Насловна / Вести / Првични чекори на примена на CBA анализите во Македонија

Првични чекори на примена на CBA анализите во Македонија

Анализите трошоци-добивки (CBA) претставуваат аналитичка алатка која се користи за да се изврши проценка на социо-економскиот фактор, кој произлегува од примената на одредена проектна програма или реализацијата на конкретен предлог-проект. Целта на CBA е да ги идентификува и монетаризира сите можни влијанија кои произлегуваат од примената на одредена проектна програма или реализацијата на конкретен предлог-проект, следствено на тоа ќе може да се определат трошоците и добивките што произлегуваат од истите.

Примената на CBA е особено важна кај проектите од транспортната инфраструктура (патна и железничка), со цел конкретно и детално да се увидат и прикажат сите негативности и позитивни страни на проектот од финансиски и економски аспект, ризиците што треба да се земат предвид и да дадат сеопфатен и конкретен одговор дали проектот е исплатлив или не.

1

CBA анализа  и поими и процеси кои таа ги поврзува

Анализите СВА се прават од финансиски и економски аспект и имаат различни почетни приоди и цели. Финансискaта СВА го зема под внимание приватниот поглед и интерес за проектот, а економската СВА ги зема под внимание националните или општествените интереси. Познавањето на разликите помеѓу финансиската и економската СВА исто така помага да се разберат разликите помеѓу конкуренцијата и споредбата на придобивките за економските активности. Економската СВА се разликува од финансискaта СВА и се прави така што даноците, таксите и другите јавни давачки треба да се занемарат и/или кога екстерните ефекти се значајни и влијаат врз ефикасноста на проектот. Екстерните ефекти се дефинираат како ефекти кои ги создава проектот со негово експлоатирање  од директните негови корисници, но кои ефекти не ги поднесуваат корисниците на проектот туку други лица.

2

Фази на изработка на CBA анализата според водичот на Европската комисија 2014-2020

Основна точка при изработката на анализите трошоци-добивки кај одредени предлог-проекти од транспортната инфраструктура претставува техничката документација за нив. Потребната техничка документација која треба да биде доставена на увид со цел успешна изработка на CBA е различна во зависност од тоа за каков вид на проект станува збор, односно видот на техничка документација варира во зависност од тоа дали станува збор за изградба на нова инфраструктура или реконструкција на веќе постоечка инфраструктура.

Сообраќајната студија се изработува за да ја прикаже реалната состојба за потребата од транспорт и таа е од круцијална важност при изготвувањето на анализите трошоци-добивки. Планирањето на сообраќајот претставува сложен мултидисциплинарен процес кој налага собирање и обработка на голем број податоци. И покрај сличноста на дејностите кај железничкиот и патниот сообраќај за пренос (транспорт) на лица и стоки од едно на друго место, тие се разликуваат во неколку аспекти и затоа е потребен посебен пристап при анализа и изготвување на сообраќајната студија кај патната и железничката инфраструктура.

 

Дефинирањето на трошоците и нивно конкретно определување претставува неопходен дел од подготовката на CBA за споредба на предлог-проектите. За тие попрецизно да се определат и дефинираат, несомнено е потребна нивна класификација според нивната сличност односно различност, периодот на нивна појава, субјектот што ги поднесува и други критериуми за нивна поделба и класификација. Генерално, при разгледување на предлог-проекти од транспортната инфраструктура, независно дали патната или железничката,  трошоците се определени во три групи, и тоа:

–         Инвестициони трошоци;

–         Експлоатациони трошоци;

–         Екстерни трошоци.

Покрај потребата од дефинирање на трошоците, во CBA анализите треба да се детектираат и определат добивките (користа) што инвеститорот, засегнати субјекти од проектот и целото општество, ќе ја има со имплементацијата на проекти од транспортната инфраструкутра. Суштинската цел на CBA е да се поттикнат и фаворизираат предлог-проекти кои носат добивка за инвеститорот или корист за општеството. Добивките од проектот може да се разгледаат од финансиски аспект односно од аспект на инвеститор (сопственик на инфраструктура или транспортни оператори), а користа се разгледува од економски аспект односно од аспект на целокупното општество, и тоа:

  1. 1.      Добивки од финансиски аспект (инвеститор):
  • наплата на патарини, такси и сл. други давачки со цел користење на инфраструктурата од корисниците;
  • Резидуална вредност – претставува дисконтирана вредност на преостанатиот капацитет на објектите (тунели, мостови, горен и долен стој и сл.) чијшто амортизационен период го надминува разгледуваниот временски хоризонт. Односно вкупниот инвестиционен трошок дисконтиран со дисконтна стапка за временски период еднаков на разгледуваниот временски хоризонт.
  1. 2.      Добивки од економски аспект (општество):
  • заштеда (намалување) на времето на патување;
  • намалување на оперативните трошоци на возилата;
  • намалување на негативните влијанија кон животната средина;
  • подобрување на степенот на сигурност и редуцирање на сообраќајните незгоди;
  • резидуална вредност на проектот;
  • индиректно влијание кон зголемување на вредноста и актуелизирање на локално земјиште, хотели, ресторани, бензински станици и сл. објекти.

