Насловна / Архитектура / Првите Власи архитекти и инженери

Првите Власи архитекти и инженери

Пред 119 години на 23 мај 1905 година Султанот Абдул Хамид Втори издал Проглас („Иреде“) со кој на Власите во Отоманското Царство им биле доделени национални права вклучително со можност за избор на свои градоначалници („мукхтари“), како и за настава во училиштата и богослужба на Влашки јазик.  Од тука овој ден, 23 мај, се одбележува како државен празник Национален ден на Власите во Република Северна Македонија за граѓаните од влашката етничка заедница.

Националниот ден на Власите е повод да се запознаеме со шест од првите архитекти и инженери Власи поврзани со територијата на денешна Република Северна Македонија во однос на нивното место на раѓање, место на живеење или пак место на творење, а подредени според годината на нивното раѓање.

Стерјо Циумети

(1870, Бер/Верија, Солунски Вилает, Отоманско Царство – 1933, Букурешт, Романија)

Инженер за изградба на мостови и патишта и професор по матеметика, веројатно еден од првите, ако не и првиот универзитетски образуван инженер кој рабител и творел на територијата на денешна Македонија.

По стекнатото образование во Лицејот во Битола тој се запишал и дипломирал на Политехничкиот Универзитет во Букурешт, по што се вратил во Битола каде станал професор по математика на лицејот и работел како инженер.  Во немирните години на Балканските и Првата светска војна, тој побарал засолниште долж Бугарско – Романската граница, каде прво станал Раководител на Околиската техничка служба во Силистра, Бугарија, а потоа Генерален инспектор за мостиви и патишта во Констанца, Романија.

На територијата на денешна Македонија тој го оставил својот белег барем преку камениот мост на реката Драгор во Довлеџик, крај Битола, овековечен во фотографиите на Браќата Манаки.  Неговото најстаро дете, Флорика Багдасар, родена на 24.01.1901 година во Битола станала лекар, невропсихијатар образуван во Романија и САД.  По смртта на нејзиниот сопруг, неврохирургот Димитру Багдасар, во 1946 година, таа станала прва жена министер (за здравје) во романската влада до 1951 година, по што била зафатена од сталинистичкиот прогон во Романија, за делумно да биде рехабилитирана по 1956 година и толерирана од властите до крајот на својот живот на 19.12.1978 година.

Јелисавета Начиќ

(31.12.1878, Белград, Кнежество Србија – 06.06.1955, Дубровник, ФНРЈ)

Архитект, прва жена која дипломирала на Архитектонскиот Отсек при Техничкиот Факултет во Белград во 1900 година, прва жена архитект во Србија и најверојатно и на Балканот, и прва жена општински службеник во Србија.

Била родена како 13-то, и е едно од трите преживеани деца на богатиот трговец Михаило С. Начиќ по потекло од територијата на денешна Македонија.   Во периодот кога само седум отсто од жените во Србија биле писмени, нејзиниот избор на професија и животни определби не секогаш наоѓале на разбирање од семејството и средината во која живеела. Таа морала да прифати работа во општинска служба, со оглед дека државната била достапна само за лицата со одслужен воен рок, т.е. мажите. Нејзината плодна, но куса професионална карира била прекината во текот на Првата светска војна, кога во 1916 година била интернирана во австро-унгарскиот логор Нежидер (денес во Австрија) во кој една третина од 15.000 затворени Срби не преживеала.  Во логорот таа се запознала и омажила за алабанскиот интелектуалец Лука Лукај од Скадар.  По завршувањето на војната и период на престој во Албанија, во 1923 година тие нашле засолниште во Дубровник, каде останале до крајот на својот живот отфрлени од своите семејства, сиромашни и заборавени.

Нејзиното творештво ги опфаќа Основното училиште Крал Петар Први, кое се смета за прво современо училиште, првата болница за туберулоза, првата станбена зграда испроектирана од архитект во Србија, сите во Белград.  Малите скали на Калемегдан и Црквата Александар Невски во Белград, како и Црквата Архангел Михаил во Штимље, Косово и Метохија, исто така се нејзини проекти.  Според одредени извори се смета дека таа испроектирала и магацин за земјоделски производи во околината на Тетово, што можеби е, или не е поврзано со фактот дека мајката на нејзиниот сопруг живеела извесен период и во Скопје.

Наум Торбов

(18.11.1880, Гопеш, Ресенска Нахија, Отоманско Царство – 02.06.1952, Софија, Бугарија)

Архитект,  кој дал значеан придонес кон архитектурата на Софија и Бугарија.

По емигрирањето на неговото семејство во Орјахово, Бугарија, тој заминал во Романија за да студира архитектура на Националниот Универзитет за уметности во Букурешт.  По дипломирањето во 1904 година се вратил во Бугарија каде стапил на работа во Министерството за јавни згради во Софија, пред да биде назначен за Раководител на одделот за архитектура при Општината Софија во 1906 година, и да отпочне и со приватна пракса  во 1908 година.

Тој станал еден од најзначајните архитекти во Бугарија во овој период и испроектирал над 100 јавни, индустриски и станбени објекти во Софија и низ Бугарија од коишто назначјни се Централните софиски хали, Романскиот институт, Казиното (сега Градска уметничка галерија), Хотелите Континентал и Париз, куќите на Хентови, Станишеви (подоцна Главно муфтиство) и на Димитар Костов, сите во Софија.

Константин Јуцу

(24.03.1884 Крушево, Отоманско Царство – 01.08.1962 Букурешт, Романија)

Архитект, професор и декан на Архитектонскиот факултет во Букурешт, кој дал значаен придонес кон романската архитектура како претставник на неороманскиот стил што се јавил како романска верзија на Арт Нувото.

