Насловна / Архитектура / Слободан Велевски: Време е како професија да излеземе од ова наше „локално“ читање на архитектурата

Слободан Велевски: Време е како професија да излеземе од ова наше „локално“ читање на архитектурата

Редакцијата на Порта 3 со задоволство ја додели наградата на архитект кој неуморно се залага за вистински вредности во архитектурата и урбанизмот. Но и на оној кој верува и во слободата во архитектурата.  Со вакви уверувања секојдневно соработувате со оние најслободните – студентите. Успева ли Слободан да ја пренесе слободата, пораката за отворен ум и слобода како состојба на дух на идните архитекти?

Верувам дека е така, во спротивно би го губел своето и уште повеќе нивното време. Често ги потсетувам студентите дека годините на студирање и како животно доба и како образовна средина се неверојатно возбудливи и дека навистина не смеат да си дозволат да ги живеат без страст. Слободата е инхерентен дел од чувството да се биде слободоумен, а јас верувам дека архитектурата е навистина една од ретките дисциплини каде може да ја изразиме сета убавина на слободоумноста како креативен и алтруистички чин. Верувам дека архитектурата е место каде слободата, слободата на духот пред сè, може да се ужива на едно лично ниво на љубопитство и отвореност, па затоа и од студентите барам да негуваат критичка мисла, и постојано да ги преиспитуваат востановените „навики“ на обликување на просторот, на културните кодови, а со тоа и на општествените состојби. Меѓутоа исто така инсистирам на тоа дека трагање по нови одговори и експериментирањето со нив, не значи своеволие, не значи неодговорност, туку напротив, практикувањето на слободна мисла е огромна одговорност која бара големи и широки знаења кои треба да се надоградуваат во текот на целиот живот.

sl.7_resize

Изложба на студентски проекти Наративи, Архитектонски факултет Скопје, 2020

Автор на фотографија Мила Гавриловска 

Архитектурата е дисциплина која опфаќа и влијае и на социјалниот простор, и на политичкиот простор, и на културниот простор на едно општество. Каква архитектура имаме, какви градови градиме, како го третираме неизградениот простор внатре во градовите или во природниот пејзаж сето тоа е дел од сложувалката во која се огледува нашата зрелост како општествена заедница. Согласно нашето поведение, оваа заедница може да биде современа или примитивна, и навистина верувам дека тоа зависи од количеството знаење и страст кое секој поединечно е спремен да го вложи, сподели и одживее како состојба на лична еманципација што не е ништо друго туку слобода.

sl.1_resize

Отворање на изложба Freeingspace, Венециско биенале за архитектура, 2018, Автор на фотографија Ангелина Апсис

Што се случува потоа, по дипломирањето, по средбата со состојбата во архитектонската пракса кај нас со духот на архитектите?

Студирањето архитектура е само одличен почеток на приказната да се живее со убавината и тежината на архитектурата како професија. Тоа е оној период на почетна возбуда која доаѓа со еден младешки сон и порив за создавање. Период кој воопшто не е лесен за студентите бидејќи учењето архитектура е интензивно искуство. Но за да продолжи овој сон да се живее, и да се доживее егзалтација – да се биде архитект, е вториот дел од животот на еден архитект, оној кој се открива по завршување на формалното образование. За жал страотен е судирот со реалноста, и тоа е така и во многу подобри средини за архитектите од оваа нашата… Главната фрустрација со која се соочува нашата пракса е токму неспремноста на општествените елити да ја препознаат улогата на архитектот. Во сета брканица на оваа наша реалност, каде секоја следна генерација живее биолошки подолго, а на субјективно ниво квалитативно полошо, сите почнаа да рационализираат и да оптимизираат во име на зголемување на личната корист и профит. Колку и да биде одговорно поведението на архитектите, природата на архитектурата ја прави оваа наша професија не секогаш најрационална и најоптимална, бидејќи нејзината добивка честопати не се гледа одма и сега. Во ваквите општествени околности архитектурата е колатерална жртва на една сеопшта и беспоштедна рационализација на нештата, а архитектите во професијата се крајните губитници бидејќи во овие околности лесно го забораваат сопствениот сон за живеење со архитектурата, туку едноставно само преживуваат од архитектурата.

sl.2_resize

Презентација на студентски проекти Неприродни Екологии, Музеј на современа уметност Скопје, 2017, Автор на фотографија Натали Мицевска

Кај нас сè уште преовладува мислењето дека архитектурата значи „само згради“, што е поразително и голем дел од архитектите се однесуваат на овој начин. Што ни се случува?

