Насловна / Вести / Она што го мериме – тоа го добиваме, а „го мериме она за што се грижиме“

Она што го мериме – тоа го добиваме, а „го мериме она за што се грижиме“

Она што го мериме – тоа го добиваме, а „го мериме она за што се грижиме“ – вели почитуваниот Јан Гел, дански архитект и урбан консултант за градови ориентирани кон луѓето и квалитетот на живот во градот, чии принципи на работа и филозофија трансформираа многу градови во светот.

Ако мериме само автомобили, добивамe град за автомобили. Имаме податоци само за тоа како се однесуваат луѓето во автомобили и кои се нивните потреби. Градовите со децении се планирани и градени на тој автоцентричен принцип, оставајќи ги само остатоците од просторот за луѓето без да се согледаат нивните потреби.
Ако пак, мериме пешачки и велосипедски движења, ако согледуваме кои места функционираат успешно, а кои не, ќе можеме да учиме низ нив и да го подобруваме градот за пешачење, возење велосипед и користење на јавниот простор.

Untitled-1

Пример за јавен простор кој успешно функционира

Мора да ги документираме просторите, каква урбана форма, какво уредување и каков ефект имаат на јавниот живот, етапно да ги подобруваме и пак да документираме.

Според Гел (а докажано со многу студии), кога јавниот простор не ги поканува луѓето надвор, да се движат и да престојуваат во него, се влијае на намалено јавно здравје, слаби заедници, висок степен на криминал и неразвиена локална економија. Ако сакаме да создадеме живи јавни простори и град во кој сите луѓе без оглед на возраст, пол, способности, со задоволство ќе престојуваат надвор, треба да почнеме да мериме и вреднуваме и други аспекти, не само протокот на автомобилите.

РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ЈАВНИТЕ ПРОСТОРИ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

Јан Гел беше два пати на гости во Скопје.
Првиот пат на 1 март 2017 кога имаше предавање на тема „Градови за луѓе“ во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, а на иницијатива на Даница Павловска – Циги. И втор пат на 5 септември 2018 кога се промовираше изготвеното македонско издание на неговата книга „Градови за луѓе“, исто така од КОАОИ.
На промоцијата на книгата Град Скопје потпиша меморандум за соработка со Јан Гел и неговата компанија Гел (Gehl).

Точно една година подоцна, од 4 до 6 септември годинава, на покана на Град Скопје, а во соработката со УНДП, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и локалниот експертски тим, во Скопје дојдоа две експертки од студиото Гел кои одржаа тридневна работилница со наслов „Рехабилитација на јавните простори во центарот на Скопје“.

Во работилницата беа активно вклучени 40-тина учесници. Покрај вработени во Град Скопје и Општина Центар, учествуваа и претставници на Комората, на Агенцијата за планирање на просторот, на институти, факултети, на граѓански организации, студенти. Во теренскиот дел учествуваа 20-тина волонтери од нив.
Работилницата имаше едукативен, теренски и дебатен дел. Првиот ден претставничките од компанијата Гел ги презентираа принципите на градови за луѓе и алатките за јавен живот кои тие ги имаат креирано (public life tools) и за дел од кои ги обучија учесниците да ги користат. Вториот ден беше главно за теренски мерења според тие алатки, а модерирани дискусии меѓу учесниците имаше во текот на првиот и третиот ден. На крајот експертките презентираа и дел од првичните согледувања.
Добро дадените насоки и очекувања, подготвените формулари, како и интересноста на самата задача, придонесоа волонтерите многу ажурно и посветено да ги направат мерењата.
Некои од алатките кои беа користени се: броење на луѓе кои се движат пешки, што се движат со велосипед, регистрирање на стационарни активности, евалуирање според 12-те критериуми за квалитет на јавен простор (заштита и безбедност, комфор, можности за некомерцијално седење, можност за активности, позитивни сензорни искуства итн.), броење на возраст, пол и други карактеристики на луѓето во јавните простори, истражување на активни фасади на приземје, а експертките самите направија и дополнителни мерења. Мерењата беа направени на точки, линии или простори определени од експертките во консултација со локалниот тим.

Untitled-3

Дел од просторите кои се евалуираа споед 12-те критериуми и за кои се снимаше активноста на приземјето на објектите

По направената анализа на мерењата, како резултат на овој проект ќе се добијат два продукта:
-Health check report, еден вид „систематски преглед“ на јавните простори во центарот со клучни обсервации за начинот на кој се користат, опис на нивните предизвици и потенцијали, како и стратешки препораки за подобрување на состојбата во насока на создавање град за луѓе
-Дизајн-студија за конкретен јавен простор во центарот на градот со неколку сценарија, во случајот дизајн-студија за Рекорд – зона за пешаци и јавен превоз, по избор на Град Скопје.
И се разбира еден од поважните нематеријални „продукти“ ќе биде искуството на учесниците во примена на методологијата на Гел која ќе може да ја користиме за истражување на други простори во градот.
Мерењето мора да се прави редовно за да бидат податоците повредни. За да се добие целосна слика за еден простор, улица, парк, плоштад, патека треба да се мери во различни годишни времиња, во различни денови од неделата (работни/неработни), во различен дел од денот.
Но, за да се споредат повеќе места меѓу себе, како почетна основа е доволно и да се мерат повеќе пати, но паралелно во текот на еден ист ден. Тоа всушност и беше пристапот на Гел во периодот кој експертите го имаа на располагање.
На пример, еден интересен заклучок до кој дојдоа експертите од Гел преку мерењата на волонтерите е дека во „улицата“ во ГТЦ има за речиси двојно поголемо пешачко движење од улица Македонија која е пешачка.

Untitled-2

Во дебатниот дел дискутиравме кои се позитивните страни на Скопје (кои треба да ги чуваме и унапредуваме), кои се слабите страни на Скопје, кои ни се омилени, а кои неомилени места во нашата ментална мапа. Од тие дискусии ги извлекоа главните теми за Скопје на кои ќе го базираат извештајот.

Untitled-4

Очекуваме дополнителни интересни заклучоци од нивниот извештај. Но, и препораки за заживување на јавниот простор во центарот, а и општо за градот.
Препораките би требало да се вградат во идните проекти за уредување на просторот, но и урбанистичките планови. Најголемата придобивка за сите жители би била создавањето на град за луѓе да стане стратешка определба и филозофија на градот Скопје.

Автор: Снежана ДОМАЗЕТОВСКА

Испрати коментар

Scroll To Top