Насловна / Вести / Нови достапни проценки за земјотреси со цел подобрување на подготвеноста на Европа

Нови достапни проценки за земјотреси со цел подобрување на подготвеноста на Европа

Во текот на 20 век, земјотресите во Европа одземаа повеќе од 200.000 животи и предизвикаа загуби од преку 250 милијарди евра. Сеопфатните проценки на сеизмичкиот хазард и ризик се важни за намалување на влијанијата од катастрофалните земјотреси. Новата, ажурирана верзија на моделот на сеизмички хазард и првиот Европски модел на сеизмички ризик се основа за донесување мерки за ублажување на последиците и создавање поотпорни заедници. Тие значително го подобруваат знаењето за тоа каде најверојатно ќе се случат силни земјотреси и какви влијанија ќе имаат идните земјотреси кои ќе се случат во Европа. Овие модели беа развиени со заеднички напори на сеизмолозите, геолозиите и инженерите во Европа, со поддршка на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Истражувањето беше финансирано во рамките на програмата за истражување и иновации на Европската Унија – Хоризонт 2020.

 01_resize

Земјотресите не може да се спречат ниту пак прецизно да се предвидат, но ефикасните мерки за ублажување добиени преку моделите на сеизмички хазард и ризик можат значително да ги намалат нивните влијанија. Европските модели на сеизмички хазард и ризик од 2020 г. нудат компарабилни информации за просторната дистрибуција на очекуваните нивоа на движењето на тлото од земјотреси, нивната фреквенција, како и нивното потенцијално влијание врз изградената средина и благосостојбата на луѓето. За таа цел, сите основни сетови на податоци беа ажурирани и хармонизирани – сложена задача имајќи го предвид огромниот број на податоци и многу различните тектонски структури во Европа. Ваков приод е важен за воспоставување ефективни меѓународни стратегии за ублажување катастрофи кои го поддржуваат дефинирањето на осигурителните политики или модерните прописи за градење како на Европско (на пример Еврокод 8, така и на национално ниво. Во Европа, Еврокодот 8 ги дефинира стандардите препорачани за асеизмичко градење и зајакнување згради и конструкции со цел да се ограничат влијанијата од земјотресите. Обезбеден е отворен пристап кон Европските модели на сеизмички хазард и ризик, вклучувајќи разни иницијални компоненти како што се влезни сетови на податоци.

05_resize

Ажурираниот модел на сеизмички хазард имаше корист од напредните сетови на податоци

Сеизмичкиот хазард го опишува потенцијалното движење на тлото од идни земјотреси и се темели врз познавање на минатите земјотреси, геологијата, тектониката, како и локалните услови на тлото во која било дадена локација во Европа. Европскиот модел на сеизмички хазард 2020 (ЕSHM20) го заменува претходниот модел од 2013.

Напредните сетови на податоци инкорпорирани во новата верзија на моделот доведоа до посеопфатна проценка. Како последица на тоа, проценките на движење на тлото беа приспособени и во повеќето делови од Европа резултираа во пониски проценки со исклучок на некои региони во западна Турција, Грција, Албанија, Романија, јужна Шпанија и јужна Португалија каде се добиени повисоки проценки на движење на тлото. Ажурираниот модел исто така потврдува дека Турција, Грција, Албанија, Италија и Романија се земји со највисок сеизмички хазард во Европа, а по нив следуваат и другите балкански земји. Сепак, разурнувачки земјотреси може да се појават во секое време дури и во региони со ниски и умерени проценки на движење на тлото.

02_resize

Понатаму, специфичните мапи на хазард од ажурираниот Европски модел на сеизмички хазард ќе служат, за првпат, како информативен анекс за втората генерација на Еврокодот 8. Стандардите од Еврокодот 8 се важна референца на која може да се повикаат националните модели. Таквите модели, кога се достапни, обезбедуваат меродавни информации во донесувањето на националните, регионалните и локалните одлуки поврзани со развој на прописи за асеизмичко проектирање и стратегии за ублажување на ризикот.  Интегрирањето на моделите на сеизмички хазард во специфичните прописи за асеизмичко проектирање помага за соодветен одговор на зградите при земјотрес. На тој начин, овие напори придонесуваат кон подобра заштита на европските граѓани од земјотреси.

