Насловна / Архитектура / Паркот Зарјадје е врската што недостасуваше

Паркот Зарјадје е врската што недостасуваше

Најголемиот град во Европа, лани прослави 870 години од своето постоење, а историјата вели дека главната причини за неговото настанување е страственоста на неговите кнезови. Меѓутоа и романтиката, љубовта и смртта одиграле важна улога во неговото создавање. Основањето на Москва во 1147 година се припишува на кнезот Јуриј Долгоруков. Принцот на Новогордската Република го повикал кнезот Јуриј Долгоруков со зборовите: „Дојди кај мене, брате, во Москва“, Долгоруков го послушал, дошол и изградил тврдина од дрво – Кремљ, околу која постепено се ширел градот. Денес Москва е град со повеќе од 12 милиони жители, богата традиција, историја, култура. Храбар град, обожаван од своите жители – „москвичи“, кои попрво би го запалиле отколку препуштиле на друг. Или што би рекол Наполеон: „Ни најопасната војска не може успешно да води војна против цел народ кој одлучил или да победи или да умре…“

15
Во земја како Русија со многу историја, култура, наука, дух и историски превирања секако дека се влијанија кои оставиле траги на нејзината престолнина. Во вакви светски градови е многу сложено и комплексно, да не речам некогаш изгледа и невозможно, кога треба да се донесе одлука да се гради нешто што е јавно, што припаѓа на сите, нешто каде единствениот мотив не е профитот, а треба да се изгради во центарот на Москва, во самото срце на големата Русија.

Паркот „Зарјадје“ (Зарядье) во Москва е токму тоа, одлука голема како Русија. „Зарјадје“ е парк во истоимената област, веднаш до Црвениот плоштад, покрај црквата „Василије Блажени“ на најскапото парче земја во најголемата земја на светот. Простор со долга историја на местото на урнатиот хотел „Русија“, под ѕидовите на Кремљ, непосредно до реката Москва и најдобрите панорамски погледи на градот.

2
Паркот радикално ја трансформира историски проблематичната област. На почеток во неа биле сместени трговци, името го добила по изразот „зад редовите“, мислејќи на редови трговски продавници. Потоа во Зарјадје живееле богатите благородници сè до 1712 година, кога Петар Велики го сели главниот град во Санкт Петербург. По пожарот на Москва во 1812 година, областа била повторно изградена во голем стил, станала место на најголемата еврејска енклава во градот. По емигрирањето на многу руски Евреи, Зарјадје станува четврт за евтини станови. Во советскиот период тука е изграден најголемиот хотел во светот во тој момент „Русија“ со три илјади соби (денес по големина би бил 19), кој е урнат во 2006 година.
Московските власти подолго време размислувале за два предлога за развој на оваа локација: изградба на парламентарен центар или деловен центар со хотел (и Норман Фостер бил вклучен во процесот, изработил анализи и проекти за оваа област, но никогаш не биле прифатени од авторитетите на градот). Еден од иницијаторите за парк во Заријадје бил Андреј Гринев, генерален директор на развојната компанија State Development. Идејата за создавање на парк во голема мера била развиена поради јавна иницијатива. Во 2012 година е формирано движење „Пријатели на Зарјадије“ од Андреј Гринев и Питер Кудрјавцев, кои активно ја бранеле идејата за создавање парк. Движењето одржало голем број семинари и тркалезни маси, а исто така организирале платформа за изложба и дискусија „Москва – град за луѓе“ на III Московско архитектонско биенале, каде што се разговарало за идниот парк. Но, како што секогаш бива, иницијатива и дискусија на професионалци за ваков голем потфат на ваква скапоцена локација невозможно е да се спроведе без поддршка од државата. Во јануари 2012 година, тогаш премиерот Владимир Путин ја посетил локацијата, по што ја поддржал идејата и му предложил на градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин оваа значајна локација да стане парк.

6
Може ли да се замисли поидеална локација за голем урбан парк во срцето на еден град? Не само што локацијата се наоѓа во срцето на Москва, веднаш до Кремљ, туку тоа е прстен од згради што го одразуваат целиот спектар на руската архитектура од 16-тиот до 20-тиот век. Најчесто, местото за идниот парк Зарјадје во Москва може да постои само во сонот на некој архитект, но сонот може да се оствари ако авторитетите покажат дух, умеење и почитување на стручно мислење. И кога се склопиле овие коцки се случило Зарјадје.

