Насловна / Вести / Приватизирана природа, извисени жители

Приватизирана природа, извисени жители

„Кањонот на Пчиња“ не е природно богатство. Не настанал со долгите ерозивни процеси на реката врз карпите низ илјадници години. Жителите на повеќе села во плодните полиња покрај реката велат дека булдожерите што интензивно ископуваат песок од неа со години наназад веќе ја направиле Пчиња како кањон длабок два до три метри, дури и кога поминува низ рамничарските предели. Овој опис тие го даваат во официјалните писма што ги испраќаат до институциите со барање да престане експлоатацијата на песокот во реката за да може да им се вратат животите во нормала.

Тешко е да се убедат жителите на десетина села од Катланово се до Шупљи Камен дека уставните одредби според кои природните богатства на државата се заедничко добро на сите, додека со години гледаат како едно такво богатство масовно се црпе, а другите се уништуваат во тој процес.

Законодавците предвиделе механизми според кои јавноста треба да учествува во процесите со кои заедничките природни богатства им се даваат на поединци од економски причини, за граѓаните да имаат увид дали планираните активности би ја загрозиле нивната животна средина и животни услови. Сепак, со години наместо активна дискусија во рамките на законските процедури, многу почесто гледаме протести и граѓанска мобилизација против концесиите за минерални суровини. Тие особено дојдоа до израз во југоистокот на земјата со референдумите против рудниците, а во последно време се повеќе го креваат гласот и крајречните села каде што се експлоатира песок.

Кој потфрла, дали државата со невклучувањето на јавноста навреме, или граѓаните, кои не ги користат процедуралните можности и веднаш одат на протести? Материјалите и одговорите што ги добивме од институциите и од граѓаните наведуваат на заклучок дека правото на информации и на правда во врска со животната средина се почитуваат во формални рамки, без посебен напор за суштинско вклучување на јавноста. Затоа луѓето често се чувствуваат измамени.

04 5

Речно корито од каде што бил исцрпен песокот 

ЕДНИТЕ СО ПАРИ, ДРУГИТЕ БЕЗ ВОДА

Со концесии за експлоатација на минерални суровини или со проекти за уредување на коритото, илјадници камиони песок се изнесуваат од десетина места покрај Пчиња. Оваа вредна суровина, што го храни градежниот бум во Скопје и на други локации низ земјава, се ископува на повеќето реки во земјава. Има триесетина проекти за уредување корита со црпење песок, и уште толку концесии. Разликата е во тоа што со проектот се црпе директно од коритото, а со концесијата настрана од реката, но во нејзина близина. Со само еден проект може да се изнесат и до десет илјади камиони песок за две до три години.

Тоа што ги спојува е што двете имаат штетни последици по животната средина. Како што раскажуваат жителите на крајречните села, реките се продлабочуваат, нивото на подземните води се спушта, дрвјата околу речните корита се сечат, а плодните површини се раскопуваат за под слојот скапоцена плодна земја да се извади песокот. Земјата, вообичаено, се фрла и станува неупотреблива.

Во последните две години, само во реонот на Пчиња Државниот инспекторат за животна средина имал над 40 интервенции поради прекршување на правилата, излегување од границите на концесијата или на проектот, прекршување времени забрани и друго. За сето тоа време, илјадници жители што зависат од земјоделското производство, гледаат како им се загрозуваат шансите за опстанок во нивните родни места.

„Гледаме како водата постојано се спушта. Порано можеше да се извади вода на еден метар, а сега мора да се копа и до седум метри. Тоа е штетно за земјата од која зависиме за да преживееме. Сите домаќинства велат дека производството им е намалено значително, бидејќи снемува вода. Околу реката се сечат шумите, се нарушува целиот пејсаж. Земјата зависи од целиот екосистем – од водата, шумата, растителниот и животинскиот свет. Тој не може да постои кога целото речно корито е претворено во градилиште. А беше навистина идилично место“, вели Сенад Самиќ, претседателот на месната заедница во Средно Коњари.

Но дојде моментот кога тој со своите соселани и со жителите на повеќе други села решија да престанат немо да гледаат. Со пријави до инспекциските служби и со писма до највисоките државни претставници тие веќе две години ги алармираат институциите дека нивните права се незаштитени пред интересите на компаниите за песок. Протестираа во текот на зимата, ги повторија протестите пролетта, и повторно планираат да протестираатдодека не им се реши проблемот.

„Како што државата најде решение за рудникот Казандол поради реакциите на граѓаните, така треба да најде решение да ни помогне и нас. Знаеме дека концесиите се издадени според законот, но знаеме и дека ние ги трпиме негативните последици и не можеме да молчиме“, рече еден од жителите на Средно Коњари покрај Пчиња, на еден од неодамнешните протести.

