Насловна / Вести / Санација и рехабилитација на автопат А1, делница Неготино – Демир Капија

Санација и рехабилитација на автопат А1, делница Неготино – Демир Капија

Делницата Неготино – Демир Капија претставува дел од патниот правец А1, кој започнува од границата со Р. Србија (ГП Табановце) – Куманово – Велес – Неготино – Демир Капија – Гевгелија – граница со Р. Грција (ГП Богородица).

Зголеменото сообраќајно оптоварување, нецелосното функционирање на системот за одводнување,  „ефектот на стареење на битуменот“ што влијае на стабилноста кај асфалтните слоеви, како и комплексните геотехнички услови на предметната средина, предизвикуваат поголеми оштетувања кои ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот и удобноста при возење, поради што е потребно да се изврши санација и рехабилитација согласно потребите и барањата на Инвеститорот.

Slika 1

Во процесот на изработка на проектот e извршена детална теренска и визуелна проспекција на постоечката состојба на делницата при што се забележани подолжни и попречни пукнатини, вертикална деформација на нивелетата, слегнување на коловозната конструкција и крпење на ударни дупки. Извршени се и теренски испитувања (вадење на кернови од асфалтот), со цел да се анализираат постоечките слоеви на асфалтната конструкција.Slika 2

На почетните 2.3 km забележани се поголеми оштетувања, па затоа со новите технички решенија се изведува нова коловозна конструкцијa. Бидејќи се работи за одвоени коловози, предвидени се две оски – за левиот и десниот коловоз, кои се проектирани така да ја пратат постојната состојба во однос на хоризонталното решение и нивелетски да се вклопат на спојот со стариот асфалт. Вкупната должина на левиот коловоз е Ll = 8599.96 m, од кои на првите 2.3 km е предвидена санација/реконструкција, додека на останатте 6.3 km е предвидена рехабилитација. На десниот коловоз кој е со должина Ld = 8599.04 m е предвидена рехабилитација.Slika 3

На делот каде се врши комплетна реконструкција, ширината на коловозот е задржана како во Главниот Проект, т.е. изнесува 11 m. Ширината на коловозот, каде е предвидена рехабилитација на коловозот, го прати габаритот на трасата.

Во согласност со постоечката состојба, за сметковна брзина од 120km/h,  користени се хоризонтални радиуси од околу 900m, додека наклоните и радиусите на вертикалните кривини се избрани со цел да ја запазат постојната состојба. Попречниот наклон го прати постоечкото витоперење и трпи мали корекции во деловите каде што се јавуваат големи оштетувања.

Slika 4

Имајќи ги предвид сообраќајното оптоварување, климатските услови, топографските и геотехничките карактеристики на теренот, усвоени се соодветни коловозни конструкции за рехабилитација и реконструкција. На делот каде што се врши реконструкција усвоена е следнава коловозна конструкција: АБ16с (полимер СБС 4 – 6%) d = 6 cm, БНС 22сА d = 6 cm, БНС 32сА d = 7 cm, тампон од дробен материјал  d = 30cm, подобрена постелка d = 40 cm и геокомпозит. На делот каде е предвидена рехабилитација се користи АБ16с (полимер СБС 2 – 5%) d = 6 cm. Со цел да се постигне континуитет на вертикалната геометрија, по потреба е предвидена двослојна и трослојна надградба. За двослојна надградба предвидени се следниве слоеви: АБ16с (полимер СБС 4 – 6%) d = 6 cm и БНС 22сА d = 6 cm. Онаму каде е предвидена трослојна надградба користени се следниве слоеви: АБ16с (полимер СБС 4 – 6%) d = 6 cm, БНС 22сА d = 6 cm, БНС 32сА d = 7 cm.

Постоечкиот систем за одводнување е подобрен со систем од канавки, риголи, дренажи, каналети, атмосферска канализација и пропусти, кои служат за прифаќање на водата од коловозот и косините и нејзино одведување од трупот на патот. Со проектот се предвидени чистење и санирање на постоечките пропусти, банкини, шахти, сливници и риголи, во согласност со постојните правилници и европските директиви за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Подготвиле: Жарко Иваноски, дипл.град.инж.

Шенѓул Мавмудоска, дипл.град.инж.

(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО – Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top