КОНКУРС ЗА ИЗГРАДБА
Меѓународниот натпревар за пејзажно-архитектонски концепт на паркот „Зарјадје“ беше објавен на почетокот на 2013 од страна на главниот архитект на Москва, Сергеј Кузњецов. Организатор на конкурсот беше Државното претпријатие „Научно-истражувачки институт за индустриско планирање на генералниот план на Москва“. Проектот беше поддржан од градоначалникот Сергеј Собјанин, Московскиот градежен комплекс, Комитетот за архитектура и урбанизам на градот, Здружението на пејзажни архитекти и Сојузот на архитекти на Москва. Институтот за медиуми, архитектура и дизајн „Стрелка“ дејствуваше како консултант на проектот преку изготвување на проектни програми и функционален модел на паркот. Конкурсот се одвиваше во две фази. Првата беше фаза на претквалификација – шест тима беа избрани од жирито за да учествуваат во втората фаза. Втората фаза се одржа речиси шест месеци подоцна, за кое време тимовите во потесниот избор ги завршија своите проекти. По првиот круг на селекција од страна на многубројната интернационална комисија, три проекта беа отфрлени, а жирито потоа се фокусираше на трите финалисти: њујоршкото биро Diller Scofidio + Renfro, руското PE3PB и холандското MVRDV за на крај да се прогласи победникот – Diller Scofidio + Renfro.

4
Паркот „Зарјадје“ се простира на површина од 13 хектари и е еден од најголемите архитектонски проекти што се завршени во Москва по падот на Советскиот Сојуз и првиот голем јавен парк кој е отворен во центарот на градот за 50 години. Паркот доживеа огромна популарност во Москва, а главниот архитект на проектот Чарлс Ренфро е воодушевен од огромната популарност. „Го сакам ова!“ и додава „Каква слобода нашиот парк донесе во Москва и каква толеранција“. Diller Scofidio + Renfro работеше во соработка со бирото за пејзажна архитектура Hargreaves Associates and Citymakers од каде велат „паркот претставува историска трансформација на рускиот главен град, кој ја демонстрира посветеноста на Москва за иновативен дизајн за градовите од 21 век. Дизајнот се базира на принципот на „дивиот урбанизам“, хибриден пејзаж каде природниот и изградениот кохабит создаваат нов вид јавен простор“. Но за да се создаде парк беа вклучени и експерти од САД, Германија, Данска, Италија, Велика Британија и Русија. Работата на проектот собра експерти од полето на пејзажна архитектура, урбанистичко планирање, транспорт, управување со паркови, ботаника и дендрологија, инженерство на животната средина и одржлив развој.

5

ВРСКАТА ШТО НЕДОСТАСУВАШЕ
Паркот Зарјадје е врската што недостасуваше, која ја комплетираше збирката на светски познати споменици и урбани области кои го формираат центарот на Москва. Но, тоа е така затоа што паркот е и нов вид јавен простор создаден од меѓународен тим. Тука, природата и технологијата, образованието и забавата, историјата и модерноста се комбинирани и се дополнуваат едни со други. Исто така, придонесе и Москва да стане подостапна. Пешаците можат да одат до реката од Црвениот плоштад сега кога насипот е преуреден. Зарјадје е првиот парк изграден во рамките на границите на булеварскиот прстен, нов културен водич на Москва, клучна врска во мрежата на пешачки патеки околу Кремљ. Ова е платформа за дијалог со историјата, природните богатства на Русија, науката, уметноста и иднината на Москва и земјата како целина. Паркот е отворен за нови луѓе, идеи и технологии и поттикнува интерес за култура, знаење и иновации.

16
Проектот на Diller Scofidio + Renfro предвидел организација на просторот на природните принципи на урбанизмот каде зелените природни и урбаните средини се комбинирани едни со други за да формираат нов вид на јавен простор. Паркот е формиран од четирите руски климатски зони: тундра, степа, шуми и мочуриште. Секоја од зоните се карактеризира со особености на составот на почвата и уникатна ботаничка колекција на растенија од различни делови на Русија. 760 дрвја, 7.000 грмушки, 860 илјади трајни растенија и 150 илјади годишни растенија се засадени во паркот. Применет е специфичен начин на поплочување со комбинирање на зелени и сиви плочи кои постепено се претопуваат со зеленилото, така што линијата меѓу пешачките патеки и тревата не е јасно дефинирана. На овој начин се поттикнува слободно, непречено движење. Вештачка микроклима е создадена во различните климатски зони на паркот според нивните карактеристики – со помош на регулирање на температурата, контрола на ветерот и имитација на природна светлина. Содржините на паркот се скриени под пејзажот. Невидливата архитектура и експлоатираните покриви на објектите овозможуваат, од една страна, да се отворат за посетители и спектакуларни панорами, а од друга – да се создаде богата забавна и образовна инфраструктура во паркот.

