Насловна / Вести / Само со протест до правда против индустриското загадување

Само со протест до правда против индустриското загадување

Велес денес повторно има проблем, овојпат со една индустриска инсталација во местото Превалец, објект за кој е издадена А-интегрирана еколошка дозвола, но и покрај тоа веќе две години локалното население и локалните власти се жалат од загадувањето што доаѓа оттаму. Граѓаните го прават тоа што го знаат – претставки, реакции, повици до надлежните институции, но залудно.

Голем е бројот на случаите во кои на граѓаните не им останува ништо друго освен да го креваат гласот против загадувањето од индустриски капацитети со интегрирани еколошки дозволи – А или Б. Според досегашното искуство, протестот е најчесто применуваниот и најуспешен начин да се сврти вниманието кон нивните проблеми. Системот за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, кој се применува веќе деценија ипол, предвидува учество на јавноста. Но, како што велат одредени експерти, тоа не се спроведува на начин што би им овозможил на граѓаните да се изборат за своите права.

2

Железарницата во Скопје 

ПРОТЕСТИ МНОГУ, УСПЕСИ МАЛКУ

Спречувањето на рестартот на топилницата засега останува исклучок. Многу луѓе протестирале и се бореле против загадувањето од некој индустриски капацитет во нивната околина, но не успеале во тоа.

Кочани беше еден од најчистите градови, а сега е втор или трет по загаденост, вели кочанчанецот Орце Николов. Според него и дел негови сограѓани, има поголем број помали загадувачи во градот, но главниот проблем доаѓал од неодамна отворената странска инвестиција.

„Тие велат дека не се загадувачи, а мерењата веројатно се лажираат. Имавме три протести, постојани реакции, дописи до Министерството. Самиот градоначалник вели дека исто така реагира, но безуспешно. Фабриката често става некои филтри и додатоци, ама не треба да си експерт за да препознаеш дека не е доволно. Се наоѓа во населба со околу 5.000 жители, првите куќи се на 100 метри, а на 500 метри има основно училиште, градинка и средно училиште“, вели тој.

Протест имаа и земјоделците од битолското село Егри минатата година, против загадувач со кој, како што велат, се борат 15 години. Обвинуваат дека отпадните води им ја загадуваат почвата. Но од надлежните добивале само одговори дека сè е во ред.

На повеќето протести поради загадениот воздух во Скопје исто така се бараше решение за индустриското загадување, но граѓаните не наидоа на одговор. Дел од индустриските капацитети коментираа дека се лажно обвинети и дека ги почитуваат сите стандарди. На крајот, секој останува на својата страна, поради што протестите ретко успеваат да донесат решение на некој проблем со загадувањето.

3

Цементарница Усје 

КОЈ Е ПОНЕАНГАЖИРАН, ГРАЃАНИТЕ ИЛИ ДРЖАВАТА

Пристапот до носењето одлуки, а со тоа и пристапот до правда и заштита на правата при индустриското загадување е предвиден со системот за интегрирано спречување и контрола на загадувањето. Филип Иванов, поранешниот директор на Управата за животна средина од времето кога се воведуваше овој систем, а денес консултант, вели дека дел од проблемот е што учеството на јавноста е предвидено, но јавноста кај нас не е доволно подготвена, ниту заинтересирана за да учествува во такви процеси.

„Треба да се изврши обука на граѓаните и на невладините организации за да ги гледаат апликациите кога се објавуваат. Треба да се научи дека тоа што се гледа треба и да се разбира. Кога беше јавната расправа за Макстил имаше дваесетина луѓе, а еден месец подоцна останатите протестираа против Макстил, а никој од нив не се појави на јавната расправа. Кога дозволата е во фаза на изработка, треба јавноста да се вклучи, да влијае врз квалитетот на дозволата, да се каже што недостасува. Втората фаза е кога ќе се изработи, да се стави на увид, и тука треба да се реагира за сè што не е како што треба. Ако така се прави, ќе нема толкава завера како што се мисли“, вели Иванов.

Тој сепак додава дека дел од проблемот е и недоволната ангажираност на индустриските капацитети повеќе да ја вклучат јавноста, иако како што вели, тоа би било добро за нив.

„Капацитетите се задолжени да објават во два дневни весника, а исто така и општината има обврска да објави дека ќе има апликација или јавна расправа. Сè се сведува на една формалност. Оној што ја пишува треба да знае во која средина како треба да ја информира јавноста. Што повеќе луѓе има на јавната расправа, толку е поголема верификацијата на нивната дозвола. Што потранспарентно, тоа подобро“, додава Иванов.

Организацијата Фронт 21/42 подолго време следи како овој систем се спроведува во земјата. Нејзината претседателка Александра Бујаровска вели дека не само што системот недоволно квалитетно функционира во оваа област, туку во поединечни случаи директно се прекршила Архуската конвенција.

„Самиот Закон за животна средина не е наклонет кон ефективна реализација на правото на учество на јавноста во ИСКЗ-постапките. Законот не содржи обврска Министерството за животна средина и просторно планирање да ја определи засегнатата јавност, да обезбеди нејзино директно информирање, ниту пак задолжително организирање на најмалку една јавна расправа. Во реалноста ова значи дека јавноста, дури и онаа засегнатата, треба будно и редовно да ја следи интернет-страницата на Министерството и да ја проверува, која и онака е доста комплицирана, за да дознае дека во нивната средина има или ќе има ваков загадувач. Во пракса речиси е невозможна мисија“, вели таа.

