Насловна / Архитектура / Скопје 1963, Скопје 2014, Северна Македонија 2050

Скопје 1963, Скопје 2014, Северна Македонија 2050

Пред неколку години на меѓународна истражувачка конференција во Кембриџ, Велика Британија, беше презентиран труд за станбената реконструкција во Скопје по земјотресот од 1963 година.  Во текот на презентацијата беа прикажани илустрации од станбени делови во Скопје изградени на почетокот на 20-тиот век како и од оние изградени по земјотресот. Во рамките на дискусијата, професорка од Брисел го искажа своето восхитување од постигнатиот напредок во градежништвото во земјата и тоа во период од само околу 50 години. Се разбира постигнувањата се позначајни кога ќе се земе дека во тој период од околу половина век земјата поминала низ две балкански и две светски војни, промени на држави, политички и економски системи, како и дека во март 1920 година кога била основана „Секцијата Скопје“ при тогашната Југословенска асоцијација на инженери и архитекти на целата територијата на градежната дирекција која ја покривала денешна Северна Македонија имало само околу 50 или нешто малку повеќе инженери и архитекти. Несомнено, повод да бидеме горди со постигнувања во струката и со нашите колеги кои твореле во тој период.

кз_resize

Како месец јули ја означува годишницата од катастрофалниот земјотрес од Скопје од 26.7.1963 година, ова е уште една можност да се потсетиме не само на оние коишто трагично ги изгубија своите животи оставајќи трајно ожалостени семејства, роднини и пријатели, на оние коишто останаа со трајни последици како резултат на своите повреди, туку и на сите оние коишто помогнаа во обновата и изградбата на разрушениот главен град на земјата.

30088239_resize

ОД ИСТОРИСКА ДИСТАНЦА

Гледано од историска дистанца, во рамките на научната и стручната јавност активностите преземени по земјотесот во Скопје од 1963-та година главно се оценуваат како позитивни и во западните земји и покрај политичко-идеолошките разлики кои постоеле во тој период. Главно, како особено позитивни се сметаат активностите поврзани со обезбедувањето привремено сместување, изградбата на станбени единици за домување на среден рок како бараките, евакуацијата на повредливото и неактивното население, одложувањето на реконструкцијата на централното градско подрачје за да се овозможи истата соодветно да се испланира, преземањето јавна контрола врз сопственоста и управувањето со земјиштето во урбаната зона на градот итн.

Album 1_Page_41_resize

Од друга страна веројатно како помалку соодветни, особено во поново време, се сметаат отсуството на партиципација на граѓаните во процесот на одлучување, нарушување на кохезијата на постојните заедници преку селење на домаќинствата во новоизградените населби, без обиди да се сочуваат постоечките соседства, изградбата на нови населби на плодно земјиште итн.  Дополнително, се поставуваат прашања за тоа во која мерка биле соодветни одлуките, дел од средствата за обнова и изградба по земјотресот да се насочат кон производните капацитети во очекување дека придобивките од истите ќе го поддржат завршувањето на реконструкцијата на градот, или пак со одлуката да не се ограничи населувањето во градот.

Првиот аспект е сврзан со согледувањата дека инвестициите во производните капацитети не ги реализирале очекуваните економски резултати и како резултат на тоа обновата и изградбата на градот останала недовршена. Поновите согледувања во областа на економијата укажуваат на мислења според кои политичко-економскиот систем кој преовладувал во времето на тогашна СФРЈ бил од таков карактер да можел посоодветно да функционира и да се натпреварува во глобални рамки во условите на индустриските општества, но тие компетитивни предности биле надминати со транзицијата во постиндустриски општества.

кар_resize

Вториот аспект најчесто се поврзува со неконтролираниот урбан раст на градот и проблемот со дивоградби. Имено земјотресот во Скопје се случил во период на економска криза во тогашна СФРЈ и фактот дека по земјотресот Скопје станало фокус на градежни активности, придонело во голема мерка да се привлечат работници не само од други места во тогашна СРМ, туку и од цела СФРЈ, а тоа придонело за значително зголемување на популацијата над она што плански било предвидено за наредниот период. Во одредена мера, дел од ова се припишува на тогашните политички одлуки да не се ограничи населувањето во Скопје, а со кои веројатно сакало да му се покаже на светот дека граѓаните на државата слободно може да патуваат и да се населуваат во рамките на истата, наспроти од она што се препишува дека се случувало во други земји на тогашна Источна Европа. За разлика од овој пристап во други делови на тогашна СФРЈ дури и неколку децении подоцна се применувале мерки за работниците од други средини да можат да престојуваат на своите работни места во текот на работните денови, но неработните денови да ги поминат кај своите семејства со што ефективно била отежната нивната преселба во местото на работење. Во случајот на Скопје, неограничениот прилив на население од други средини во комбинација со потребата за обезбедување станбени единици за домаќинствата кои ги изгубиле своите во рамките на земјотресот создал дополнителен недостаток на станбен простор, што придонело и за изградбата на нелегални станбени објекти, проблем кој и по половина век сè уште трајно не е решен.