„ЛЕБДЕЧКИ МОСТ“
Од паркот преку булеварот се преминува со единствен, конзолен пешачки мост во форма на бумеранг, кој лебди на висина од 15 метри над улицата, поради што е и наречен „лебдечки мост“. 70 метра долгиот конзолен дел им овозможува на посетителите можеби најубав поглед на Кремљ, Кримскиот мост и црквата „Василије Блажени“. И покрај елегантниот и кревок изглед, мостот е проектиран за големи оптоварувања. Носечката конструкција на мостот е од бетон, а украсните елементи од челик. Во кој било момент на мостот можат да се сместат три до четири илјади луѓе, а може да издржи оптоварување од 240 тона.

1
Но тоа не е сè, Зарјадје не е само парк. Заријаде континуирано собира и емитува знаења во разни области на науката и културата: биологијата, географијата, екологијата, уметноста, историјата и технологијата. Ова се клучни надлежности на паркот, кои се рефлектираат во социокултурните и образовните програми. Затоа што во рамки на паркот има пет павилјона, два амфитеатра и концертна сала, кои се вткаени надземно или подземно во брановите од зеленило. Над теренот паркот главно е со стаклени конструкции и пејзажни инсталации, додека поголем број од објектите се сместени под земја. Голем дел од очигледно природниот пејзаж е изграден над покривите на новите згради.

ИНТЕРАКТИВЕН МЕДИЈСКИ ЦЕНТАР
Под земја е интерактивниот медијски центар со површина од 7.800 квадратни метри, 4Д кино со конкавен екран и седишта во воздух. Во киното публиката може да посведочи на битката кај Бородино и пожарот во Москва 1812 година.

20

ФИЛХАРМОНИСКА САЛА „ВГРАДЕНА“ ВО БРДО
Новата Филхармониска сала со оргули и две концертни сали е најсложениот објект во паркот. Сместена под земја, ископана е под едно од брдата, може да се шета по кровот, а над земја е влезниот дел и заоблениот кров од стакло и челична конструкција. Објектот е всушност сместен под брдото на кое е се наоѓа амфитеатарот.
Прочуениот Yasuhisa Toyota, кој ги работел концертната сала на Волт Дизни во Лос Анџелес, Ричард Фишер арт центарот во Њујорк и други, бил задолжен за акустиката. Филхармониската сала има 1.560 места, а малата сала 400. Во филхармониската сала освен симфониска музика се изведува и џез и поп.

filaharmon2

film

АМФИТЕАТАР
Амфитеатарот кој може да прими 2.500 посетители на едната страна се спојува со Филхармониската сала, која всушност е единствен ѕид на амфитеатарот. Тој е лоциран на највисоката точка во паркот со неверојатни погледи на Кремљ и на црквата Василије Блажени и е место за културни настани во градот – концерти, фестивали, изведби. Делумно е покриен со купола, т.н. „стаклена кора“, а другиот дел е под отворено небо. Седиштата се од дрво, а патеките меѓу редовите посипани со чакал, така што се вклопуваат во природниот пејзаж. Структурата на куполата создава сопствена микроклима, топлината се задржува дури и во зима и овозможува растенија што сакаат топлина. Во суштина, ова е таканаречената планинска флора на Северниот Кавказ.

3

СРЕДНОВЕКОВНА УЛИЦА
За време на изградбата на паркот, градежниците пронашле темели на згради кои стоеле на древната московска „Голема улица“. Врз основа на овие наоѓалишта изграден е подземен премин со археолошки павилјони и бројни артефакти – збирка од 43 илјади сребрени кованици, ракописи на кора од бреза и три илјади секојдневни предмети и средновековно оружје.

ЛЕДЕНА ПЕШТЕРА
За оние кои не ги посетиле северните географски ширини на Русија во Зарјадје има ледена пештера. Стилизиран павилјон со интерактивна изложба на посетителите им зборува за историјата на развојот на далечниот север, единствен регион со разновидна флора и фауна, богати знаменитости и природни ресурси. Да се нурнете во атмосферата на Арктикот помага посебна опрема. Донесени се 70 тони вода за да се направи 60 кубни метри мраз со помош на принципот на слоеви, кога се замрзнува првиот слој преминува на следниот. Инсталирана е специјална опремата за ладење која го спречува топењето. Дневната температура се одржува на -2 Целзиусови степени, а навечер температурата се одржува на -5 степени. Во пештерата се одржуваат семинари и предавања, едукативни програми, кои разменуваат искуства од биологија и екологија.

