Насловна / Урбанизам / Трансформација со нови идентификатори

Трансформација со нови идентификатори

urbanizam-regeneriranje-vo-postindustriski-thumb.jpg

Концептот за развој на Цирих-Запад е спроведуван постепено со голема почит кон историјата во атрактивна и самодоволна област. Постепено го живее и го гради својот идентитет преку колаж од индивидуално обележани простори, улици и коридори кои се испреплетуваат, уметност и култура која во заднина како сенка ги има остатоците од индустриската зона, фабриките и железничките пруги.
Како најголем индустриски и комерцијален град во Швајцарија и најпознат финансиски светски центар, Цирих со години се вреднува како град со највисок стандард за живеење во светот. Цирих- Запад претставува еден од неговите дистрикти, кој е во постојан развој, локација која во минатото била сведок на индустриската револуција, денеска референтна точка за гастрономија, уметност, дизајн, танц, култура и архитектура. Фабриките што одамна не функционираат, оставија големи простори кои креативно се искористени. Цирих-Запад го носи духот на метрополисот, наспроти традиционалниот и високо планиран Цирих. Тој поставува врски со светови кои се разновидни, и кои нудат колоритно урбано доживување во рамките на швајцарскиот минимализам. Основан е во старото урбано ткиво, кое го формира и регенерира новото време и новата архитектура, како и духот на иднината карактеристичен за светските метрополи. Како посебен остров во постоечкиот град, тој претставува индивидуална приказна за град создаден во градот.
Лоциран во близина на реката Лимат и Главната железничка станица, овој дистрикт, познат по својата тешка индустрија по постепениот пад на индустрискиот развиток, прераснал во маргинализирана област на градот. Со експанзијата на градот Цирих, заради својата локација во близина на централната област, повторно станува есенцијална компонента на урбанистичкото планирање. 

urbanizam-regeneriranje-vo-postindustriski-1.jpgВо моментов важи за една од локациите што во иднина ќе доживее најмногу развиток и ќе биде трансформирана во еден од најдинамичните и атрактивни региони на Цирих.
Општите цели коишто биле поставени за планирање на развојот, биле ативности кои треба да го дефинираат новиот идентитет на Цирих-Запад: Техно паркот со МСП и старт ап центри, истражување, развој и производство на високотехнолошка област, дизајн и медиумска сцена, разновидна забава и културни институции, ресторани, хотели и шопинг, урбано живеење, занаети и бизниси, нов мултифункционален стадион и професионални пазари за спорт и рекреација. За да се обезбеди економска одржливост, сите планирања се направени со инвестиции за долгорочна ефективност, а инвестициите придонесуваат за локална и меѓународна конкурентност. Исполнувањето на критериумите за социјална прифатливост е изведено преку развој во транспарентни процеси и преку проектирање на станбени објекти со висок квалитет на живеење, кои интегрираат внатрешен дизајн, здравје и безбедност.
urbanizam-regeneriranje-vo-postindustriski-2.jpg
Појдовната точка за градење на новиот урбан идентитет е преку урбана трансформација со нови идентификатори. Планирани се нови јавни простори, плоштади, улици, паркови и зелени површини како тампон зони помеѓу развиените и неразвиените области. Јавниот простор кој се предвидува по жител во Цирих-Запад е 5м2. Значајно е истакнувањето на пропустливост во урбаното планирање за пешаците и велосипедистите, особено помеѓу станиците од главните рути на јавниот транспорт.

Концептот за развој на Цирих-Запад е со кооперативно планирање на развој. Претходно поставените урбани принципи: отворен простор, сообраќај и акциониот план, се основните елементи кои имаат дополнително планирање и спроведуваат насока за развиток на урбанистичкото планирање. Цирих-Запад го содржи во себе единствениот облакодер, Prime Tower, кој стана своевиден симбол на Менхетен во Цирих. Овој облакодер е висок 126 метри и е највисокиот објект во цела Швајцарија. Тој се наоѓа на местото на индустриска област која е разрушена. Целосниот план за градење и проектирање на објектот е спроведен во рок од 15 години, додека целосната изградба се изведувала во три години.
Индустриската област на западен Цирих на површина од 100 хектари е претворена и надградена во локација со мешани функции започнувајќи од 1990 година. Од почетокот условите за реструктурирање биле одлични заради локацијата што е централно поставена и заради оптималното поврзување во транспортната мрежа. Реката Лимат на север, железничките пруги на југ, и стадионот на излезот на автопатот го врамуваат овој простор. На исток оваа локација се потпира на соседната населба. Цирих-Запад е обележан од разновидни постоечки објекти како логистички центри, стари и нови фабрики, објекти за сервисната индустрија, мали градини, над приземната транспортна мрежа постојат рампи од автопатот, мали внатрешни градски сообраќајни коридори и железнички пруги.
urbanizam-regeneriranje-vo-postindustriski-3.jpg
Оваа област претставува типичен пример на локација која е обележана од напреден притисок помеѓу интернационалните интереси и локалните трансформациски процеси, за кои треба да се пронајдат флексибилни решенија. Главните предизвици на овој дистрикт при процесот на планирање се покажаа -постоење на густа населеност во одредени делови, промена на временски хоризонти во однос на урбаниот развиток, како и потреба за висока флексибилност во однос на идната употреба и обид за самодволен развиток без точна слика за тоа како ќе се аплицира. Она што се покажа успешно при планирањето на оваа локација се постојаната посветеност за иден развиток и постојан квалитативен дијалог за целите на овој проект: долгиот процес на планирање овозможи да се развијат длабоки дискусии за различни постоечки и нови идентитети на оваа област, како и идентитетот што го носат новоизградените објекти. Процесот на реструктурирање и специјалниот идентитет на локацијата овозможија да се остави простор за нови станбени проекти со алтернативни начини на живеење.
urbanizam-regeneriranje-vo-postindustriski-4.jpg
Денеска Цирих-Запад е област која е во постојано регенерирање и го има изгубено своето индустриско минато. Неговата трансформација во активна област се должи на двојниот карактер на имплементација на делови карактеристични за традиционалноста на градовите во Швајцарија, и од друга страна на делови кои се есенцијални за светскиот урбан развиток. Областа е развиена постепено со голема почит кон историјата во атрактивна и самодоволна област. Постепено го живее и го гради својот идентитет преку колаж од индивидуално обележани простори, улици и коридори кои се испреплетуваат, уметност и култура која во заднина како сенка ги има остатоците од индустриската зона, фабриките и железничките пруги.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top