Насловна / Вести / Србија ја запира изградбата на термоцентралата на јаглен „Колубара Б“

Србија ја запира изградбата на термоцентралата на јаглен „Колубара Б“

Србија одлучи да ја запре изградбата на термоцентралата „Колубара Б“, што би можело да се протолкува како прв сериозен чекор во декарбонизација на енергетскиот сектор и спроведување на енергетската транзиција. Министерството за рударство и енергетика порачува дека енергетската транзиција не значи нагло затворање на термоцентралите, туку развој, инвестиции и нови работни места.

kolubara1

Во последните неколку години Србија доби ветерни паркови со инсталирана моќност од 500MW, но и понатаму две третини од електричната енергија се произведува во електраните на јаглен со вкупна инсталирана моќност од 4GW. Покрај тоа, српското електростопанство (ЕПС), веќе ја гради термоцентралата „Костолац Б3“ со моќност од 350MW, а планираната „Колубара Б“ требаше да има исто така 350MW. Со усвојувањето на првиот Закон за обновливи извори на енергија, Министерството за рударство и енергетика ја покрена енергетската транзиција од мртва точка и создаде услови за зголемување на производството на зелена енергија. Сепак, вистинскиот предизвик е намалување на производството од електраните на јаглен. Во март минатата година, ЕПС потпиша договор со кинеската компанија Power Construction Corp. of China за изградба на термоелектраната „Колубара Б“, која инаку е започната кон крајот на осумдесетите, но брзо е запрена. Подготовките за продолжување на изградбата, од почетокот предизвикаа негодување во јавноста, па во септември после само еден час жолчна дискусија прекината е јавната расправа за нацрт просторниот план и стратешката проценка на влијанието врз животната средина. Синдикатот на вработените во ЕПС смета дека со плановите за затворање на термоцентралите и рудниците се крши кичмата на ЕПС, и дека Србија ќе остане во мрак доколку тоа се случи. Надлежното министерство соопштува дека енергетската транзиција не значи ни нагло затворање на термоцентралите, ниту губење на работните места, туку првенствено донесување на план до 2050 година кој ќе и обезбеди на Србија доволно енергија, што подразбира и инвестиции во изградба на нови енергетски капацитети и отворање на нови работни места. За да се најде Србија помеѓу добитниците на енергетската транзиција, потребна е соработка на сите надлежни институции.

kolubara2

 

Испрати коментар

Scroll To Top