19

НАЈГОЛЕМИОТ ПАВИЛЈОН „МЕДИЈА ЦЕНТАР“
„Медија Центар“- главниот павилјон со површина од 8.500 квадратни метри се фокусира на главните точки на привлекување на посетители. Тој содржи информативни кабини, медија комплекс, изложбен салон, продавници за сувенири, подземен паркинг за 430 возила со 16 лифта кои водат до содржините.
Дел од овој комплекс е уникатната кино сала „Лет“ со екран од 13 метри, динамична платформа и подвижни столчиња (39 седишта), каде што гледачите гледаат филмови: „Летај над Москва“ и „Летај над Русија“ придружени со неверојатен звук и специјални ефекти во форма на распрскувачи на вода, генератори на ветер, чад и ароми создаваат живописно незаборавно шоу. И салата „Временска машина“ е со најсовремена технологија каде се прикажуваат проекции за историјата за создавањето на Москва од Долгоруков до денес.
Шетајќи низ паркот посетителите лесно можат да најдат ресторан или кафе-бар. Вкупната површина на угостителските објекти е 4.400 квадратни, патеките се со дочжина од осум километри, вклучувајќи и загреани 1.8 километри.

12

ПОКЛОН ЗА 870 РОДЕНДЕН НА МОСКВА
„Зарјадје“ е поклон за 870 роденден на Москва, отворен е на нејзиниот роденден, 9 септемвири 2017 година и беше преплавен од 100.000 луѓе. Очекуваното присуство е околу 10 милиони луѓе годишно, а влезот е бесплатен освен кога се одржуваат настани, концерти, претстави, фестивали. Темата на паркот е урбана дивина. „Имате впечаток дека сте се изгубиле во паркот, дека градот исчезнал, а на моменти исчезнува зеленилото и вие сте во самиот центар на градот“, вели архитектот Ренфро. Конечно, последно, но не и најмалку важно, вредноста на паркот е интердисциплинарна. А Зарјадје е остров на мир и спокојство, каде што граѓаните можат да се одморат од ритамот на мегалополисот. Трошоците за изградба на паркот изнесуваат 243 милиони долари. Паркот беше и критикуван, некои гледаа со потсмев и не веруваа дека ќе биде проектот успешен. Но „Зарјадје“ ги занеме и критичарите, а „москвичите“ и останатите посетители се воодушевени. На годишниот конкурс на познатиот портал за архитектура ArchDaily „Building of the Уear-2018“ во категоријата јавни простори највисокото признание му припадна на „Зарјадје“, што воедно претставува и највисоко меѓународно признание за архитектура во постсоветскиот период во Русија. На меѓународен конкурс од областа аудиовизуелни технологии InAVation Awards 2018 доби награ во категориата Visitor Attraction. Жирито особено ги истакна медиските комплекси „Временска машина“ и „Лет“.„Зарјадје“ беше номиниран за наградата MIPIM Awards 2018 и влезе во кратката листа од четири проекти во категоријата најдобра урбана регенерација.
Пред некој месец московските медиуми пишуваа дека од паркот се слушале љубовни извици. Главниот архитект на градот Сергеј Кузњецов, потврди дека камерите снимиле голем број љубовни двојки, но вели дека и тоа е показател на една здрава урбана средина во рускиот главен град и додава: „Градот им дава можност на луѓето да се чувствуваат слободно, безбедно и удобно“.

14
Кога се зборува за градови, особено мегалополиси сè повеќе се говори за одржливиот развој и сложеноста, но и хуманоста на животот во градови со десетици милиони жители. Брзиот начин на живот, вечната трка со времето, незаситната потреба од профит градовите знае да ги претвори во чудовишта. И да, важно е да се има парк во градот. Не зборувам за излетишта во околината, места каде може да се избега од градскиот метеж и да се помине викендот, потребно е место во градот, попат, достапно и пристапно на сите каде може да се избега и да се поминат неколку часа, да се биде во парк, а да се имаат и актуелни и иновативни содржини. И да, скапо е, инвестиција која можеби никогаш нема да се исплати (финансиски), и на жителите им е потребна. Се почести се повиците и акциите низ светот организирани од граѓани кои бараат јавен простор за сите. И заблуда е дека кога го добиле, го добиле поради својата активност. Не, го добиле затоа што авторитетите биле мудри, имале слух и одлучиле да се посеветуваат со професионалци. Дали на Скопје може да му се случи нешто позитивон во центарот на градот, особено на локацијата најактуелна во моментов, онаа спроти Холидиј Ин?

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top