Насловна / Вести / Неопходна ургентна санација на некои брани

Неопходна ургентна санација на некои брани

Според сегашната состојба на големите брани во државава, може да се констатира дека за дел од нив е неопходна санација во идниот период, но потребни се и други мерки и активности, сè со цел да се гарантира безбедност во нивната близина со разумен прифатлив ризик. Ова беше констатирано на Меѓународната конференција што се одржа во Скопје во организација на Здружението – Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ или MACOLD), под мотото „Состојбата со водостопанската инфраструктура“.

Свечено отворање на Конференцијата, поздравен збор на проф. Љупчо Петковски, претседател на ЗМКГБ и претседател на организациониот одбор на Конференцијата

Конференцијата ја отвори професор Љупчо Петковски, претседател на ЗМКГБ, кој ја искористи можноста да ги поздрави учесниците на неа. Ним им се обрати Нурхан Изаири, министер за ЖСПП во Влада на РМ, кој го истакна значењето на изградените брани во Македонија, како и потребата од нивен мониторинг и навремената санација на детектираните оштетувања. Пригодно обраќање до учесниците на Советувањето со посакување на успешна и плодотворна работа имаа традиционалните поддржувачи на манифестациите организирани од ЗМКГБ, професор Дарко Мославац, декан на Градежниот факултет во Скопје и Блашко Димитров, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Р. Македонија.

Обраќање до учесниците на проф. Дарко Мославац, декан на Градежниот факултет во Скопје

За Конференцијата на тема „Состојбата со водостопанската инфраструктура“ пристигнаа поголем број реферати, од кои 18 се прифатени од Меѓународениот редакциски одбор и се отпечатени во Зборникот посветен на Конференцијата. Рефератите се на македонски и на англиски јазик, а се подготвени од експерти од Македонија, Словенија, Бугарија, Хрватска и Косово.

На Конференцијата, на која присуствуваа околу 90 учесници, во четири работни сесии, имаше успешни презентации и интересни дискусии по рефератите. Сето тоа овозможи размена на искуство и знаење, особено значајно за помладите кадри од водостопанската и хидротехничката фела, што претставува основна мисија на ваквите настани.

Посебен интерес предизвикаа темите за географски информационен систем на езерата во Македонија, проектирањето на хидроцентралите на реката Сава, Словенија, што може да се имплементира во енергетски развој на Вардарската долина, методологијата за оскултација на бетонски брани, однесувањето на малите брани при поплавите во Бугарија, како и други теми, од практични примери за рехабилитација на реки, санација на свлечишта кај доводни канали и планирање на хидроенергетски објекти во состав на изградени системи со акумулации до софистицирани статички анализи на брани со примена на спојни елементи.1

Работна сесија на конференцијата, Градежен факултет, Скопје

Учесниците на конференцијата се запознаа со хидротехнички проблеми кои во голема мерка се слични во балканскиот регион, како и потребата од воведување на „технички пасош“ за секоја брана и избегнување на кој било облик на непрофесионализам при изработка на документација поврзана со браните или управување со хидросистемите.

Покрај теорискиот дел на Конференцијата, успешно беше спроведен и практичен дел, со стручна посета на хидројазелот Св.Петка. Од страна на работниот тим на ЕЛЕМ, Подружница ХЕС Треска, беа презентирани основните податоци на хидројазелот, детали од изведбата и проблеми со технологијата на бетонот, како и параметри од почетниот период на користењето на браната со придружните објекти и хидроцентралата.

Според прегледот од 2014 година за општата состојба на браните и придружните објекти во Република Македонија, околу 20% од постојните значајни брани се во незавидна сигурносна состојба. Според приоритетот за санација, за околу 11% од изградените брани, оштетувањата се од таков карактер што е неопходна ургентна санација, а за околу 27% постојат недостатоци кои не би требало да се толерираат на подолг рок.

Оваа Конференција беше потребна за сите што се инволвирани во хидротехниката и водостопанството, сè со цел да се подигне прагот на одговорноста кон изградените брани. Големите брани или браните од посебен интерес за државата имаат огромно значење за Република Македонија.

2

Стручна посета на брана Св. Петка, ЕЛЕМ, Подружница ХЕС Треска

Овие брани, од една страна, се клучни објекти на водостопанството, а од друга страна се градежни објекти со најголема потенцијална опасност за низводната речна долина. Затоа, очекувањата, како на јавноста така и на хидротехничката фела, се големите брани постојано да бидат во одлична кондиција.

Ако се следи хронологијата на изградбата на брани во РМ, може да се забележи дека 2/3 од изградените големи брани во РМ се постари од три децении. Меѓутоа, не би требало да се извлече погрешен заклучок дека нашите брани се доста стари и дека бројните и скапи санациски работи во идниот период се неминовност.

Имено, браните се исклучително цврсти и трајни градежни објекти, односно безвременски конструкции, секако доколку постојано се грижиме за нив. Секогаш треба да имаме предвид дека, поради активниот однос на браните со водата (филтрација и променлив хидростатски товар од осцилациите на водното ниво), ако бидат запоставени (без оскултација и навремена санација), тие стануваат многу ранливи конструкции и за многу кус временски период (за само неколку години) се јавуваат огромни оштетувања.

проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top