Насловна / Вести / Пет причини поради кои го губиме биодиверзитетот

Пет причини поради кои го губиме биодиверзитетот

Биодиверзитетот се однесува на разновидноста на сите живи видови на Земјата, вклучувајќи растенија, животни, бактерии и габи. Рамнотежата помеѓу сите составни делови на системот на биодиверзитетот, овозможува нормално функционирање на екосистемите. На пример, Амазонија е еден од најразновидните екосистеми на светот. Над три милиони видови живеат во оваа прашума.

Биодиверзитетот на Земјата е толку богат што некои видови сеуште и не се откриени. Имено, истражени се само 5% од океаните. Но, и покрај тоа, свесни сме за фактот дека човекот со своите активности доведува до исчезнување на голем број познати видови. Нивното изумирање е секако природен процес, но активностите на човекот придонесуваат тој да се забрза и до илјада пати.

biodiversity1

На Црвената листа на загрозени видови, во моментот се наоѓаат над 150.300 видови. Од овој број, дури 42.100 видови се во опасност од изумирање. Црвената листа на загрозени видови (IUCN Red List) е составена од срана ан Меѓународната унија за заштита на природата во 1964 година, и до денес претставува главен показател за здравјето на биодиверзитетот. Меќувладината научно – политичка платформа за биодиверзитетот и услугите на екосистемите (IPBES), идентификувала пет клучни фактори за загубата на биодиверзитетот. Тоа се промените во користењето на морињата и копното, прекумерното искористување на организмите, климатските промени, загадувањето и инвазивните видови.  

biodiversity3

Најголемата причина за загубата на биодиверзитетот е начинот на кој се експлоатира земјиштето и морињата, односно начинот на кој одгледуваме храна, градиме, односно ги експлоатираме потребните минерали. Досега сме изгубиле половина од светските корали, а секоја минута губиме шумски подрачја со површина на 27 фудбалски игралишта. Прекумерното искористување на растенијата и животните, на пример преку лов или китолов е втора причина за загубата на биодиверзитетот. Прекумерниот риболов довел до уништување на една третина од глобалните залихи на риби. Климатските промени доведуваат до изумирање на одредени видови, но и до загуба на живеалиштата за подобро прилагодливите видови кои се принудени да се селат, со што се нарушува екосистемот на одредено подрачје. Загадувањето ги има зафатено сите видови на екосистеми, дури и оние во најизолираните подрачја. Полутантите се јавуваат во разни облици – од метанот од земјоделството, па до микропластиката во најдлабоките мориња. Над осум милиони тони пластика завршуваат во океаните секоја година. Петтата причина е инвазивните видови. Тие стигнуваат на места каде претходно не живееле и го победуваат локалниот биодиверзитет во борбата за ресурси, како што се водата и сончевата светлина. Тоа предизвикува изумирање на автохтоните видови и предизвикува промена во составот на природниот екосистем на одредено подрачје.

biodiversity2

Во декември 2022 година, 196 земји го потпишаа договорот со кој се ветува дека до 2050 година „ќе се живее во склад со природата“, и дека до 2030 година „ќе се запре и ќе започне да се враќа загубата на биодиверзитетот“ .

 

Испрати коментар

Scroll To Top