Насловна / Архитектура / Радован Раѓеновиќ: Замина, но делата се паметници на неговото постење во архитектурата

Радован Раѓеновиќ: Замина, но делата се паметници на неговото постење во архитектурата

Почина Радован Раѓеновиќ. Згасна животот на архитектот Ратко, посветеник на  архитектонската наука во која се внесуваше со сиот свој креативен творечки занес, создавајќи неизбришлива трага со трајните белези од својот творечки опус на територијата на Македонија, Русија, Украина.

KIR_9463_resize

Се наметнува прашањето дали архитектот творец, Радован Раѓеновиќ со неговото физичко заминување од овој свет, заминал од ахритектурата и архитектонското опкружување? Одговорот е: „Не е невозможно“. Всушност тој само физички не е присутен. Архитектот Радован, никогаш нема да замине, тој  ќе биде секогаш присутен, засекогаш вграден во архитектонската историја, со своите авторски дела, трајни авторски архитектонски паметници, кои го отргнуваат од заборавот.

arh_1_resize

Споменик во Митрашинци

Јас, неговиот следбеник и поборник за искреност и чесност во архитектурата го имав и ќе го имам како меѓник за архитектонското разбирање и применување на архитектонската вештина.

Како млад архитект, вработен во „Пелагонијапроект“ со некакви предзнаења за мојата идна професија имав среќа да се сретнам со мојот иден, непосреден раководител, архитектот Радован Раѓеновиќ. Денес можам да кажам дека сета моја професионална дејност, по игра на судбината се преплетуваше со неговата професионална дејност. Ратко својата хиерархиска поставеност никогаш не ја истакнуваше во прв план. Напротив, тој успеваше ненаметливо, низ работните задачи, нас помладите архитекти да нè упатува во тајните на проектирањето. Ни беше учител, а добрите учители вечно се помнат и на некој начин беше оној кој нè научи да ја поимаме, сакаме и почитуваме архитектурата. Нè научи како несебично да ѝ се даваме и што е многу важно, да бидеме доследни, да имаме како проектантски, така и човечки интегритет, а конечно и да разбереме дека личниот и професионалниот интегритет и архитектурата, едно без друго не одат. Ни покажа дека знаењето, проектантската вештина, никој не може да ни ги одземе, дека тоа е нешто свето, кое мора да го негуваме и да не потпаѓаме под негативни влијанија и прифаќаме сè нешто, без разлика колку ни изгледа тешко и невозможно, а финансиски примамливо.

Model

Зграда на Спортска медицина во Скопје

Овие денови често размислувам, дека Ратко беше пред времето, дека беше авангарден, создаден за некое време кое тек треба да дојде. Потоа си велам, дека ние творевме во некое време кое е минато, но понапредно од она што следуваше потоа. Него тоа му пречеше, никако не можеше да се помири со очајната состојба во професијата. Невозможно е тоа и да се очекува од архитект кој творел во светски рамки, проектирал објекти од неколку стотици илјади квадратни метри, а проектната документација се плаќаше во милиони долари – во она време. Велеше: „Градежништвото на Македонија некогаш броеше над 50.000 вработени. Своето умеење го покажуваа главно надвор од Македонија – 78 %. Работите ги добиваа како афирмирани проектанти и градители, а во рамки на пазарните критериуми. Проектирањето е извоз на интелектуални услуги. Не се извезуваше работна рака на саат. Се преземаше градба од проект до целосна изградба на објектот, по Европа, Азија и Африка“.

sochi02_resize

Хотелски комплекс Запољарје, Сочи, Русија

Како и да е, личности како Ратко се сè поретки, сè повеќе ги снемува, а времето кое го живееме многу тешко изнедрува луѓе и професионалци како него. Ратко не трпеше импровизации, за да не го изгубиме и за да не го заборавиме она многу кое го научивме од него, треба да го следиме неговото дело и личност за да се избориме за квалитет и доблест.

