Насловна / Архитектура / Скулптурална екстензија на пустинскиот пејзаж

Скулптурална екстензија на пустинскиот пејзаж

Санта Фе во Ново Мексико, САД е најстар главен град на една Сојузна Американска Држава. Официјално е основан на почетокот на XVII век од шпанските колонизатори, но континуирано е населена уште од домородното индијанско население седум-осум века пред тоа. Мало гратче за американските стандарди за град, но привлечно за туристи поради своите историски знаменитости, фестивали, занаети и народни уметности. Еден од двата градови во светот кои во 2004 г. станаа дел, од тогаш новата програма на УНЕСКО, за светски градови на занаетите и фолклорните уметности, од која денес се дел 40-тина други градови во светот.

12_resize

13_resize

На периферијата на Санта Фе се наоѓа оваа извонредна куќа. Архитектите ја нарекле „Sundial House“. Нејзиното име на македонски може да се преведе како „Сончева куќа“, но попрецизен термин би бил „Куќата ’Сончев часовник‘ “, бидејќи „sundial“ всушност е англиски термин за сончев часовник – направа која е најстар познат човеков инструмент за мерење на времето. Со ваквото име, архитектите имплицираат дека инспирацијата за мноштвото обликовни постапки при проектирањето ја црпеле од сончевите часовници, што можеби е воочливо и од фотографиите. Куќата е дело на наградуваните Specht Architects со седиште во Њујорк, основани од Скот Спехт. Биро кое е фокусирано на елегантни, комфорни и безвременски објекти кои се вкоренети во уникатните амбиенти во кои постојат, и обликувани од карактерот на луѓето кои ќе ги населат.

1_resize

11_resize

Еден од таквите елегантни и безвременски објекти е куќата Sundial. Сместена на возвишение над Санта Фе, кое е дел од планината Сангре де Христо, куќата, како што ќе речат и самите архитекти, „потекнува“ од два бетонски ѕида меѓусебно наместени под прав агол, околу кои се развива нејзината содржина. Бетонските ѕидови се бруталистички, намерно се оставени необработени: видливи се трагите од оплатирањето кое било внимателно поставувано како нешто што претставува дел од самата приказна од која е создадена куќата. Дури и во внатрешноста на објектот, бетонот е без внатрешна обработка, и на овој начин куќата гради однос со надворешноста и со околниот контекст.

15_resize

7_resize

Куќата е изградена на потонато плато на локацијата, за да може да се вклопи во административните рестрикции околу висината на објектите во месноста. Токму таквата ненаметливост, заедно со нејзината волуметрија и користените природни материјали, го прави објектот своевидна скулптурална екстензија на пустинскиот пејзаж.

14_resize 8_resize

Споменатите два доминантни бетонски ѕида ограничуваат два правоаголници во основа и го „прегрнуваат“ влезот: едниот ѕид од неговата десна страна, а другиот ѕид гледано право од него, формирајќи на тој начин превртена буква „Т“ во основа. Ѕидот право од влезот е помал од двата, но неговата лева страна гледано оттука е воочливо продолжена, надвор од габаритот на куќата, формирајќи своевиден портал за пристапот за возило, кој всушност продира низ отвор во него. Помеѓу двата бетонски ѕида е влезната врата со претпросторот кој се наоѓа во левиот, помалиот правоаголник од куќата. Во него се и гаражата, гостинската спална, кујната и други сервисни содржини. Конекцијата со другиот правоаголник е преку претпросторот и преку кујната. Двата простора упатуваат во заедничкиот простор за дневната соба и трпезаријата, сместен централно во овој дел. Бетонскиот ѕид го ограничува овој правоаголник по една од неговите подолги страни, но заради скулптурален ефект ја надминува неговата должина од двете страни за по неколку метра. Долж целата негова должина е тесен кровен стаклен отвор, преку кој сонцето во комбинација со дрвените греди создава драматичен контрастен ефект, фрлајќи сенки врз необработениот бетон. Ваквиот застаклен потег се наоѓа над комуникацијата кон двете спални соби кои гледајќи во основа се сместени од двете страни на дневната. Секоја од спалните има сопствена бања и гардеробер, и излегува на заедничката тераса со која е ограничен овој поголем правоаголник од куќата по целата должина на оваа страна. Оваа тераса е прекршена во основа со „излегувањето“ на бањите надвор од замислениот габарит на куќата, со што практично се добиваат три одвоени катчиња во заедничката тераса во кои е овозможена поголема приватност за корисниците.

sundial-house-specht-architects-new-mexico-sante-fe-desert-home-southwest-usa_dezeen_9-852x435_resize