i ova e vodno (24)_resize

СЕ СЛУЧИ „СКОПЈЕ 2014“

Приближно половина век по земјотресот од 1963-тата година на главниот град му се случи проектот „Скопје 2014“. Со оглед дека оттогаш досега не е помината ниту една деценија веројатно емоционалниот набој кај сите заинтересирани лица е преголем за да може навистина непристрасно да се разгледа оваа проблематика, а особено настрана од дневната политика. Оттогаш досега прилично многу е напишано во светски размери за овој проект и претежно доминираат негативни оценки за истиот.

fontana na plostad makedonija (7)_resize

Претполагам дека за оние кои сè уште се сеќаваат на Скопје пред земјотресот од 1963-та година, проектот „Скопје 2014“ веројатно може да се спореди со второ бришење на хард дискот на кој се чувале мемориите за градот во кои израснале и живеат. Ако првото беше резултат на природата, оваа промена беше предизвикана од човек. Како резултат на овие два настани само фрагменти се останати од сеќавањата на градот од нивната младост, а познатото скоро преку ноќ е заменето со нешто непознато и туѓо, веројатно како некое летало од научнофантастична визија да ги испуштило кулисите за нов дистопијски филм во Скопје. Дополнително, претполагам дека оние кои се залагаат за искрен израз во архитектурата многу потешко ги дигестираат понудените решенија преку овој проект.

Настрана од политичките, партиските или личните интереси, одлуката да се инвестира во јавни работи во период на светска економска депресија отпочната како резултат на колапсот на пазарот на станбени кредити во САД може да се смета како соодветна од аспект на поддршка на економската активност во земјата во услови на глобална криза. На кои капитални градежни активности биле насочени овие средства поточно, е веќе значително поинакво прашање.

KIR_4311_resize

Вообичаено светските трговски правила не дозволуваат државите да инвестираат средства во производни капацитети со оглед дека на тоа се смета како на директна државна интервенција која го нарушува нормалното функционирање на пазарот, како резултат на што, ваквите инвестиции најчесто одат во инфраструктурни проекти со кои се создаваат погодности за иден развој. Дури и во стариот политичко-економски систем во времето на СФРЈ се водело сметка каде да се инвестираат расположливите средства во периоди на економска стагнација. Така, во периодот на економската криза во 1980-тите години не беше дозволена инвестиција во изградба на непроизводствени објекти.

Во случајот на проектот „Скопје 2014“, без да се влегува во детали, веројатно грубо  може да се сумира дека јавните средства беа насочени кон изградба на нови јавни објекти, промовирано „разубавување“ на централното градско подрачје преку прекривање на постојните фасади со декоративни, како и преку изработка и поставување значителен број на нови споменични обележја и склуптури.

KIR_4335_resize

КАКВА ВРСКА ИМА ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД -19 СО „СКОПЈЕ 2014“?

Според трудови и текстови објавени во списанијата Американски журнал за превентивна медицина од 15.6.2020 година и ВебМД од 22.6.2020 година просечната цена за болничко лекување со четиридневен престој на респиратор во САД минатата година била околу 88.000 американски долари, а за некои од лицата со „долг Ковид-19“ кои морале подолг временски период да поминат на болничко лекување, цената на лекувањето достигнала и до 1,1 милион американски долари. Исто така во екот на пролетниот бран на Ковид-19 и во земјата дел од населението мораше да бара помош и лекување во приватните болници во Северна Макдонија при што се споменуваа исклучително високи, особено за локалните економски услови, цени за дневно лекување во нив. Вообичаената мудрост за лекување во земји со јавен здравствен систем е дека во приватна болница се оди главно за хируршка или слична интервенција за акутно заболување коешто може да се третира. Третманот на хронични и заразни болести главно се остварува во рамките на јавното здравство, со оглед дека ваквите услуги би биле целосно финансиски неодржливи за просечниот граѓанин во приватните болници.

bolnica filip vtori nov objekt_3_resize

Каква врска има пандемијата на Ковид-19 со проектот „Скопје 2014“?  Може да се каже дека врската е повеќе од очигледна ако се земе предвид дека според сумите искажани во медиумите вредноста на досега инвестирани средства во проектот „Скопје 2014“ го надминува најавениот износ за изградба на нов клинички центар во Скопје, или е веројатно доволна за изградба или модернизација на повеќе универзитетски и регионални болници низ земјата. Ние се чини дека оваа пандемија ќе ја поминеме со оставнината на болнички капацитети од времето на СРМ и СФРЈ.