Примерот што жителите на Коњари го користат како аргумент во свој прилог е еден од најсоодветните во последните години кога станува збор за ограничувањето на пристапот до информации и пристапот до правда во врска со животната средина. Граѓаните во југоистокот, организирани во здруженија и во иницијативи, одржаа лекција како се бара правдата кога патот до неа е затворен. Повеќе проекти за експлоатација на руда, од кои најпознат беше Иловица, ги алармираа жителите дека  нивниот крај, познат по раноградинарски производи и по богато земјоделско производство, може засекогаш да се измени. Но тие немаа можност да видат со што ќе се соочат, бидејќи информациите беа прогласени за државна тајна, сосема спротивно од начелата за информираност на граѓаните за животната средина. Затоа го искористија своето право на референдумско изјаснување, и иако само дел од организираните локални референдуми завршија успешно, тие ја натераа државата да го измени својот пристап кон овие рудници.

04 111

Ископување песок кај селото Коњари 

НИКОЈ НЕ ЗБОРУВА ИЛИ НИКОЈ НЕ Е ПОКАНЕТ?

Државните тајни сепак се исклучок кога станува збор за концесиите за експлоатација на минерални суровини. Во нормални услови, јавноста има право да учествува во процедурата. Членот 99 од Законот за минерални суровини вели дека кога некоја компанија ќе поднесе барање за концесија, тоа се објавува и заинтересираната јавност може да достави коментари кои потоа би биле разгледани пред да се донесе конечната одлука. Тоа значи дека ако постои загриженост кај локалните жители дека некоја експлоатација (на руда, песок, други суровини) би можела да им ја загрози животната средина, тие имаат право да се обратат до Министерството за економија како надлежна институција уште пред булдожерите и тешките камиони да се упатат кон нивното соседство.

Како тоа функционира во пракса? Со барање за пристап до информации од јавен карактер од Министерството за економија побаравме список на сите концесии за експлоатација на минерални суровини што ги издале во 2018 и во 2019 година. Според податоците што ни ги испратија, ги има вкупно 21, и тоа четири за песок и чакал, седум за варовник, а другите за мермер, керамичка глина, бакар, шкрилец и други суровини.  Една од нив е и концесијата за песок во Долно Коњари.

Александра Спасевска, портпаролката на Министерството за економија како надлежна институција во доделувањето на концесиите, објаснува дека според членот 55 од Законот за минерални суровини, концесионерот треба да ја достави бараната документација до институцијата. Потоа Министерството во рок од 30 дена треба да ја издаде потребната дозволам а во неа се наведува содржината на документите врз основа на кои таа е издадена, во делот поврзан со процесот на експлоатацијата и на вршењето на рударските работи.

Според Спасевска, врз основа на одредбите од Законот за животна средина, ако се побара оценка за влијанието на експлоатацијата врз животната средина за простори поголеми од 25 хектари, тогаш треба да се вклучи и Министерството за животна средина и просторно планирање, кое задолжително треба да организира јавна расправа по предлог-студијата за заштита на околината.

Тоа значи дека секоја концесија оди на јавен увид, а оние за кои ќе се утврди дека постои ризик да ја загрозат животната средина, треба да одат на дополнителна проверка, со соодветна студија и дополнителна расправа. Што од тоа користи јавноста? Според одговорот од Министерството – ништо.

„По поднесените барања или по издадените дозволи досега не се поднесени коментари од засегнатата јавност“, одговори Спасевска.

04 4

Багери ја отстрануваат плодната почва за да дојдат до песокот 

Тука доаѓа до состојба на извесен парадокс – од една страна околу секоја позначајна концесија кружи силно сензибилизирана јавност што формира здруженија, поднесува иницијативи, организира протести и дури спроведува референдуми, а од друга никој не дава коментар кога концесијата е во фаза на предлог и кога постои законски инструмент за јавно учество.

„Како да дадеме свои мислења кога никој не не повикал, не не информирал дека има предлог-концесија на која можеме да реагираме“, вели Сенад Самиќ од Средно Коњаре.

Немањето поконкретни дефиниции за поимот засегната јавност, како и немањето обврска на Министерството да стори повеќе за да ги вклучи граѓаните во носењето одлуки за концесиите, доведува до ситуација во која процедурата е испочитувана, но не на начин што би овозможил проактивен пристап до информации и пристап до правда за локалното население.

„Секако дека ние ќе се пријавевме и ќе го кажевме своето мислење ако бевме повикани. Но не беше така. Не може некој постојано да ги следи објавите на веб-страницата на Министерството за да види кога треба да реагира. Што е толку тешко да им се соопшти на локалните жители, особено што во сите села што сме покрај Пчиња имаме организирани месни заедници и соработуваме меѓу себе“, нагласува Самиќ.

Заедно со претседателот на месната заедница во Горно Коњари Раде Спасевски, и со другите селани од Катланово до Студена Бара, тие сега ја водат потешката битка до остварувањето на правото на заштита на животната средина, преку притискање на институциите да го слушнат нивниот збор наместо слепо да се држат до издадените документи на концесионерите за експлоатација.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top