3

Потребни податоци за изработка на CBA

Искуството од примена на CBA во Република Македонија за проекти од патната и железничката инфраструктура бележи децениско пионерско искуство, со надеж и цел тоа да прерасне во корисна алатка за помош при донесување инвестициона одлука од аспект на инфраструктурните објекти, што ќе се базира на здрав фундамент од европски и регионални искуства. Проектите од железничката инфраструктура за кои се изработени CBA, се во согласност со Националната транспортна стратегија, односно рехабилитација на железнички делници со цел модернизирање на Коридорот X (Север-Југ).  Железничките делници се наоѓаат на Коридорот X и делот Xd. Односно станува збор за:

–         железничка делница Битола-Кременица со должина од 16 km;

–         железничка делница Куманово-Дељадровци (во близина на Миладиновци) со должина од 14 km;

–         железничка делница Драчево-Велес во должина од 35 km.

Слика 3. Приказ на проектите од железничката инфраструктура во Р.Македонија за кои е изработена CBA анализа

Приказ на проектите од железничката инфраструктура во Р. Македонија за кои е изработена CBA анализа

Табели 1-2. Графички приказ

Графички приказ на податоците од финансиската и економската CBA за проектите од железничката инфраструктура

Легенда: (FIRR, EIRR – финансиска односно економска дисконтна стапка; FNPV, ENPV – финансиска односно економска нето сегашна вредност на проектот)

Проектите од патната инфраструктура за кои се изработени CBA, се во согласност со Националната транспортна стратегија за меѓународно поврзување на Р.Македонија со локалните земји и надоврзување на постоечките ТЕN-Т мрежи. Првиот проект се однесува на доизградба на патната инфраструктура со цел докомплетирање на Коридорот X (Север-Југ). Станува збор за патната делница М-1 Демир Капија – Смоквица, што претставува единствена делница по должината на Коридорот X во Р. Македонија, која не претставува автопатско решение во Коридорот X, насока север-југ.

Слика 3. Приказ на делницата Д.Капија-Смоквица за која е изработена CBA анализа

Приказ на делницата Д.Капија-Смоквица за која е изработена CBA анализа

Вториот проект се однесува на поврзување на европскиот патен правец Е 851 со магистралниот пат М-4, со цел да се оствари директна врска помеѓу Призрен и Тетово, односно помеѓу Косово и Македонија, а воедно и индиректно поврзување на Бугарија и Албанија преку овај патен правец.

Слика Тетово - Призрен

Приказ на делницата Тетово-Призрен за која е изработена CBA анализа

Табели 3-4. Графички

Графички приказ на податоците од финансиската и економската CBA за проектите од патната инфраструктура

Легенда: (FIRR, EIRR – финансиска односно економска дисконтна стапка; FNPV, ENPV – финансиска односно економска нето сегашна вредност на проектот)

Заклучок и препораки за понатамошна работа:

–         Податоците од изработените CBA за инфраструктурни проекти во Македонија укажуваат дека станува збор за внимателно одбрани инфраструктурни проекти.

–         Примената на CBA во Македонија при донесување на инвестициони одлуки од инфраструктурен карактер треба да добие почеста употреба.

–         Потребна е детална анализа на европските и локалните искуства (Србија и Бугарија) за изработка на CBA.

–         Формирање на тим за изработка на Водич за подготовка на CBA анализи во Македoнија, третирајќи ги одделно патната и железничката инфраструктура.

–          Поттикнување на свест за прифаќање на оваа алатка за донесување на објективна инвестициона одлука (Инвеститор) која ќе имплицира користи за општеството во иднина.

Овие првични чекори на примена на CBA анализите во Македонија се за поздравување и претставуваат позитивен сигнал. Особено позитивен сигнал претставува фактот што проектите кои успешно ја поминале оваа фаза односно имаат позитивна CBA анализа моментално се во фаза на изградба. Со постепена работа и анализа на европските и локалните искуства, оваа алатка може да добие потполна примена во Македонија при евалуација на проекти од транспортната инфраструктура, меѓутоа да оставиме времето да покаже, сепак  Rome wasn’t built in a day.

Пишува: м-р Ѓошевски Горан, дип.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top