Низ работата ни влеваше лична самодоверба, умееше да ни укаже дека ние знаеме, ние можеме, дека ние ќе успееме. И навистина почнавме да градиме лична самодоверба како архитекти, но секако со негова сесрдна поддршка, што во блиска иднина ни овозможи да станеме самостојни проектанти.

плаз

Хотелски комплекс Запољарје, Сочи, Русија

Во почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, Ратко го создаде проектантското биро на „Мавропроект“ со кадри во сите фази на проектирање во кои веруваше, заедно со затечените кадри од проектанското на ГП „Маврово“. Создаде биро кое покажа исклучителни резултати во проектирањето во  високоградбата и нискоградбата.

„Мавровопроект“ под негово директно раководење и едновремено активно проектирање, прерасна во респектибилна проектантска куќа надвор од границите на тогашна Југославија со преземање за проектирање реконструкција и изградба на санаториум Запољарје во Сочи, СССР. Проектирање и изведување пристанишна аеродромска зграда на аеродром Адлер во Сочи.

со_resize

Хотелски комплекс Запољарје, Сочи, Русија

Овие текстуални фрагменти се само дел од неговиот професионален животен опус во кој тој беше секогаш колега, другар и коректор, кого го консултиравме за нашите проекти во кои нашата индивидуалност доаѓаше до израз во позитивната конкуренција. Како раководител на проектантското биро на „Мавровопроект“, на сите колеги (и колешки) ни се обраќаше со „види сине“.

Подоцна, нашите патишта се разидуваат по неговото заминување во Москва, Русија. Но и тоа беше само привремено раздвојување поради различни професионални дејности. Ние, неговите колеги и соработници избравме свои патишта на професионална дејност, но секогаш бев во директен контакт со нашиот ментор.

Makedonski-dom-image052a

објекти во Нижњи Новгород кои се нарекуваат „Македонски дом“.

Подоцна тој во својата фамилија создаде двајца архитекти Сања и Ненад, со кои пак јас директно соработував во нивната проектантска фирма „Студио Р“. Патиштата секогаш ни се вкрстуваа, па така неминовно на крајот од нашите професионални кариери повторно се сретнавме како рамноправни архитекти професионално да соработуваме. Во нашата соработка секогаш сум имал респект и уважување кон Радован, Ратко или Рале како од милост го викавме.

Уште еднаш со мојот текст сочувствувам со неговото заминување, но секогаш ќе остане во моите мисли и мислите на колегите во трајно сеќавање со длабок пиетет кон неговата личност и дело.

Автор: Владимир ПОТА, дипл. инж. арх.

* * * * *

ПОЛОВИНА ВЕК ПОСВЕТЕН НА АРХИТЕКТУРАТА

За многу краток период, за само 7 месеци, македонската архитектура остана без уште еден нејзин истакнат творец. Замина архитект Радован Раѓеновиќ, оставајќи трага со своето богато и разновидно творештво. Неговото име ќе заземе значително место во историјата на модерната архитектура во нашата и во повеќе други држави. Ќе останат убави сеќавања за работата и дружењето со колегите, пријателите и клиентите.

Моето  сеќавање на архитект Ратко, е поврзано со почетоците на неговата професионалната кариера, кога во 1969/1970 година учествуваше во работата на главниот проект за објектот „Театар на народности“ на Бит-пазар во Скопје (сега Албански театар). Архитект Ратко беше тогаш млад, но амбициозен архитект-проектант, со стремеж да биде актуелен архитект во времето и афирмиран македонски градител, што низ годините, со својот трудољубив пристап кон професијата и го оствари.

