Насловна / Арт и дизајн / Скромна градба која не престанува да заведува

Скромна градба која не престанува да заведува

Екс-ан-Прованс се наоѓа во срцето на Прованса. Регион Прованса-Алпи-Азурен Брег, југоисточна Франција. Екс е на само 30 минути од Марсеј.
И после толку изминати векови, децении и години, и натаму го сметаат за светилиште за душата, бидејќи не престанува да заведува со лавиринтите на уметноста, со миризбите од лаванда, со традиционалната француска кујна, со секојдневните промени на боите и со пулсирачката атмосфера на градот.

IMG-41314833fa7a7502cd6b0b8a93ba1cb7-V
Шетањето по главната улица „Мирабу“ која е „врамена“ со платани и збиени софистицирани кафулиња и ресторани, и со повеќе од 100 фонтани, не претставува класична шопинг-тура типична за големите градови и метрополи.
Тука додека се движите доволно е да се препуштете на топлината и во уживањето на сонцето. Ова е град со прекрасна клима, кој има околу 300 сончеви денови во текот на годината.

ss
Кога ќе дојдете тука, ќе сфатите дека сте на вистинското место. Ова е родното место на Пол Сезан, кој во една прилика изјавил: „Ако сте имале среќа да се родите во Eкс, тогаш ништо друго не ви треба“. Реално, целиот град е рај за љубителите на уметноста.
Францускиот сликар Пол Сезан бил еден од најзначајните претставници на постимпресионизмот во сликарството, чие дело се смета за врска меѓу правците на импресионизмот и кубизмот, а со тоа и на уметничките стилови помеѓу крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Сезан отсекогаш нагласувал дека човечката перцепција во суштина е „нејасна“, и во писмото до Жоакен Гаске зборува за „нејасните сензации што ги носиме на светот по раѓањето“. Но, тој мислел дека уметникот треба да биде способен да се концентрира и со истражување да внесе ред во таа конфузија, и дека уметноста претставува суштинско постигнување на тој структурен поредок во полето на нашите визуелни сензации.

IMG-1eaf2d0df5294c58fadfa686891a2d27-V

СТУДИО ВО ЕКС

Во 1899 година по смртта на неговата мајка, Пол Сезан (1839), одлучил да го продаде семејниот имот Жас де Буфан во Екс-ан-Прованс и да купи ново место за живот во неговиот роден град и секако ново студио за сликање. Во тој период, тој живеел во изнајмен стан на улицата „Булгон“ во Екс.

IMG-ac8e355fed71e554a33807ec4946c622-V
Сезан во 1900 година купил парче земја на брдо што се наоѓа северно од Екс, комплетно опкружено со шумска вегетација и е со директен поглед до неговиот најголем мотив – планината „Сен-Виктоар“. „Сен-Виктоар“ е варовна планина и симбол на Прованса. На земјата што ја купил, тој изградил скромна камена куќа на две нивоа, според сопствената концепција. И во оваа скромна куќа-студио, тој ги насликал некои од неговите најпознати дела. Во оваа куќа, тој останал до крајот на својот живот, до 1906 година.

IMG-615b5a8990d8c8c529ac1bad3a400d47-V
Така, главниот простор што се наоѓа на горното ниво има површина од 50 м2. На северната страна, се наоѓа прозорец со големина колку ѕидот и кој гледа кон богатото зеленило, а на јужната, има два големи прозорци кои овозможуваат полна светлина на студиото за да се создаде природен вид на светлина што може да се најде и почувствува на отворено.

IMG-32bdb037a14f79a84812ff8d47c8020c-V

ГОЛЕМИТЕ КАПАЧКИ

Во ова студио, Сезан ја завршил серијата „Големите капачки“ од три дела, која ја започнал во 1894 година, во време кога студиото што можел да го користи во Париз не било доволно функционално и просторно за слики со големи димензии. „Големите капачки“ потсетуваат на дела на Тицијан и Рубенс.

kup

Споредби, исто така, често се прават и со друга славна композиција на група голи жени од приближно истиот период, а тоа се „Госпоѓиците од Авињон“ на Пикасо.
На едниот крај од северниот ѕид имало изграден висок и тесен отвор кој бил поврзан со горниот дел од градината, така што кога сакал да работи на пејзажот за своите „Капачки“, Сезан можел да го слика инспириран од својот мотив – планината „Сен-Виктоар“.

IMG-67ee9b14f6d8c297ab056c88a329ee97-V
Денес, посетителите во ова студио може да ги видат материјалите на сликарот, како и многуте едноставни и познати предмети како што се очила, шишиња, чаши за шеќер, бокали… , кои биле дел од секојдневниот живот на уметникот и коишто тој исто така, ги користел како модели во неговото творештво. Од сликите со мртва природа ќе ги препознаете зелениот бокал, шишето со рум, маслиновиот сад… Тука можете да го видите и палтото на уметникот што сѐ уште виси на закачалка.