Архитектурата е секако поврзана со создавање и оставање нови материјални „траги“, со создавање објекти, но сепак сето тоа потекнува од промислата и од идејата. Од таа причина гледањето на нашата професија само на овој начин како конечен продукт кој треба да се продаде и да оствари профит, е недозволиво поедноставување на нештата кое лошо влијае на квалитетот на самата архитектура. Всушност, таквото тесно гледање нè доведе до оваа состојба во која се наоѓаме. Погледнете на пример што се случува со нашата материјална продукција изминативе години… иако многу се гради, скоро невозможно е да се додели награда за изведено архитектонско дело бидејќи скоро и да нема објект кој јасно гради концепт, внесува новина во организацијата на просторот, го почитува постојниот контекст и конечно оди подалеку од само лепење скапи материјали или готови градежни системи! Од друга страна изминативе години сме сведоци на извонредни изложби кои претставуваат цели истражувачки проекти, имаат моќен визуелен, амбициозен продукциски и квалитетен кураторски јазик, па претставуваат архитектура по себе! Изложбите што се прават кај нас се далеку поблиску до негување на „мислата“ отколку што тоа се „објектите“.

Градовите денес, не само кај нас туку и секаде по светот се веќе претрупани со објекти и во наредните неколку децении архитектурата нема да се занимава толку со продукција на нови згради туку многу повеќе со повторно промислување на она што веќе го имаме како изградено ткиво. Немам сомнеж дека реконструкцијата на градовите може да биде креативно ремек-дело исто онолку колку што изминативе неколку векови беше нивната конструкција. И конечно, крајно време е како професија да излеземе од ова наше „локално“ читање на архитектурата само како изграден простор, само како „зграда“, бидејќи со таквото гледање всушност не правиме ништо за оној простор помеѓу зградите кој е неизграден, а во кој најчесто „тече и се случува“ животот. Мислам дека веќе на сите им е јасно дека нема добар изграден простор без удобен, чист и безбеден слободен простор било тоа да е тревник, плоштад или улица.

sl.3_resize

Изложба на студентски проекти Наративи, Архитектонски факултет Скопје, 2020

Автор на фотографија Мила Гавриловска 

Актуелните случувања со Холидеј Ин се еден од многуте примери кога се однесуваме како да не ни треба јавен простор, како да не знаеме што да правиме со него и кога го имаме. Зошто е тоа така?

Факт е дека ние имаме само два ресурса од кои го градиме нашето богатство како општествен колектив. Првиот ресурс е земјата, а вториот е оној кој извира од нашата креативност. Јас не сум толку уплашен од недостаток на креативност во професијата бидејќи сметам дека имаме и доволно знаење и елан да дојдеме до добри решенија. Проблем е онаа трка за профит која ја споменав претходно во која нашето општество не се снаоѓа. Со години никако доволно да созрее за да го скроти тој порив. Секако профит треба да има, и секако треба да се гради, но колку е доволно? – Е тука сме комплетно незрели и како архитектонска професија, и како политичари кои ги имаат спрегите нормативно да ги променат работите, но и како граѓани на едно лично ниво кои навистина го изгубија сетилото дека не се сами и дека околу нив, околу нивната сопственост, има и други луѓе кои живеат. Холидеј Ин, градбите во Маврово, во Охрид, се само показна вежба дека ако нешто не промениме во нашето поведение, во одговорноста, во нашата култура на живеење, во нашите пориви за повеќе и повеќе, ќе биде многу полошо.