6_resize

Ентериерното уредување е доверено на Норин Хајнес. Таванските греди, исто како и армиранобетонските ѕидови се оставени необработени, давајќи на тој начин нота на природа внатре во објектот. Останатите ѕидови се обоени бело и се ослободени од орнаменти и декорации, создавајќи впечаток на чистина, едноставност и елеганција. Особености карактеристични за современата архитектура и минимализмот. Едноставни и стилски се сите парчиња мебел: од дизајнерските столови и фотелји, преку софите и комодите, па сè до изборот на кујнските врати. Употребувани се ненападни бои, користени се претежно светли тонови, а забележлива е и екстензивната употреба на природното дрво и дрвените нијанси, дури и во бањите. Со тоа е избалансиран студениот бетон и внесена е вистинска топлина која треба да ја поседува секој дом. Користен е дрвен под во сите простории, а неговата боја е складна и речиси идентична со бојата на дрвените тавански греди.

sundial-house-specht-architects-new-mexico-sante-fe-desert-home-southwest-usa_dezeen_9-852x435_resize

Големите стаклени отвори кои се протегаат по целата катна висина, нудат фантастични погледи кон околината, особено кон планината Сангре де Христо. Проектантите се труделе стаклата да бидат што е можно поголеми за да се намали бројот на вертикалните и на хоризонталните профили неопходни за неговото врамување, на тој начин сакајќи погледот кон надвор да биде што е можно повеќе непречен. Користени се црни метални профили за стаклените отвори кои одлично се вклопиле со останатите користени текстури во објектот. Особен квалитет кој го истакнуваат и самите проектанти е конзолното покривање на стаклените отвори, кои освен што ги штитат просториите од влез на топлите сончеви зраци во летните месеци, оддаваат и вистинско чувство на засолниште. Освен тоа, ваквото покривање е добредојдено и за надворешните тераси.

2_resize

Приказна за себе е стаклениот продор долж поголемиот бетонски ѕид, кој се протега цели 38 метри. Изведен е врз таванските греди кои го „прободуваат“ бетонскиот ѕид од едната страна, а во другиот дел, веднаш после стакленикот, продолжуваат до спротивниот ѕид носејќи ја таваницата. Освен конструктивна улога тие се и возбудлив плафонски декор во спалните соби, а нивното присуство и репетиција во различни простории го зацврстува идентитетот на куќата и нејзината концептуална и обликовна неделивост. Секако, драматичниот ефект кој гредите, заедно со кровното светло го даваат врз необработениот бетон, но и врз подовите и останатите ѕидови е можеби најсилниот проектантски квалитет во куќата. Сигурно е интересно чувството да се биде сведок на движењето на сенките во сончевите денови во еден ваков објект во текот на целиот ден. Тоа би било уште една дополнителна поврзаност на објектот со природните закони, настрана од визурите, материјалите и волуметријата. Овој ефект во куќата, ова драматично шетање на сенките е во релација со сончевите часовници и веројатно оттука е и името кое ѝ го дале самите архитекти.

10_resize

Инаку, концепцијата на основата овозможува да се формираат преден и заден двор. Предниот двор има издолжена фонтана и патека од големи камени блокови. Во него се стигнува слегувајќи преку партерни скали, бидејќи како што напоменав, куќата е на потонато плато во однос на улицата. Во задниот двор е сместена летна трпезарија, и тоа во аголот каде што гравитираат кујната и трпезаријата. Двата двора, како и обработките на надворешните тераси се внимателно осмислени и проектирани од пејзажниот архитект Џејмс Дејвид. Изборот на материјалите употребени во двориштата, било да се тоа пристапните патеки или оградите, се внимателно избрани, исто како и материјалите употребени за обработката на подовите и плафоните на терасите. Не случајно се избрани и големината, типот и бојата на камењата за дворовите. Сè е складно со останатите материјали, но и со сувата околина и пустинскиот пејзаж. Тоа е доволно за да се воочи дека архитектите внимателно ја следеле премисата дека во архитектурата, особено резиденцијалната, важно е да се градат објекти кои нема невкусно да отскокнуваат од својата средина, небаре се слетани вселенски бродови, туку напротив, треба да претставуваат нејзина фина, ненаметлива екстензија, почитувајќи го затекнатиот контекст, без разлика дали се работи за затекната природа или за изградено ткиво околу. Затоа и изборот на зеленило е сведен на грмушки и дрвја кои успеваат во локалната средина, односно во средина со долги и суви лета и со зими без врнежи. Воочливо е и правилното редоследно сеење на вегатацијата во предниот двор, со што сликата за објект кој меѓу другото, е и геометриски внимателно осмислен е целосно комплетирана.

За вредноста и за квалитетите на оваа куќа која е изградена во 2018 г. сведочат неколкуте престижни американски награди за архитектура, како и написите во десетина реномирани магазини за архитектура, меѓу кои ArchDaily, Dwell и Dezeen.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top