Дополнителен проблем, според неа, е рокот за коментирање од 30 дена. Како што објаснува, дозволите се составени од стотици страници технички материјал, недоволно јасен за јавноста, а такви се и презентациите, па рокот не е доволен за да се разгледаат сите ризици и за граѓаните да бидат сигурни дека некогаш во иднина кога ќе протестираат или ќе реагираат, никој нема да може да манипулира со нив во врска со податоците од загадувањето.

Во 2019 година ова здружение почнало постапка за да го натера Министерството за животна средина да му издаде А-интегрирана еколошка дозвола на РЕК Битола. Овој енергетски капацитет сè уште работи надвор од системот за интегрирано спречување и контрола на загадувањето. Но процесот почна за и тој да се стави во ред, а се организирала и јавна анкета.

„Побаравме јавна расправа, побаравме да учествуваме во процесот на издавање на дозволата онака како што законот ни дозволува. За јавната расправа дознавме по нејзиното одржување, тоа ви кажува сè за учеството на јавноста. Самата расправа беше организирана среде новогодишните празници, на 8 јануари, нешто што е спротивно на Архуската конвенција за учество на јавноста. До ден денес, пет месеци подоцна не знаеме дали нашите коментари се прифатени или одбиени, нема никаков исход од постапката“, додава Бујаровска.

4

Напуштена фабричка хала

МИНИСТЕРСТВО БЕЗ ИНФОРМАЦИИ

Со оглед дека досега има околу 150 издадени А-интегрирани еколошки дозволи, за да утврдиме колку јавните анкети влијаеле во нивното донесување, испративме барање за пристап до информации од јавен карактер и побаравме од Министерството за животна средина да ни се достават извештаите од одржаните јавни анкети за оние што се издале во последните пет години.

Од Министерството го одбија барањето со образложение дека тоа „нема обврска да спроведува јавни анкети за издадени А-интегрирани еколошки дозволи“, па според тоа ниту подготвувало извештаи за тоа, ниту располага со такви податоци.

Обврската да спроведе јавна анкета е на оној што бара еколошка дозвола за да отвори индустриска постројка, но Министерството е државен орган задолжен да го спроведува системот за интегрирано спречување и контрола на загадувањето. Сепак, тоа одговори дека не водело евиденција за учеството на јавноста во издавањето на дозволите бидејќи „немало обврска“. Според тоа, податоците за јавните анкети се чуваат само кај приватните фирми што имаат добиено дозвола, а бидејќи тие со закон не се определени како иматели на информации од јавен карактер, ова значи дека граѓаните го немаат правото да ги добијат тие податоци на увид.

Бујаровска вели дека за да се подобри учеството на јавноста, а со тоа и заштитата на правата на граѓаните, мора да се воведе обврска за Министерството и за општините да ја определат засегнатата јавност уште во најраната фаза од постапката.

„Да се воведе обврска за задолжително спроведување на најмалку две јавни расправи. Корисно е спроведувањето на првата јавна расправа да биде на самиот почеток на постапката, кога се поднесува барањето за еколошка дозвола, а втората по објавувањето на нацрт-дозволата. Треба да се воведе и обврска Министерството да изготви извештај за учеството на јавноста во целата ИСКЗ-постапка што ќе го објави на својата интернет-страница. Ова е потребно поради тоа што во најголем број случаи јавноста нема никаква информација на кој начин нејзините забелешки биле земени предвид и како истите влијаеле врз конечната одлука“, додава таа.

Според неа, покрај законски измени потребна е и едукација на локалното население и зајакнување на улогата на општините.

5

Дел од дворот на железарницата

ИНСПЕКТОРАТОТ КАКО КОМУНИКАЦИСКИ МОСТ

Во услови кога граѓанското учество во постапките е далеку од нивото на коешто треба да биде, граѓаните најчесто се вртат кон инспекциите во потрага за помош против загадувањето. Извештајот на Државниот инспекторат за животна средина за првите три квартали од 2019 година покажува дека тие извршиле 1.776 контроли за девет месеци и донеле 183 решенија, 51 санкција, 43 прекршочни постапки, а изрекле и една максимална казна од 100.000 евра.

И покрај тоа инспекторите се постојано на удар на коментари од јавноста дека не си ја вршат работата, дури и дека намерно не го гледаат загадувањето.

Дарко Блинков, еден од поискусните инспектори за животна средина во ДИЖС, вели дека често реагираат групи граѓани, месни заедници или поединци, дека одредени индустрии ги загадуваат воздухот и водите. Тој вели дека тие се обидувале да воспостават што подобар дијалог меѓу граѓаните и индустриските капацитети, но наидувале на отпор бидејќи групите граѓани или иницијативите организирани преку социјалните мрежи често имале негирачка конотација кон случувањата.

„За жал постои генерална недоверба во институциите, но тоа е повеќе плод на политизацијата во државните органи бидејќи на раководни позиции нема стручен кадар од вработените во институциите, а и во Министерството и во Инспекторатот работат стручни лица кои години и децении посветено и совесно ги реализираат задолженијата“, смета Блинков.

Како што додава тој, на реакциите и очекувањата на граѓаните постојано им ги објаснувале нивните надлежности, обврски и законската поставеност и ги упатувале да побараат супервизија од Државниот управен инспекторат ако не се задоволни од нивната работа.

Главната причина поради која има многу реакции на индустриското загадување, според Инспекторот, е што преголем број луѓе живеат непосредно до големи индустриски капацитети, најчесто поради непланскиот урбан развој пред неколку децении. Фабриките биле првично изградени надвор од населените места, но по нивното отворање почнала масовната миграција село-град, бидејќи биле потребни работици. Голем број од нив изградиле куќи непосредно до фабриките, а последиците од тоа се гледаат денес во Скопје и во други градови.

 

Испрати коментар

Scroll To Top