За ликот и творештвото на архитект Раѓеновиќ пишувале повеќе познати архитекти во поранешна Југославија. Познатиот белградски архитект Богдан Богдановиќ, на крајот од својот осврт за меморијалниот комплекс „Слобода“ во Кочани напиша: „Мајсторе сега си Протомајстор“. Архитект Ивица Млаѓеновиќ (Белград, 1990 година) во книгата „55 истакнати архитекти во Југославија“, помеѓу другото пишува: „Раѓеновиќ е архитект кој го исцртува обликот, како извор на архитектонската инспирација“. Во 1988 година академик А.Т. Полјански од Москва пишува за Ратко во „Архитектура на одмаралишните комплекси“, а во 1985 година „Интераx“ – Софија, Биенале на светската архитектура.

Раѓеновиќ ги презентираше своите објекти и пишуваше статии во стручните списанија, „Човек и простор“ – Загреб, неделникот НИН – Белград и во неколку домашни.

За своето богато творештво бил повеќе пати наградуван, БИМАС 1981/1982 година за реализирани објекти, а 1985 година на БИМАС награден е со диплома за афирмација на македонската архитектура во странство. Добитник е и на Повелба од град Запорожје, Украина, а за меморијалниот комплекс „Слобода“, стана и почесен граѓанин на Кочани.

Како резултат на обемното и успешното творештво на архитект Ратко Раѓеновиќ му е доделена во 2016 година од Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ) наградата „Андреја Дамјанов“, за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Со оваа награда стана и член на Архитектонска академија на ААМ. Имав чест како претседател на АА на ААМ да му честитам и посакам продолжување на неговите залагања за македонската архитектура и за успех на младите македонски архитекти.

Пет години потоа, на 10 јули годинава, бев поканета како проектант на објектот на Албански театар на свеченост по повод 71 година од првата премиера на албанскиот театар и 50 години од повторното отпочнување со работа во реновираниот објект. По свечениот настан, сакав моите позитивни импресии од успешното реновирање на објектот да ги пренесам на колегата Ратко (учесник во работата на оригиналниот проект), но за жал ја немав таа можност, бидејќи само два дена по настанот, заврши  животниот  пат на истакнатиот македонски архитект Радован Раѓеновиќ.

Неговото богато творештво ќе остане запишано во историјата на модерната архитектура, а ќе биде и патоказ на младите архитекти кои ќе го следат неговиот успешен професионален пат.

Вечен спомен на почитуваниот архитект Радован Раѓеновиќ!

Вера Ќосевска, член на Архитектонската академија на ААМ 

* * * * *

Радован Раѓеновиќ е роден во 1940 г. во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје 1964 г. Постдипломски студии завршил на интернационалната школа „Бауцентрум“ – Ротердам, Холандија 1972 г.

ПРОФЕСИОНАЛНА ДЕЈНОСТ

„Алумина“- Скопје – проектантско биро 1965 – 1967 г.

„Пелагонијапроект“- Скопје 1968 – 1980 г.

„Мавровопроект“- Скопје 1980 – 1992 г.

„Римако“ – Москва – градежништво од 1996 – 2002 г.

„Бидимекс“ – Лавов, Украина 2007 – 2008 г.

„Студио Р“ – Скопје 2002 г.

ПРОЕКТИ И РЕАЛИЗИРАНИ ОБЈЕКТИ

Станбени објекти

– Станбена зграда П+4 – Кисела Вода, Скопје – 85 станбени единици

– Станбен објект П+3 во Дебар Маало, Скопје

– Станбен објект П+10 во Лавов, Украина

– Станбен објект П+3 – апартмани во Будва, Црна Гора

– Повеќе индивидуални куќи, вили во Скопје, Маврово, Будва, Солун, Грција.