Slika 1_resize

Европски места на сеизмички хазард

Главни носители на сеизмичкиот ризик се постарите згради, високиот сеизмички хазард и урбаните подрачја

Сеизмичкиот ризик ги одредува економските и хуманитарни последици од потенцијалните земјотреси. За да се дефинира сеизмичкиот ризик, потребни се податоци за локалните почвени услови, густината на зградите и населението (изложеност), повредливоста на изградената средина, како и робусни проценки на сеизмичкиот хазард. Според Европскиот модел на сеизмички ризик 2020 (ESRM20), зградите изградени пред 1980-тите,  урбаните подрачја како и високите проценки на сеизмичкиот хазард се главни носители на сеизмичкиот ризик.

hazard_maps_resize

Иако повеќето европски земји ги имаат новите прописи и стандарди за проектирање кои обезбедуваат адекватна заштита од земјотреси, многу старите, неармирани или недоволно армирани згради сè уште постојат и носат висок ризик за нивните станари. Најголемиот сеизмички ризик се акумулира во урбаните подрачја од кои повеќето имаат историја на разорувачки земјотреси како што се градовите Истанбул и Измир во Турција, Катанија и Неапол во Италија, Букурешт во Романија и Атина во Грција. Всушност, само овие четири земји претрпуваат скоро 80 % од моделираната просечна годишна економска загуба од 7 милијарди евра што се должи на земјотресите во Европа. Сепак, градовите како Загреб (Хрватска), Тирана (Албанија), Софија (Бугарија), Лисабон (Португалија), Брисел (Белгија) и Базел (Швајцарија) се карактеризираат со сеизмички ризик кој е над просечното ниво споредено со помалку изложените градови како што се Берлин (Германија), Лондон (ОК) или Париз (Франција).

Slika 2_resize

Европски места на сеизмички ризик

Развојот на моделите претставува заеднички придонес – улогата на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Главниот тим од истражувачи од различни институции во Европа, вклучувајќи го и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заеднички работеа на развојот на првиот отворено достапен модел на сеизмички ризик за Европа како и ажурирање на Европскиот модел на сеизмички хазард. Тие беа дел од напорите кои започнаа пред повеќе од 30 години и вклучуваа  илјадници луѓе од сите делови на Европа. Овие напори беа финансирани  во рамките на неколку европски проекти и беа поддржани  од национални групи низ сите овие години.

Развојот на Европските модели на сеизмички хазард и ризик 2020 беше финансиран во рамките на истражувачката и иновациската програма Хоризонт 2020 на Европската Унија под договорите за грант 730900, 676564 и 821115 во рамките на проектите SERA, EPOS-IP и RISE.

EFEHR-конзорциум

Европските капацитети за сеизмички хазард и ризик (EFEHR) претставуваат непрофитна мрежа од организации и ресурси на заедниците кои имаат за цел да ги унапредат проценките на сеизмички хазард и ризик во Европско-медитеранскиот Регион. EFEHR одржува и понатаму ќе развива модели на сеизмички хазард и ризик за Европа во соработка со фондацијата GEM и Европскиот систем за набљудување плочи (EPOS).

Автор: Вонр. проф. д-р Радмила ШАЛИЌ – МАКРЕСКА

EFEHRмбасадор

Преземања и информативни материјали

Посетете ја веб-страницата на EFEHR (www.efehr.org) за повеќе информации околу сеизмичкиот хазард и ризик во Европа.

За директен пристап кон моделот на сеизмички хазард, посетете ја страницата www.hazard.efehr.org

За директен пристап кон моделот на сеизмички ризик, посетете ја страницата www.risk.efehr.org

Може да преземете и разни материјали од следниот линк. Ве молиме, земете ги предвид  информациите за лиценцирани податоци и ембарго.

https://www.polybox.ethz.ch/index.php/s/HkuinnmthTLE13m

Амбасадори

Разни експерти од различни земји од цела Европа се достапни за барањата од медиумите. Во документот „Амбасадори“ ќе најдете листа со сите информации за контакти.

Документот може да се најде на следниот линк:

https://www.polybox.ethz.ch/index.php/s/HkuinnmthTLE13m

Контакт

ии_resize

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)

E-Mail: institut@iziis.ukim.edu.mk

 

EFEHR Office

Swiss Seismological Service
ETH Department of Earth Sciences

E-Mail: efehr@sed.ethz.ch

 

Испрати коментар

Scroll To Top