на урбаната морфологија и ја подобрува читливоста.

20

Според жирито: „Ова е смел и амбициозен проект нарачан од Лондонската околија  на Хакни, кој го претставува најдоброто предводено од општинското домување. Архитектонската експресија користи монументален, смел и граѓански архитектонски јазик.  Иако претставува остар контраст на постојниот контекст, искажува единствен архитектонски и материјален јазик повикувајќи се на поранешната ера на јавните програми за станбена изградба во Обединетото Кралство и на влијанието на станбените програми од северна Европа, реинтерпретирани за 21-от век. Материјалите прекрасно се детализирани и пропорционирани, резултирајќи во објект кој се чувствува како да е траен и од градот. Положен на современ и возбудлив начин овој проект ја усогласува монументалноста со мирната хуманост која го издвојува како егземплар на вешто урбано станбено згуснување.“

21

Без сомнение наградениот станбен комплекс претставува своевиден егземплар за тоа како минатите искуства од јавната станбена изградба може да се осовременат  и реинтерпретираат за подобро да се збогатат и осмислат значително по ограничените по обем реализации во доменот на јавната станбена изградба во 21-виот век, а на начин на којшто ќе се задоволат и потребите за згуснување во рамките на постојната изградена средина.

22

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top