15_resize

Велес 2.0

Со своите колеги изработивте Архитектонско-урбанистичка студија за западната рабна зона на Велес 2020 – 2035, како планско-проектна визија. Студијата е приватна иницијатива на инвеститор кој бара експертското мислење, став за развој на одредена градска територија. Човек да не поверува дека постојат кај нас и такви инвеститори. Како дојде до оваа соработка?

Почетокот на соработката е, како и за многу работи во животот, резултат на случаен сплет на околности каде во право време ќе се запознаете со некого. По природата на нештата инвеститорите имаат проактивен однос за разлика од архитектите кои имаат доминантно респонзивен однос. Првите иницираат работи, а вториве реагираат и очекуваат дека нивната улога е само да дадат одговор за тоа како да се артикулира добиената задача, и на крај се лутат кога се третираат како обичен сервис за цртање згради. Во нашиот случај, инвеститорот не дојде со однапред зацртани очекувањашто сака да добие како резултат, туку дојде со првична идеја за развој на одреден мал градски дел каде веќе има започнато градежна активност, односно дојде отворен за заедничка дискусија со нас како архитекти и како автори. Сета соработка потоа беше еден прекрасен разговор и заемна почит помеѓу нас и инвеститорот, кон што понатаму се вклучи и локалната власт која покажа исклучителен ентузијазам за сработеното, но и почит кон инвеститорот и неговиот однос кон градот. Ова тројство на инвестициска иницијатива, поддршка на локална власт и чесно сработен проект од страна на авторите носи квалитет кога првите можат да го скротат поривот за профит и се подготвени да го отвораат прашањето колку е доволно, вторите знаат што им се обврските, а третите знаат како. Потребни се повеќе години за реализација на архитектонско-урбанистички проекти од ваков формат, оваа задача која речиси цела година се развиваше во проект, сè уште е активна и се надевам дека наскоро ќе продолжиме понатаму во нејзина реализација.

sl.6_resize

Јавна презентација на архитектонско-урбанистичка студија ВЕЛЕС2.0, Аула на ОУ Блаже Конески Велес, 2020

Професорот Константиновски велеше дека архитектот при процесот на проектирање е должен да го образува инвеститорот. Дали се премногу опортунисти архитектите кај нас?

Сите ние имаме обврска цело време да учиме и да подучуваме. Така е во животот така е и во професијата. Јас учам секојдневно, учам од работата со студентите, во разговорите со колегите и пријателите, но исто така и го споделувам своето знаење со луѓето со кои имам контакт. Зарем треба знаењето да го чуваме љубоморно за нас!? Пренесувањето знаења е столб на нашата цивилизација! Па нема нешто подобро од тоа кога со некој ќе ви се надополнат знаењата. Учам и од комуникацијата со луѓето кои бараат совет од мене, но исто така како што вели проф. Константиновски не се воздржувам и да го споделам тоа што го знам секаде каде што сметам дека тоа ќе биде корисно. Работата е дека знаењето, особено соочувањето со знаење може некогаш да биде непријатно и да создаде проблем. Честопати полесно е да се биде комформист и да се „нацрта зграда“ отколку да влезете во разговор и дебата со тој што ја нарачува задачата, зошто така, во можен судир на убедувања и факти, ризикувате да го изгубите проектот. Знам дека изговори за сечие поведение лесно се наоѓаат, но јас сè уште се трудам, и засега успевам и по цена на изгубена работа професионално да не соработувам со некој со кој не можам да разговарам.

sl.4_resize

Јавна трибина Ослободување-на-просторот, Музеј на современа уметност Скопје, 2019 

Најголем дел од урбанистичките планови само го пополнуваат просторот со површини за градење, а проектите ги пополнуваат квадратните метри. Природно е јавноста да очекува од архитектите да направат од Скопје град за сите. Прашањето, покрај можеме, сакаме и знаеме е и дали умееме да сонуваме или само репродуцираме?

