Насловна / Архитектура / „ПЛЕТ“ – обид за надополнување на културниот архипелаг на градот

„ПЛЕТ“ – обид за надополнување на културниот архипелаг на градот

Традицијата на изложување на уметничките дела во Македонија, споредувајќи ја со првите официјални изложби на Парискиот салон од втората половина на 18-тиот век, е релативно млада и датира од првата половина на 20-тиот век. Во различни периоди од нејзиниот развој се определуваат повеќе објекти за вршење на галериска дејност и притоа многу од релевантните галериски и музејски институции се сместуваат во објекти со неадекватна архитектонско-урбанистичка артикулација. Оттука и односот помеѓу трите најзначајни елементи на изложувањето, т.е. уметничкото дело, просторот во кој се изложува и публиката, во многу случаи, претставува сериозен предизвик за галериите и нивните кустоси.

2

Недостатокот од соодветен простор за изложување на уметничките дела, нивно чување и архивско работење во Националната галерија на Македонија, беше повод за организирање на панел-дискусија во септември 2017 година. Дел од изложеното беше срочено во конкурсни услови за реконструкција на Мултимедијалниот објект „Мала станица“, еден од четирите објекти на НГМ. Притоа беше одредено овој објект да добие нова комбинирана функција, галерија, административни простории и депо за колекцијата од уметнички дела на НГМ. Резултатите од конкурсот беа соопштени на крајот на ноември и изложени следниот месец во рамките на МС. Со оглед на скромноста на поставката и неможноста во целост да се согледаат наградените идејни решенија, би сакале да ви го изложиме второнаграденото, чии автори се архитекти и соработници на студиото за одржлива архитектура и дизајн АН-АРХИТЕКТ, Ана Рафаиловска, Благоја Бајковски и Бојан Рафаиловски.

1.1a

„ПЛЕТ“ е обид за надополнување на културниот архипелаг на градот со еден физички и мемориски изолиран објект, градејќи специфичен однос помеѓу просторот и содржината од еден поширок ракурс. Притоа, континуитетот на програмско-просторните временски шеми доаѓа во судир со тенденцијата за зачувување на фрагменти на постојниот објект и се одразува на три негови сегменти: структура, содржина и движење. Конфликтот помеѓу едно течение и крутоста на зададеното ткиво, ја подредува програмата во функционални целини кои се материјализираат во две лесно читливи просторни формации, главна и сервисна, кои паралелно меандрично се развиваат и повремено премостуваат. Движењето претставува просторно-волуменски континуирана патека во објектот, која пробива низ него.

1

Во постојниот габарит на објектот „Мала станица“ се сместени пет подгрупи, простор за посетители, администрација, книжарница, бар и технички простории. Зависно од просторните барања и расположливиот волумен, тие се распределени соодветно на нивната функционална меѓузависност, притоа се морфолошки поврзани или одвоени таму каде што е потребно. Секој од нив располага со засебен влез со што се овозможува нивна независна работа. Основа

Просторот за посетители започнува на приземјето на објектот, со постоечкиот трем на улицата „Јордан Мијалков“ („Железничка“), во чија оска е поставен главниот влез. Погледот на посетителот оттаму е воден од кратка колонада кон централно поставените скали кои водат кон горниот кат, чиј почеток е благо затскриен, но наговестен на десната страна, каде е позициониран и лифт за посетителите. Главниот изложбен простор започнува на десната страна, од каде галериска променада меандрично се развива во длабочината на објектот до спротивната страна и оттаму се враќа кон главното скалиште и ги упатува посетителите на горниот кат, каде се повторува речиси идентична патека на движење.

Пресек 1

На приземјето и на катот, на крајот од променадата, на посетителот му се нудат различни содржини. Бар за посетители на галеријата, но и за надворешни гости е поставен во задниот приземен дел на објектот, додека на катот променадата завршува, условно и по потреба, со простор кој може да се организира како едукативен центар, театар, конференциска сала и сл. Можностите за репрограмирање на просторот придонесуваат за мултимедијалноста на објектот.

Пресек 2

Севкупно со ова идејно решение се добива приближно 280 м2 изложбена површина, континуирана со мал број прекини кои се нужни заради композицијата на ентериерниот простор, како и заради пропишаната должина на која посетителот, за време на разгледувањето, може да го задржи вниманието. Изложбените паноа се рамни и волуменски издвоени од подот со една дискретна вовлечена лајсна која создава ефект на лебдење. На плафонот покрај нив, се провлекува повисока зона во која конструктивните елементи на постојниот објект се разоткриваат сè до линијата на спуштениот плафон со скриени шини и рефлектори, кои под соодветен агол, помеѓу 30-45°, се дискретно насочени кон уметничките дела, не нарушувајќи го амбиентот на чисти едноставни волумени и површини.

2.2

Едноставноста и јасноста во изразот кај галериските простори претставува добра основа за различни медиски поставки. Развојот на концептуалната уметност, трансформирањето на традиционалниот начин на изложување на уметничките дела и неговото пренесување во дигиталната сфера, се причина новите галериски простори да бидат флексибилни и адаптибилни. Во понуденото решение за Мултимедијалниот центар „Мала станица“ овие услови се принципи за конструирање на простори прилагодливи на динамичниот развој на современата уметност. Дополнително, феноменолошкиот пристап во обликувањето на просторот придонесува кон мисловно, а пред сè сетилно активирање и воедно трансформирање на улогата на посетителот од пасивен набљудувач во активен протагонист.

2.1

Автори:

Ана РАФАИЛОВСКА, дипл. инж. арх.

Благоја БАЈКОВСКИ, дипл. инж. арх

Испрати коментар

Scroll To Top