Насловна / Вести / Секоја парцијална мерка нема да доведе до сериозно подобрување

Секоја парцијална мерка нема да доведе до сериозно подобрување

Секоја година ни се повторува приказната за штурецот и мравката. Мерки против загадувањето не се преземаат во текот на годината, а кога ќе дојде зима, сите започнуваат да си ја префрлаат вината едни на други. Статистиките ни се веќе добро познати, а Македонија е во одбраното злогласно друштво на земји со високо ниво на смртност (66 на 100.000 жители), со главна причина – загадување.15321485_10208936380141469_2007837849_o
Институтот за јавно здравје на Република Македонија, секоја година изготвува истражувања за ефектите на аерозагадувањето врз здравјето. Според нивните проценки, на годишно ниво се губат повеќе од 1000 животи (бројот од година во година варира, но се движи од 800 до 1200 смртни случаи). „Нашите истражувања покажуваат дека поради аерозагадувањето, Македонците во просек живеат 3-4 години покусо и дека во причините за прерана смртност, односно болестите во кои како причина учествува и аерозагадувањето, претставуваат 45-50 % од причините“, истакнува проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.

dragan-gjorgj

 

„Во текот на зимскиот период, над 50% од причините за детските заболувања се белодробните болести каде аерозагадувањето е сериозен фактор кој ја намалува белодробната функција кај децата, го успорува растот на нивните бели дробови, ги стеснува дишните патишта и го намалува имунитетот. Кај возрасните пак, аерозагадувањето, покрај белите дробови ги напаѓа срцевите и мозочните крвни садови, ја пореметува автономната регулација на срцевата работа, а се смета дека дури е можно да учествува во појавата на шеќерната болест“, вели д-р Ѓорѓев.

Познавајќи ги статистиките но и последиците од загадувањето, македонските граѓани, оваа година можеби најревносно досега, реагираат и се активираат, барајќи начин да го зачуваат своето здравје. Револтот на граѓаните е погласен на социјалните мрежи а поскромен на собирите, но постојат голем број неуморни еко-активисти коишто бараат решенија и одговори од надлежните. На протестите, еко-активистите нагласуваат дека надлежните мора да го стават чистиот воздух како приоритет при креирање на јавниот буџет.8D784D8C4842C5040B11BBECF60D8A2F

„Аерозагадувањето не е само проблем на Скопје туку е национален проблем. На пример, во Битола во последните шест месеци пет деца заболеле од рак, и според граѓаните тоа се должи на загадениот воздух. Исто така, Тетово е неславен рекордер со преку 250 денови во годината со надминати дозволени граници за канцерогени PM10 честички. Кичево е на врвот во загадувањето со скоро 150 денови со надминати дозволени просечни дневни вредности на PM10 честички“,  вели Игор Новески од заедницата на еко-активисти „Скопје Смог Аларм“.

Пред крајот на годината, тие, заедно со НВО Еко-Свест и колектив Ветерница, направија детски мјузикл „Градот моли: ме угушивте, ме боли!“, кој го обработува проблемот со аерозагадувањето на сликовит и интересен начин. Новевски вели дека тие и понатаму ќе продолжат со своите еко-иницијативи за подигање на свеста кај граѓаните и надлежните за аерозагадувањето.
„Проблемот мора да се решава сериозно, посветено и со креирање на посебни политики и буџети за таа цел. Би нагласил дека некои врвни научници и експерти за екологија како д-р Давид Сузуки, предупредуваат дека непреземањето акции и мерки за справување со загадувањето е меѓугенерациски криминал и надлежните функционери може да одговараат кривично за свесно игнорирање на проблемот или за криминал од небрежност“, истакнува Новевски.

Чекаме природата да ни го реши проблемот – снегот да го покрие, а ветрот да го исчисти, но нема волшебна мерка која преку ноќ ќе го смали аерозагадувањето.

Фото

„Мерките што треба да се преземат се интерсекторски и на повеќе нивоа“, вели д-р Ѓорѓев. „Граѓаните мора максимално да ја редуцираат употребата на приватни возила. Ако имаат можност и тие што ја имаат веднаш да ги сменат своите печки за домашно греење и да набават енергетски ефикасни печки на почисто гориво (на пр. пелети). За другите да се обезбедат субвенции. Греењето мора да биде или гасифицирано или енергетски ефикасно. Градот мора апсолутно да обезбеди доволно евтин или бесплатен еколошки чист јавен превоз, но и да ги одржува беспрекорно чисти улиците и под строга контрола или забрана на бројните локации каде се вршат градежни работи. Ако сето тоа се коси со надлежностите, државата да ги смени законските прописи и да обезбеди спроведување на сите овие мерки без одлгагање. Секоја парцијална мерка нема да доведе до сериозно подобрување“, заклучува д-р Ѓорѓев.15368807_10208936380341474_836618991_o

Крајот на месец ноември 2016 година (29-30 ноември) во Виена, проф. Ѓорѓев учествуваше на конференција на земјите членки на Светската здравствена организација за европскиот регион од областа на здравје и животна средина. Собир на преку 150 уесници од земјите и меѓународни невладини организации кои разговараа за здравствено еколошките приоритети во европските земји.

„Покрај отпадот, безбедноста на водата за пиење, климатските промени и хемикалиите, борбата против аерозагадувањето е посочена како топ приоритет. Во земјите на ЕУ загадувањето со ПМ честичките е причина за околу 500 000 смртни случаи годишно и економски штети од 330-940 милијарди евра“, истакнува д-р Ѓорѓев. Сето ова ќе биде предмет на разговор на министерската Конференција за здравје и животна сердина во јуни 2017 во Острава, Чешка.

  • · Имаме најголемо аерозагадување од канцерогени PM2,5 честички во Европа (39.4 mg/m3 годишен просек), според Светска банка. Максималната граница пропишана од ЕУ за PM2,5 во една календарска година е 25 mg/m3.
  • · Четворица македонци умираат во просек дневно заради загадениот воздух (1350 годишно), според Светска банка.
  • · Во 2015 година, секое второ болно дете се лекувало од респираторни здравствени проблеми според Институтот за јавно здравје.
  • · Загадениот воздух има ризици врз репродуктивниот систем кај жените: дефекти при раѓање, смрт на новороденчиња, ризик од канцер, според Светската здравствена организација.
  • · Кај возрасните граѓани (над 60 години), загадениот воздух предизвикува мозочни оштетувања и „тивок“ мозочен удар што може да предизвика вистински мозочен удар, деменција, депресија и други негативни здравствени ефекти, според Универзитетот во Бостон.

Податоците и дел од фотографиите се од Скопје Смог Аларм

Пишува: Марина Верушеска

Испрати коментар

Scroll To Top