mavrovo01_resize

вила во Маврово

Туризам и угостителство

– Туристичка населба „Мрдаја“ – Дојран – бунгалови, ресторан, плажни објекти

– Автокамп – Љубаниште, Охридско Езеро

– Хотел „Скопје“- Мавровско Езеро

– Хотел „Еуротел“ – Струга

– Хотелски комплекс „Запољарије“ – Сочи, Русија

EUROTEL22_resize

Хотел „Еуротел“ во Струга

Спортски објекти

– Олимписки пливачки центар – Скопје

– Ски центар Маврово – жичарница

baz_1_resize

Олимпискиот пливачки центар во Скопје

Деловни објекти

– Административна зграда „Југобанка Пелагонија“ – Струмица

– Спортска медицина – Пелагонија – Скопје

– Деловен објект – Москва

– Деловен, повеќенаменски објект „Будимекс“ – Лавов, Украина

– Деловен објект „КМК“ – Ново Кузњецк, Русија

– Регионален архив – Москва, реконструкција на објект изграден во XVIII век

– Деловен, сообраќаен центар – Рамади, Ирак

Индустриски објекти

– Автобаза на ЈП Градски сообраќај – Ѓорче Петров, Скопје

– Нова фабрика за масло „Благој Ѓорев“ – Велес

HPIM1360.JPG

Меморијален комплекс „Слобода“ – Кочани

Меморијални објекти

– Споменик – 30 години од формирање на големите македонски партизански одреди – Митрашинци

– Спомен-чешма, фонтана – Мавровски партизански одред – Маврово

– Меморијален комплекс „Слобода“ – Кочани

5_resize6

Спомен-чешма, фонтана – Мавровски партизански одред – Маврово

КОНКУРСИ

Југословенски конкурси

– Меморијален комплекс „Слобода“ – Кочани – I награда

– Деловен објект „Радоје Дакиќ“ – Подгорица – откуп

Македонски конкурси

– Деловен објект Сојуз на борци на РМ – Скопје – III награда

– Спортски сали – Скопје – откуп

– Деловен објект ГП Пелагонија – Скопје – откуп

– Хотел во Скопје (Ново Маало) – откуп

– Градска куќа Скопје – Плоштад Македонија – откуп

– Деловен објект „Мавровка“- откуп

image009a

Конкурс Градска куќа Скопје – Плоштад Македонија

ПРИЗНАНИЈА

Повелба на почесен граѓанин на Кочани

„Грамота“ (Повелба) на град Запорожје, Украина за творечко присуство во областа Запорожје

БИМАС:

– Диплома за реализирани објекти во 1981 – 1982

– Диплома за труд од областа урбанизам, проектирање, ентериер и дизајн 1985

– Диплома за афирмација на македонската архитектура во странство 1985

2016 година од Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ) награда„Андреја Дамјанов“, за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството

KPO_2665_resize

ОПШТЕСТВЕНО-ПРОФЕСИОНАЛНИ ФУНКЦИИ, АКТИВНОСТИ

– Во два мандата член на Претседателство на Сојуз на архитекти на Македонија 1978 – 1986 г.

– Член на Комисија за реорганизација на Сојуз на архитекти на Југославија 1984 г.

– Член на Сојузно жири на Конкурсот за проектирање објект Дом на култура во Сремска Митровица

– Член на жири за Конкурс на проектот за изградба на населба Визбегово, Скопје

– Соработка со Македонска телевизија и Вардар филм во реализација на прилози и емисии за афирмација на архитектонското творештво

– Соработка со Заводот за заштита на културното наследство на РМ и Катедрата за историја на архитектура на Архитектонскиот факултет во Скопје (проф. С. Томовски) – проектна документација на постоечки објекти во Крушево, Гари, Тресонче и Лазарополе

ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА РЕАЛИЗИРАНОТО ВО ПРОФЕСИОНАЛНАТА ДЕЈНОСТ ВО АРХИТЕКТОНСКА ЛИТЕРАТУРА

– „Интерах“ – Биенале на светска архитектура – Софија, Бугарија 1985 г.

– „Архитектура комплекса одиха“ – Москва, Русија 1988 г.

– „55 истакнутих архитеката Југославије“ – Ивица Млаѓеновиќ, Белград, Србија 1990 г.

 

Испрати коментар

Scroll To Top