Насловна / Вести / Планските документи за Скопје мора да бидат зелени

Планските документи за Скопје мора да бидат зелени

Мнозинството во Советот на град Скопје го усвои Регулацискиот план за градска четврт С 15 во општина Бутел со кој на 9,2 хектари земјиште под лозови насади (доминантно државна сопственост) сега ќе можат да се изградат згради.

Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на град Скопје и пред да се усвои овој план реагираше, но и покрај сѐ планот се усвои. Во продолжение ја пренесуваме нејзината реакција.

Најпрво, иако постои регулациски план од 2015 г. истиот не беше даден на увид на советниците за да може да се направи компаративна анализа и да се утврди квалитативното подобрување на новоусвоениот план.

116240974_934569986969676_1542161925814677662_n

Еве ги суштинските забелешки по мојата консултација со експерти за урбанистичко планирање.

1. Иако во ГУП за оваа четврт има предвидено безмалку 0% зеленило, ГУП е флексибилен и допуштено е 3-4% отстапка за јавни намени, што значи дека најмалку толку може да се додаде зеленило. Ако не се користат механизмите за дозволено коригирање на ГУП, донесувањето на регулациски план нема никаква поента, освен побрзо носење на детални планови кои е уште помалку веројатно дека ќе се носат во корист на јавниот интерес.

2. Новиот регулациски план не ги решава проблемите кои ги констатирал, а имал шанса зашто има државно земјиште. Заложбите на планерот се само декларативни, за потоа со графичкиот и нумеричкиот приказ да се протне план кој е целосно спротивен на текстуалното образложение. На никаков начин не се гарантира заштита на критичните земјишни ресурси и разумно не се користат со тоа што целосно се пренаменуваат во домување. Планерот си поставува извесни цели и дава препораки (повеќе зеленило за неутрализирање на тропските ноќи) кои не се одразени во графичкиот и нумеричкиот приказ. Таму остануваат само постоечките 0,26 хектари (=2.600м2) парковско зеленило за повеќе од 6 илјади жители, иако имало шанса да се зголеми поради големото присуство, т.е. 9,2 хектари (92.000м2) на земјиште под лозови насади веднаш покрај булеварот Христијан Тодоровски Карпош.

sovet

Ако онаму каде што има површини на неискористено државно земјиште не ги намениме во зеленило, тогаш што правиме со оние четврти каде што нема? Ќе се откажеме од достигнувањето на стандардите 25м2 по жител и 16% зеленило на ниво на град?

3. Се планираат сервисни улици со минимални тротоари од 1,5 метар на кои кога ќе се стават светилки, корпи итн., не ќе може ни двајца да се разминат. Практично, ниту со сообраќаен проект нема да може да се воведат велосипедски ленти внатре во оваа четврт, иако една од декларираните цели на донесување на планот е „насочување на сообраќајниот систем кон користење на еколошки прифатливи средства“.

Dragana-Velkovska

4. Во ниту еден од условите кои планот ги задава за документацијата од пониско ниво, а кои се со правно обврзно значење нема задоволување на следниве потреби сувопарно наведени во текстот: „физичка, функционална, економска, естетска и кохерентна целина што ќе овозможи хуманизација на условите за живеење и работа, да постави висок стандард за задоволување на културните потреби и потребите за одмор, рекреација и здрава животна средина. Основна интенција на новиот плански документ е да ја оствари симбиозата на одржлива визија на просторниот развој на четвртта со оперативниот карактер на документот и реалната просторна стварност“.

Накусо, овој регулациски план нема ни трага од одржливост, поради што предложив да се повлече и унапреди, но предлагачот, очекувано, не се согласи со забелешките што ги изнесов. Постои реална опасност во следните две години до донесување на новиот ГУП да се усвојат регулациски планови кои ќе ја уништат и последната шанса Скопје да стане зелен град. Колку што ме држи сеќавањето, скопјани не го дадоа својот глас за такви политики.

Испрати коментар

Scroll To Top