IMG_resize

Се претполага дека светските трговски правила нема да ја попречат инвестицијата во јавниот здравствен систем со кои би се модернизирала постојната и застарена инфраструктура.  Ова би придонело за подобрување на капацитетот и квалитетот на услугите во рамките на јавното здравство во земјата, а потенцијално би отворило и можности за здравствен туризам каде лица од други земји би доаѓале на лекување во Северна Македонија, заради попристапните цени на здравствените услуги од нивната матична земја, а со тоа и можности за дополнителни економски придобивки.  Тешко е да се верува дека „разубавеното“ централно градско подрачје на Скопје придонесува повеќе за надминување на пандемијата отколку поголеми и посовремени капацитети за болничко лекување во јавното здравство.

viber_image_2021-06-29_12-35-22_resize

Еве дури и финансиските средства за замена и модернизација на постојната  инфраструктурата на јавното здравство да можеле да се обезбедат од други извори, не треба да се исклучи и можноста дека инвестицијата во изградба на јавни објекти и јавни административни објекти би можела да искаже дополнителни развојни и економски придобивки, но на еден поинаков начин.

ПРИДОБИВКИ ОД ДИСПЕРЗИЈА НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Пред повеќе години британскиот Би-Би-Си ефективно релоцираше голем дел од своите функции од центарот на Лондон во новоизграден комплекс во Салфорд во близина на Манчестер. Дополнително со години јавните административни функции се дисперзирани низ земјата. На пример, службата за придонеси (даноци, социјални и пензиски) е лоцирана во Њукастел, службата за сообраќајни и возачки дозволи во Кардиф, Велс итн.  Иако министерствата сè уште се лоцирани во Лондон, во денешно време на дигитални комуникации нема никаква потреба бројната администрација на министерствата да се наоѓа во главниот град на државата. Како резултат на атрактивноста на главниот град, оние на „периферијата“ имаат тешкотии да генерираат соодветно ниво на економска активност за да ги одржат своите градови и да го поддржат отворањето на доволно нови работни места за локалното население.  Ова е дотолку повеќе што градовите на „периферијата“ од земјата имале големо значење во времето на индустриското минато на земјата, кое во меѓувреме во голема мерка е изгубено како резултат на преселбата на индустријата во подалечните земји со поевтина работна сила.

4H5A8408_resize

Замислете ги потенцијалните придобивки од дисперзија на административните служби на министерствата и агенциите, и тоа особено на службите коишто работат со јавноста, во регионалните центри низ земјата. Градежна активност, отворање нови работни места за локалното население, зголемување на економската активност, отворање нови перспективи за локалното население, причина за зачувување и раст на локалното население, како и намалени трошоци на работење за јавната администрација.  Со еден ваков пристап, би се создала и можност за зачувување или создавање дополнителни отворени зелени површини во центарот на Скопје, намален притисок за доселување во градот заради вработување, намален притисок врз домувањето во градот, намален притисок врз јавниот и личниот сообраќај во градот со можности за подобрување на микроклимата и нивото на загадување.  За целата земја ова ќе придонесе за порамномерен економски развој и подобра распределба на ризикот од идни елементарни и други непогоди низ целата територија на земјата.  Како што би рекле повозрасните, никогаш не е добро сите јајца да се чуваат само во една кошница.

МУДРОСТА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ СПОМЕНИЦИ

Спомениците се приказна за себе. Современите примери од она што се случува и во најразвиените земји во светот кои се сметаат и за најдемократски навистина ја доведуваат во прашање мудроста за поставување споменици за знаменити личности од минатото. Претполагам дека сите ние сме виделе барем на телевизија и на филмови како се рушат статуите и симболите на владеење по промена на власта во недемократските и тоталитарни држави  Но, во текот на изминатите неколку години сè почесто се јавуваат случаи на израз на нетрпеливост кон постоечки споменици на знаменити личности дури и во најразвиените земји во светот. Така на пример, неодамна во Канада беа урнати од демонстранти спомениците на Кралицата Викторија, Кралицата Елизабета Втора и Премиерот Винстон Черчил, по откривањето на масовни гробници на деца од домородното население на Канада во рамките на верски комплекси. Исто така, по убиството на Џорџ Флојд во Америка, во Бристол, Англија, во јуни 2020 година беше срушен и споменикот на Едвард Колстон. Тој бил трговец, филантроп и член на Британскиот парламент како претставник на Конзервативната партија во текот на 18-тиот век, а кој како член на Кралската африканска компанија бил вклучен во трговијата на робови од Африка.  Деновиве се искажуваат видувања дека дури и американското знаме не ги претставува сите заедници во земјата.  Како резултат на глобалната еманципација знаменито лице во една земја од бројни причини може да се доживее и како несоодветно лице од одредени заедници или групи дури и во истата земја.

