Насловна / Вести / Системско проширување на постоечките згради

Системско проширување на постоечките згради

Во последниве години Германија во целина се соочува со голем недостаток на станбен простор, па така големите градови се најпогодени од овој тренд. Минхен како еден од најголемите германски центри не е одминат од оваа појава и токму поради тоа германските архитекти и урбанисти се принудени да размислуваат кон пронаоѓање на стратегија за згуснување на станбеното ткиво во градот. Еден од нив е и урбанистот Тобиас Хаг (Tobias Haag).

1

Хаг во својот магистерски труд вели дека само со систематско проширување на постоечките згради во текот на следните неколку години може да му се спротивставиме на недостатокот на станбен простор во Минхен. Во Минхен има можност за градење на објекти на уличниот фронт. Оваа можност е резултат на проширувањето на улиците за пет метри после Втората светска војна, кое проширување било замислено да овозможи поголем проток на сообраќајот во овој град. Меѓутоа, поради тоа што оваа идеја не е целосно реализирана, на улицата Аугустинштрасе (Augustinstraße) има неискористен просторен потенцијал од околу 38.000 квадратни метри, на пример, кој може да се ослободи и искористи со враќањето на градежната линија на нејзината предвоена позиција и таа површина да се додаде на фронтот на постоечките згради.

3

Поделбата на улицата Аугустинштрасе (Augustinstraße) на седум типови на згради, по деталната анализа на постоечкиот развој, овозможува прецизирање на потенцијалот за доградба и дава можност за груба проценка на развојната структура на околните улици. Со екстраполација на големината на седумте одбрани примери на згради, нивната просечна големина изнесува 51 квадратен метар. Од друга страна пак, како споредба, во Минхен просечната големина на становите е од 72,3 квадратни метри. Единственото логично објаснување на овој феномен е натпросечно големиот број на мали станови, со една или две соби, во овој дел од градот. Во прв план на доградбата и планирањето не е само зголемување на квадратурата на постоечките станови, туку и создавање на нови станбени единици. Освен проширувањето на становите со една соба, исто така и формирањето на нова станбена единица, нов стан на секој кат, е без проблеми изводливо. Со тоа, еднособните станови се зголемуваат и заедно со новооформените станови се со слична големина со веќе постоечките поголеми станови. Длабочината на становите во пределот на објектите каде се тие доградени се движи од девет до 14 метри, па така за подобро осветлување на просторот, прозорците се планирани без парапет и се значително поголеми од постоечките.

2

Доградбата со длабочина од пет метри ќе биде поставена на сопствена конструкција која е независна од постоечките објекти, која се носи и стои пред постоечката структура како куќа пред куќа. Така се избегнуваат проблемите со конструкцијата на постоечките објекти и се гарантира слободата на градење на доградбите, а зафатот на постоечките објекти се сведува на најнизок можен минимум. Новите кујни и бањи се ориентирани и ги користат постоечките инсталации, а исто така и носивните ѕидови се оставаат недопрени, додека пак сите преградни ѕидови се отстрануваат. Проблемот со поврзувањето на постоечките олуци е решен со новите кровови кои ги следат постоечките и ги продолжуваат, така што формираат повисоко слеме. Благиот раст на висината на објектите не претставува урбанистички проблем поради тоа што растот се јавува само кај крововите, а висината на венецот останува иста, додека пак истовремено, просторот под кровот може да се искористи за нови станбени единици.

4

Со ваквиот зафат на објектите, зголемувањето на бројот на станови во овие седум експериментални типови на објекти е за 23 отсто, а истовремено се зголемува и просечната големина на становите од постоечките 51 квадратни метри на новопроектираниот просек од 57 квадратни метри.

Секако ваквото решение во овој дел на Минхен е изводливо и одржливо поради можноста која се пружа поради широчината на уличните профили. Истото е резултат и на високото ниво на градежна свест и одговорност, најпрво на граѓаните, а потоа и на институциите.

7

8

м-р Енис ХОЏА, инж. арх.

(Специјално за Порта 3 од Минхен)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top