Насловна / Екологија / Енергетска Ефикасност / Субурбан гигантски кампус

Субурбан гигантски кампус

suburban-gigantski-1.jpgИстражувачкиот центар на една од најголемите кинески корпоративни
компании Giant Interactive Group е голем, комплексен дизајн на
архитектите на Morphosis, поставен во средиштето на индустриско
предградие на Шангај – Сонџинг. Наменет за креативните дизајнери на
комјутерски игри, освен целуларни канцеларии од отворен тип, комплексот е
проширен со социјални простори за вработените и хотелски соби за
клиентите.

 

Иако голем број на административни згради во урбана и субурбана Кина го привлекуваат внимананието на дизајнерите, помал број од нив заземаат пософистициран и посмел пристап кон обликување на работните места и ја одразуваат улогата на капитализмот во номинално комунистичко општество. Долгата кривулеста форма, која наликува на змеј, со својот зелен покрив внесува разноврсност во поранешниот рамен мочурлив терен на Сонџинг. Преку своето преплетување со околниот терен, тој ги соединува архитектурата и пејзажот; околината со локацијата. Компактниот комплекс содржи разноврсни функции во флексибилна структура на форми кои се движат вон и во превитканиот пејзажен план.

 

suburban-gigantski-1.jpg

 

Позициониран на работ на вештачко езеро, проектот е ангажиран во отворен дијалог со околината преку својата развиена форма и завршеток кој конзолно се протега над површината на водата. Во соработка со фирмата за пејзажна архитектура SWA, Morphosis го развива парковското опкружување на објектот. "Сакавме опкружувањето да го задржиме како интегрален дел од дизајнот", вели еден од архитектите на овој проект, Тед Кејн. "Но со него да постигнеме и урбано чувство".

 

КОМПЛЕКСНА РАЗНОВРСНОСТ

 

Динамичниот повеќенаменски комплекс, поради оддалеченоста на локацијата од урбани зони, е предвиден да ги задоволи потребите на вработените и клиентите за подолг престој во објектот. Обложен со сиви фасадни панели, источниот административен кампус е поделен на три различни зони на канцелариски простории. Во продолжение, библиотека, аудиториум, изложбен простор и кафетерија се обединети под подигната платформа. Западниот дел, наткриен со зелен осцилирачки покрив, содржи повеќенаменско спортско игралиште, базен и простории за фитнес за вработените.

 

suburban-gigantski-2.jpg

 

Драматичниот елемент на кампусот кој лебди над езерото содржи конференциска сала со застаклен под, канцеларија и салон за сопственикот на оваа компанија, Ши Ѕу. Тој воедно го формира крајот на гигантскиот змеј и станува во исто време завршна точка на неговата целосна скулптуралност. Затворена пешачка патека како главен комуникациски ‘рбет меандрира низ објектот и со мостовски премин над улица ги поврзува источниот и западниот дел на објектот. Мали плоштади, изгравирани во теренот, отворен аудиториум, сончеви патеки, засолнети агли или зелени тераси се само дел од отворените рекреативни простори за вработените. Просторот што граничи со езерото преминува во низа на скалести проширувања кои треба да поттикнат јавни и социјални активности на крајбрежјето. Овие внимателно дизајнирани "трети места", како составен дел на неговата содржина, укажуваат на постоење на меко, чувствително јадро под неговиот екстериер со остри агли. Giant Interactive Group ги содржи сите обележја на дизајнерскиот тим Morphosis: формално сложени и футуристички, инкорпорирани во околниот терен и самоодржливи.

 suburban-gigantski-4.jpg

Ваков пристап е пример за она што основачот на Morphosis, Том Мејн го нарекува "систематски пристап" кон дизајнот, каде серија на едноставни проектантски правила овозможуваат организација на комплексноста на проектот. "Нашата цел беше да се нападне особеноста и да се осети ехото на хаотичноста и решителноста што ја сакаме во градовите. Да се пронајде вистинскиот баланс помеѓу кохерентност и случајност беше најважно во целиот дизајнерски процес". Внатрешноста е едноставна, но не и конвенционална. Како за надворешните панели, така и за ентериерните елементи е користена ограничена палета на материјали, како и едноставна опрема. Мазните и бели ѕидови се прекинати во одредени делови со композитни цементни панели. Но прекршените ѕидни површини, мрежестите плафони, стаклените подови и застаклената фасада ги разоткриваат многубројните конструктивни елементи на објектот. Серија конусни "геометрии" во западниот дел од кампусот ги оформуваат различните програми под закривениот зелен покрив.

Во рамките на овие простории, помал број на конусно обликувани перфорирани облоги ги обвиткуваат столбовите и воедно ги кријат машинските инсталации на објектот. Овие форми креираат богат план, кој заедно со поврзувањата на издигнатиот административен дел, прекршениот покрив, патеките и раздвојувањето на објектот од пејзажот започнуваат да се расклопуваат во просторна комплексност.

 

ЗЕЛЕН ГИГАНТ

 

Широк ранг на карактеристики ја овозможуваат максималната енергетска ефикасност на објектот. Зелената тераса овозможува термална маса која ги редуцира добитоците и губитоците на енергија и контролирано ја користи атмосферската вода. Двојните фасадни облоги и изолираната ѕидна завеса го намалува сончевото затоплување, додека неговиот тесен профил и застаклените надсветла овозможуваат континуирано дневно осветлување. Од повеќе аспекти дизајнот на Morphosis е контрапункт на корпоративни кинески вкусови кои во својот дизајн носат експресија на моќ.

 suburban-gigantski-5.jpg

Неговиот влезен дел е непотенциран, структуралните детали се соголени, а неговиот профил е едноставен и скромен. "Единствено во одреден број проекти е возможно ова да се изведе", вели архитектот Мејн. "Клиентот беше навистина отворен за нов начин на употреба на канцеларискиот простор и за тоа како да го адаптираме кампусот. Ни даде многу одговорност, што ни овозможи да експериментираме". Нискиот и широк пејзажен тип на објект во субурбан предел е сосема различна од урбаниот вертикален капус на Morphosis, наменет за Cooper Union College на Менхетн. Но новиот апетит на Кина за современа архитектура во ваков контекст го потврдува и административниот објект Venke Centre на архитектот Стивен Хол во Шензен.

suburban-gigantski-6.jpg

Невообичаената административна зграда и осцилирачката сцена на кампусот изгледа едноставно, но во својата интерна логика ја има рационалноста.

Од една страна, тоа е поради фокусирањето на функционалноста на објектот, а од друга страна поради интеграцијата на дизајнерската процедура на архитектите со новата кинеска конструктивна технологија. "Не сакавме да дизајнираме објект како икона", објаснува Том Мејн. "Сакавме да креираме сеопфатен комплекс кој ја доловува непоколебливата енергија на Кина на 21 век".

 

Бојана Филиповиќ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top