fontana na plostad makedonija (10)_resize

ИДНИНАТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2050

Зошто Северна Македонија 2050?  За Европската Унија, кон чие членство земјата се стреми, 2050 година е годината до која Европската Унија сака да стане климатско неутрална и преку тоа да ја реализира долгорочната визија за просперитетна, модерна, компетитивна и климатски неутрална економија. Како Северна Македонија ќе ги исполни своите обрски и ќе стане климатски неутрална економија во рамките на Европската Унија? Дали искуствата од Скопје 1963 и Скопје 2014 укажуваат на одредени поуки коишто ќе ни помогнат да ги исполниме очекувањата и да станеме климатски неутрална економија најдоцна во текот на наредните 29 години?

izlozba za zemjotres vo gradski muzej _17_resize

Базирано на искуствата искажани од обновата и изградбата на Скопје по земјотресот од 1963 година, веројатно може да се каже дека во тоа време како да преовладувале јавните интереси, но согледани од ограниченото видно поле на тогашниот еднопартиски систем и без соодветна партиципација на граѓаните. И покрај искажаната помош од меѓународната заедница, најголемиот дел од финансискиот товар сврзан со обновата и изградбата бил поднесен од граѓаните на тогашна СФРЈ, преу дополнителни даноци, придонеси и наменски обврзници.

Со оглед на кусиот период од реализацијата на проектот „Скопје 2014“ досега веројатно потешко е целсоно да се согледаат работите.  Веројатно засега може да се рече дека одлуките биле донесни од претставниците на власта.  Прашање е во која мерка граѓаните имале можност да партиципираат во носењето на одлуките сврзани со проектот.  Под претпоставка дека поголемоиот број на средства се обезбедени од странски кредити, бремето од оваа инвестиција ќе го поднесат сегашните и идните генерации на даночни обврзници. Веројатно најголемото прашање кое се поставува  екаде натежнува вагата во однос на балансот помеѓу личниот и јавниот интерес во рамките на овој проект, за што секој индивидуално може да си изведе свој заклучок.

4H5A7776_resize

Во однос на иднината и Северна Македонија 2050 несомнено е дека треба да бидеме свесни дека земјата е средноразвиена и со ограничени капацитети. Се разбира, тоа не треба да не ограничи, туку напротив да нè мотивира сите ние да го дадеме најдоброто и да достигнеме најдобар можен развој во наредниот период, но развој базиран на одржливост и ублажување на последиците од глобалните климатски потреби. Тоа не ќе може да се постигне без претпочитање на јавното добро во однос на индивиуалното, или пак без соодветна партиципација од сите субјекти во земјата.

Оттука веројатно треба поинтензивно да се промовираат определбите за децентрализација на развојот низ целата територијата на земјата со кој пристап, подобро би се распределил постојниот и идниот ризик во земјата. Дополнително, треба да се размислува за пренасочување од изградба на нов, на модернизација на постоечкиот градежен фонд, со оглед на тоа дека главно доминираат постари енергетски неефикасни како и помалку отпорни сеизмички објекти. На овој начин во голема мерка ќе може да се поддржат активностите за постигнување на определбите за климатски неутрална економија, а и ќе се зачуваат повеќе слободни и зелени површини за ублажување на климатските проблеми и загадувањето. Со ова дополнително ќе се обезбедат и подобри услови за развој и квалитет на живот на идните генерации.

KIR_0015_resize

Дали навистина сакаме да ги повториме искуствата од Шпанија од перидот на кредитната криза во која во земјата биле евидентирани од 3 до 4 милиони празни станбени единици. Големо прашање е во која мерка воопшто е оправдано градењето на нови станови во земја каде демографските податоци укажуваат на стареење на населението, емиграција од земјата и депопулација на земјата.

izlozba za zemjotres vo gradski muzej _11_resize

Оттука во месецот кога се одбележува 58-мата годишнина од земјотресот во Скопје од 1963-та година и поучени од искуствата од обновата и изградбата, како и од проектот „Скопје 2014“ се поставува прашање кој пат ќе го избереме на крстопатот помеѓу јавните и индивидуалните интереси за да ги исполниме очекувањата за климатски неутрална економија и живот како членка на Европската Унија.

Испрати коментар

Scroll To Top