Проблемот е што веќе со децении архитектите и архитектурата како професија постепено општествено се маргинализираат. Кај нас ниту академското, ниту стручното знаење и труд воопшто не се заштитуваат. Во моментов чинам дека имаме девет школи за архитектура во нашата држава. Девет! Не знам кој сè се занимава со создавање нови архитекти, ниту пак колкав ќе биде бројот на сите тие нови архитекти, но треба да бидеме коректни и да кажеме дека во толкав квантитет, квалитет сигурно нема. Чудно е дека при толку школи за архитектура ние со години немаме Министерство за урбанизам, а ова кое се занимава со урбанизмот веќе години наназад повеќе наликува на „кројачки салон“ во кој се „дотеруваат“ разни закони и правилници отколку што претставува институција која создава издржани стратегии и е на браникот на интересот на граѓаните. Асоцијацијата на архитекти – ААМ е здружение кое по формирањето на Комората на архитекти денес има протоколарен и репрезентативен карактер. За поздрав е напорот со кој се обидува да развие конструктивна дебата за многу теми поврзани со изградениот простор, но најчесто таа е игнорирана за сите поголеми и поважни проблеми од секој досегашен естаблишмент. И конечно, имаме Комора на овластени архитекти која чинам дека никако не може или не сака да си го најде своето место во професијата и да работи за она за што е создадена. Комората е премногу скапа играчка да се користи само како медиум за проследување мејл- комуникација за некој нов закон или советување за споредни теми во архитектурата. Кажете ми кога Комората организирала сериозна, а не само протоколарна дебата за какво било горливо прашање што ја тангира нашата професија, од „Скопје 2014“ до сите законски решенија кои предизвикаа бурни реакции во фелата како што беа законите за „легализација“ на пример, и притоа излегла со јасен став и се спротивставила на предлагачите на овие многу штетни појави за професијата. Лично, ми пречи ваквата сервилност, ми пречи тоа што Комората не се наметнува како фактор при одлучувањето и навистина се надевам дека тоа наскоро ќе се промени. Па ние имаме Комора повеќе од една деценија, а немаме ниту правилник за минимална цена на чинење на авторство, а камоли за заштита на авторско право, нудење правна заштита и совети за архитектите за кои таа треба да се грижи. И сега да се вратиме на вториот дел од прашањето и да резимираме. Дали умееме да сонуваме? Секако, но во вакви околности на работа и системска негрижа јас сум убеден дека најголем дел од колегите архитекти може да си дозволат само кошмарни соништа.

sl.5_resize

Изложба и студиско патување Неприродни Екологии, АНО Осло, 2018

Автор на фотографија Натали Мицевска

Михајло Митровиќ вели: „Она што кај архитектурата е грдо и навредливо, еден ден, кога ќе дојдат подобри луѓе, ќе биде отстрането без никакви проблеми, преобликувано или изградено ново и убаво. Кај урбанизмот такви поправки не се можни“. Каде се подобрите луѓе, може ли архитектурата да се ослободи?

Дел од времето овие празнични денови го посветив да ја прочитам книгата „Градови за една мала планета“ од Ричард Роџерс како израз на мој личен пиетет кон работата на овој голем архитект кој почина неодамна. Тој вели дека градовите се динамични организми со комплексност голема колку цело едно општество и како такви тие имаат сила постојано да се реконфигурираат. Нема сомнеж дека просторната одржливост на градовите е нераскинлива со квалитетот на живот кој опфаќа социјални, политички и економски реалности како и реалноста на природниот пејзаж, но факт е дека нивниот баланс е предизвик на кој мора континуирано да работиме. Човек мора да биде оптимист дека независно од состојбите во професијата која е нераскинлив дел од културната продукција на општеството работите секогаш може да се подобрат. Добар почеток за ова е кога општеството ќе престане да ја доживува архитектурата исклучиво како средство за комерцијален ефект, туку како основа врз која се гради нашиот живот во градовите, а архитектите нема да бидат нужен сервис, туку ресурс за една креативна и етичка промисла на нашата реалност. Добро е со ваквото гледање на нештата да започнеме веднаш.

Slobodan Velevski_portret 4 b&w_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top