IMG-432b7430e2bc27ba7a04a01e487a1086-V
Градината што го опкружува овој објект е вистински рај, и тука Сезан редовно доаѓал да се одмора или да најде инспирација и каде што тој насликал околу четириесет дела.
На 16 октомври во 1906 година, болен и со висока температура (претходно неколку дена „закачил“ пневмонија кога паднал на отворено во несвест и лежел неколку часа на пороен дожд), Сезан отишол во градината „Ле Лув“ за да работи на еден од портретите на г-дин Валије (неговиот градинар). Кога се вратил од градината, Сезан починал.

IMG-1a591ad757d2196c1551ce5d84e990fc-V

МУЗЕЈ

Од 1906 до 1921 година студиото било затворено, за да Марсел Прованс, научник од Екс го купи од синот на Сезан. Тој задржал сè што било во студиото (мебелот, предметите… ), во спомен на славниот уметник. Во 1954 година, ова место било спасено од уништување благодарение на двајца американски научници, Џејмс Лорд и Џон Ревалд, кои потоа формирале Комитет и му го понудиле имотот на Универзитетот.
Во 1969 година, студиото станало градски музеј. Официјално е класифициран како историски споменик во 1974 година.
Денес тој е управуван од Туристичката канцеларија на Екс-ан-Прованс.
Студиото не изгледа како вообичаен музеј.
Не очекувајте да пронајдете нешто посебно во музеолошка смисла, некаков современ пристап… Тука постои авторска атмосфера и лични предмети поврзани со осамениот уметник од Екс. Само Сезан. И ништо друго.
Творештвото кое произлегло од неговото студио во Прованса еволуирало од импресионистички кон таканаречениот конструктивен период, кога се појавуваат познатите пејзажи од неговата околина, како што е и делото „Планината Сен- Виктоар“. Се верува дека формите на оваа планина го инспирирале за откровението на кубизмот во уметноста на Сезан, а и самиот кубизам како правец. Неговото дело се смета за претходница на кубизмот, за што најмногу придонело неговото поедноставување на обликот и сведеноста на пределот на геометриски форми, како и употребата на необични техники на сенчење.

IMG-b7c3afd855df92472d57149852cf91ee-V

КРИТИКИ И ПОТСМЕВ

Денес е познат по своите слики на пејзажи, портрети и мртва природа, но Пол Сезан за време на својот живот не бил сметан за голем уметник, и често пати се среќавал со критики и навреди, бидејќи бил различен од дотогашните уметници.
Сезан природата не ја претставувал верно како неговите современици, туку ја остварувал преку играта на светлината и сенките, обрнувајќи големо внимание на структурата на сликата. Пејзажите ги поедноставувал на геометриски облици и употребувал неочекувани сенки, додека неговите ликови се без движење, изрази и мимики.

IMG-d4fd462b2fce109181f42ba9fc939326-V
Неговата уметност била нова, невообичаена и неразбирлива, а јавноста почнала да ги сака неговите слики кога го надминале мислењето дека тие се некомплетни дамки на сликите.
Бидејќи ги споил бојата и просторот на нов начин, тој значително влијаел врз сликарството на 20 век.
Познатиот уметник со гордост говорел: „Сакам да го восхитам Париз со едно јаболко“, бидејќи знаел дека и едноставните теми без посебна естетска содржина може да остварат големо сликарство.
Голем број од неговите мртви природи покажуваат обични кујнски чинии, вазни и овошја. Тој сметал дека сликањето на овошје е најлесниот начин да се воспостави волумен, но исто така и да се потенцираат суптилните градации на боите.
Како млад, тој посетувал курсеви по сликарство, но не бил примен во Школата за убави уметности во Париз, но и покрај тоа, тој потоа купил ателје во Париз и се посветил на сликарството.
Во градот на светлоста, Сезан ги запознал Алфред Сисли, Огист Реноар и Клод Моне, но и тоа не му помогнало да се запише на Академијата.
Кога имал 25 години, тој почнал да ги приложува своите дела во Салонот, но комисијата која работела според конзервативните принципи на академизмот не ги прифатила.
Слично отфрлање, исто така, доживеале и други импресионисти што ги охрабрило да основаат свој Салон на независни уметници.
Сезан и други импресионисти се нашле заедно на изложбата на „Салон на независните“ во 1863 година, каде што неговите слики по прв пат биле изложени.
Во 1874 и 1877 година, тој изложувал на изложби на импресионистите, но неговите дела и натаму останале неразбирливи и предмет на критики и потсмев од страна на критичарите. Затоа, овој голем уметник се повлекол, се дистанцирал од своите пријатели и се вратил дома во Екс-ан-Прованс до крајот на својот живот.

IMG-e7904dc34b7e3da8c04a5b674ba8daa4-V

ФОТО: Дејан Буѓевац

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top