Дипломирал на Универзитетот во Букурешт во 1909 година и станал соработник на познатиот романски архитект Јон Минчу.  Од 1920 до 1944 година бил професор по архитектура, а во периодот од 1940 и 1944 и декан на Архитектонскиот факултет во Букурешт, кој во тој период бил во состав на тамошната Политехника.

Како негови најзаначајни остварувања се сметаат Универзитетската библиотека во Јаси, Домот на армијата во Брашов, Министерството за економија во Букурешт, поранешната зграда на Министерството за правда во Букурешт, Црквата Св. Елефтерија Ноу во Букурешт, Белата куќа (Печатницата Рамури) во Крајова, Банката Прахова во Плоешти, Хотелот Ексцелзиор во Синаиа, и други.

Георге Симота

(06.06.1891/19.06.1891, Клисура, Битоски Вилает, Отоманско Царство – 31.03.1979, Букурешт, Романија)

Архитект, акварелист и професор на Архитектонскиот факултет во Букурешт, значаен романски архитект во периодот помеѓу двете светски војни, представник на неороманскиот стил.

Го започнува своето образование во романското училиште во Клисура, за во 1910 година да го заврши Романскиот Лицеј во Битола, по што се сели во Романија. Во 1916 година по дипломирањето на Високата школа за Архитектура во Букурешт волонтира во Првата светска војна за по една година на фронтот во 1917 година да добие распоред во воената градежна служба.  Предава 30 години на Архитектонскиот факултет во Букурешт, а во 1938 година е избран за редовен професор на катедрата за декоративен и академски дизајн.

Тој се јавува како автор на околу 180 проекти од кои околу 130 биле реализирани меѓу кои се истакнуваат и Дворецот на Патријаршијата, Ермитажната црква Дарвари, Воениот дом и други.  Се разбира, при ова не може да се одмине неговиот придонес кон архитектурата на Скопје преку Палатата Шкаперда од 1932 година што бил изработен како венчален подарок на младиот пар Шкаперда.

Елие Карафоли

(15.09.1901, Бер/Верија, Солунски Вилајет, Отоманско Царство – 24.10.1983, Букурешт, Романија)

Електро инженер, доктор на науки, и професор на аеродинамика на Политехничкиот Универзитет во Букурешт, академик и проектант на авиони.  Развил дел од теоретските постулати што се користат како основа за пресметките на профилите на крилата на суперсоничните авиони.

Карафоли потекнува од истиот град како и Циумети.  Во 1915 година од Грција се преселил во Битола пред да замине за Букурешт каде завршил средно образование и се запишал на Политехничкиот Универзитет во Букурешт каде дипломирал во 1919 година како електро инженер. Тој го продолжил своето образование на Универзитетот во Париз, каде докторирал во 1928 година во доменот на аеродинамиката.  Истата година, по враќањето во Букурешт се вработил на Политехничкиот Универзитет во Букурешт каде ја основал Катедрата за аеродинамика, а во 1936 година бил промовиран во редовен професор.  Тој го изградил првиот тунел за ветер во Југоисточна Европа.

Во периодот од 1930 до 1937 година работел и во Романската аеронаутичка индустрија во Брашов, каде бил вклучен и во проектирањето на борбените авиони ИАР ЦВ-11, ИАР 14 и ИАР 15, за во 1937 година да го иницира развојот на познатиот ИАР 80.  Во 1948 година тој бил избран за член на Романската Академија, а бил добитник и на Луј Бреже Наградата (1927), Гаусовиот Медал и Аполо 11 Медалот (1971).

Значаен придонес во струката

Овие шест примери на првите архитекти и инженери Власи само укажуваат на нивниот значаен приоденс во струката не само во земјите во коишто делувале туку и пошироко.  Истовремено, укажуваат на нивните напредни гледања за периодот во кој тие се формирале и твореле на овие простори.  Од оваа временска дистанца тешко е да се процени дали или и во која мерка биле инспирирани од своите претходници и сонародници, како на пример д-р. Драга Љочиќ (22.05.1855, Шабац – 05.11.1926, Белград) чиишто родители Дима и Марија оргинално Љочи или Љоти, околу 1820-те години се преселиле од Гопеш, Ресенско, во Шабац.  По дипломирањето на Медицинскиот факултет во Цирих во 1879 година таа станала прва жена лекар во Србија, за потоа нејзините професионални квалификации ефективно да бидат оспорувани во обидите да се здобие со државна служба заради тоа што била жена и немала одслужено воен рок и покрај тоа што била учесник во Српско-Турскуте, Српско-Буграските, Балканските и Првата светска војна.

Од погорните примери може да се види дека територијата на денешна Македонија била, или појдовна, или само попатна дестинација (фокусирана на Битола и тамошниот Лицеј) на нивниот пат кон поголеми и подобри можности за реализација на нивниот очигледно голем личен и професионалне потенцијал. Нивните големи дела остануваат во земјите што или ги избрале или пак околностите ги донеле, а нам во Македонија ни остануваат сеќавањата на нив и по некој значаен потсетник за ниваното творештво како што се Палата Шкаперда во Скопје, Камениот мост на реката Драгор, а можеби и Магацинот за земјоделски производи во Тетовско.

Посветено на спомените на мојата кума архитект Вера Симиќ и на нејзиниот брат архитект Бане Симиќ.

Автор: Д-р Владимир ЛАДИНСКИ, архитект

Испрати коментар

Scroll To Top